Connect with us

Интервјуа

Интервју | ФАТИХ ТУРКМЕНОГЛУ: ЕБОР е посветена на зелената економија и енергетската транзиција во Северна Македонија

Објавено

на

Разговараме со г-дин Фатих Туркменоглу, Претставник на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Северна Македонија. Како еден од клучните играчи во поддршка на економскиот развој на земјата, ЕБОР има важна улога во финансирањето на проекти и иницијативи кои ги адресираат економските предизвици, поттикнуваат раст и инклузивност, и ја забрзуваат транзицијата кон зелена енергија.

Во ова интервју, г-дин Туркменоглу ќе ни ги претстави клучните приоритети на ЕБОР за Северна Македонија, активностите насочени кон одржлива инфраструктура, поддршката на зелениот сектор, и плановите за инклузивен развој и економска стабилност. Дополнително, ќе дознаеме повеќе за соработката на ЕБОР со локалните банки и владата, како и за улогата на приватниот сектор во постигнување на овие амбициозни цели.

Исто така, од разговорот во продолжение ќе дознаете како ЕБОР продолжува да го поддржува патот на Северна Македонија кон одржлив раст и интеграција во глобалните економски текови.

Банкарство: Кои се клучните приоритети на ЕБОР за Северна Македонија во следните неколку години и како планирате да се справите со најважните економски предизвици во земјата?

    Фатих Туркменоглу: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е повеќе од 30 години партнер со Северна Македонија и гради блиски релации во различни сектори, од централната и локалната власт, до финансиските институции и приватните компании. Во 2023 година Банката инвестираше рекордни 259 милиони евра во 17 проекти во земјата. ЕБОР е посветена во проширување на активностите во Северна Македонија во поддршка на владините приоритети и промовирање на економскиот раст.

    Една од клучните претстојни иницијативи е развивање на нова Стратегија за Северна Македонија за периодот 2025-2030 година. Крајната цел на оваа стратегија е да се опфатат постоечките предизвици со кои се соочува земјата и да се зајакне одржливиот развој во иднина. Стратегијата се очекува да биде финализирана во првата половина на 2025 година. ЕБОР ќе продолжи со поддршката во наредните пет години, со акцент врз креирање на конкурентна и привлечна економија, која ги опфаќа демографските аспекти, го поддржува развојот на одржлива инфраструктура, зелена економија и зајакнување на интеграцијата со поширокиот регион и глобалните ланци на вредности. Сите проекти на ЕБОР кои се финансирани во приватниот и јавниот сектор, имаат за цел да се справат со тековните предизвици: намалување на бројот на населението во земјата, недоволна продуктивност на пазарот на труд и дискрепанци во вештините, јаз во економската инклузија и пристапот до финансирање, подобрување на отпорноста на јавната инфраструктура и зајакнување на енергетската стабилност.

    Банкарство: Како ЕБОР ја поддржува одржливата инфраструктура и проектите од сферата на зелената енергија во Северна Македонија и која улога ја има приватниот сектор во овие иницијативи?

      Фатих Туркменоглу: Банката е посветена кон унапредување на инфраструктурата и еколошките стандарди во Северна Македонија, зајакнување на поврзаноста и поддршка на транзицијата кон обновлива енергија.

      ЕБОР играше витална улога во унапредување на клучната патна и железничка инфраструктура, во Пан-Европските Коридори 8 и 10. Инвестираше околу 427 милиони евра во осум проекти за изградба на патишта, а пет се во различни фази на имплементација. Исто така, беше и единствената меѓународна финансиска институција која ги поддржа ТЕН-Т коридорите, и учествуваше во обновување на железничката флота во изминатава декада, со портфолио од шест проекти во износ од 257 милиони евра.

      Нашата долгорочна соработка во транспортниот сектор, вклучува и помош на македонските власти во подготвување на Инвестициската Рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) во однос на апликацијата за техничка помош за грант, за обезбедување на проектна документација, потребна за рехабилитација на железничкиот Коридор 10. Оваа техничка помош е неопходна, и служи за одредување на приоритети за инвестициите во критичниот железнички Коридор 10 во Северна Македонија. Овие инвестиции значително ќе ја засилат поврзаноста, ќе го поттикнат патничкиот и транспортниот сообраќај и ќе ја зајакнат регионалната економска интеграција.

      Посветени сме во зајакнување на околината преку проектот за Регионален цврст отпад. Ова е иницијатива наменета да обезбеди услуги согласно стандардите на Европската Унија, за над 1 милион жители во три претходно определени региони. ЕБОР одигра клучна улога во обезбедување на грантови од билатералните донатори, вклучувајќи ја Швајцарија и Шведска, како и од Инвестициската Рамка за Западен Балкан.

      Енергетската криза ја забрза енергетската транзиција преку нагласување на значењето на енергетските трошоци и обезбедувањето, потребата да се има разновидна база на набавка и интегрирани регионални пазари. Обновливите извори на енергија нудат енергија од домашно производство по конкурентни трошоци, и носат големи еколошки бенефити и безбедност во снабдувањето. Во оваа смисла, моменталната состојба обезбедува можности за забрзување на инвестиции од обновливи извори на енергија (во јавниот и во приватниот сектор) и ја истакнува потребата за подобрување на националната енергетска мрежа и прекуграничната поврзаност, заедно со поголемата ликвидност на пазарите на енергија.

      Заради ова, и покрај моменталното меѓународно опкружување, ЕБОР ја охрабрува земјата да остане фокусирана на патот на одржување на ниско ниво на јаглерод како издувен гас, и да остане посветена на декарбонизација на енергетскиот сектор, со цел да стигне до нето-нула емисии до 2050 година, кои се планирани во националната стратегија. Препорачуваме Северна Македонија да го поедностави процесот на издавање лиценци и процесот на одобрување во овој сектор, да ги стимулира приватните и јавните инвестиции во нови капацитети на обновлива енергија, сė со цел земјата да ги достигне амбициозните цели за обновлива енергија, и да стигне до 83 отсто намалување на емисиите, планирани до 2030 година, во нејзиниот зајакнат определен национален придонес. Би сакале да ја охрабриме Владата и понатаму да инвестира во мрежа на олеснување на капацитети за интеграција од обновливите извори на енергија и да работи во подобрување на пазарната ликвидност и унапредување на пазарното поврзување, колку што е можно поскоро, со цел да ја овозможи интеграцијата со европските енергетски пазари.

      Преку поддршка на ЕБОР, на КОП28 конференцијата во Дубаи, Северна Македонија промовираше инвестициска платформа за праведна транзиција, преку која се управуваат долгорочните планови за ниско ниво на јаглерод, и праведна транзиција на секторот со електрична енергија. Платформата е одредница за земјата која е зависна од јаглен и ги поддржува амбициите да го трансформира енергетскиот сектор и економијата со ниско ниво на јаглерод, ниски трошоци и безбеден модел на примена. Платформата се стреми кон комбинирање на владини, меѓународни и приватни инвестиции, со цел да достигне минимум 1.7 гигавати на генерирана енергија од обновливи извори на енергија, до крај на деценијата, како и надградба на мрежата и складирање на енергијата, и примена на мерки за поддршка на заедниците кои се погодени од транзицијата на енергијата.

      До денес, ЕБОР ги има поддржано регулаторните и легалните аспекти на воведување на аукции од обновливи извори на енергија, но и објава на три тендери за целосно комбиниран капацитет од 162 мегавати соларна енергија. Банката ќе го поддржи Министерството за енергија во однос на воведување на повеќекратни аукции за договорите за разликите, што ќе помогне во достигнување на 1 гигават нова соларна енергија и енергија добиена од ветер. ЕБОР ја поддржа земјата и во превземањето на првите чекори во енергетската транзиција, преку директно финансирање на изградбата на првите соларни фото-волтаици во сопственост на државната компанија за електрична енергија ЕСМ, со капацитет од 10 мегавати, на затворениот рудник со јаглен на термоелектраната Осломеј, кои се веќе во функција. ЕБОР финансираше 10 мегавати проширување на капацитетот на соларните фотоволтаици во Осломеј и 20 мегавати соларната плантажа за прилагодување во термоелектраната Битола. Развојот на преносната мрежа е критичен за енергетската транзиција, а ЕБОР неодамна поддржа и нови инвестиции во мрежата на југо-источниот регион на земјата, кој ќе дозволи поврзување на дополнителни 1,2 гигавати капацитет од обновливи извори на енергија. Банката останува подготвена за ја поддржи зелената транзиција на земјата, со дополнителна поддршка на политиките, техничка помош, финансирање на капацитети од обновливи извори на енергија, и мрежа на пренос на електричната енергија.   

      Банкарство: Согласно Вашето искуство, кои се најголемите можности за раст на економијата во Северна Македонија, и како ЕБОР може да помогне локалните бизниси да се капитализираат?

        Фатих Туркменоглу: ЕБОР одобрува директно и индиректно финансирање на компаниите, и ја поддржува приватната и државната конкурентност, како најважен стратешки приоритет и итна следна работна задача. Банката нуди повеќе од чисто финансирање на приватниот сектор. Ние пружаме деловни советодавни услуги, со кои помагаме раст на приватниот сектор и трансформација преку мрежата на меѓународни советници и локални консултанти. Во Северна Македонија, секоја година, даваме поддршка на бизнисите, на клиентите, како и на компании од рангот на старт-ап компаниите до голем компании и им нудиме обука и семинари, избор на консултанти и останати ентитети, да го изградат капацитетот со партнерските институции, нудиме и програми на забрзување на растот на компаниите, од сферата на дигитализација до зелена транзиција и инклузија, согласно стратешките приоритети на Банката.

        ЕБОР е активна и на страна на политиката, и моментално работи со клучните ентитети за да ги дефинира главните приоритети на политиките на конкурентност за малите и средни претпријатија (МСП), кои треба да помогнат во подобрување на деловната клима.

        Банкарство: Кои стратегии ги имплементира ЕБОР за да го зајакне инклузивниот развој и да ги подобри економските можности за маргинализираните заедници во Северна Македонија?

          Фатих Туркменоглу: Од неодамна ЕБОР го интензивираше својот фокус на инклузивен развој во Северна Македонија, особено преку иновативни проекти и дијалог на политика. Над 50 отсто од потпишаните проекти во 2023 година се креирани со инкорпориран родов аспект.

          Тука спаѓаат два инфраструктурни проекта со значајна инклузивна компонента. За прв пат, инклузивните карактеристики на набавка се дел од Регионалниот проект за цврст отпад, во однос на креирање на вештини и можности за вработување за групите луѓе кои не се еднакво застапени во општеството, како што се жените и Ромската популација.

          Во прилог на ова, инклузивната компонента на проектот Железница Коридор 8 – Прва фаза, го поддржува имплементирањето на можностите за обука на младите луѓе, на местото каде што работат, преку усвојување на принципи на инклузивност.

          Преку Програмата за економска вклученост, ЕБОР поддржа една од водечките локални компании за производство на кондиторски производи, преку основање на првата сертифицирана академија за извршен менаџмент во земјата, каде се нуди и професионално образование и основан е центар за обука, кој е клучен во обезбедување на заменски обуки во областите каде истите недостасуваат, промовирајќи професионален развој за едукација за цел животен век, превенирање на отселување на младите луѓе во регионот и обезбедување на развој на вештини.

          Банката имплементира и Деловна програма за жени во бизнисот во Северна Македонија, наменета за бизниси управувани од жени и млади, обезбедувајќи им пристап до финансии, и консултантска поддршка. Нашата Програма за врвни претпријатија (Star Venture) поттикнува иновации и помага во зголемување на потенцијалот, на компаниите во рана фаза на работење, доколку сакаат да растат и да се прошират на меѓународно ниво.

          Банкарство: Како ја гледате соработката на ЕБОР со Владата на Северна Македонија и меѓународните партнери, во насока на унапредување кон долгорочната стабилност и развој?

            Фатих Туркменоглу: ЕБОР е посветена да продолжи во поддршката на Северна Македонија и да работи заедно со властите, на финансирање и развој на проекти од секторот на инфраструктурата и енергетиката.

            Неодамнешното потпишување на Заедничката декларација на КОП28, е значајна одредница, која ја зајакнува посветеноста на земјата за зелена и праведна транзиција. Оваа соработка ја акцентира основната улога на меѓународната соработка во справување со климатските промени. Банката е насочена кон мобилизирање на инвестиции, зајакнување на иновативноста и обезбедување услови транзицијата да биде во корист на сите сегменти на општеството.

            Банката е подготвена да и помогне на Северна Македонија во капитализирање на можностите кои се пружаат преку Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Подготвени сме да ја поддржиме земјата во задоволување на потребите за инвестиции, техничка помош и експертиза, сите клучни за успешно имплементирање на неопходните реформи. Нашата посветеност за поддршка вклучува и зајакнување на конкурентноста преку подобрување на ланецот на снабдување, надградба на вештините на работната сила и зајакнување на управувањето. 

            Во оваа насока, имаме за цел да ја промовираме регионалната интеграција и поврзаност, истовремено олеснувајќи го процесот на доближување до ЕУ. Нашите напори ќе се насочат кон поддршка на клучните инфраструктурни проекти, кои се во сферата на транзиција кон зелената енергија, кои креираат одржлива комбинација на енергија, постигнување на поголема ефикасност на ресурсите и обезбедување на родова и економска инклузија.

            Банкарство: Како соработува ЕБОР со локалните банки во Северна Македонија во насока на зголемување на пристапот до финансирање за МСП, и какво влијание има оваа активност врз локалната економија?

              Фатих Туркменоглу: Банките се ценети партнери на ЕБОР во Северна Македонија. Банкарскиот сектор е прагматично регулиран од Централана банка, што овозможува држење чекор со Европската регулатива, преку соработка.

              Нашите пет партнерски банки се меѓу најголемите во земјата, и опфаќаат 75 отсто од пазарот, обезбедувајќи широк опсег на достапност на нашите продукти. Ние не сме тука за да се натпреваруваме со нив, ние сме нивни партнери. Со некои од нив, тоа партнерство трае 20-30 години. Добро се познаваме, се консултираме за видовите на продукти кои планираме да ги воведеме на пазарот, согласно интересот на локалните МСП. Во земјата, имаме стабилни деловни активности во финансискиот сектор преку посредување, кој резултира во инјектирање на 25 до 30 милиони евра во економијата, преку партнерските банки на годишно ниво.

              Служиме на секторот на МСП, воглавно преку два вида на инструменти, механизми на гаранција и финансирање со грант поддршка. Механизмите на гаранција се користат во главно за програмите на инклузија, како Жени во бизнисот и Млади во бизнисот, кои го охрабруваат учеството на жените и младите во економските активности.

              Веројатно ЕБОР е најдобро познат по своето финансирање поддржано со грантови, преку кое, на крајните корисници им се овозможува да добијат грантови по успешно завршување на инвестицијата. Најуспешните програми од оваа сфера се Поддршка на конкурентноста на МСП и Програми за рестартирање на МСП, преку кои ЕБОР има пласирано на пазарот 61 милион евра, во изминативе пет години, со што Северна Македонија стана најголемиот корисник на овие програми по глава на жител во регионот на Западен Балкан. 

              Во моментов Програмата за развој на Обединетите Нации и Програмата за зелено финансирање поддржана од Владата, нуди пилот програма од 30 милиони евра, наменета за поддршка на зелените инвестиции во локалните МСП, која е достапна само во Северна Македонија.

              Има многу нови производи кои што сакаме да ги развиеме во наредниве години, во различни сектори како што е декарбонизација, земјоделие и потенцијално, дури и враќање на мигрантите во Северна Македонија.

              Накусо, нудиме голем број можности за МСП во земјата и истото го реализираме во главно преку локалните банки, кои добро го знаат пазарот и кои ни овозможуваат идеите да ни станат реалност.

              Интервјуа

              FinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените

              Објавено

              на

              Во услови на засилени глобални притисоци врз цените на енергенсите и растечка неизвесност поради геополитичките случувања, Владата разгледува нов сет на мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилизирање на цените.

              Во најновото издание на емисијата „FinSight“, заменик министерот за економија, Марјан Ристески, откри дека намалувањето на акцизата на горивата е една од опциите што сериозно се разгледуваат како следен чекор, доколку ценовните притисоци продолжат.

              „Доколку има потреба, ќе интервенираме и во делот на акцизите. Целта е да се амортизира ударот врз граѓаните и компаниите“, истакнува Ристески.

              Тој не ја исклучи ниту можноста за повторно воведување на мерки како замрзнување на цени и ограничување на маржи, особено доколку се утврди дека има неоправдан раст на цените од страна на трговците. Во таа насока, надлежните институции веќе вршат засилени контроли на терен.

              Говорејќи за актуелната мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, Ристески посочи дека таа има директен ефект врз намалувањето на малопродажните цени, но дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи.

              „Светот се соочува со раст на цените на нафтата, а неизвесноста поврзана со случувањата на Блискиот Исток дополнително влијае врз пазарите. Затоа мора да имаме подготвени повеќе сценарија“, додава тој.

              Како една од можните дополнителни мерки, се разгледува и намалување на ДДВ на 5%, иако ваквата одлука би имала директни импликации врз буџетските приходи, кои би се намалиле за неколку милиони евра.

              Во интервјуто се отвора и прашањето за ризикот од нов инфлаторен бран, особено во пресрет на празниците, кога традиционално расте потрошувачката. Ристески нагласува дека државата има механизми за интервенција, но и дека ќе се засилат санкциите за непочитување на Законот за нефер трговски практики.

              Дополнително, тој посочува дека искуствата од претходните кризи помогнале институциите да реагираат побрзо и поефикасно, но предупредува дека глобалните фактори и понатаму ќе имаат силно влијание врз домашната економија.

              „Најважно е да се реагира навремено и таргетирано, со мерки што ќе дадат реален ефект врз цените“, заклучува Ристески.

              Целосното интервју е достапно на YouTube каналот на „Банкарство“.

              Новинар: Наташа Мерсовска

              Продолжи со читање

              Интервјуа

              Интервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје

              Објавено

              на

              Секоја нова вест од Блискиот Исток ги поместува глобалните пазари за неколку проценти во еден ден, а инвеститорите се прашуваат како да се зачува вредноста на капиталот и како да се препознае можност таму каде што другите гледаат ризик. Војната во Иран, ценовните шокови кај енергенсите и неочекуваните движења на цените на златото и среброто отвораат многу дилеми.

              За овие актуелни прашања побаравме одговор од Гоце Новачевски, Портфолио менаџер во КБ Инвест АД Скопје.

              Банкарство: Каде да се инвестира и како да се распределат средствата за да се заштити инвестициското портфолио во период на огромна нестабилност на пазарите предизвикана од војната во Иран и драстичниот раст на цената на нафтата?

              Гоце Новачевски: Во процесот на инвестирање, клучен фактор е временскиот хоризонт на инвеститорот, односно периодот во кој средствата можат да останат инвестирани. Доколку станува збор за пократок временски период, и во нормални и во турбулентни пазарни услови, се препорачува вложување во високо ликвидни инструменти, како што се депозити и краткорочни хартии од вредност, кои се најмалку чувствителни на вакви надворешни шокови.

              Од друга страна, при подолгорочна алокација на капиталот, дури и во комплексен и динамичен амбиент како сегашниот, сметаме дека е оправдано да се продолжи со инвестирање, и при тоа да ги искористиме пониските пазарни цени. Критериумите за избор на инвестиции се базираат на идентификација на финансиски стабилни и здрави компании кои се вреднувани на ниво што е еднакво или пониско од нивната внатрешна (интринзична) вредност. Дополнително, се земаат предвид компаниите со солидни и одржливи изгледи за раст на профитабилноста, што претставува основа за континуиран раст на дивидендите кои ги исплаќаат. Обидите за темпирање на пазарот носат ризик од пропуштање на периоди на раст и со тоа потенцијален принос.

              Банкарство: Зошто паѓаат цените на златото и на среброто?

              Гоце Новачевски: Падот на цените на благородните метали, особено на златото и на среброто, се оценува како краткорочен феномен. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите често се насочуваат кон најликвидни средства, пред сè кон готовина и американски долар, што создава притисок врз останатите класи на имот.

              Дополнително, потребата за ликвидност ги поттикнува пазарните учесници да ги продаваат позициите со остварени добивки. Со оглед на значителниот раст на благородните метали во изминатиот период, тие често се меѓу првите кои се продаваат. Зајакнувањето на американскиот долар дополнително придонесува за пад на нивните цени.

              Како дополнителни фактори се издвојуваат зголемениот ризик од глобално економско забавување и потенцијална рецесија, што би довело до намалена индустриска побарувачка, како и намалената куповна активност од страна на инвеститорите погодени од падот на приходите во енергетскиот сектор.

              Сепак, фундаменталните фактори кои го поддржуваат растот на благородните метали, како што се девалвацијата на доларот, презадолженоста на развиените економии, а тука пред се САД, диверзификацијата на девизните резерви од страна на централните банки и зголемената индустриска примена, остануваат релевантни и сугерираат позитивни изгледи на среден рок.

              Банкарство: Кои акции би ги избрале за инвестирање?

              Гоце Новачевски: Изборот на конкретни инвестиции треба да се прави во поширок пазарен контекст, при што актуелните настани имаат значително влијание. Во услови кога одредени сегменти се оценуваат како преценети и поризични, се препорачува ротација кон подефанзивни и попредвидливи сектори.

              Такви сектори се фармацијата, производите за широка потрошувачка и енергетиката, каде побарувачката е релативно стабилна дури и во услови на економска неизвесност, иако потенцијалот за висок раст е ограничен. Дополнително, поради зголемените геополитички тензии и растечките воени буџети, одбранбената индустрија станува сè поатрактивна за инвеститорите.

              Банкарство: Какви се Вашите очекувања за главниот индекс на Македонската берза МБИ10? Од што ќе зависи движењето на МБИ10?

              Гоце Новачевски: Движењето на индексот МБИ10 ќе зависи пред сè од времетраењето на геополитичките тензии и нивното влијание врз цените на енергенсите. Во сценарио на брзо смирување на конфликтот и постепена нормализација на пазарите, се очекува ограничено влијание врз македонските компании.

              Во спротивно, продолжен период на високи трошоци за енергија ќе изврши притисок врз профитабилноста на компаниите, иако дел од овие трошоци веројатно ќе бидат пренесени на крајните потрошувачи преку повисоки цени.

              Банкарство: Дали ни претстои нова економска и финансиска криза и како ќе се однесуваат пазарите на капитал оваа година?

              Гоце Новачевски: Настаните се случуваат со голема брзина, а врз пазарите на капитал често влијание имаат и фактори од неекономска природа, што дополнително го отежнува прогнозирањето. Повторно, клучот е во времетраењето на конфликтот и пред се нормализирањето на тековите на нафтата. Иако постојат сигнали за можни дипломатски решенија, ризикот од непредвидени ескалации останува присутен. Историското искуство покажува дека пазарите често реагираат со краткорочни падови на вакви шокови, по што следи закрепнување и раст.

              За перспектива, може да се потсетиме на шокот со вонредните царини на претседателот Трамп во Април 2025 година и моменталната распродажба што истите ја предизвикаа, и завршување со раст за Индексот S&P од скоро 18% за целата 2025 година.  
               
               

              Продолжи со читање

              Интервјуа

              FinSight | Деспотовски: Како анализата на клиентот го одредува изборот на фонд?

              Објавено

              на

              Во новата епизода на FinSight разговараме со Владимир Деспотовски од ВФП Фондови за тоа како се избира соодветна инвестициска стратегија и кои се клучните фактори при носење на инвестициски одлуки.

              Според него, основата на секоја инвестиција е правилната проценка на ризикот што клиентот е подготвен да го прифати.

              „Нашите инвестициски агенти токму тоа го анализираат – инвестицискиот профил на клиентот и неговиот капацитет за прифаќање ризик“, вели Деспотовски.

              Тој објаснува дека изборот на фонд директно зависи од оваа проценка.

              „Доколку ризикот е многу низок, се оди со паричен фонд. Ако е повисок, се избира обврзнички фонд“, посочува тој.

              За инвеститорите со поголема толеранција на ризик, стратегијата е поагресивна.

              „Кога клиентот има високо ниво на толеранција на ризик – и при раст и при пад на портфолиото – тогаш се инвестира во акциски фондови“, додава Деспотовски.

              Според него, правилното усогласување на инвестицискиот профил со соодветен инструмент е клучно за долгорочен успех и стабилност на инвестицијата.

              Продолжи со читање

              Популарно

              Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange