Банки
Народната банка го задржува внимателниот пристап − каматните стапки остануваат непроменети
На 4 ноември 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за состојбите во домашната и светската економија, најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и согледувањата од најновите макроекономски проекции на среден рок, во контекст на поставеноста на монетарната политика. Најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка беше разгледан и усвоен на седницата на Советот на Народната банка.
Во согласност со тековните економски услови, најновите макроекономски проекции и со оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, на седницата на Извршниот одбор беше одлучено каматните стапки да останат непроменети. Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари. Со тоа, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. Ваквата поставеност е дополнително поддржана од неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и од одлуките поврзани со управувањето со системските ризици. Комбинираното влијание на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици. Доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Нaродната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.
Инфлацијата и натаму е во фокусот на монетарната политика. Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4%. Ваквото движење главно произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а во помала мера и од цените на енергијата. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период. Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени.
Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво. Последните проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви.
Во првата половина од 2025 година, економскиот раст достигна 3,2% покажувајќи дека е поотпорен во однос на очекувањата за првата половина од 2025 година. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2025 година упатуваат на понатамошен, умерено забрзан раст, поддржан од високиот раст кај градежништвото и солидниот раст во индустријата и угостителството, при послаби остварувања кај трговијата. Согласно подоброто остварување во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на забрзување на растот на БДП, односно негово искачување на 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност.
Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност. Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година, се очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%. На среден рок, за периодот 2026 − 2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,6% кај депозитите и 7,3% кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.
Општо земено, со последната одлука на Народната банка се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај клучните макроекономски показатели, нивните очекувани трендови во наредниот период и со проценетите ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.
Банки
Халкбанк и Go Digital потпишаа Меморандум за соработка – партнерство за дигитална трансформација на бизнисите
Во просториите на Халкбанк АД Скопје беше свечено потпишан Меморандум за соработка со Центарот за дигитална трансформација Go Digital, со што се поставуваат темели за заеднички активности во областа на дигитализацијата и иновациите.
Од страна на Go Digital, потписник на меморандумот беше претседателот на Управниот одбор, г-дин Васко Кронески.


Соработката има за цел поддршка на дигиталната трансформација на микро, малите и средни претпријатија, преку организација на обуки, едукативни настани и иницијативи за унапредување на знаењата и вештините. Воедно, ќе се поттикнуваат инвестиции во дигитализација и зелена трансформација.
Овој чекор претставува дополнително зајакнување на заложбите за развој на современа, иновативна и конкурентна деловна средина.
Банки
ТТК Банка АД Скопје: Известување за неработен ден – 20.3.2026 година (петок)
ТТК Банка АД Скопје ги известува своите почитувани клиенти дека по повод претстојниот државен празник – „Рамазан Бајрам“, на 20.03.2026 година (петок), филијалите и експозитурите на ТТК Банка АД Скопје нема да работат.
Во секое време на располагање на клиентите им се достапни услугите преку мобилното банкарство TTK M-bank, електронското банкарство TTK E-bank, како и мрежата на банкомати на ТТК Банка АД Скопје.
ТТК Банка АД Скопје ви го честита празникот!
Банки
Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка нема да работат на 20 март
Филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје нема да работат на 20 март (петок) поради прослава на празникот Рамазан Бајрам.
На 21 март ќе работат експозитурите кои се со редовно работно време во сабота.
„Ги известуваме нашите клиенти дека за подигнување и уплата готовина може да ги користат банкоматите на Банката, а за други финансиски трансакции на располагање ги имаат веб и мобилните апликации Интернет банка и мБанка“, известуваат од Комерцијална банка.
За корисниците на платежни картички, 24/7 во Скопје се отворени дигитализираната експозитура на Комерцијална банка на улица Македонија и дигиталните делови од експозитурите ГТЦ, Бисер, Буњаковец, Ист Гејт Мол, Ѓорче Петров, 11 Октомври, Автокоманда, Драчево и Лептокарија и во експозитурите и филијалите во Дебар, Неготино, Прилеп, Куманово, Струмица, Охрид, Кавадарци, Струга, Гевгелија и Тетово Илинденска.
-
Продуктипред 2 месециШтедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Продуктипред 2 месециКомерцијална банка: Воведуваме ново ниво на сигурност при интернет плаќања со картичка и трансакции преку мБанка
-
Банкипред 2 месециДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 2 месециАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Банкипред 2 месециИзвлечени добитниците од Наградната игра „Биди во акција со секоја трансакција” на Комерцијална банка



