Интервјуа
Интервју | ВЛАТКО ПЕТРЕВСКИ: Corvus Pay – Повеќе од 15 години во служба на дигиталните плаќања
Во време кога дигиталната трансформација станува императив за секоја индустрија, Corvus Pay веќе 15 години успешно ја обликува иднината на онлајн плаќањата во регионот. Како еден од пионерите во оваа област, компанијата не само што ги следи светските трендови, туку и активно придонесува за нивното креирање преку развој на иновативни решенија, сигурност на трансакциите и беспрекорно корисничко искуство.
Со сè поголемо присуство и на македонскиот пазар, Corvus Pay има јасна визија – да биде клучен играч во дигитализацијата на локалната економија, поврзувајќи ги трговците и потрошувачите со европските стандарди за брзо, безбедно и едноставно плаќање.
Во интервју за Банкарство.мк, разговараме со Влатко Петревски, Country Manager за Македонија во Corvus Pay, кој споделува детали за развојот на компанијата, клучните иновации и идните планови за локалниот пазар.
Банкарство: Corvus Pay е присутен на пазарот повеќе од петнаесет години. Како се менуваа трендовите во дигиталните плаќања и која беше вашата улога во тие промени?
Влатко Петревски: Во изминатите 15 години, светот на дигиталните плаќања помина низ значителни трансформации – од основни интернет-трансакции, преку мобилни плаќања, до токенизација и дигитални паричници. Corvus Pay е еден од пионерите во регионот во онлајн плаќањата – сите овие години ја унапредуваме нашата услуга и додаваме нови начини на плаќање имајќи ги предвид трендовите, потребите на трговците и купувачите, како и специфичностите на поединечни пазари. Го следиме чекорот со новите регулативи и можностите што тие ги нудат. Некои услуги ги развивавме од нула и буквално ги пробивавме пазарите, креирајќи патишта. Од самиот почеток сме усогласени со строгите барања на картичната индустрија и постојано го поседуваме PCI DSS Level 1 сертификатот кој претставува највисоко ниво на безбедност во нашата дејност. Континуирано ги едуцираме трговците и нивните купувачи, но и ги слушаме и учиме од нив и така доаѓаме до нови идеи. Сето тоа пазарот го препозна и ни даде доверба, и затоа сме денес тука каде што сме.
Банкарство: Кои иновации доаѓаат од Corvus Pay и која би ја издвоиле како најважна технолошка предност за корисниците?
Влатко Петревски: На пазарите на кои што сме присутни, сакаме на трговците да им овозможиме со една интеграција на CorvusPay да понудат различни методи на плаќање на своите купувачи – вклучувајќи ги и оние што ние сме ги развиле, но и методи развиени од други со кои сме интегрирани.
Во рамки на нашиот Internet Payment Gateway, целта ни се едноставни, брзи и сигурни плаќања. Имаме повеќе опции на располагање каде што плаќањето се сведува на еден клик или дури оди и без клик, ако купувачот ја сочува картичката и даде согласност трговецот периодично да го задолжува директно од својот систем – на пример за претплати за ТВ-содржини.
Врз основа на PSD2 регулативата, веднаш по стапување на сила на законот, добивме лиценца за услуга на плаќање директно од сметка на сметка во процесот на наплата, без користење картички, како и услуга за прифаќање плаќања. Лиценцата моментално важи за територијата на Европската унија, но очекуваме да се прошири и на други пазари во регионот.
Меѓу најновите услуги што ги интегриравме се Google Pay и Apple Pay плаќањата. Google и Appleимаат ограничувања во однос на достапноста на услугите по пазари, па на пример во Македонија тие сè уште не се достапни, но очекуваме тоа да се промени, а ние сме подготвени веднаш.
Банкарство: Како вашата платформа овозможува едноставно и безбедно дигитално плаќање за различни типови деловни субјекти и индивидуални корисници?
Влатко Петревски: Нашата платформа е флексибилна и лесно прилагодлива на различни големини на деловни субјекти и на различни бизнис-потреби. Трговците можат да користат и плаќаат само за тоа што им треба – ниту повеќе, ниту помалку. За популарните e-commerce платформи како WordPress, Shopify, Presta или Magento имаме сопствени plugin-и кои значително ја олеснуваат и забрзуваат интеграцијата. Големите трговци се интегрираат со нас преку API, па можат да управуваат со трансакциите директно од сопствениот систем и така целосно да го дигитализираат односно автоматизираат процесот на продажба.
Банкарство: Колку се важни готовите додатоци (plugin-и) за платформи како WooCommerce, Shopify и Magento во контекст на вашиот развој?
Влатко Петревски: Како што веќе спомнав, тие значително ја забрзуваат интеграцијата. Откако трговецот ќе го постави веб-продавницата, благодарение на plugin-от, во рамките на платформата го избира CorvusPay како давател на платни услуги, ги внесува соодветните параметри и многу брзо е подготвен за работа. Секако, административно треба да се договори нашата услуга и услугите со банките (кога тие се поврзани), но технички со plugin-ите тоа оди многу брзо. Plugin-итесамите ги развивме и целосно ги контролираме, така што можеме брзо да ги унапредуваме и прилагодуваме кога има нешто ново – не зависиме од трети страни.
Банкарство: Кои индустрии најчесто ги користат вашите услуги и дали има некоја индустрија што предничи според бројот на трансакции?
Влатко Петревски: Нашиот систем го користат повеќе од 4.000 трговци и мислам дека нема индустрија во која не сме присутни. Најголем број трансакции и промет доаѓаат од продажба на туристички капацитети и услуги, телекомуникации, игри на среќа, патнички превоз, патарини, паркинг, билети за секакви настани, достава и слично.
Банкарство: Што нудите за деловни, а што за приватни корисници? Како вашите услуги го олеснуваат секојдневното работење и плаќање?
Влатко Петревски: На двата типа корисници сакаме да им бидеме партнер кој ги следи нивните потреби и желби. Сакаме да им го поедноставиме работењето и животот така што ќе трошат што помалку време на процесите на наплата и плаќање и да не се грижат за безбедноста. За деловни корисници преку една интеграција нудиме сѐопфатна платформа со различни платни методи прилагодени на пазарот и трговецот, напредни опции за најдобро корисничко искуство при плаќање и алати за следење и анализа на трансакции – сето тоа со максимална безбедност. За приватни корисници овозможуваме брзо, едноставно и сигурно плаќање со што помалку повторувања на внес на податоци, а апликацијата CorvusPay им заштедува време за поважни работи во животот. Како што вели нашето мото – „послободно плаќање, послободен живот“.
Банкарство: Како ја обезбедувате безбедноста на дигиталните трансакции и заштитата на корисничките податоци?
Влатко Петревски: Безбедноста е основата на сѐ што го работиме. Имаме повеќекратни сертификати и лиценци, па така веќе 14 години континуирано поседуваме PCI DSS Level 1сертификат, кој претставува највисоко ниво на безбедност и усогласеност со мандатите на картичните куќи. За тоа секоја година поминуваме строг audit. За услугата иницирање на плаќања и услугата прифаќање, имаме лиценца од Хрватската народна банка која докажува усогласеност со најновите директиви на Европската унија – таа лиценца важи и во целата Европска унија. Обезбедуваме и дополнителни слоеви на заштита усогласени со барањата за силна автентикација на корисници, а развивме и сопствен anti-fraudсистем.
Банкарство: Како ја гледате иднината на дигиталните плаќања во Македонија и регионот? Дали пазарот е подготвен за нови fintech иновации?
Влатко Петревски: Регионот, вклучувајќи ја и Македонија, поминува низ забрзан процес на дигитализација. Сѐ уште заостануваме зад западна и централна Европа, што значи дека има многу простор за раст. Сѐ поголемиот интерес за fintech решенија, поддржан од регулаторите и зголемената финансиска писменост, создава плодна основа за напредни начини на плаќање со складирање картични податоци, мобилни паричници и модели како „купи сега – плати подоцна“.
Банкарство: Кои се најголемите предизвици во дигитализацијата на плаќањата во Македонија и како Corvus Pay може да помогне во нивното надминување?
Влатко Петревски: Главните предизвици се ниско ниво на дигитална писменост, недоверба во онлајн плаќања и потреба од помодерна регулатива. Во соработка со другите учесници во екосистемот на онлајн плаќања, во Corvus Pay се обидуваме да го развиваме пазарот преку едукација, промоција на безбедни дигитални плаќања и иновативни, кориснички едноставни решенија.
Банкарство: CorvusPay веќе е активен на македонскиот пазар – можете ли да ги споделите досегашните искуства и плановите за понатамошен развој?
Влатко Петревски: CorvusPay соработува со повеќе од 25 банки и финансиски институции во регионот, вклучувајќи неколку во Македонија, со што им овозможуваме на корисниците безбедна и брза обработка на трансакции, во и надвор од земјата. Во последниот период ги интензивиравме интеграциите со локални банки и трговци кои покажуваат сѐ поголем интерес за дигитална трансформација. Нашиот план е дополнително проширување на присуството преку нови партнерства и локализирани услуги, вклучувајќи мобилни плаќања и други напредни методи. Нашата стратешка цел е поврзување на македонскиот e-commerce пазар со регионот и Европската унија.
Интервјуа
FinSight | Митровски: Експлозија на побарувачка за станови од 35 до 60 м² во Скопје
Во новата епизода на FinSight, разговараме со Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ за состојбата на пазарот на помали станови во Скопје – сегмент кој во моментов бележи најголема побарувачка.
Според Митровски, без разлика на локацијата, мал стан по „пристапна“ цена речиси и да не може да се најде.
„Без разлика каде се наоѓа, мал стан по пристапна цена нема шанси да се најде“, вели Митровски.
Станува збор за станови со површина од 35 до 60 квадратни метри, кои, според него, се најбараните на пазарот. Токму во овој сегмент продажбата се одвива најбрзо, а просторот за преговори е минимален.
„Продажбата кај овие станови е навистина брза, а цената тешко се преговара“, објаснува тој.
Причината е едноставна – побарувачката значително ја надминува понудата. Кога инвеститор или компанија ќе објави цена од, на пример, 2.700 евра за квадрат, интересот е моментален.
„Кога ќе се објави цена од 2.700 евра за квадрат, се јавуваат 10 до 15 клиенти за истиот стан. Во таква ситуација, продавачот нема никаква потреба да ја намали цената“, нагласува Митровски.
Ова, според него, јасно покажува дека пазарната динамика кај малите станови во моментов е целосно на страната на продавачите, а купувачите се тие што се натпреваруваат.
Целото интервју со повеќе детали и анализа на трендовите – во новата епизода на FinSight.
Интервјуа
Слободан Митровски во FinSight: 3.000 евра за квадрат е нереално за Скопје
Во новата епизода на FinSight разговараме со Слободан Митровски од Агенцијата за недвижнини „Асторија“ за тоа што навистина стои зад рекордните цени на недвижнините во Скопје.
Според Митровски, клучната причина за наглиот раст на цените не се повеќе градежните трошоци, туку недостатокот на квалитетни локации.
„Она што најмногу придонесе кон брзиот раст на цените е недостатокот на добри локации. Тоа е реалноста“, вели Митровски.
Во изминатите години, јавноста често слушаше објаснувања дека цените растат поради поскапувањето на железото, градежните материјали и работната рака. Но, од денешна перспектива, овие аргументи веќе не држат вода.
„Сите се сеќаваме на темите дека цените се покачени поради зголемени трошоци, но денес можеме слободно да кажеме дека тоа се приказни“, додава тој.
Митровски посочува дека во последната година пазарот во голема мера се стабилизирал. Иако е факт дека по пандемијата трошоците генерално пораснале, тоа не е доволна причина за цени од 3.000 евра по квадратен метар.
„Да, после пандемијата сите трошоци се зголемија, но не до тоа ниво за да дојдеме до 3.000 евра за квадрат“, нагласува Митровски.
Според него, токму атрактивните и ретки локации ја туркаат цената нагоре, но таквите износи се далеку од реални за скопскиот пазар.
„Локациите дефинитивно придонесоа цените да стигнат до 3.000 евра, но тоа е тотално нереална цена за Скопје“, заклучува Митровски.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Слободан Митровски: 3.000 евра за квадрат и 20.000 евра за паркинг – реалност или имотен балон?
Цените на недвижнините во Македонија продолжуваат да уриваат рекорди. Квадратен метар станбен простор во атрактивни локации достигнува и до 3.000 евра, додека паркинг место се продава за суми кои до пред неколку години беа доволни за купување автомобил – околу 20.000 евра. Прашањето што сè почесто се поставува е дали ваквите цени се реален одраз на пазарот или сигнал за пренапумпување на вредностите.
Во новата епизода на FinSight, разговараме со Слободан Митровски, сопственик на Агенцијата за недвижнини „Асторија“, за причините кои стојат зад наглиот раст на цените и за тоа кои фактори денес најсилно го диктираат пазарот.
Недостатокот на атрактивни локации, зголемените трошоци во градежништвото, растот на побарувачката и инвестициската логика кај купувачите се само дел од елементите што влијаат врз ценовниот притисок. Но, останува дилемата – дали пазарот е одржлив на долг рок и дали може да се очекува одредена стабилизација во периодот што следи.
Во разговорот се отвора и прашањето за споредбата со регионот, особено со Србија, каде пазарот на недвижнини исто така бележи силна динамика. Колку сме навистина скапи во однос на соседството и дали македонските цени се оправдани според економските параметри?
Посебен фокус е ставен и на структурата на купувачите – дали становите навистина сè почесто се купуваат во кеш и што навистина се мисли под купување во кеш, кој купува денес и дали недвижнините остануваат доминантен облик на заштита на капиталот.
Одговорите на овие прашања носат подлабок увид во тоа каде се наоѓа пазарот на недвижнини и што можат да очекуваат купувачите, инвеститорите и граѓаните во периодот што следи.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 1 месецСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија вработува Специјалист за плаќања
-
Банкипред 2 месеци„Digital first“- нова функционалност на НЛБ Банка





