Connect with us

Бизнис

Се оддржа третата годишна конференцијапо повод Меѓународниот ден на еднакви плати

Објавено

на

По повод Меѓународниот ден на еднакви плати, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA ја организираше третата годишна конференција насловена “Equal Exchange: Empowering Ideas, Inspiring Journeys”, со цел да поттикне разговор за предизвикување на конвенционалните норми на тоа што значи успех во претприемништвото, поттикнување на инклузивно лидерство и родова еднаквост на работните места во Северна Македонија. Конференцијата се организираше во соработка со фондацијатата Friedrich-Ebert-Stiftung (FES).

Конференцијата имаше за цел да ги инспирира и мотивира присутните да добијат нова перспектива за тоа што значи да се успее во денешниот претприемачки свет и да добијат свежи идеи за значајни промени во нивните сопствени потфати. За време на конференцијата 20 искусни македонски претставници од бизнис секторот преку панел дискусии и студии на случај ги споделија своите кариерни патеки и стратегии за поттикнување инклузивно лидерство и намалување на родовите стереотипи.

На конференцијата покрај говорниците, беа присутни повеќе од 100 учесници, меѓу кои претставници од бизнис секторот, членови на Советот на Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, како и соработници, партнери и поддржувачи на GEA кои имаа можност да се придружат кон реализирање на крајната цел на конференцијата – подигнување на свеста за родовата еднаквост на работното место во Северна Македонија преку меѓусебно споделување на позитивни примери поврзани со најдобрите практики за постигнување родова еднаквост на работното место.

Конференцијата ја отвори претседелката на GEA, Нина Ангеловска Станков, која изјави:
„Овогодинешната конференција, посветена на Меѓународниот ден за еднакви плати, имаше за цел да им овозможи на присутните да добијат нова перспектива за создавање порамноправна и поинклузивна работна средина за сите, преку поттикнување на инклузивно лидерство, родова еднаквост и иновации како клучни двигатели на успехот во современите организации. Веруваме дека со поддршката на партнерите и поддржувачите на GEA ќе успееме да влијаеме кон надминување на предрасудите и потикнување на работна атмосфера каде што секој глас еднакво ќе се слуша и цени.“

Своето воведно обраќање имаше и Нита Старова, програмски и финансиски менаџер од фондацијата Friedrich-Ebert-Stiftung: “Вистинскиот прогрес ќе се случи кога сите ние ќе разбереме дека нееднаквоста во платите и ограничените можности за напредување не влијаат само на поединците, туку и на целокупниот економски раст и развој на нашето општество. Општествата каде има поголема еднаквост се поуспешни, eкономијата функционира подобро, образовниот систем е поефикасен, во просек, луѓето се поздрави, живеат подолго и се посреќни со можностите кои им ги нуди животот. Оттаму, создавањето на еднакво и поправедно општество е од суштинска важност за државата да почне да се развива и да оди напред, со засилена поддршка особено за оние групи граѓани кои се запоставени, наместо на оние кои и самите успеваат во животот.”

Во рамки на настанот беа организирани и три панел дискусии со претставници од бизнис секторот, меѓу кои Маја Наумовска Савевска – директорка за корпоративни и маркетинг комуникации вo Halkbank, Александра Дилевска, CEO за С.Македонија и Хрватска во Publicis Groupe, Душко Чифлиганец, заменик претседател на Adora Bussiness Group, Aна Марија Вуковска, ко-основачка на Property One Group и многу други. На конференцијата се разговараше за несекојдневните пристапи кон претприемништвото и беа споделени инспиративни приказни од македонски претприемачи кои им се спротивставиле на нормите, проследени со дискусии за важноста на различноста и вклучувањето во претприемачките потфати, како и за инклузивно лидерство, родова еднаквост и решавање на предизвиците со кои се соочуваат жените на работното место.

Алијансата, која што е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднувани за нивниот уникатен придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. Алијансата за родова еднаквост на работното место е т.н. commitment maker за Родова еднаквост при UN Women и работи кон целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост.

Инаку, Алијансата е формирана со поддршката од Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје и A1 Македонија како партнери, Roche, Сава Осигурување, Сава Пензиско, Евроинс Осигурување и Publicis Groupe како поддржувачи, а е отворена за сите кои сакаат да се вклучат и да ја поддржат нејзината работа и да придонесат кон промовирање на родова еднаквост на работното место. Повеќе информации за Алијансата за родова еднаквост на работното место можат да се погледнат на следниот линк: https://genderequalityalliance.org/.

Бизнис

ОКТА го намалува дизелот за два денари по литар, но дали ќе поевтини и на бензинските пумпи?

Објавено

на

Компанијата ОКТА воведува привремен попуст од два денара по литар дизел гориво за трговците на големо и мало, кој ќе важи од 20 октомври до 2 ноември 2026 година.

Станува збор за мерка со која компанијата има цел да го поддржи домашниот пазар на горива и да го ублажи влијанието на нестабилните цени на меѓународните пазари.

Сепак, намалувањето на цената по која ОКТА го испорачува дизелот не значи дека горивото автоматски ќе поевтини за два денара и на бензинските пумпи. Конечните малопродажни цени и понатаму ќе ги определуваат трговците, во согласност со нивните комерцијални политики и состојбите на пазарот.

Од ОКТА информираат дека оваа мерка е продолжение на активностите за поддршка на домашниот пазар што компанијата ги спроведува од март годинава. Со најновиот попуст, вкупната вредност на поддршката од март 2026 година се очекува да достигне околу осум милиони евра.

Целта на мерките е да се придонесе за поголема стабилност и конкурентност на пазарот на горива во земјава, во услови на неизвесност на глобалните енергетски пазари.

Дали возачите ќе почувствуваат олеснување при полнењето гориво, ќе зависи од одлуките на бензинските пумпи, односно од тоа дали и во колкав износ ќе го пренесат добиениот попуст врз крајните потрошувачи.

Продолжи со читање

Бизнис

ССКМ организира тркалезна маса за поголемо учество на бизнис-заедницата во реформските процеси

Објавено

на

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) ќе организира Национална тркалезна маса на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“, со цел да се поттикне поголема вклученост на компаниите во креирањето економски политики и спроведувањето на реформите во земјава.

Настанот, кој ќе се одржи во Скопје, ќе биде посветен на улогата на приватниот сектор во реформските процеси, како и на можностите за зајакнување на соработката и дијалогот меѓу деловната заедница и надлежните институции.

Во фокусот на дискусијата ќе бидат начините на кои компаниите можат поактивно да учествуваат во донесувањето одлуки што директно влијаат врз нивното работење, деловната клима и економскиот развој.

Преку размена на мислења, искуства и конкретни предлози, тркалезната маса има за цел да придонесе кон подобро усогласување на реформските политики со реалните потреби и предизвици со кои се соочува стопанството.

Посебно внимание ќе биде посветено на потребата од поефикасна комуникација меѓу бизнис-секторот и институциите, со цел ставовите и иницијативите на компаниите да добијат поголема тежина при подготовката и спроведувањето на реформските мерки.

Националната тркалезна маса ќе претставува платформа за конструктивен дијалог и формулирање предлози насочени кон создавање поповолно деловно опкружување и поттикнување на конкурентноста на македонската економија.

Продолжи со читање

Бизнис

Македонските аеродроми со 3,33 милиони патници за девет месеци: Раст од 29% на годишно ниво

Објавено

на

Воздушниот сообраќај во Македонија продолжува да бележи силна позитивна динамика, покажуваат податоците на операторот ТАВ Македонија за периодот јануари – септември 2026 година.

Во првите девет месеци од годинава, аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле вкупно 3.331.685 патници, што претставува зголемување од 29% во споредба со истиот период минатата година.

Истовремено, бројот на летови достигнал 22.147, што е за 10% повеќе на годишно ниво.

Најголемиот дел од патничкиот сообраќај се реализирал преку Меѓународниот аеродром Скопје, кој опслужил 3.065.692 патници, со годишен раст од 29,07%.

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, забележал 265.993 патници, што претставува зголемување од 26,76%.

Разликата меѓу растот на бројот на патници и растот на бројот на летови покажува дека просечниот број патници по реализиран лет се зголемил, иако за целосна процена на искористеноста на капацитетите се потребни податоци за бројот на расположливи седишта.

Растот на воздушниот сообраќај има значење за повеќе сегменти од домашната економија, вклучувајќи го туризмот, угостителството, транспортот, трговијата и услугите.

За компаниите, поголемата поврзаност со странските пазари може да придонесе за полесно реализирање деловни патувања и подобра меѓународна достапност.

Сепак, бројот на аеродромски патници не треба директно да се поистоветува со бројот на странски туристи, бидејќи статистиката ги опфаќа и домашните патници, деловните патувања и другите категории патнички сообраќај.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange