Connect with us

Банки

Нацевска: Преку финансиска едукација до унапредување на финансиската вклученост и премостување на родовиот јаз

Објавено

на

„Повисокото ниво на финансиска писменост придонесува кон повисока вклученост на населението во финансискиот систем, а со тоа и кон побрз економски развој. Подобро едуцираните и информираните клиенти подобро управуваат со личните финансии и придонесуваат кон финансиската стабилност, којашто исто така е предуслов за поголема финансиска вклученост. Оттаму, преку финансиската едукација може да се придонесе кон поголема вклученост на населението во финансиските текови, како и кон надминување на родовиот јаз и поголема вклученост на жените. Една од стратегиските цели на Народната банка е понатамошно спроведување на процесот на финансиска едукација, како и унапредување на финансиската вклученост преку стратегиски, холистички приод, а со тоа и придонес кон одржувањето на финансиската стабилност и економскиот развој.“ Ова беа дел од пораките на вицегувернерката Емилија Нацевска, која учествуваше на панел-дискусијата „Банкарски трендови и совети“, на Женскиот економски форум на тема „Финансиска писменост“.

Разгледувајќи ги најновите податоци од платежната статистика, вицегувернерката посочи дека финансиската вклученост на населението во земјава мерена според бројот на сметки по глава на жител е висока, односно дека на крајот на 2022 година граѓаните во просек поседувале 1,8 сметки по глава на жител, што е повеќе за 0,1 п.п. во однос на просечниот број сметки по глава на жител кај населението во Европската Унија. За ваквото високо ниво на овој показател голема заслуга има нашата регулативна рамка, односно преминот кон концептот на бруто-плата и задолжителна исплата на платите и пензиите на платежните сметки. Меѓутоа, резултатите од спроведените анкети на Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој  (ИНФЕ ‒ ОЕЦД), во кои се опфатени и прашања од аспект на финансиското знаење, однесување и ставови, укажуваат дека нивото на финансиска писменост на домашното возрасно население е на нивото на земјите од Југоисточна Европа, што е под нивото на ЕУ и на ОЕЦД и се јавува потреба од натамошни активности за финансиска едукација, а со тоа и за унапредување на финансиската писменост на населението во користењето на финансиските производи и услуги.

За да може подобро да се согледаат финансиската писменост на населението и навиките во користењето на одделните платежни услуги, Народната банка од минатата година воспостави платежна статистика според родовата и возрасната структура. Од аспект на родовата структура на сопствениците на сметките, податоците посочуваат на родов јаз од 0,5 сметки повеќе во корист на мажите, или 2,1 сметки по глава на жител од машки пол, наспроти 1,6 сметки по глава на жител од женски пол. Но, жените кои поседуваат платежна сметка повеќе ги користат дигиталните придобивки при плаќањата како интернет-банкарство и мобилни апликации, а исто така се и поактивни плаќачи. Статистиките на возрасните групи, пак, покажуваат дека најголеми корисници на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на електронските плаќања се возрасните групи од 25 до 54 години.

Вицегувернерката Нацевска нагласи дека подобрувањето на финансиската вклученост и финансиска писменост во земјава е една од стратегиските цели на Народната банка. Банката стратегиски им пристапува на овие активности, во согласност со националната петгодишна Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто беше изработена под водство на Народната банка. Тимот за финансиска едукација при Народната банка повеќе години одржува едукативни предавања на редовна основа за сите заинтересирани образовни институции во земјата, со сѐ поголем опфат.

Вицегувернерката порача дека е многу важно граѓаните да се информираат за своите финансиски одлуки од релевантни извори. Таа го посочи негативниот ефект којшто го имаат лажните вести врз граѓаните, а ја истакна и посветеноста на централната банка во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Народната банка и натаму ќе биде посветена на спроведувањето на финансиската едукација, но и на транспарентната комуникација во интерес на граѓаните и економијата.

Банки

Халкбанк со Halk Smart пакет: Повеќе банкарски услуги за само 150 денари месечно

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје го промовира Halk Smart пакетот, кој на клиентите им овозможува користење повеќе банкарски услуги за месечен надоместок од 150 денари. Пакетот обединува услуги за секојдневно управување со личните финансии, дигитално банкарство, бесплатни повлекувања готовина од банкомати и дополнителна помош во домот.

Со Halk Smart пакетот, клиентите добиваат одржување на платежна сметка, дебитна платежна картичка, како и пристап до електронско и мобилно банкарство. Во месечниот надоместок се вклучени и СМС известувања, со што се овозможува полесно следење на банкарските трансакции.

Една од позначајните поволности на пакетот е можноста за повлекување готовина без надоместок од банкоматите на сите банки во Македонија, што им овозможува на корисниците поголема флексибилност при користењето на сопствените средства.

Дополнително, Halk Smart овозможува неограничен број електронски платни налози ПП30 и ПП50, вклучувајќи интерни трансакции и плаќања преку КИБС, без дополнителен надоместок во рамките на пакетот.

Покрај стандардните банкарски услуги, пакетот вклучува и ORYX Home Assistance, услуга што обезбедува 24-часовна помош, седум дена во неделата, во случај на штети и дефекти во домот.

Со оваа дополнителна услуга, Халкбанк ја проширува понудата надвор од класичното банкарство, комбинирајќи финансиски услуги со практична поддршка за секојдневните потреби на клиентите.

Halk Smart е наменет за корисници кои сакаат повеќе банкарски услуги обединети во еден пакет со однапред утврден месечен трошок, без потреба од поединечно плаќање за услугите што се вклучени во него.

За месечен надоместок од 150 денари, односно 1.800 денари на годишно ниво, клиентите добиваат пристап до повеќе услуги кои можат да го олеснат управувањето со личните финансии и секојдневните банкарски активности.

Повеќе информации за условите, поволностите и начинот на аплицирање за Halk Smart пакетот се достапни на официјалната веб-страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Банки

Предвремена отплата на кредит во Македонија: Кога банката смее да наплати провизија, а кога не?

Објавено

на

Граѓаните во Македонија кои сакаат предвреме да го отплатат кредитот можат да заштедат на камати и да ги намалат вкупните трошоци за задолжување. Сепак, пред да се одлучат на ваков чекор, важно е да проверат дали банката има право да им наплати дополнителен надоместок. Македонското законодавство предвидува ограничувања за одредени категории потрошувачки кредити, но правилата не се исти за сите видови задолжувања.

Предвремената отплата подразбира делумно или целосно враќање на кредитот пред истекот на договорениот рок. На овој начин кредитокорисникот може да ги намали идните каматни трошоци, да го скрати периодот на задолжување или да го намали износот на месечната рата.

Во Македонија, ова прашање е регулирано со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, додека за станбените и хипотекарните кредити важат поинакви правила и договорни услови.

Колкава провизија може да наплати банката?

Според член 16 од Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, потрошувачот има право во секое време целосно или делумно да ги исполни своите обврски од кредитот.

Во случај на предвремена отплата, кредитокорисникот има право на намалување на вкупните трошоци на кредитот, односно на каматите и другите трошоци што се однесуваат на преостанатиот период од договорот.

Сепак, кредиторот во одредени случаи има право на надоместок за оправданите трошоци директно поврзани со предвремената отплата.

Законските ограничувања за потрошувачките кредити опфатени со оваа регулатива предвидуваат:

  • Најмногу 1 отсто од износот што се отплаќа предвреме, доколку до истекот на договорот остануваат повеќе од 12 месеци.
  • Најмногу 0,5 отсто од предвреме отплатениот износ, доколку до истекот на договорот остануваат 12 месеци или помалку.

Притоа, надоместокот не смее да биде поголем од износот на каматата што корисникот би ја платил од денот на предвремената отплата до договорениот крај на кредитот.

На пример, ако граѓанин предвреме отплати 300.000 денари од потрошувачки кредит, а до истекот на договорот остануваат повеќе од една година, максималниот надоместок според законското процентуално ограничување би изнесувал 3.000 денари. Доколку останува една година или помалку, максималниот износ би бил 1.500 денари.

Овие износи се само примери за законските горни граници, а не задолжителни провизии што секоја банка ги наплатува.

Кога банката нема право на надоместок?

Кај потрошувачките кредити опфатени со законот, кредиторот нема право да наплати надоместок за предвремена отплата кога таа се врши во период во кој не е договорена фиксна каматна стапка, односно кога се применува променлива каматна стапка.

Надоместок не се наплатува ниту кога отплатата се врши врз основа на договор за осигурување склучен како обезбедување на кредитот, како и во законски предвидените случаи на дозволено пречекорување.

Тоа значи дека правото на наплата не е автоматско и зависи од видот на кредитот, каматната стапка и условите утврдени со закон и договор.

Што важи за станбените и хипотекарните кредити?

Кај станбените и кредитите обезбедени со хипотека, ситуацијата е поинаква.

Овие кредити се исклучени од опфатот на наведените одредби на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Затоа, ограничувањата од 1 и 0,5 отсто не можат автоматски да се применуваат на секој станбен или хипотекарен кредит.

Во пракса, банките во Македонија имаат различни услови за предвремена отплата. Кај одредени кредитни производи се предвидува отплата без провизија, особено кога се користат сопствени средства, додека кај други може да има договорен надоместок.

Затоа, пред затворање на станбен или хипотекарен кредит, особено е важно граѓаните внимателно да ги проверат договорот и важечкиот тарифник на банката.

Пред уплатата побарајте детална пресметка

Пред да се изврши предвремена отплата, препорачливо е кредитокорисникот да поднесе барање до банката и да побара писмена пресметка на вкупниот износ што треба да го уплати.

Пресметката треба јасно да ја прикаже преостанатата главница, каматата пресметана до денот на отплатата и евентуалните дополнителни надоместоци.

Особено е важно да се провери дали уплатата ќе биде евидентирана како предвремено намалување на главницата или како авансно плаќање на идните рати.

Кај делумната предвремена отплата, потребно е да се утврди и дали ќе се намали месечната рата, дали ќе се скрати рокот на кредитот или ќе се примени друга договорена можност.

По затворањето на кредитот побарајте потврда

По целосната отплата, граѓаните треба да побараат писмена потврда дека сите обврски кон банката се подмирени.

Овој документ е важен доказ дека кредитот е затворен и дека не постојат преостанати задолжувања.

Кај кредитите обезбедени со хипотека, потребно е да се провери и постапката за бришење на заложното право од евиденцијата во Катастарот, како и евентуалните трошоци поврзани со таа постапка.

Предвремената отплата може да донесе значителна финансиска заштеда, но не е секогаш најисплатлива без претходна пресметка. Граѓаните треба да ја споредат заштедата од идните камати со евентуалните провизии и други трошоци, за да утврдат дали предвременото затворање на кредитот навистина е поволно решение.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со Зелен кредит без обезбедување за инвестиции во енергетска ефикасност и одржливи решенија

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје го промовира Зелениот кредит без обезбедување, наменет за граѓаните кои сакаат да инвестираат во енергетски поефикасни домови, современи технологии и еколошки решенија што придонесуваат за поодржлив начин на живот.

Со овој кредит, граѓаните имаат можност да финансираат различни инвестиции насочени кон подобрување на енергетската ефикасност, меѓу кои поставување топлинска изолација, инсталирање фотоволтаични системи, како и набавка на хибридни возила.

Од Банката посочуваат дека и малите промени во секојдневието можат да донесат значителни придобивки, како во поглед на намалувањето на потрошувачката на енергија, така и во создавањето поквалитетни услови за живот.

„Од подобар дом до поефикасно секојдневие, малите промени можат да направат голема разлика“, порачуваат од Стопанска банка, охрабрувајќи ги граѓаните да инвестираат во решенија што обезбедуваат поголема енергетска ефикасност.

Зелениот кредит без обезбедување е дел од понудата на Банката за поддршка на инвестиции во одржливи решенија, со кои домаќинствата можат да ја подобрат енергетската ефикасност и долгорочно да ги оптимизираат трошоците.

Со ваквите финансиски производи се поттикнува примената на обновливи извори на енергија и користењето технологии што придонесуваат за намалување на негативното влијание врз животната средина.

Повеќе информации за Зелениот кредит без обезбедување, условите за кредитирање и можностите за финансирање се достапни на официјалната веб-страница на Стопанска банка АД – Скопје, www.stb.com.mk.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange