Банки
Народната банка е домаќин на јубилејната Десетта меѓународна конференција

Народната банка, во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ), на 1 октомври ќе ја одржи јубилејната, Десетта меѓународна конференција. Гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународните финансиски институции и меѓународната академска заедница ќе разработуваат повеќе актуелни прашања обединети под темата „Централните банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: покажување посветеност и одржување на кредибилитетот“.
Овогодишната конференција на високо ниво ќе ја отворат со свои обраќања претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и челните претставници на институциите организаторки, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Воведно обраќање на Конференцијата ќе има и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.
Следејќи ги актуелните текови и динамичното окружување, годинава предмет на дискусија на Конференцијата ќе бидат современите предизвици како што е задржувањето на независноста и кредибилитетот во работењето на централните банки, при истовремено зајакнување на капацитетите за исполнување на новите задачи коишто ги добиваат централните банки во изминатава декада. На Конференцијата ќе учествуваат гувернерите на Молдавија, Словенија, Хрватска, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово, член на Одборот на централната банка на Литванија, претседавачот на Европскиот банкарски орган, извршниот директор на Алијансата за финансиска инклузија, високи претставници на Светската банка, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Европската централна банка (ЕЦБ), како и на други истакнати меѓународни институции и академски претставници.
Меѓународната конференција на високо ниво на Народната банка прерасна во повеќегодишна традиција, каде што се сретнуваат носителите на макроекономските политики, претставниците на меѓународните институции и истакнати истражувачи од економската сфера, кои преку обработка на актуелни теми придонесуваат кон натамошен економски развој и напредок, нудејќи нови идеи, визии и политики.
Банки
Средба Славески – Прескер: Потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Неговата Екселенција Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Гувернерот Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, гувернерот Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Амбасадорот Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Банки
Народната банка донесе мерки за олеснување на кредитирањето при купување прв стан

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески. Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.
Банки
Гувернерот Славески на средба со претставници на Амбасадата на Швајцарија и Институтот од Женева: Поддршка за јакнење на институционалните капацитети на Народната банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со Михал Харари, вршителка на должноста амбасадорка во Амбасадата на Швајцарија и со претставници на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на која се разговараше за давање поддршка за натамошно јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон Европската Унија.
Во рамките на разговорите беше истакната поддршката што Институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со Институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
-
Банкипред 2 месеци
Промени во составот на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месеци
Промени во Надзорниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје – кој е новиот член што носи меѓународно искуство и визија за финансискиот развој на Банката!?
-
Банкипред 2 месеци
Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор
-
Продуктипред 2 месеци
Од денес Apple Pay достапен во Македонија преку НЛБ Банка
-
Продуктипред 2 месеци
Картичка за премиум доживување – Lounge пристап што го трансформира патувањето
-
Бизниспред 2 месеци
САД и Јапонија со нов трговски договор: Царини од 15% и инвестиции вредни 550 милијарди долари
-
Берзапред 2 месеци
Јавна опомена од Македонска берза за 5 котирани друштвa поради непочитување на обврските за навремено објавување на информации за финансиската состојба
-
Криптовалутипред 2 месеци
Словенија предлага 25% данок на добивка од дигитални средства