Connect with us
no baners

Бизнис

Контрабасот што ќе донесе нов звук: MINT ја засилува културната сцена во Битола

Објавено

на

Jazz Factory Festival оваа година започнува со еден исклучително значаен подарок. Нов контрабас, дониран од MINT Fintech Group.

„Контрабасот не е само инструмент – тој е срцето на секој џез ансамбл. А за нас, оваа донација е симбол на ритамот што го делиме со градот и сцената која ја поддржуваме“, велат од MINT.

Со оваа донација, решен е проблем кој со години ја отежнуваше организацијата на фестивалот. Странски музичари честопати беа спречени да настапат во Битола поради логистичките компликации за транспорт на сопствен контрабас, а организаторите често мораа да изнајмуваат инструмент за да обезбедат квалитетен настап.

„Ова не е само донација – ова е решение за еден сериозен предизвик. Контрабасот што го добиваме значи отворена врата за уште поголеми имиња и повисоко квалитетни настапи. Му благодариме на MINT што го препозна значењето и ни помогна да изградиме посилна инфраструктура за фестивалот“, изјави Сашо Поповски, директор на Jazz Factory Festival.

Под мотото „MINT plays the bassline“, компанијата се вклучува не само како спонзор, туку и како активен учесник во поддршката на културната вредност и иднината на младите музичари.

Фестивалот официјално започнува денес, а звукот на контрабасот, засилен со поддршка од MINT, ќе одекнува на новото издание на JFF.

Бизнис

АЕТМ: 23% од македонските компании не користат ниту една дигитална алатка

Објавено

на

Во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, анализирани се податоците од анкетата  во Бизнис барометарот за Западен Балкан 2024, спроведен од Регионалниот совет за соработка (RCC), која  обезбедува редовен увид во состојбата, очекувањата и дигиталната подготвеност на компаниите во регионот. Истражувањето опфаќа 1.200 компании од Западен Балкан, по 200 од секоја економија, и прашалникот ги адресира клучните аспекти на деловното работење – вклучувајќи иновации, технологија и користење на е-трговијата.

Според резултатите, само 19% од анкетираните македонски компаниите продаваат свои производи или услуги онлајн, што ја става земјата под регионалниот просек и меѓу економиите со најниска застапеност на е-трговија кај претпријатијата. Ова укажува дека за голем дел од фирмите, онлајн продажбата сè уште не е интегриран дел од деловниот модел, туку исклучок или повремен канал.

Што се однесува до добиените одговори за користење и достапност на дигиталните ресурси кај компаниите, покажуваат дека дигиталната инфраструктура на македонските претпријатија е фрагментирана и нецелосна, што директно го ограничува развојот на е-трговијата и дигиталните деловни модели. 41% од македонските компании имаат веб-страница, што е под просекот на Западен Балкан (45%), додека само 33% користат корпоративен електронска пошта (e-маил), значително под регионалниот просек од 44%. Овие основни алатки, кои претставуваат предуслов за онлајн продажба и дигитална комуникација со клиенти, сè уште не се стандард кај македонските фирми. 

Уште поизразен е јазот кај понапредните деловни системи. Само 23% од македонските компании користат компјутерска мрежа, наспроти 32% на ниво на WB6, а финансиски и сметководствен софтвер користат 31% од фирмите – приближно на регионалниот просек, но недоволно за поддршка на скалабилна е-трговија. CRM и системи за управување со продажба користат околу една петтина од компаниите, што укажува дека односите со клиенти и онлајн нарачките сè уште се управуваат со ограничени дигитални алатки. Особено загрижувачки е фактот што само 6% од македонските компании користат ERP системи, што е двојно помалку од регионалниот просек (12%), како и тоа што користењето на алатки со вештачка интелигенција (ВИ) е речиси занемарливо (1%), што ја става земјата меѓу најниско подготвените во регионот за следната фаза на дигитална трансформација. 

Како резултат на ова, ниту една компанија во Северна Македонија не пријавува користење на сите клучни дигитални ресурси, додека дури 23% од фирмите изјавуваат дека не користат ниту една од наведените дигитални алатки, повеќе од двојно над регионалниот просек (10%). Ова јасно укажува дека значителен дел од деловниот сектор сè уште функционира без основна дигитална инфраструктура. Овие наоди потврдуваат дека ограничената употреба на дигитални алатки кај компаниите е една од клучните структурни пречки за развој на е-трговијата во Северна Македонија. Без системска дигитализација на внатрешните процеси, бизнисите тешко можат да ја развијат онлајн продажбата како стабилен и одржлив извор на приходи.

Дигиталниот јаз кај македонските компании не се гледа само кај вештачката интелигенција, туку и кај основните деловни системи. Додека само 1% од компаниите користат ВИ алатки, едвај 6% имаат ERP системи, а само 20% користат cloud решенија. Без овие основи, е-трговијата тешко може да стане скалабилен и одржлив извор на приходи. Без дигитализација и иновации, е-трговијата ќе остане ограничена, а компаниите ќе ја губат конкурентноста и на регионално ниво. За да го промениме ова потребни се здружени напори и холистички пристап. Добро е што неодамна Владата донесе стретегија за дигитална трансформација, но секако останува да ја проследиме имплементацијата и резултатите. Асоцијацијата за е-трговија е посветена да го забрза патот на дигитализацијата која е основа за развојот на е-трговијата. изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, Нина Ангеловска Станков.

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. 

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/

Продолжи со читање

Бизнис

Занаетчиите алармираат: Минималната плата од 600 евра може да донесе масовни затворања!

Објавено

на

Занаетчиската комора Скопје предупредува дека наглото покачување на минималната плата на 600 евра може да предизвика сериозни последици за занаетчискиот сектор и малите семејни бизниси. Според Комората, таквиот потег ризикува затворање на дуќаните, отпуштања и дополнително осиромашување на локалните заедници.

Претседателот Горан Ристовски посочува дека покачувањето на платите мора да биде реално, законски утврдено и темелно анализирано. Наглото зголемување би значело драстично зголемување на трошоците за придонеси, особено за занаетчиите кои плаќаат паушален данок или се оданочуваат според остварен приход. Во услови на растечки трошоци за струја, репроматеријали и закупнини, дополнителниот притисок врз платите може да биде пресуден за опстанокот на илјадници мали бизниси.

Ристовски додава дека најранливи се занаетчиите во помалите градови и руралните средини, каде што куповната моќ е ниска, а миграцијата ја празни работната сила и клиентите. Покачувањето на минималната плата, според Занаетчиската комора, може да предизвика зголемување на цените на производите и услугите, намалување на побарувачката и брзо затворање на дуќаните.

Во Скопје работат над 2.300 занаетчии, а на ниво на држава нивниот број изнесува околу 8.000. Комората нагласува дека без внимателно балансирање меѓу социјалните цели и економската реалност, ризикот е работните места во занаетчискиот сектор да не опстанат.

Продолжи со читање

Бизнис

Платите во јавната администрација наскоро повисоки – Владата го прифати барањето на УПОЗ!

Објавено

на

Синдикатот на управата и правосудството – УПОЗ, соопшти дека на денешната средба со Владата на РМ е прифатено нивното барање за етапно зголемување на платите преку поединечни колективни договори. Одлуката следува по големиот работнички протест одржан на 28 јануари.

Според УПОЗ, новото зголемување на платите е повисоко од веќе обезбеденото со Општиот колективен договор за јавниот сектор, а во пресметката на платите останува минималната плата како основна компонента. Иницијативата продолжува и во однос на покачувањето на минималната плата за сите работници.

Дополнително, платите во единиците на локалните самоуправи ќе можат да се зголемуваат преку склучување на поединечни колективни договори, како дел од стратешкиот пристап за унапредување на работничките права и условите за вработените во јавната администрација.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange