Интервјуа
Очекувања 2023 година | СТЕВЧЕ КУЗМАНОВСКИ, ПРОКРЕДИТ БАНКА АД СКОПЈЕ
На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Стевче Кузмановски, Член на Управен одбор во ПроКредит Банка.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината? Дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?
Стевче Кузмановски: Изминатата година за Македонија, но и за целиот свет беше година со многу предизвици. Глобалните случувања, пред сé воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, ги продолжија негативните последици врз светската економија која сé уште не беше закрепната од пандемијата со корона вирусот. Она што го забележувавме кај бизнисите беа потешкотии со набавка на стоки и услуги , пролонгирано време на испорака од страна на добавувачите, скратување на роковите за плаќање, дури и барања за авансно плаќање, генерално зголемување на цените, поскапување на енергенсите и на електричната енергија итн.
Настаните во 2022 година резултираа со потребата сите бизниси да се реорганизираат со цел да се прилагодат на новите услови, за да имаат повеќе ликвидни средства и да продолжат нормално да функционираат. За физичките лица сите поскапувања значеа намалување на потрошувачката и ориентираност кон штедење и енергетски ефикасни инвестиции.
Во цела таа ситуација ПроКредит Банка пристапи партнерски. Ги идентификува потребите на клиентите, како на бизнисите, така и на физичките лица, и понуди соодветна поддршка.
Во текот на 2022 година беа пласирани над 150 милиони евра за бизнисите во Македонија и 16 милиони евра за домаќинствата, со тоа што вкупното кредитно портфолио на банката достигна ниво од 473 милиони евра.
ПроКредит банка организираше преку 10 едукативни работилници каде што повеќе од 300 компании имаа можност да се запознаат со енергетскиот пазар на Македонија, влијанието на трендот на зголемени цени на струјата на конкурентноста на компаниите, и се информираа како да се намалат трошоците за струја преку инвестиции во фотоволтаични централи поставени на кров.
Како резултат на нашата кампања, до сега имаме финансирано преку 120 соларни централи поставени на кров или околу 30 MW во инсталиран капацитет. Кредитното портфолио за зелени кредити достигна учество од 20% во вкупното кредитно портфолио на банката што претставува јасен сигнал за зелената агенда на банката и посветеноста да се направи сериозен импакт врз опкружувањето во кое работиме и живееме.
Одговорниот пристап на банката во кредитирање на нашите клиенти се потврдува со ниското ниво на нефункционални кредити од 1,78% што е под просекот на банкарскиот сектор.
Показател за довербата која што ја имаат клиентите во банката е значителното зголемување на депозитната база. Во текот на 2022 година истата се зголеми за 68 милиони евра или 17% и достигна ниво од 480 милиони евра.
Да сумирам, 2022 година беше успешна за банката, а за тоа пред сé сведочат нашите клиенти. Остануваме подготвени заеднички да се справиме со новите предизвици и во следниот период.
Банкарство: Кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?
Стевче Кузмановски: Во делот на кредитно портфолио очекуваме да продолжи побарувачката за инвестиции во фотоволтаични централи, пред сé за сопствени потреби, со што компаниите би постигнале заштеда на трошоци за електрична енергија. Во отежнати услови за работење, намалена побарувачка, а од друга страна зголемени трошоци на работењето на компаниите, како и зголемување на каматните стапки, сигурно дека ќе се јави потреба за подолги рокови на тековните кредити и обезбедување фиксни каматни стапки. ПроКредит Банка тука е спремна да излезе во пресрет на барањата на клиентите и активно да ги поддржи во нивниот понатамошен развој.
Во последните месеци забележуваме зголемен интерес и кај физичките лица за инвестиции во енергетски ефикасни проекти, кој во моментов сé уште е на релативно ниско ниво. За таа цел, започнавме циклус на едукативни настани за клиентите, одблиску да се запознаат со процесот, технологијата и предностите од инвестицијата, со надеж дека истото ќе резултира со зголемен интерес за инвестиции во соларната енергија.
Банките се повеќе ќе работат на принципот на одржливо банкарство и ќе известуваат за своите ЕСГ активности. ПроКредит е импакт ориентирана банка во која применуваме одржлив модел на управување во кој освен економските резултати, посебен фокус е ставен и на нашето влијание кон екологијата и општественото опкружување, како резултат од нашите деловни активности и од портфолиото на финансираните клиенти. Во таа насока, веќе неколку години, поточно од 2017 година објавуваме годишен импакт извештај, кој е нефинансиски тип на извештај според принципите на ЕСГ. Нашите нефинансиски ЕСГ извештаи се предмет на оцена на меѓународни ЕСГ рејтинг агенции, чиј скоринг редовно се објавува на веб страната на ПроКредит групацијата.
Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењата на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.
Стевче Кузмановски: Затегнувањето на монетарната политика како одговор на борбата со инфлација, како во земјава така и во светот, беше очекувано – исто како и растот на рефентните каматни стапки. Секако дека ќе се одрази со промена на каматните стапки кај депозитите и кредитите кај клиентите.
Благајничките записи во моментов се на ниво на 4,75%, што е за цели 3,5% повисоко од почетокот на годината. И EURIBOR-от, кој е референтна каматна стапка за исплатените еврови кредити, бележи зголемување за речиси 3.7% од почетокот на 2022 година, каде од негативна вредност, достигна до плус 3%. Со ова, следствено ќе се зголемат каматните стапки на новоисплатените продукти, но и на кредитите со варијабилна камата, каде клиентите ќе имаат зголемување на месечните ануитети.
Зголемувањето на каматните стапки на депозитите и кредитите во македонскиот банкарски сектор беше делумно рефлектирано во 2022 година, а поголем скок на каматите ќе има со почетокот на 2023 година.
Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?
Стевче Кузмановски: Законот за платежни услуги стапи на сила во април минатата година, а неговата примена започнува од почетокот на оваа година. Имплементацијата ќе се одвива сукцесивно, во повеќе фази, во текот на еден подолг временски период. Законот претставува усогласување на македонското законодавство сo европските директиви и носи поголеми предизвици за банките.
Главните измени кои Законот ги носи се поголемата заштита на правата на корисниците на платежните услуги, поголема транспарентност во доменот на платежните услуги кои се нудат , но и зголемување на конкуренцијата преку концептот на “отворено банкарство”.
Законот предвидува обврска за давателите на платежни услуги јасно и навремено да ги предочат трошоците кои корисникот би ги имал при вршење на трансакциите, а воведените Рамковни договори претставуваат една стандардизирана рамка во која се утврдуваат правата и обврските на корисниците на платежни услуги. Законот има и една социјална димензија преку обврската на давателите на платежни услуги за воведување на сметка со основни функции за ранливи групи на граѓани, со што се овозможува нивна полесна инклузија во финансискиот систем.
Сите овие промени предвидуваат големи предизвици за банките кои ќе треба да ги прилагодат системите во еден релативно краток рок, но истовремено сите овие промени носат и големи придобивки за клиентите .
Банкарство: Наведете еден новитет што ПроКредит Банка АД Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?
Стевче Кузмановски: ПроКредит Банка важи за прва дигитална банка на пазарот. Нашите клиенти, физички и правни лица, уште од 2017 година работат дигитално со нас, во делот на платен промет и во делот на готовински операции. Ние сме пионери во Македонија во воведување на нови модерни услуги. Имено, први воведовме самоуслужни зони 24/7. Сите трансакции се извршуваат дигитално преку каналите на електронско и мобилно банкарство, додека пак уплата и исплата на готовина се врши преку банкомати и останати специјализирани машини за броење на пари. За разлика од другите банки, ние немаме експозитури каде што висококваликфикувани вработени бројат пари или пак рачно пополнуваат вирмани. За нас вработените се на примарно место и инвестираме значително во нивна обука со цел да можат да понудат квалитетна поддршка на клиентите.
Новина која сакаме да ја воведеме во 2023 година е можноста за користење на дигитален идентитет за отварање на сметка во банката и потпишување на документи и договори. Со тоа би овозможиле клиентите да имаат целосно дигиталното искуство при работењето со банката. Тоа би значело дека клиентот ќе може комплетно да ги користи сите услуги на банката на брз и ефикасен начин преку дигитални платформи без да има потреба од физичко доаѓање.
Интервјуа
Се купуваат ли станови во кеш? Митровски во FinSight за реалната слика зад изјавите
Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ зборува за една често споменувана тема во јавноста – дали становите во Скопје навистина се купуваат во кеш и што точно значи тоа.
Според него, терминот „купување во кеш“ често се користи без прецизно објаснување.
„Лесно е да се каже дека станови се купуваат во кеш. Еве да кажеме дека се купуваат, но што значи тоа во пракса?“, вели Митровски.
Тој објаснува дека во дел од трансакциите, од вкупна вредност од, на пример, 250.000 евра, во кеш може да се платат 5.000 евра.
„Зборуваме за минорна бројка. Данокот во тој случај би бил симболичен“, посочува тој.
Проблемот, според Митровски, настанува кога во јавноста се создава поинаква перцепција.
„Кога гувернер ќе изјави дека се купуваат станови во кеш, никој не размислува дека можеби станува збор за 5.000 евра. Тогаш луѓето претпоставуваат дека 200.000 евра се плаќаат преку сметка, а 50.000 евра во кеш. Тоа веќе е сериозно затајување на данок“, објаснува тој.
Митровски додава дека не сака да ја релативизира темата.
„Не велам дека 5.000 евра не е затајување, но мора да бидеме реални – оваа држава функционираше со кеш многу години“, вели тој.
Дали перцепцијата за „кеш пазар“ е поголема од реалноста? И каде е линијата меѓу симболична сума и сериозно даночно прекршување? Целото интервју – на YouTube каналот FinSight.
Интервјуа
Исплатливо ли е издавање стан под кирија? Митровски во FinSight со конкретна математика
Во новата епизода на FinSight, Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ отвора едно од најчестите прашања кај граѓаните – дали денес е исплатливо да се купи стан и да се издава под кирија?
Според него, бројките ја даваат најреалната слика.
„Стан од 60 квадрати денес треба да го купите за околу 150.000 евра, односно по 2.500 евра за квадрат“, вели Митровски.
Но, тука трошокот не завршува. За станот да биде подготвен за изнајмување, потребно е дополнително вложување.
„Плус, треба да се опреми – кујна, плакари, останати елементи. Тоа може да чини уште 20 до 30 илјади евра. Така доаѓаме до вкупна инвестиција од околу 180.000 евра“, објаснува тој.
Од друга страна, месечната кирија за ваков стан би изнесувала околу 500 евра, што споредено со минатите години претставува раст.
„Денес 500 евра е солидна кирија, ако се земе предвид дека порано изнесуваше 250 до 300 евра“, посочува Митровски.
Но, кога ќе се направи едноставна пресметка, сликата станува поинаква. Со кирија од 500 евра, годишниот приход би бил околу 6.000 евра.
„За 10 години тоа се 60.000 евра. За што зборуваме тука? Потребни се околу 30 години станот континуирано да се издава за да бидете на нула“, нагласува тој.
Дополнително, во таков временски период станот ќе претрпи амортизација и ќе бара нови вложувања.
„За 30 години станот ќе се оштети и повторно ќе треба да се инвестира“, заклучува Митровски.
Дали издавањето стан денес е сигурна инвестиција или долгорочен ризик? Целата анализа и аргументи – во FinSight.
Интервјуа
FinSight | Митровски: Експлозија на побарувачка за станови од 35 до 60 м² во Скопје
Во новата епизода на FinSight, разговараме со Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ за состојбата на пазарот на помали станови во Скопје – сегмент кој во моментов бележи најголема побарувачка.
Според Митровски, без разлика на локацијата, мал стан по „пристапна“ цена речиси и да не може да се најде.
„Без разлика каде се наоѓа, мал стан по пристапна цена нема шанси да се најде“, вели Митровски.
Станува збор за станови со површина од 35 до 60 квадратни метри, кои, според него, се најбараните на пазарот. Токму во овој сегмент продажбата се одвива најбрзо, а просторот за преговори е минимален.
„Продажбата кај овие станови е навистина брза, а цената тешко се преговара“, објаснува тој.
Причината е едноставна – побарувачката значително ја надминува понудата. Кога инвеститор или компанија ќе објави цена од, на пример, 2.700 евра за квадрат, интересот е моментален.
„Кога ќе се објави цена од 2.700 евра за квадрат, се јавуваат 10 до 15 клиенти за истиот стан. Во таква ситуација, продавачот нема никаква потреба да ја намали цената“, нагласува Митровски.
Ова, според него, јасно покажува дека пазарната динамика кај малите станови во моментов е целосно на страната на продавачите, а купувачите се тие што се натпреваруваат.
Целото интервју со повеќе детали и анализа на трендовите – во новата епизода на FinSight.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 2 месециСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
-
Продуктипред 1 месецАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециГувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
-
Банкипред 2 месециГолема празнична кампања на НЛБ Банка проследена со донација





