Connect with us

Банки

Народната банка и ЕБОР заеднички работат на олеснување на пристапот до финансии за жените претприемачи

Објавено

на

Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија.

Целта на оваа мисија е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава. На состанокот се разговараше и за зајакнување на процесот на обединување на напорите на регулаторите и на давателите на финансиски услуги со цел да се прошират можностите за финансирање на жените претприемачи.

„Народната банка активно работи на едуцирање на корисниците на банкарски услуги, што придонесува за подобар пристап до финансии на сите субјекти, вклучително и на жените претприемачи. Финансиската едукација на жените, како и финансиската вклученост на малите и средните претпријатија се дел од активностите предвидени со Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. Дополнително, Народната банка ќе работи на збогатување на статистиката за пристап до финансиите на компаниите кои се во сопственост на жени или се управувани од жени“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

„Ни претставува задоволство што соработуваме со Народната банка во унапредувањето на Финансискиот код за претприемаштво кај жените во земјата. Оваа иницијатива ја истакнува нашата посветеност на зајакнувањето на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку целна поддршка и пристап до капитал. Со заеднички сили, ЕБОР и Народната банка се стремат да ја зајакнат средината во која бизнисите со кои управуваат жени ќе постигнуваат успех, ќе го поттикнат економскиот раст и во која ќе владее родовата еднаквост“, посочи Туркменоглу, постојаниот претставник на ЕБОР во Македонија.

Кодексот за финансирање на жените претприемачи се применува и е поддржан од околу 30 земји во светот. Целта е да се воспостави координирано спроведување на Кодексот при што ќе бидат ангажирани што поголем број чинители − регулаторите, давателите на финансиски услуги и други партнери, коишто ќе работат заедно на изградбата на националната инфраструктура за обезбедување податоци и анализа на родовата финансиска вклученост, како и проширување на понудата на финансиски производи што им се нудат на жените претприемачи.

Тимовите на Народната банка и на ЕБОР оценија дека нивна заедничка цел е да се зајакне поддршката на бизнисите предводени од жени и залагањето за родовата еднаквост, што ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост, отворање нови бизниси и работни места, како и за придвижување на економскиот раст.

Банки

Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.

Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.

Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.

Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.

Продолжи со читање

Банки

Алта Банка влегува на македонскиот пазар со силна визија за развој

Објавено

на

АЛТА банка а.д. Белград, една од водечките и најиновативни финансиски институции во регионот, направи голем чекор со доставување на понуда за превземање  на Стопанска банка а.д. Битола. Со оваа инвестиција ќе започне ново поглавје на раст во секторот на финансиски услуги за граѓаните и компаниите во Република Северна Македонија.

Понудата за превземање објавена на 11 Септември 2025 година се однесува на сите акционери кои поседуваат акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.

Алта банка АД Белград, понудата за превземање ја објави согласно добиеното решение за издавање дозвола за понуда за преземање од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија  од 10 Септември 2025 година и добиената претходна согласност од Народната банка на Република Северна Македонија за стекнување на капитален дел од од акциите во Стопанска банка АД Битола.

Оваа интеграција ќе донесе значајни придобивки за македонскиот пазар и ќе придонесе за развој на локалната економија,“ изјави д-р Давор Мацура, претседател на Управниот одбор на АЛТА банка.

Претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола, г-ѓа Александра Радевска, изјави:

Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола ја доби понудата за преземање и Проспектот за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград.

Согласно стратешките цели на Алта банка АД Белград, како што е предвидено во јавно објавениот проспект, оваа инвестиција ќе влијае   за понатамошен развој и унапредување на работењето на Стопанска банка АД Битола. 

Доколку процесот успешно се заврши, верувам дека искуството и експертизата на Алта банка ќе придонесат за натамошно унапредување на квалитетот на услугите што ги нудиме, особено во сегментите на иновации, дигитализација и стратешка поддршка на клиентите”.

АЛТА банка е значаен финансиски актер во регионот и се очекува дека и во Република Северна Македонија ќе настапи одговорно и домаќински – со целосно почитување на пазарните специфичности, потребите на клиентите и регулаторната рамка. Доколку оваа инвестиција се реализира ќе претставува значаен чекор кон регионално поврзување, зачувување на континуитетот и отворање простор за иновации и нови развојни можности.

Со оваа стратешка соработка, Република Северна Македонија ќе стане значаен дел од мрежата на АЛТА банка – мрежа која ја обликува иднината на банкарството во регионот.

Продолжи со читање

Банки

КХВ одобри: Српската „Алта банка“ со официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола

Објавено

на

Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија (КХВ), на својата 65-та седница, предводена од претседателката м-р Бујаре Абази, издаде дозвола на „Алта банка“ АД Белград да поднесе официјална понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола.

Според решението, понудата се однесува на 371.538 обични акции со право на глас, а заедно со 19.439 акции кои веќе се во сопственост на преземачот и лицата кои дејствуваат заеднички, таа опфаќа 100% од издадените акции на битолската банка.

Цената за преземање е утврдена на 3.777 денари по акција.

Условите предвидуваат понудата да биде успешна доколку акционерите кои поседуваат најмалку 273.795 акции (70,03% од вкупниот број) ја прифатат понудата. Доколку тоа се оствари, „Алта банка“ и поврзаните лица би достигнале сопственост од 75% плус една акција, што претставува клучен праг за контрола во акционерските друштва.

Овој потег е од големо значење за банкарскиот сектор, со оглед дека Стопанска банка АД Битола е една од најстарите и најзначајни регионални банки во земјава. Преземањето може да донесе нова динамика на банкарскиот пазар, особено ако се земе предвид регионалното проширување на српските финансиски институции во последните години.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange