Останато
Министерството за финансии и Групацијата на небанкарски финансиски друштва почнуваат со редовна комуникација за состојбите на пазарот
Министерството за финансии и претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија на работен состанок, кој го водеше државниот секретар во Министерството, Андриана Матлиоска, ги разгледаа актуелните состојби на финансискиот пазар во делот на финансиските друштва.
На состанокот, врз основа на направени анализи, е констатирано дека е забележано успорување на растот на кредитната активност на финансиските друштва по донесувањето на последните измени на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година и Правилникот за кредитен ризик од април 2024 година.
Податоците покажуваат дека во првото полугодие на 2025 година, во вкупното кредитирање во земјата, финансиските друштва учествуваат со 2,3%. Активностите на Министерството за финансии и засилениот надзор над работењето на финансиските друштва влијаеле во насока на консолидација на секторот и намалување на бројот на финансиските друштва од 35 на 26.
На состанокот беше поздравено формирањето на Одделението за следење и надзор над работата на небанкарските институции во рамки на Секторот за финансиски систем во Министерството за финансии, преку кое се зајакнува вонтеренскиот и теренскиот надзор на финансиските друштва и имплементацијата на законската рамка и подзаконските акти донесени од Министерството за финансии во својство на регулатор.
Како што беше истакнато, примарна цел на Министерството за финансии и на Групацијата на небанкарски финансиски друштва е заштита на потрошувачите.
Во таа насока, државниот секретар Матлиоска истакна дека Министерството за финансии, како регулатор во оваа област, постојано работи на зајакнување на регулативата со цел обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите кои користат финансиски услуги од финансиски друштва. Таа додаде дека преку подобрувања на регулативата, финансиските друштва се обврзани да воспостават систем за управување со кредитен ризик, што значи дека мора одговорно да ја проценуваат кредитната способност на клиентот пред да одобрат кредит.
Претседателството на Групацијата информираше за спроведување на Етичкиот кодекс, кој беше донесен во јуни 2025 година, а има за цел да се унапреди работењето на финансиските друштва, да се подобри корисничкото искуство на клиентите, да се поттикне поголема социјална одговорност и да се унапреди релацијата со потрошувачите.
На состанокот беше истакната и заложбата за поголема транспарентност на податоците и информациите за работата на финансиските друштва во јавноста. Согласно последните измени, покрај регуларните извештаи и обврски за известување кои финансиските друштва ги имаа и досега, сега тие имаат обврска задолжително и јавно да го објавуваат својот тарифник со надоместоците на својата веб-страница и на видно место во своите деловни простории. Тоа им овозможува на потрошувачите целосен увид во сите трошоци пред склучување на договор.
Заеднички беше констатирано дека сите преземени досегашни мерки ја потврдуваат посветеноста за финансиската стабилност на пазарот и заштитата на потрошувачите.
Извор: (Министерство за финансии)
Анализи
Просечната плата во Македонија близу 47.000 денари – раст од 7,6% на годишно ниво
Просечната месечна исплатена нето-плата во декември 2025 година изнесувала 46.889 денари, што претставува раст од 7,6% на годишно ниво, објави Државниот завод за статистика.
Најголем придонес кон зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата од вработен имаат секторите: Транспорт и складирање за 13,4%, Земјоделство, шумарство и рибарство за 10,9% и Трговија на големо и трговија на мало; Поправка на моторни возила и мотоцикли и Образование 9,7%.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Транспорт и складирање за 12,8%, Рударство и вадење на камен за 9,0% и Градежништво за 7,0%.
Просечната бруто-плата во декември 2025 година изнесувала 70.520 денари, потврдувајќи го трендот на континуиран раст на примањата.
Анализи
РАСТ НА ТРОШОЦИТЕ ЗА ЖИВОТ – синдикалната кошничка за четиричлено семејство во февруари порасна за речиси 1.000 денари
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во споредба со јануари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија кој ја прави синдикалната потрошувачка кошничка.
Синдикалната минимална кошница за февруари изнесува 67 382 денари и во однос на синдикалната минимална кошница во јануари е зголемена за 969 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемува на 82.757 денари.
Зголемување од речиси илјада денари има и во делот на храната односно ако за јануари биле потребни минимум 24 211 денари, во февруари за истата намена биле потребни 25.156 денари.
Од ССМ велат дека за само два месеца од почетокот на годината, најавеното усогласување на минималната плата што треба да се случи во март, е изедено со растот на минималната синдикална кошничка.
„За само два месеца едно семејство е посиромашно за две илјади денари. За 24 месеци, односно околу колку што одбиваа да ја зголемат минималната плата вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари и затоа наместо да се препукуваат на грбот на работниците и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат минималната плата која треба да иузнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари“, вели претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
ССМ им остави простор на Владата и работодавачите до крајот на февруари да се договорат за зголемувањето на минималната плата, во спротивно најавуваат уште еден протест и организирање генерален штрајк.
Бизнис
Трговскиот дефицит на САД надмина 900 милијарди долари!
Трговскиот дефицит на САД достигна 901 милијарда долари во 2025 година, покажуваат податоците на „U.S. Census Bureau и Bureau of Economic Analysis“. Ова е едно од највисоките нивоа во последните години, поттикнато од силната домашна побарувачка и растечкиот увоз на индустриски производи, автомобили, електроника, енергенси и потрошувачка стока.
Најголемиот дел од дефицитот произлегува од трговската размена со China, Mexico и European Union, каде увозот значително го надминува извозот. Во декември 2025 година, дефицитот достигна 70,3 милијарди долари, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите.
Економистите предупредуваат дека ваквото продлабочување на дефицитот укажува на силна потрошувачка и економска активност, но истовремено може да го засегне домашното производство и конкурентноста на одредени индустриски сектори. Федералните власти ќе продолжат да ја следат ситуацијата во контекст на монетарната политика, трговските договори и меѓународните пазари.
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 2 месециСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
-
Продуктипред 1 месецАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециГувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
-
Банкипред 2 месециПредности и поволности на новата Халки картичка за деца
-
Останатопред 2 месециБугарија од денес официјално го прифаќа еврото





