Интервјуа
Очекувања 2023 година | Д-Р БИЛАЛ СУЏУБАШИ, ХАЛКБАНК АД СКОПЈЕ
На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на д-р Билал Суџубаши, Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?
Д-р Билал Суџубаши: Ланската година беше уште една тешка година, полна со предизвици бидејќи наместо економско опоравување од здравствената криза, се случи руско – украинскиот конфликт кој доведе до нова економска криза. Годината што е зад нас беше проследена со прекини во снабдувањето и повисоки цени на храната и енергијата, како комбинацијата на „ковид“ ефект, неповолни климатски промени, војна и недостиг на храна, што доведе до рекордно зголемување на инфлацијата во многу земји во светот, инфлација изразена во двоцифрени бројки каква што немало од 90-тите наваму. Како мала и исклучително отворена економија, каде што трошоците за храната и енергенсите сочинуваат околу половина од потрошувачката кошничка, Република Северна Македонија беше исклучително подложна на шоковите на меѓународните пазари, коишто брзо се пренесоа и во домашната економија.
Инфлацијата во светот ланската година беше на историско највисоко ниво. Се оценува дека за 2022 таа ќе изнесува 14,2%, додека за 2023 ќе забави на ниво од 8-9%. Инфлацијата во земјата оствари лани во октомври историско највисоко ниво од 19,8%, највисоко во последниве 25 години. Се проценува дека годинава ќе има забавување на инфлацијата во регионот на Централна и југоисточна Европа со што би се намалила на околу 8%, што е слично и со проекциите на НБРМ за домашната инфлацијата.
И во најновата криза уште еднаш дојде до израз значењето на банкарскиот сектор, којшто и покрај последователните кризи и натаму е високо капитализиран и ликвиден, односно ја задржа својата отпорност, а истовремено обезбеди постојана кредитна поддршка за економијата.
Според последните проекции објавени во ноември во 2022 година од страна на Народната банка, во услови на зголемена неизвесност и постепено затегнување на монетарната политика, се очекува и сведување на стапките на раст на кредитите во банкарскиот сектор на 9,2%, односно 7,1% и 7,4% во 2023 и 2024 година. И покрај воениот конфликт, мерките преземени од страна на Народната банка овозможија натамошен раст на депозитите со слична динамика, така што се очекува на крајот на 2022 година тој да изнесува 3,9%. Со стабилизацијата на тековите и со делувањето на мерките на Народната банка за поттикнување на денарското штедење, се очекува раст на депозитите од 6,5% во 2023 година и 8%, во просек, за периодот 2024 ‒ 2025 година.
Што се однесува до Халкбанк, слободно можам да кажам дека и во ваква кризна година ние испорачавме исклучително позитивни резултати во секој домен. Бележиме значаен резултат во однос на депозитната база, каде имаме пораст од 136 милиони евра, од кои 72 милиони припаѓаат на депозити од клиентите – правни и физички лица. Во делот на кредити, имаме пораст од вкупно над 121 милион евра. Нашата актива со вкалкулираниот пораст сега веќе изнесува 1,36 милијарди евра. Нашиот нето профит за 2022 изнесува над 12 милиони евра. Истовремено нивото на ненаплатени долгови во банката уште еднаш е исклучително под просекот во секторот и изнесува 1,47 %. Сето ова го потврдува фактот дека Халкбанк е една од најсигурните и најстабилни банки во регионот, подготвена за справување со секакви кризи.
И во новонастанатата ситуација ние се потрудивме да испорачаме производи во согласност со потребите на пазарот, но и иновативни производи како дел од нашата стратегија да бидеме лидери во воведувањето производи базирани на новите технологии и дигитализацијата. Нашите различни производи и услуги се секогаш присутни на пазарот со цел да ги задоволат барањата и потребите на клиентите чие задоволството е наша главна цел. Овој принцип ги води сите наши активности и се применува во нашите секојдневни ангажмани.
Халкбанк уште еднаш ја потврди и својата позиција на еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар. Како најбрзорастечка банка на пазарот, Халкбанк АД Скопје денес значи и вработување за над 700 вработени, широка мрежа од филијали, банкомати и активни ПОС-терминали достапни кај бројни трговски партнери и банка која опслужува илјадници граѓани, како и мали, средни и корпоративни претпријатија и јавни институции.
Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?
Д-р Билал Суџубаши: Еден од главните предизвици за сите финансиски институции е да најдат соодветен одговор на растечките потреби на банкарските клиенти за финансиски услуги кои се интерактивни, лесни за користење и лесно достапни. Банките денес се трудат да обезбедат супериорно искуство на клиентите на сите точки на допир на клиентите.
Оттаму, може слободнода се каже дека иднината на банкарството ќе биде многу интересна, има многу предизвици, a најмногу се врзани за дигитализацијата каде конкуренцијата е огромна, особено во услугите на платниот систем. Затоа и се проценува дека во светот, во следните четири години дигиталните иновации базирани на паметното банкарство ќе бидат клучни за успехот на пазарот.
Секако треба да се потенцира дека Fintechs индустријата е сè поважен феномен во целиот свет, а способноста на банкарскиот сектор да се прилагоди на новите барања на дигиталната економија значи можност за задржување на водечката позиција на банките во финансискиот сектор.
Не треба да се заборави и зеленото финансирање на кое и кај нас сè повеќе се посветува внимание. Еве и Централната банка најави дека се работи на Стратегијата за зелено финансирање, во која се предвидени низа активности, меѓу кои и подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии.
Накратко кажано, главен тренд не само годинава туку и во наредниот период ќе бидат дигиталната и зелената трансформација кои се основен предуслов за градење силна економија, отпорна на шокови.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.
Д-р Билал Суџубаши: Економската криза започната ланската година, доведе до исклучително високо ниво на инфлација, кое е особено изразена во неразвиените и земјите во развој. Ваквите состојби неминовно доведоа до промени во монетарната политика на Централните банки, чии сигнали ги следат и банкарските сектори во сите земји. За одржување на среднорочната ценовна стабилност, централните банки настојуваа да ги стабилизираат инфлациските очекувања преку затегнувањето на монетарната политика, односно со покачување на основната каматна стапка. Американската централна банка (ФЕД), на пример, во неколку наврати ги зголеми каматните стапки, Европската централна банка ги зголеми четири пати, па и кај нас од април, кога основната каматна стапка беше 1,25%, па наваму Централната банка, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност, направи неколку нејзини корекции и истата моментално е на ниво од 4,75%.
Зголемувањето на основните каматни стапки од страна на централните банки, поради неочкувано високата инфлација, се рефлектираше преку пресметковните каматни стапки како што е ЕУРИБОР, што пак негативно влијае на отплатата на кредитите со променлива каматна стапка и влијае на стандардот на компаниите и населението.
Банките, следејќи ги сигналите што доаѓаат од Народната банка, во неколку наврати направија нагорни корекции во каматните стапки на кредитите и на депозитите.
За идната година се проценува дека цените на храната би можеле да се задржат на високо ниво поради што неопходно ќе биде да се продолжи со борбата против инфлацијата за да не се вкоренат очекувањата за зголемени цени. Затоа е голема веројатноста дека глобалните Централни банки ќе продолжат со зголемување на каматните стапки и во следниот период, како одговор на инфлациските притисоци во Еврозоната, а при висока неизвесност од динамиката на глобалните цени на примарните производи. Иако производството и инвестициите во напредните економии се предвидува да се вратат на пред-пандемските трендови следната година, тие ќе останат сè уште на пониско ниво во развојните пазари и развојните економии, главно поради поцврстите фискални и монетарни политики и неизлечените последици од пандемијата.
Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?
Д-р Билал Суџубаши: Новиот Закон за платни системи и платежни услуги со кој македонското законодавство се усогласи со директивите на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија, а кој почна да се применува од овој месец, секако носи предизвици за банките.
Новата регулатива овозможува влез на нови даватели на платежни услуги на финансискиот пазар и нови платежни услуги. Односно, покрај банките, кои досега единствени имаа право да нудат платежни услуги, на пазарот ќе можат да се појават и платежни институции, односно трговски друштва кои врз основа на дозвола од Народната банка, ќе даваат платежни услуги.
Во рамки на овој Закон, на пример се предвидува и воведување платежна сметка со основни функции, којашто ќе може да ја отвори секој граѓанин, при што отворањето на сметката како и неколку основни платежни услуги, за ранливите категории на граѓани ќе бидат бесплатни. Во Законот има и други новини од кои некои ќе бидат во примена од првиот квартал од 2024 година, како иницирање на плаќањa и други услуги, што ќе значи дека и банкарскиот сектор ќе треба да го приспособи своето работење на новите услови и да понуди нови производи во услови на зголемена конкуренција.
Во моментов во Северна Македонија сè уште не постои силен финтек пазар кој би бил вистинска конкуренција на банките. Исто така, мора да се каже дека клиентите и натаму сметаат, што го потврдуваат сите истражувања врзани за земјите од Централна и Источна Европа, дека банките обезбедуваат сигурност, многу поголема од новите „играчи“, па оттаму и ја имаат довербата на корисниците.
Сепак, ова не значи дека состојбата нема да се промени. Токму затоа банките ќе треба да продолжат со започнатата дигитална трансформација и да размислуваат за тоа на клиентите да им понудат повеќе од само традиционални банкарски услуги.
Банкарство: Наведете еден новитет што Халкбанк АД Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?
Д-р Билал Суџубаши: За идната година Халкбанк, освен што планира зголемување на капиталот од минимум 30 милиони евра и уште 3 милиони евра на подружницата Халк Осигурување, отворање на четири нови филијали, како и продолжување со квалитетна понуда за населението за сите финансиски потреби (секојдневни банкарски операции, депозити и кредити), исто така планира воведување нови дигитални услуги кои ќе го унапредат корисничкото искуство на постоечките и новите клиенти на Халкбанк.
Исто така ќе продолжиме со низа прилагодени понуди како за поддршка на малите и средни бизниси кои отсекогаш биле исклучително важни за Банката, а токму ваквата понуда веројатно е и причина што Халкбанк е најчесто прв избор на новоформираните компании.
Секако ќе има и проширување на проектите за општествена одговорност во делот на животната средина и грижа за децата и постарите лица бидејќи општествената одговорност е една од стратешките цели на нашата корпоративна стратегија.
Интервјуа
Тивок отказ – тивка закана за продуктивноста? Марина Анчевска во FinSight отвора важни прашања за работната култура
Феноменот на т.н. „тивок отказ“ сè поинтензивно го привлекува вниманието на компаниите и експертите за човечки ресурси. Станува збор за состојба во која вработените не даваат формален отказ, но свесно го намалуваат ангажманот и се ограничуваат само на основните работни обврски.
Во FinSight, на оваа тема разговараме со Марина Анчевска, специјалист за бизнис психологија и основач на Центар за бизнис психологија. Разговорот отвора дилеми за тоа дали станува збор за индивидуален избор на вработените или за последица од организациски слабости.
Според релевантни меѓународни истражувања, значителен дел од работната сила покажува знаци на пасивна вклученост, што директно се одразува врз продуктивноста и организациската клима. Во разговорот се анализираат причините за ваквата појава – од незадоволство од надоместокот и недостиг на признание, до влијанието на менаџментот и избришаните граници помеѓу приватниот и професионалниот живот.
Дополнително, се отвораат и прашања за тоа како компаниите можат навреме да ги препознаат сигналите на демотивација, која е улогата на HR секторите во превенција, како и дали „тивкиот отказ“ е привремен тренд или долгорочна промена на пазарот на труд.
Епизодата носи релевантни практични размислувања за сите засегнати страни – од менаџери и HR професионалци, до самите вработени.
Целата епизода е достапна на YouTube каналот на Bankarstvo.mk.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
Иако цените на храната на домашниот пазар засега се одржуваат релативно стабилни, бизнис секторот предупредува дека овој тренд нема да трае долго. Зголемените трошоци за производство, поттикнати од глобалниот раст на цените на енергенсите и суровините, веќе создаваат сериозен притисок врз компаниите, кои сè потешко го апсорбираат ударот.
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, посочува дека дел од компаниите веќе работат со загуби. Според него, растот на цените на горивата, како и поскапувањето на ѓубривото, алуминиумот, стаклото и пластиката, директно се одразуваат врз вкупните производствени трошоци.
„Сите влезни инпути во производствениот процес се зголемени, што неминовно ќе се пренесе врз крајната цена на производите“, вели Ѓорѓиевски.
Особено изложени на ценовни притисоци се прехранбените производи кои бараат пакување, имајќи предвид дека голем дел од амбалажата е изработена од материјали чии цени бележат значителен раст. Тоа значи дека во наредниот период може да се очекува поскапување на водата, соковите, млекото и млечните производи, како и на овошјето и зеленчукот.
Иако на неодамнешните состаноци со владините претставници бизнисот се обврзал да ги задржи цените на основните производи на краток рок, веќе се прават пресметки за корекција на цените кај останатите категории. Точниот процент на поскапување засега е неизвесен, но според Ѓорѓиевски, граѓаните треба да бидат подготвени за значително зголемување на трошоците за живот од септември.
Дополнително, тој предупредува дека дури и во случај на брза стабилизација на глобалните пазари, последиците врз домашната економија нема да исчезнат веднаш. Можно е дел од компаниите да бидат принудени на намалување на бројот на вработени или затворање на производствени капацитети.
Во однос на владините мерки, Ѓорѓиевски смета дека замрзнувањето на маржите нема да даде значителен ефект, повикувајќи се на досегашните искуства. Наместо тоа, тој апелира на доследно спроведување на Законот за нефер трговски практики и засилена контрола од надлежните институции.
Економските сигнали, според експертите, упатуваат на период на неизвесност, во кој ценовните притисоци ќе продолжат да растат. Прашањето повеќе не е дали ќе има поскапувања, туку колку силно тие ќе се одразат врз стандардот на граѓаните.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените
Во услови на засилени глобални притисоци врз цените на енергенсите и растечка неизвесност поради геополитичките случувања, Владата разгледува нов сет на мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилизирање на цените.
Во најновото издание на емисијата „FinSight“, заменик министерот за економија, Марјан Ристески, откри дека намалувањето на акцизата на горивата е една од опциите што сериозно се разгледуваат како следен чекор, доколку ценовните притисоци продолжат.
„Доколку има потреба, ќе интервенираме и во делот на акцизите. Целта е да се амортизира ударот врз граѓаните и компаниите“, истакнува Ристески.
Тој не ја исклучи ниту можноста за повторно воведување на мерки како замрзнување на цени и ограничување на маржи, особено доколку се утврди дека има неоправдан раст на цените од страна на трговците. Во таа насока, надлежните институции веќе вршат засилени контроли на терен.
Говорејќи за актуелната мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, Ристески посочи дека таа има директен ефект врз намалувањето на малопродажните цени, но дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи.
„Светот се соочува со раст на цените на нафтата, а неизвесноста поврзана со случувањата на Блискиот Исток дополнително влијае врз пазарите. Затоа мора да имаме подготвени повеќе сценарија“, додава тој.
Како една од можните дополнителни мерки, се разгледува и намалување на ДДВ на 5%, иако ваквата одлука би имала директни импликации врз буџетските приходи, кои би се намалиле за неколку милиони евра.
Во интервјуто се отвора и прашањето за ризикот од нов инфлаторен бран, особено во пресрет на празниците, кога традиционално расте потрошувачката. Ристески нагласува дека државата има механизми за интервенција, но и дека ќе се засилат санкциите за непочитување на Законот за нефер трговски практики.
Дополнително, тој посочува дека искуствата од претходните кризи помогнале институциите да реагираат побрзо и поефикасно, но предупредува дека глобалните фактори и понатаму ќе имаат силно влијание врз домашната економија.
„Најважно е да се реагира навремено и таргетирано, со мерки што ќе дадат реален ефект врз цените“, заклучува Ристески.
Целосното интервју е достапно на YouTube каналот на „Банкарство“.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Интервјуапред 2 месециПензиски парадокс: Од минималец до доброволен фонд – новиот модел на младите вработени
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Банкипред 2 месециЗошто е сменет директорот на Развојната банка и кој е неговиот наследник!?
-
Продуктипред 1 месецДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Банкипред 2 месециХалкбанк известува: Пензиите за февруари се достапни на пензионерите
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Павле Гацов | Готовината и сивата економија „јадат“ 500 милиони евра годишно


