Connect with us
no baners

Бизнис

ИСОС и МБА склучија партнерство за развој на сметководствената професија и правилна имплементација на меѓународните сметководствени стандарди

Објавено

на

Јакнење на меѓусебната соработка преку искористување на целокупното расположиво знаење и искуство на двете организации, во насока на поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и делување, се главните цели кои треба да се остварат со Меморандумот за соработка помеѓу Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), што го потпишаа претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева.

Потпишаниот Меморандум ја поставува рамката на идната соработка помеѓу двете организации преку која треба да се овозможи поддршка на процесите за натамошно унапредување и развој на сметководствената професија во нашата земја и потенцирање на нејзиното значење во банкарскиот и целокупниот бизнис сектор. Особен акцент во идната соработка ќе биде ставен и на активностите кои треба да овозможат правилна имплементација на меѓународните стандарди за финансиско известување.

„Правилната примена на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување има големо значење за економијата, затоа што со тоа се подобрува ефикасноста и конкурентноста на деловните субјекти, а истовремено креира придобивки и за државата, затоа што овозможува подобра контрола на сите финансиски текови и намалување на даночната евазија. Домашните банки веќе ги преминуваат овие стандарди, а сега преку оваа соработка и партнерство со ИСОС, добиваат можност да ги споделат своите добри практики и искуства во оваа област и со сметководителите и финансовите менаџери во останатите деловни субјекти во земјава“, истакна претседателката на Македонската Банкарска Асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева.

Соработката на која со потпишаниот Меморандум меѓусебно се обврзаа МБА и ИСОС треба да се реализира преку организирање на семинари, панел дискусии и стручни работилници на кои ќе се разгледуваат практични примери и предизвиците при примената на Меѓународните сметководствени стандарди. Двете организации се договорија дека ќе формираат и заеднички работни тела кои ќе работат на навремено, ефикасно ажурирање на следните измени во меѓународните стандарди и нивна имплементација.

Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум за соработка, претседателката на Институтот за сметководители и овластени сметководители, Весна Прентоска изјави: „Ова партнерство помеѓу нашиот Институт и Македонската Банкарска Асоцијација претставува значајна поддршка на тековните процеси за развој на сметководствената професија во нашата земја. Со него ИСОС, а преку тоа и неговите членови, а тоа се сите лиценцирани професионални сметководители во нашата земја, добиваат дополнителни можности и пристап до висококвалитетно знаење и практичните искуства на банките при примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. На ваков начин дополнително се истакнува и јакне улогата на сметководителите во целосното, точно и објективно евидентирање на деловните настани во книгите на економските агенти, што во крајна линија придонесува оваа професија да го заземе местото во општеството кое го заслужува“, заклучи Прентоска.

no baners

Бизнис

“ГОСПОДИНОТ ТАРИФМЕН“ ПОВТОРНО ВО АКЦИЈА – САД ги зголемуваат царините за увоз од Јужна Кореја на 25 проценти

Објавено

на

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ги зголемуваат царините за увоз на стоки од Јужна Кореја, вклучувајќи автомобили, фармацевтски производи, дрва и други реципрочни производи, од 15 на 25 проценти.

Во објава на својата платформа „Truth Social“, Трамп посочи дека одлуката е донесена поради, како што наведе, непочитување на договорот од страна на јужнокорејското законодавно собрание, кое не го ратификувало билатералниот трговски договор договорен меѓу двете земји во текот на 2025 година.

„Претседателот Ли Џе Мјунг и јас постигнавме одличен договор за двете земји на 30 јули 2025 година, кој повторно го потврдивме за време на мојата посета на Кореја на 29 октомври 2025 година. Зошто корејското законодавно собрание не го одобри?“, напиша Трамп, додавајќи дека зголемувањето на царините е директна последица на таа одлука.

Од кабинетот на јужнокорејскиот претседател соопштија дека досега немаат добиено официјално известување или детално образложение од американската Влада во врска со конкретниот опсег и времетраењето на мерката.

Трамп првично најави можност за воведување царини од 25 проценти уште претходно, но по преговорите во јули и октомври 2025 година беше договорена пониска стапка од 15%. Новата одлука претставува заострување на трговските односи меѓу двете земји, иако Јужна Кореја минатата година најави инвестиции од околу 350 милијарди долари во САД, планирани да се реализираат во наредните неколку години.

Јужна Кореја е еден од клучните трговски партнери на САД, со значителен извоз на автомобили (Киа, Хјундаи), полупроводници, електроника и други индустриски производи. Аналитичарите предупредуваат дека зголемувањето на царините може да има негативно влијание врз синџирите на снабдување, трошоците за производство, како и врз профитабилноста на компаниите, со можни последици и за финансиските пазари.

За банкарскиот и финансискиот сектор, ваквите трговски мерки отвораат прашања поврзани со кредитниот ризик, валутните движења, инфлациските притисоци и инвестициските стратегии, особено кај институциите изложени на глобалната автомобилска и технолошка индустрија.

Продолжи со читање

Анализи

Македонците секојдневно активни на интернет за социјални медиуми, но не и за онлајн купување, е-банкарство и плаќање

Објавено

на

Според податоците презентирани во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, користењето на интернетот во Македонија бележи силен и забрзан раст, односно во 2024 година, дури 91,1% од граѓаните користеле интернет во последните три месеци, што претставува највисок раст во регионот (+6,8 процентни поени) и ја позиционира Македонија веднаш под просекот на ЕУ-27 (92,8%). Овој резултат не е само статистика, тој е јасен сигнал дека дигиталниот потенцијал на пазарот е реален и активен. Сè повеќе граѓани се онлајн, сè почесто и сè подлабоко интегрирани во дигиталниот секојдневен живот.

Дополнително, 96,6% од нив го користат интернетот секојдневно, што ја става земјата над голем број развиени европски економии. Ова покажува дека, еднаш кога пристапот е обезбеден, интернетот станува навика, алатка и простор за комуникација, информирање и купување. Но, високата онлајн активност не значи сама по себе и силна е-трговија.

Имено, иако интернетот е секојдневие за поголемиот дел од граѓаните, само 63,2% од интернет корисниците практикуваат онлајн купување. Во развиените земји како Ирска, Холандија и Норвешка, над 90% од интернет корисниците купуваат онлајн, додека европскиот просек е 76,6%.

Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година укажува и на јасен парадокс: иако граѓаните во Македонија се многу активни онлајн, тоа не секогаш се претвора во економска активност. Користењето на интернет за комуникација односно телефонирање, видео пораки и инстант пораки го прават 97% од македонските корисници, што е повеќе во споредба со европскиот просек од 91,6%. Слично, учеството на социјални мрежи е високо застапено: 84,1% од македонските корисници ги користат, наспроти 70% од европските интернет корисници.

Сепак, кога станува збор за активности клучни за развојот на е-трговијата, Македонија значително заостанува зад Европа. Интернет банкарство користат само 43% од македонските корисници, во споредба со 72,4% на ниво на Европа. За онлајн продажба на производи интернетот го користат 13,8% од македонските корисници, додека европскиот просек изнесува 24,5%. Исто така, користењето на е-пошта е присутно кај 52,9% од македонските корисници, наспроти 86,6% од европските, што укажува на значително заостанување под европскиот просек.

„Фактот дека над 90% од граѓаните се онлајн, а речиси сите користат интернет секојдневно, покажува дека дигиталната основа за е-трговија во Македонија постои. Следниот чекор е таа масовна употреба да се претвори во економска вредност во главно преку градење доверба, зајакнување на дигиталните вештини и поддршка за онлајн бизнисите“, изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија.

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од
Асоцијацијата за е-трговија и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор
пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на
Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија
и Србија.

Повеќе информации за „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“, како и можност за преземање и читање на извештајот, се достапни на следниот линк: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/

Продолжи со читање

Бизнис

MINT Ins донира училишен прибор за учениците во ОУ „Елпида Караманди“

Објавено

на

MINT Ins продолжува со своите активности за поддршка на образованието и локалната заедница, овојпат преку донација на училишен прибор за учениците во ОУ „Елпида Караманди“.

Донацијата вклучува комплети со геометриски прибор, едукативни материјали и наставни помагала кои ќе придонесат за поквалитетна и подинамична настава, особено во делот на математиката и практичното учење. Со оваа поддршка, MINT Ins има за цел да создаде подобри услови за учење и да ги охрабри децата да го развиваат своето знаење со сигурност и љубопитност.

„Веруваме дека инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Малите работи, како квалитетен училишен прибор можат да направат голема разлика во секојдневието на учениците и наставниците. Затоа со задоволство ја реализиравме оваа донација“, велат од MINT Ins.

Од ОУ „Елпида Караманди“ упатија благодарност за поддршката, истакнувајќи дека ваквите донации се значајна помош во унапредувањето на наставниот процес и создавањето позитивна средина за учење.

Во две основни училишта донирани се и клима уреди.

Оваа активност е дел од пошироката општествено одговорна стратегија на MINT Ins, насочена кон поддршка на образованието, децата и заедницата во која компанијата активно делува. Компанијата и понатаму ќе продолжи со иницијативи што носат реална вредност и долгорочно позитивно влијание.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange