Интервјуа
Интервју | ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА: Вклучувањето на Македонија во СЕПА отвора ново поглавје во меѓународните плаќања

С. Македонија официјално стана дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), што ќе донесе значајни промени во начинот на вршење на прекуграничните плаќања. Ова членство треба да го олесни испраќањето и примањето пари од странство, да ги намали трошоците за трансакции и да ја подобри брзината и сигурноста на плаќањата во евра.
Но, што значи ова за граѓаните и компаниите? Ќе се поедностави ли процесот на примање средства од странство? Ќе можеме ли полесно да плаќаме онлајн и да вршиме трансакции во евра? Какви измени ќе треба да воведат банките и дали ќе има промени во законската регулатива?
За овие прашања разговараме со г-ѓа Емилија Нацевска, вицегувернерка на Народната банка, која ќе ни објасни што можеме да очекуваме од примената на СЕПА и како ќе влијае ова на секојдневното финансиско работење во земјава.
Банкарство: Што значи пристапувањето на Македонија во СЕПА? Како ќе ни го олесни ова секојдневниот живот и од кога точно ќе можеме да ги користиме новите погодности што ги носи СЕПА?
Емилија Нацевска: Со одобрувањето на барањето на нашата земја за членство во СЕПА од страна на Европскиот совет за плаќања, на 6 март 2025 година, се потврди дека националната правна рамка во платежната област, како и во останатите области тесно поврзани со плаќањата како што се банкарството, спречувањето перење пари и финансирањето тероризам и заштитата на личните податоци, е високо усогласена со правната рамка во овие области на Европската Унија. Хармонизираната правна рамка создаде правна сигурност и основа за прифаќање на домашните банки за извршување на плаќањата во евра со банките од останатите земји членки на СЕПА преку платните системи на ЕУ, иако земјата не е полноправна членка на ЕУ. Со тоа, банките ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра на граѓаните и на компаниите на брз и ефикасен начин со сите банки од областа на СЕПА, за разлика од сегашниот начин којшто е прилично долг и комплексен и се одвива преку поединечните кореспондентни аранжмани на банките со некои од европските банки. Поконкретно, плаќањата во евра кон која било земја во СЕПА преку платните системи за класичен трансфер на средствата ќе се извршуваат за неколку часа во текот на денот, а преку системите за инстант плаќањата ќе се извршуваат за помалку од 10 секунди, додека во моментов се извршуваат во рок од три и повеќе дена. Понатаму, за пренос на средствата ќе бидат потребни само неопходните податоци за извршување на плаќањето, како што се називот и бројот на сметката на плаќачот и примачот, износот и основата за плаќањето, со што значително ќе се олесни иницирањето на плаќањата од граѓаните и компаниите во кои било време и место. Најпосле, плаќањата ќе станат поевтини имајќи предвид дека со пристапот до платните системи во СЕПА банките значително ќе ги намалат трошоците коишто произлегуваат од сегашните комплексни и скапи кореспондентни аранжмани. Пристапот до платните системи на СЕПА за банките од нашата земја и другите три нови земји членки (Албанија, Црна Гора и Молдавија) е овозможен од 5 октомври 2025 година од кога всушност граѓаните и компаниите и ќе може да ги почувствуваат погодностите од членството во СЕПА, односно побрзи, поедноставни и поевтини прекугранични плаќања во евра.
Банкарство: Од аспект на интеграцијата со СЕПА, како ќе пристапат домашните банки до платните системи во СЕПА?
Емилија Нацевска: Со цел да се операционализира вклучувањето на нашите банки во СЕПА, секоја банка ќе треба да достави барање до Европскиот совет за плаќања за учество во платните системи во СЕПА. Притоа, банката ќе треба да прикаже дека ги исполнува условите и е подготвена од оперативен и технички аспект да прима и да испраќа пораки за извршување на плаќања во евра со банките во СЕПА. Во однос на оперативно-техничките услови, банката ќе треба да избере посредничка банка од Европската Унија којашто е директен учесник во платните системи во СЕПА преку која ќе ги извршува плаќањата. Исто така, банката ќе треба да го приспособи својот информациски систем заради примена на стандардот ИСО 20022 којшто се користи за размена на пораките за плаќања помеѓу учесниците во платните системи во СЕПА. Откако барањето ќе биде одобрено од страна на Европскиот совет за плаќања, банката ќе може да ги извршува плаќањата во евра побрзо и поефикасно имајќи предвид дека ќе има пристап до над три и пол илјади банки и други даватели на платежни услуги коишто се учесници во платните системи во СЕПА. На овој начин, банките ќе ги избегнат постојните кореспондентни аранжмани со што ќе ги намалат своите трошоци коишто понатаму ќе треба да бидат пренесени во група пониски надоместоци коишто ги наплатуваат од граѓаните и компаниите за извршување на плаќањата во евра.
Банкарство: Имаме голем број иселеници кои дел од своите заработени средства им ги испраќаат преку девизни дознаки на своите семејства во Македонија. Дали парите што ги испраќаат роднините од странство ќе пристигнуваат побрзо и со помали трошоци? Ќе има ли некакви ограничувања од аспект на дозволениот износ којшто ќе може да се префли врз основа на подарок?
Емилија Нацевска: Согласно претходно изнесеното, парите коишто нашите иселеници ги испраќаат до своите семејства во земјата ќе пристигнуваат побрзо бидејќи нашите банки ќе имаат пристап до платните системи во СЕПА и ќе може веднаш, во текот на истиот ден или најдоцна следниот работен ден, да им ги стават на располагање на граѓаните на нивните платежни сметки. Исто така, се очекува дека надоместоците коишто банките ги наплатуваат за приливите во евра ќе се намалат. Според процените на Светската банка, надоместоците за дознаките се проценуваат на околу 6,71 отсто од износот на трансакцијата, при што со влегувањето во СЕПА би се намалиле до глобалното целно ниво од 3 отсто, што ќе доведе до заштеда од половина милијарда евра на ниво на регионот на Западен Балкан. Ограничувања на износите, вклучително и врз основа на подарок, нема да има, освен во платните системи за инстант плаќањата преку кои може да се врши пренос на средства до 100 илјади евра. Меѓутоа, тоа не значи дека банките ќе ги пропуштаат сите трансакции и нема да применуваат одредени контролни процеси за нивно согледување од аспект на регулативните барања за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам, како што тоа впрочем го прават и банките во останатите земји од СЕПА и светот.
Банкарство: Во моментов, за да платиме одмор во Грција или школување во некоја европска земја неопходно е да приложиме сет документи со цел да ја потврдиме основата на ова плаќање. Најчесто се бара фактура или договор, во спротивно не може да се плати. Од друга страна, трошоците за овој тип плаќања се исклучително високи во моментов. Ќе можеме ли без проблем да плаќаме онлајн во странство или да префрламе пари на европски сметки преку ефикасен процес и без дополнителни трошоци?
Емилија Нацевска: Народната банка веќе го олесни преносот на парични средства кон странство преку измена на постоечката подзаконска регулатива којашто е во примена од јануари оваа година, со којашто понатаму не се бара приложување документи за тековните трансакции, како што е плаќањето одмор или школарина во странство. Со влезот на земјата во СЕПА, преносот на парични средства во евра дополнително ќе се поедностави и ќе се забрза, овозможувајќи им на граѓаните преку користење на своите мобилни апликации да ги извршуваат плаќањата во евра на лесен начин со внесување минимален сет податоци во платниот налог. Покрај ова, трошоците за пренос на паричните средства во евра ќе се намалат имајќи предвид дека во СЕПА првенствено се применува принципот на поделба на трошоците, односно плаќачот ги намирува трошоците кон сопствената банка, а примачот ги презема трошоците на неговата банка. Во моментов, многу често во преносот на паричните средства се вклучени повеќе странски кореспондентни банки коишто наплатуваат дополнителни трошоци, поради што тие паѓаат на товар на плаќачот и ги зголемуваат вкупните трошоци на плаќањето. Во иднина, овие дополнителни трошоци за плаќањата во евра во СЕПА ќе бидат отстранети.
Банкарство: Голем дел од нашите граѓани работат како хонорарни работници во странство и платата ја примаат на својата девизна сметка во Македонија за што плаќаат само персонален данок. Но, за приливот да се распореди е потребен документ како фактура или договор за да се потврди трансакцијата. Дали во иднина македонските граѓани ќе мора да ги носат овие документи во банка кога ќе добијат пари од странство или ова правило ќе се укине?
Емилија Нацевска: Покрај на страната на одливните плаќања, Народната банка веќе презема активности за олеснување на извршувањето и на приливните плаќања. Во таа смисла, се работи на приспособување на подзаконската регулатива со што ќе се овозможи приливите од странство да му се ставаат на располагање на платежната сметка на примачот веднаш, а најдоцна следниот работен ден, без приложување документи за причината на приливот кај најголемиот дел од приливите од странство, со исклучок на одредени приливи поврзани со капиталните трансакции за коишто се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија.
Банкарство: Голем дел од мерките на претпазливост при девизни плаќања или девизни приливи произлегуваат од Законот за девизен платен промет. Дали и кога се планира спроведување на одредени промени во овој закон со цел да се приспособи на СЕПА и да се поедностави работењето со странски плаќања и какви промени ќе се воведат?
Емилија Нацевска: Измени на Законот за девизно работење беа направени во февруари оваа година, со кои меѓу другото се овозможува покрај банките, плаќања кон странство да даваат и други даватели на платежни услуги, како што се штедилниците, платежните институции и институциите за електронски пари. Со нивното вклучување на пазарот на платежни услуги се очекува дека ќе се засилат конкуренцијата и иновациите коишто би им овозможиле на граѓаните и на компаниите да ги користат придобивките од примената на најновите финтек-решенија во платежната сфера овозможувајќи им едноставни, брзи и евтини плаќања во земјата и странство. За таа цел, Народната банка во моментов ја приспособува подзаконската регулатива којашто произлегува од Законот за девизно работење и таа ќе го олесни дополнително извршувањето на прекуграничните плаќања.
Банкарство: Какви придобивки ќе имаат компаниите од членството на Македонија во СЕПА? Ќе им се поедностави ли плаќањето кон странски добавувачи и наплатата од клиенти во Европа?
Емилија Нацевска: Компаниите исто така ќе ги почувствуваат придобивките имајќи предвид дека со влезот на земјата во СЕПА се обезбедува подобрен пристап до пазарот на Европската Унија. Со стандардизирани и рационализирани процеси на плаќање коишто подразбираат користење и поефикасни платежни услуги како што е директното задолжување, компаниите ќе можат да се вклучат во прекугранична трговија со поголема леснотија, поттикнувајќи го економскиот раст и регионалната интеграција. Анализата на Светската банка за трошоците за прекугранични плаќања во евра за микропретпријатијата, малите и средните претпријатија во Западен Балкан открива дека преносот на 5.000 евра од Европската Унија до земјите од Западен Балкан чини околу 12 пати повеќе отколку помеѓу земјите на Европската Унија. Ова е значителен јаз кај трошоците коишто сега паѓаат на товар на компаниите во земјата во споредба со трошоците на компаниите во Европската Унија, за кој очекуваме дека значително ќе се стесни со влезот во СЕПА.
Банкарство: Рокови имаме и извесно е дека плаќањата преку СЕПА доаѓаат во Македонија. Дали банките ќе имаат задолжителна обврска да ги воведат овие услуги и во електронското/мобилното банкарство или Народната банка ќе дозволи да бидат достапни само на шалтер? Кои стандарди ќе мора да ги исполнат банките и што ќе бара Народната банка од нив?
Емилија Нацевска: Самата идеја за воспоставување на СЕПА во Европа е инспирирана од потребата за олеснување на електронското извршување на прекуграничните плаќања во евра помеѓу земјите од Европската Унија, Европската економска област и уште неколку други земји како што се Обединетото Кралство, Швајцарија, Андора, Ватикан, Монако и Сан Марино, а од неодамна и Албанија, Молдавија, Црна Гора и нашата земја. Оттука, банките ќе ги приспособат своите информациски системи со цел да им овозможат на граѓаните и компаниите олеснето електронско иницирање на прекуграничните плаќања во евра со користење на електронското и мобилното банкарство. Секако, банките ќе ги овозможат овие услуги и на шалтерите за клиентите коишто го претпочитаат овој начин на извршување на плаќањата, иако трендовите се во прилог на сѐ поголемо електронско извршување на плаќањата.
Во однос на стандардите коишто треба да ги исполнат банките, првенствено ќе треба да го применат меѓународниот стандард ИСО 20022 којшто се користи за размена на пораки помеѓу учесниците во платните системи во СЕПА и којшто од ноември 2025 година станува задолжителен стандард којшто ќе го применува и глобалната мрежа за размена на пораки СВИФТ.
Банкарство: Македонија стана дел од СЕПА, но што ни претстои до целосното спроведување? Кои се следните чекори што треба да се преземат за граѓаните и компаниите да можат практично да ги користат придобивките од ова членство?
Емилија Нацевска: Заради навремена подготовка на банките, Народната банка во соработка со Светската банка, организира неколку работилници на кои присуствуваа експертски тимови од Европскиот совет за плаќања, Светската банка, Европската централна банка, како и други релевантни претставници од банкарската индустрија во Европската Унија. На овие работилници беа презентирани и детално објаснети релевантните прашања за практичното приклучување на нашите банки во платните системи во СЕПА. Во моментов, банките водат преговори со деловни банки од Европската Унија коишто веќе се директни учеснички во платните системи во СЕПА, за да ги поддржат процесите на плаќањата од и кон нашата земја. Истовремено, банките засилено работат на приспособување на нивните информациски системи во согласност со техничките барања на платните системи во СЕПА коишто го користат стандардот ИСО 20022 при извршувањето на плаќањата во евра. Банките треба да ја презентираат својата правна, оперативна и техничка подготвеност во барањето за пристап до платните системи во СЕПА, коешто секоја банка треба да го поднесе индивидуално до Европскиот совет за плаќања, најдоцна до 22 август 2025 година. Доколку банката ги исполнува предвидените правни, технички и оперативни услови, по оцена на Европскиот совет за плаќања, ќе ѝ биде овозможено да извршува плаќања во евра во СЕПА почнувајќи од 5 октомври 2025 година, кога Европскиот совет за плаќања, како што и официјално соопшти ќе го отвори прозорецот за приклучување на банките од нашата земја во СЕПА.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Интервјуа
Интервју | ВЛАТКО ПЕТРЕВСКИ: Corvus Pay – Повеќе од 15 години во служба на дигиталните плаќања

Во време кога дигиталната трансформација станува императив за секоја индустрија, Corvus Pay веќе 15 години успешно ја обликува иднината на онлајн плаќањата во регионот. Како еден од пионерите во оваа област, компанијата не само што ги следи светските трендови, туку и активно придонесува за нивното креирање преку развој на иновативни решенија, сигурност на трансакциите и беспрекорно корисничко искуство.
Со сè поголемо присуство и на македонскиот пазар, Corvus Pay има јасна визија – да биде клучен играч во дигитализацијата на локалната економија, поврзувајќи ги трговците и потрошувачите со европските стандарди за брзо, безбедно и едноставно плаќање.
Во интервју за Банкарство.мк, разговараме со Влатко Петревски, Country Manager за Македонија во Corvus Pay, кој споделува детали за развојот на компанијата, клучните иновации и идните планови за локалниот пазар.
Банкарство: Corvus Pay е присутен на пазарот повеќе од петнаесет години. Како се менуваа трендовите во дигиталните плаќања и која беше вашата улога во тие промени?
Влатко Петревски: Во изминатите 15 години, светот на дигиталните плаќања помина низ значителни трансформации – од основни интернет-трансакции, преку мобилни плаќања, до токенизација и дигитални паричници. Corvus Pay е еден од пионерите во регионот во онлајн плаќањата – сите овие години ја унапредуваме нашата услуга и додаваме нови начини на плаќање имајќи ги предвид трендовите, потребите на трговците и купувачите, како и специфичностите на поединечни пазари. Го следиме чекорот со новите регулативи и можностите што тие ги нудат. Некои услуги ги развивавме од нула и буквално ги пробивавме пазарите, креирајќи патишта. Од самиот почеток сме усогласени со строгите барања на картичната индустрија и постојано го поседуваме PCI DSS Level 1 сертификатот кој претставува највисоко ниво на безбедност во нашата дејност. Континуирано ги едуцираме трговците и нивните купувачи, но и ги слушаме и учиме од нив и така доаѓаме до нови идеи. Сето тоа пазарот го препозна и ни даде доверба, и затоа сме денес тука каде што сме.
Банкарство: Кои иновации доаѓаат од Corvus Pay и која би ја издвоиле како најважна технолошка предност за корисниците?
Влатко Петревски: На пазарите на кои што сме присутни, сакаме на трговците да им овозможиме со една интеграција на CorvusPay да понудат различни методи на плаќање на своите купувачи – вклучувајќи ги и оние што ние сме ги развиле, но и методи развиени од други со кои сме интегрирани.
Во рамки на нашиот Internet Payment Gateway, целта ни се едноставни, брзи и сигурни плаќања. Имаме повеќе опции на располагање каде што плаќањето се сведува на еден клик или дури оди и без клик, ако купувачот ја сочува картичката и даде согласност трговецот периодично да го задолжува директно од својот систем – на пример за претплати за ТВ-содржини.
Врз основа на PSD2 регулативата, веднаш по стапување на сила на законот, добивме лиценца за услуга на плаќање директно од сметка на сметка во процесот на наплата, без користење картички, како и услуга за прифаќање плаќања. Лиценцата моментално важи за територијата на Европската унија, но очекуваме да се прошири и на други пазари во регионот.
Меѓу најновите услуги што ги интегриравме се Google Pay и Apple Pay плаќањата. Google и Appleимаат ограничувања во однос на достапноста на услугите по пазари, па на пример во Македонија тие сè уште не се достапни, но очекуваме тоа да се промени, а ние сме подготвени веднаш.
Банкарство: Како вашата платформа овозможува едноставно и безбедно дигитално плаќање за различни типови деловни субјекти и индивидуални корисници?
Влатко Петревски: Нашата платформа е флексибилна и лесно прилагодлива на различни големини на деловни субјекти и на различни бизнис-потреби. Трговците можат да користат и плаќаат само за тоа што им треба – ниту повеќе, ниту помалку. За популарните e-commerce платформи како WordPress, Shopify, Presta или Magento имаме сопствени plugin-и кои значително ја олеснуваат и забрзуваат интеграцијата. Големите трговци се интегрираат со нас преку API, па можат да управуваат со трансакциите директно од сопствениот систем и така целосно да го дигитализираат односно автоматизираат процесот на продажба.
Банкарство: Колку се важни готовите додатоци (plugin-и) за платформи како WooCommerce, Shopify и Magento во контекст на вашиот развој?
Влатко Петревски: Како што веќе спомнав, тие значително ја забрзуваат интеграцијата. Откако трговецот ќе го постави веб-продавницата, благодарение на plugin-от, во рамките на платформата го избира CorvusPay како давател на платни услуги, ги внесува соодветните параметри и многу брзо е подготвен за работа. Секако, административно треба да се договори нашата услуга и услугите со банките (кога тие се поврзани), но технички со plugin-ите тоа оди многу брзо. Plugin-итесамите ги развивме и целосно ги контролираме, така што можеме брзо да ги унапредуваме и прилагодуваме кога има нешто ново – не зависиме од трети страни.
Банкарство: Кои индустрии најчесто ги користат вашите услуги и дали има некоја индустрија што предничи според бројот на трансакции?
Влатко Петревски: Нашиот систем го користат повеќе од 4.000 трговци и мислам дека нема индустрија во која не сме присутни. Најголем број трансакции и промет доаѓаат од продажба на туристички капацитети и услуги, телекомуникации, игри на среќа, патнички превоз, патарини, паркинг, билети за секакви настани, достава и слично.
Банкарство: Што нудите за деловни, а што за приватни корисници? Како вашите услуги го олеснуваат секојдневното работење и плаќање?
Влатко Петревски: На двата типа корисници сакаме да им бидеме партнер кој ги следи нивните потреби и желби. Сакаме да им го поедноставиме работењето и животот така што ќе трошат што помалку време на процесите на наплата и плаќање и да не се грижат за безбедноста. За деловни корисници преку една интеграција нудиме сѐопфатна платформа со различни платни методи прилагодени на пазарот и трговецот, напредни опции за најдобро корисничко искуство при плаќање и алати за следење и анализа на трансакции – сето тоа со максимална безбедност. За приватни корисници овозможуваме брзо, едноставно и сигурно плаќање со што помалку повторувања на внес на податоци, а апликацијата CorvusPay им заштедува време за поважни работи во животот. Како што вели нашето мото – „послободно плаќање, послободен живот“.
Банкарство: Како ја обезбедувате безбедноста на дигиталните трансакции и заштитата на корисничките податоци?
Влатко Петревски: Безбедноста е основата на сѐ што го работиме. Имаме повеќекратни сертификати и лиценци, па така веќе 14 години континуирано поседуваме PCI DSS Level 1сертификат, кој претставува највисоко ниво на безбедност и усогласеност со мандатите на картичните куќи. За тоа секоја година поминуваме строг audit. За услугата иницирање на плаќања и услугата прифаќање, имаме лиценца од Хрватската народна банка која докажува усогласеност со најновите директиви на Европската унија – таа лиценца важи и во целата Европска унија. Обезбедуваме и дополнителни слоеви на заштита усогласени со барањата за силна автентикација на корисници, а развивме и сопствен anti-fraudсистем.
Банкарство: Како ја гледате иднината на дигиталните плаќања во Македонија и регионот? Дали пазарот е подготвен за нови fintech иновации?
Влатко Петревски: Регионот, вклучувајќи ја и Македонија, поминува низ забрзан процес на дигитализација. Сѐ уште заостануваме зад западна и централна Европа, што значи дека има многу простор за раст. Сѐ поголемиот интерес за fintech решенија, поддржан од регулаторите и зголемената финансиска писменост, создава плодна основа за напредни начини на плаќање со складирање картични податоци, мобилни паричници и модели како „купи сега – плати подоцна“.
Банкарство: Кои се најголемите предизвици во дигитализацијата на плаќањата во Македонија и како Corvus Pay може да помогне во нивното надминување?
Влатко Петревски: Главните предизвици се ниско ниво на дигитална писменост, недоверба во онлајн плаќања и потреба од помодерна регулатива. Во соработка со другите учесници во екосистемот на онлајн плаќања, во Corvus Pay се обидуваме да го развиваме пазарот преку едукација, промоција на безбедни дигитални плаќања и иновативни, кориснички едноставни решенија.
Банкарство: CorvusPay веќе е активен на македонскиот пазар – можете ли да ги споделите досегашните искуства и плановите за понатамошен развој?
Влатко Петревски: CorvusPay соработува со повеќе од 25 банки и финансиски институции во регионот, вклучувајќи неколку во Македонија, со што им овозможуваме на корисниците безбедна и брза обработка на трансакции, во и надвор од земјата. Во последниот период ги интензивиравме интеграциите со локални банки и трговци кои покажуваат сѐ поголем интерес за дигитална трансформација. Нашиот план е дополнително проширување на присуството преку нови партнерства и локализирани услуги, вклучувајќи мобилни плаќања и други напредни методи. Нашата стратешка цел е поврзување на македонскиот e-commerce пазар со регионот и Европската унија.
Интервјуа
Интервју | ЕМИЛИЈА КРАЈЧЕВА: Финансиски партнер за секојдневието – 25 години Штедилница Можности

По повод 25-годишниот јубилеј на Штедилница Можности, разговаравме со г-ѓа Крајчева, извршен директор на институцијата, за значењето на овој важен момент, клучните достигнувања и визијата за иднината. Во интервјуто, таа споделува како од скромни почетоци, Штедилница Можности прерасна во стабилен и доверлив финансиски партнер на илјадници граѓани и мали бизниси низ цела Македонија. Фокусот на микрофинансирање, финансиска едукација и дигитална трансформација се само дел од темите на разговорот, кои ја покажуваат нејзината посветеност на социјално одговорно и инклузивно работење.
Банкарство: Г-ѓа Крајчева, најпрво честитки за јубилејот! Како гледате на развојот на Штедилница Можности во изминатите 25 години и нејзината улога во финансискиот сектор во Македонија? Кои се клучните достигнувања што би ги издвоиле како најзначајни во историјата на Штедилница Можности?
Емилија Крајчева: Пред се сакам да се заблагодарам на честитката за јубилејот 25 години Штедилница Можности и благодарност и до Вас како медиум, што активно сте вклучени во објективно и едукативно информирање во делот на финансискиот пазар и трендовите поврзани со него.
25 години или четврт век постоење, претставуваат значаен јубилеј за нас и доказ дека сме изградиле институција која има долгорочна визија, одржлива стратегија и долгорочни релации со клиентите.
Штедилницата изминативе 25 години го следи трендот и развојот на финансискиот пазар, бидејќи тоа е и единствениот предуслов за да се одржите како институција. Станува збор за многу динамичен и конкурентен пазар од една страна, но и значајно регулиран од НБРСМ од друга страна. За да се опстане и развива во ваква динамична средина потребно е многу посветеност, одговорност и истрајна работа. Фокусот на Штедилница Можности е микрофинансирањето, нејзината улога и учество во делот на нано и микро кредитирањето е голема и значајна. Да се делува во тој сегмент е од големо значење особена за една економија како нашата, бидејќи се допира до еден сегмент на кредитирање за кој што е потребна голема посветеност, едукација а истовремено се поддржуваат физички лица и бизниси кои креираат нови работни места и учинок во екомонијата.
Довербата којашто ни е доверена од страна на штедачите сите овие 25 години исто така дава дополнителна вредност и сатисфакција во нашето работење и делување.
Особено сме горди што сме прва финансиска институција која уште пред 20 години ја препозна важноста на поддршка на домаќинствата во делот на инвестирање во енергетска ефикасност за нивните домови поддржувајќи инвестиции во одржливи решенија.
Преку финансиската едукација, вложуваме во знаење и свесност, за граѓаните да носат подобри и поодговорни лични одлуки. Овие вредности се темелот на нашата мисија – поддршка на луѓето и нивни партнер за одржлив и инклузивен развој.
Вредност којашто ја создаваме се задоволни корисници – физички лица штедачи, претприемачи што ги поддржуваме, како и финансиски писмени млади генерации.
Банкарство: Како успеавте да изградите доверба кај клиентите и да се етаблирате како лидер меѓу штедилниците на македонскиот пазар?
Емилија Крајчева: Од скромни почетоци до модерна финансиска институција, штедилницата ги совлада сите предизвици и покажа дека вредностите како одговорност и грижа за заедницата се темелот на долгорочниот успех. Низ овие 25 години посветена работа, не само што ги унапредувавме своите услуги, исто така инвестиравме и во развој на човечкиот капитал, нови технологии и соработки. Особено сме благодарни на нашите вработени и довербата на нашите клиенти.
Довербата не се гради преку ноќ, градењето на истата е долг процес на многу работа и стратешки пристап кој е комбинација од транспарентност, квалитет на услуга, доследност и грижа и достапност за клиентот. Успеавме да останеме доследни на нашата мисија, поддршка на луѓето и нивните идеи. Нашите клиенти не се бројка, тоа се бројни успешни реализирани идеи и приказни кои се преточиле во фамилијарни бизниси, работни места и влијание во заедницата. Секогаш се трудиме да ги разбереме реалните потреби на нашите клиенти и да понудиме решенија што навистина ќе помогнат, а во исто време водејќи грижа да не бидат кредитно презадолжени. Брзата и персонализирана услуга, јасните и прилагодени продукти за секој клиент, сето тоа потврдено со одговорно кредитирање ја дава нашата формула за успех.
Банкарство: Штедилница Можности е препознатлива по поддршката на микро, мали и семејни бизниси. Кои производи и услуги денес ги нудите за да им овозможите полесно и поефикасно менаџирање со нивните финансии?
Емилија Крајчева: Да, штедилницата од своето основање до денес е препознатлива токму по поддршката што ја дава на микро, мали и семејни бизниси, која поддршка не е само финансиски средства, туку и финансиско советување и едукација. Поддршката за овој сегмент значи прилагодување на кредитните продукти согласно нивните потреби, поволни кредити, финансиско советување и флексибилни услуги што им помагаат на овие бизниси, не само да опстанат туку и да растат, да инвестираат и да креираат одржливи работни места. Тоа исто така значи и градење долгорочни партнерства со локалната економија.
Во Штедилница Можности, веруваме во персонализиран пристап кон секој клиент. Нашите производи и услуги се внимателно дизајнирани според потребите, капацитетите и целите на различни групи корисници. Применуваме модел на сегментација кој придонесува за стабилност и квалитет на нашето кредитно портфолио.
Нудиме посебни решенија за микро и мали бизниси, фармери, индивидуални клиенти – вработени, пензионери и студенти. По анализа на профилот и потребите на секој клиент, заедно го избираме најсоодветниот финансиски производ или комбинација од услуги.
Банкарство: Какви се условите и пристапот кон кредитирање за физички лица – вработени, пензионери, студенти? Што ја издвојува Штедилница Можности од останатите финансиски институции во овој сегмент?
Емилија Крајчева: Условите и пристапот кон кредитирање на физички лица, сме фокусирани да ги прилагодиме на нивните финасиски можности со конкуретни ценовни услови, брзина во услуга и едноставна процедура, а при тоа во согласност со законската рамка. Применуваме индивидуален пристап, со брза обработка и поддршка во целиот процес, не само до момент на одобрување на кредитите, туку во целиот животен век на кредитната изложеност на клиентот. Штедилница Можности нуди лично внимание, доверлив однос, професионална комуникација со клиентите и понуда на решенија креирани според специфични потреби и сегмент. Главен фокус ни е доверба, стабилност и долгорочна соработка.
Банкарство: Како ја одржувате брзината, флексибилноста и ефикасноста во процесот на кредитирање и дали новоотворените финансиски друштва се конкуренција за вашиот сегмент на работа?
Емилија Крајчева: Брзината, флексибилноста и ефикасноста ги одржуваме преку добро организирани интерни процедури, кои се флексибилни и ги менуваме согласно потребите на клиентите, стручните тимови и директна комуникација со клиентите. Дел од процесите се децентрализирани на ниво на експозитури, но сето тоа носи во насока на постојано градење и развивање и на системот на контрола со цел одржување на квалитетна ефикасност на ниво на институција. Секако секој нов чинител на финансискиот пазар е потенцијална конкуренција, но ние на конкуренцијата гледаме позитивно, бидејќи нашите конкурентски предности кои ги издвојуваме се довербата која што ја градиме сите овие изминати 25 години, стабилност и деловен однос со клиентите, што тешко се постигнува на краток рок.
Банкарство: Обезбедување депозити е една од клучните и примарни активности на штедилниците. Кои се тековните понуди за штедење што ги нуди Штедилница Можности во своето портфолио и дали каматните стапки се поконкурентни во однос на банките? Дополнително, каква е вашата стратегија за промовирање на навиката за штедење?
Емилија Крајчева: Со гордост можеме да кажеме дека довербата која што ни ја даваат штедачите е од големо значење за нас, како една од примарните и клучни активности на штедилницата во делот на прибирање на денарски депозити од физички лица. Во моментот нашата понуда на штедни продукти се: денарски депозит и отворен денарски депозит со услови конкурентни на пазарот. Штедилницата нуди можност за месечно подигнување на камата или подигање по истекот на рокот на орочување. Сите депозити на Штедлиница Можности се осигурани и во Фондот за осигурување на депозити и примена на законот во тој дел. Стратегијата која што ја негуваме и развиваме сите овие години во делот на зголемување на навиките за штедње, генерално вклучува едноставни и флексибилни штедни продукти, редовна финансиска едукација и персонализирана поддршка, која мотивира одговорно и сигурно штедење кај клиентите за својата иднина. Штедењето го промовираме преку едукативни кампањи кај младата популација со цел кревање на свеста за штедење од рана возраст, индивидуални совети и преку поддршка на проекти за финансиска писменост.
Банкарство: Во 2023 година беше донесен нов закон за платежни услуги и платни системи од Народната банка. Дали се зголемија обврските и одговорностите на штедилниците со новиот закон и како овие промени влијаеа врз вашето работење?
Емилија Крајчева: Со промените кои што се во делот на платежни услуги и платни системи односно новиот Закон за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти од Народна банка, за штедилницата секако се отвараат нови можности на кои што посветено се работи се цел да се искористат истите согласно делувањето на штедилницата.
Банкарство: Новиот Закон за платежни услуги и платни системи им овозможува на штедилниците да нудат платежни услуги. Колку Штедилница Можности е во тренд со дигиталната трансформација и какви новини и дигитални решенија може да очекуваат вашите клиенти во блиска иднина од аспект на нови услуги и производи?
Емилија Крајчева: Дигиталната трансформација не е еднократен процес, и тешко може било кој чинител во било која област да дефинира дека е целосно дигитално трансформиран, бидејќи тоа е тренд кој прогресивно се менува со многу брза динамика. Но, можеме да кажеме дека штедилицата има своја дигитална стратегија, гледаме можности во иднина на дигитализација на одредени услуги, воведување на иновативни финансиски продукти како и проширување на поддршката за нашите клиенти физички лица и за микро и мали бизниси. Тоа еден комплексен процес кој што бара макро пристап и е повеќенасочен процес, која бара дигитални реформи и едукација во пошироки размери. Секако штедилницата и во овој дел посветено работи со цел подобрување на услугите, зголемување на ефикасноста и олеснување на пристапот до финасии за сите постоечки но и потенцијални клиенти.
Банкарство: Штедилница Можности има 11 свои експозитури во 10 различни градови низ државата. Дали постојат планови за проширување на оваа мрежа на експозитури и отворање на нови во градовите во кои се уште не сте присутни?
Емилија Крајчева: Во изминатите години успешно изградивме мрежа која овозможува квалитетна и навремена услуга за нашите клиенти во различни региони низ државата. Континуирано ја следиме динамиката на пазарот и потребите на пазарот, и во таа насока, отворени сме за можности што ќе придонесат за понатамошен развој.
Наш фокус останува на подобрување на пристапноста – како преку физичко присуство, така и преку дигитални канали, со цел да бидеме уште поблиску до клиентите, без разлика каде се наоѓаат.
Штедилницата има експозитури во 10 градови низ државата, но тоа не значи дека градовите кои што немаат експозитури не се достапни за услугите на штедилницата, бидејќи нашите експозитури покриваат поголем регион од само градот во кој што се лоцирани. Секако ние внимателно ги анализираме потребите на пазарот, и доколку постои економска оправданост за истото секогаш постои можност и за одлука за нова експозитура.
Интервјуа
Интервју | ЕЛЕНА ПЕТРОВА: УЈП мора да биде сервис кој граѓаните и фирмите ќе го доживуваат како партнер, а не како товар

Со речиси три децении искуство во системот на УЈП, Елена Петрова го презеде челното место во институцијата во момент кога дигитализацијата и транспарентноста се императив, а довербата на граѓаните во јавните институции – предизвик. Во првото ексклузивно интервју за Банкарство.мк, Петрова зборува за визијата за „нов лик” на УЈП, промените кои ќе следат и нејзиниот пристап во водењето на еден од најкритичните финансиски системи во земјата.
Банкарство: Го презедовте раководењето на УЈП во време на силни очекувања за реформи. Кои се првите чекори што ги преземавте за да го поставите новиот курс на институцијата?
Елена Петрова: Мојот мандат како Директор на Управата за јавни приходи започна пред десет месеци и стопанството и јавноста од самиот почеток очекуваат суштински реформи. Тоа го препознав како обврска и можност да поставиме јасен, долгорочен курс на трансформација во модерна и ефикасна администрација.
Првиот клучен чекор беше формулирање на визијата преку два стратешки документи:
- Стратешкиот план „Напред – во чекор со предизвиците и реалните можности“ и
- Реформската програма „Транзиција во дигиталниот свет“.
Овие документи не се само декларативни насоки, тие содржат структурирани програми и проекти. Клучниот фокус е на дигитализацијата, подобро управување со ризици, унапредување на корисничките услуги и градење доверба.
Но, визијата сама по себе не е доволна без капацитет за нејзина реализација. Затоа воспоставивме нов модел на управување преку функционални управувачки комитети и систематски пристап кон институционалните и даночните ризици. Отворивме комуникација со засегнатите страни за транспарентна промоција, намалување на отпорот и градење поддршка за реформите.
Посветена сум на оваа визија и верувам во водство преку личен пример. Моја задача е да обезбедам предуслови за спроведување на промените со видливи резултати. Нашата крајна цел е да создадеме промени со трајна вредност за даночните обврзници, државниот буџет и поширокото општество.
Банкарство: Најавивте трансформација и создавање „нов лик” на УЈП. Како практично ќе изгледа тоа за граѓаните и бизнисите – што ќе биде поинаку во нивната секојдневна комуникација со УЈП?
Елена Петрова: Точно, најавив создавање модерен лик на УЈП, што значи суштинска промена во пристапот, од администрација која „бара“, кон администрација која „соработува“. Целта е да изградиме правично, транспарентно и кооперативно опкружување кое за даночните обврзници и службениците. Со новиот пристап, очекуваме граѓаните и фирмите навремено и правилно да ги исполнуваат даночните обврски, чувствувајќи дека системот работи за нив и им обезбедува сигурност и поддршка.
Веќе спроведовме неколку суштински чекори:
- Формиравме Совет за даночна усогласеност – прва платформа за институционализиран дијалог меѓу УЈП и бизнис заедницата, форум за отворена дискусија за прашања, толкувања и препораки за подобрување на практиките;
- Воведовме механизам за независна проверка на приговорите по инспекциски контроли, со што обезбедуваме унифицираност, фер и усогласено постапување;
- Во очекување на покрупните дигитални реформи, воведуваме „брзи победи“ преку конкретни подобрувања во корисничките услуги што веднаш носат резултати.
Централна компонента во новиот деловен модел на УЈП е дигиталната трансформација, преку интегриран даночен еко-систем со деловните субјекти, другите државни органи и банките, за автоматизирано прибирање податоци во реално време, директно од изворот. Практично, ова ќе значи:
- Комуникација со даночните обврзници преку повеќе дигитални канали (веб, мобилни апликации, клиентски софтвери, контакт-центри);
- Услуги по стандардот „бесхартиено, бесконтактно и секогаш достапно”;
- Едноставни постапки за поднесување, усогласување и плаќање со помал трошок и помал ризик од грешки.
Конечната цел е модерен систем кој ќе обезбеди предвидливост и доследност, со помал административен товар и отворена комуникација.
Банкарство: Дигитализацијата е еден од столбовите на Вашата стратегија. Може ли да ни откриете какви нови дигитали алатки или услуги се подготвуваат за 2025 година?
Елена Петрова: Една од најновите услуги, достапна од пред три месеци, е „Електронското уверение за состојба на остварен доход“, преку системот е-Даночни услуги. Станува збор за целосно дигитална, автоматизирана и бесконтактна услуга, достапна 24/7, без потреба од физичко присуство. Уверението ги исполнува сите
стандарди за електронски документ и се користи во низа постапки – од аплицирање за стипендии до остварување права од социјална заштита. Во 2025 планираме целосна дигитализација на сите уверенија и потврди што ги издава УЈП.
Клучен проект за 2025 е воведувањето на е-Фактура – централизирана платформа за размена и обработка на електронски фактури. Системот ќе користи дигитални сертификати и ќе поддржува три канали: веб апликација, клиентски софтвер и систем-до-систем интеграција за поголеми субјекти.
Фактурите ќе бидат стандардизирани дигитални документи, со фолио број и QR код и ќе се доставуваат во електронско сандаче на купувачот, со можност за протест пред да станат прифатени. Дополнително, во системот ќе има можност за поднесување поврзани документи (испратници и сл.) што ќе го комплетира електронското досие на трансакцијата.
Придобивките за деловната заедница се повеќекратни: елиминирање на хартиена документација, намален административен товар и трошоци, можност за автоматизирано книжење преку вградените податоци во QR кодот, за автоматско полнење на ДДВ пријави и идно поврзување со банкарски системи за побрзи плаќања.
Проектот е-Фактура поставува темел за нова ера во дигиталната фискализација,
со значителен потенцијал за интеграција со финансискиот и банкарскиот сектор, а
со тоа и за подобрување на ликвидноста, предвидливоста и фискалната
транспарентност во целата економија.
Банкарство: Даночната култура кај нас сеуште се соочува со предизвици. Како планирате да го подобрите доброволното исполнување на обврските и довербата во системот?
Елена Петрова: Подобрувањето на даночната култура и доброволното исполнување на обврските е сложен процес што зависи од повеќе општествени, економски и институционални фактори, од пошироката слика за јавната доверба, перцепцијата за правичност и ефективноста на институциите. Иако УЈП не е единствениот чинител, имаме клучна улога во овој процес.
Во нашата оперативна стратегија, вклучуваме превентивни, меки и репресивни мерки. Главниот фокус е на превенцијата, да им помогнеме на обврзниците точно, навремено и самостојно да ги исполнат своите обврски, наместо ние да интервенираме ретроактивно и ex post преку контроли.
Во таа насока, УЈП обезбедува:
- јасни информации преку е-бази на знаење, брошури, контакт центар, веб и социјални медиуми
- обуки и директна комуникација
- потсетници за рокови и обврски.
Со новиот стратешки план, работиме на унапредување на овие услуги. Во тек е подготовка на спецификација за модерен Help Desk систем, како дел од пошироката дигитална трансформација.
Сепак, даночната евазија е присутна во сите системи и мора да се третира соодветно. Инвестираме во паметно таргетирани контроли, работиме на подобрување на анализата на ризик и вкрстени податоци од повеќе извори. Во стратешките документи е предвидено и централизирано складиште на податоци, напредни аналитички алатки и автоматизирано управување со предмети, што ќе овозможи автоматизирана, поефикасна и побрза реакција.
Најважно, граѓаните мора да видат дека УЈП дејствува објективно, неселективно и праведно, дека секој кој избегнува обврски се соочува со последици, а чесните обврзници се вреднувани и поддржани. Само така ќе изградиме доверба и ќе поттикнеме траен даночен морал.
Банкарство: Со оглед на Вашето искуство со големите даночни обврзници, како гледате на соработката со финансискиот сектор и кои реформи би помогнале за подобра фискална дисциплина?
Елена Петрова: Големите даночни обврзници се клучни за стабилноста на даночните приходи. Тие вообичаено имаат корпоративна стратегија со високи стандарди на општествена одговорност и усогласеност, но поради обемот и комплексноста на нивните трансакции, носат и повисок материјален ризик. Дури и ненамерна неусогласеност може да има значајно влијание врз даночните приходи.
Затоа, како и другите даночни администрации, и УЈП за големите даночни обврзници применува посебен пристап – издвоено администрирање со персонализиран фокус и комуникација. Уште во 2006 година ја основавме Дирекцијата за големи даночни обврзници, со цел унапредување на ефективноста и партнерскиот однос. Имав привилегија да ја водам оваа дирекција од основањето до 2013 година.
Во рамки на тековните реформи, воспоставуваме нов модел на соработка со големите даночни обврзници – „Хоризонтален мониторинг – Ваш даночник“. Овој современ концепт овозможува тековна, транспарентна и доверлива комуникација меѓу УЈП и обврзникот. За секој голем обврзник се назначува индивидуален даночен службеник, кој ќе биде достапен за навремено разјаснување на прашања, со што се создава простор за континуирано усогласување на сложените прашања преку доверлива и транспарентна комуникација и се минимизира можноста за доцно идентификување на евентуални грешки кои за двете страни може да имаат неповолни последици.
Веруваме дека овој пристап носи бројни придобивки: предвидливост, сигурност, фискална транспарентност, намалување на ризиците и унапредена доверба, што е особено важно за стабилен деловен амбиент.
Банкарство: Кои се трите главни пораки кои сакате да ги испратите до граѓаните и деловната заедница како нова директорка на УЈП?
Елена Петрова: Како директорка на УЈП, би сакала да испратам јасни пораки до граѓаните и деловната заедница.
Прво, се залагам за фер, транспарентен и предвидлив систем каде што правилата важат еднакво за сите, без селективност, без притисоци и без толеранција кон евазија. Довербата и дијалогот ни се прв избор.
Второ, дигитализацијата и паметната анализа на податоци се патот кон поголема ефикасност и правичност. Со тоа ќе ја подобриме наплатата, ќе ги детектираме ризиците навремено и ќе осигуриме дека секој плаќа според принципот „точен данок во точно време”.
Трето, довербата е двонасочна. Од УЈП очекувате фер, неселективен и професионален пристап и тоа е обврска што јас лично ја гарантирам. Но системот функционира само ако сите придонесуваат. Плаќањето даноци не е само законска, туку и граѓанска и деловна одговорност, која го одредува квалитетот на јавните услуги и добросостојбата на сите нас.
- Банкипред 4 дена
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Банкипред 2 месеци
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?
- Банкипред 2 месеци
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справува со шоковите и ја води политиката претпазливо и професионално
- Банкипред 2 месеци
Халкбанк АД Скопје со нова експозитура во Diamond Mall – банкарските услуги поблиску до клиентите
- Останатопред 2 месеци
Донација од Стопанска банка за семејствата погодени од пожарот во Кочани
- Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со рекордна дивиденда – ќе подели 65 милиони евра на своите акционери!
- Банкипред 2 месеци
Како да препознаете и спречите phishing измами поврзани со банкарски услуги?