Connect with us
no baners

Банки

„Фич“: Кредибилните и конзистентни макроекономски политики ја одржуваат стабилноста на денарот

Објавено

на

„Кредибилните и конзистентни макроекономски политики се поддршка за стабилноста на девизниот курс на денарот и се фактори за одржување на кредитниот рејтинг на нашата земја“. Ова се посочува во најновиот извештај на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во кој рејтингот на земјава повторно е потврден на нивото „ББ+“.

Во извештајот се посочува дека измените што ги направи Народната банка во декември минатата година, во однос на промената на монетарната рамка, ќе придонесат за поефикасно пренесување на монетарните сигнали.

Во извештајот на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ се наведува дека девизните резерви, во јануари 2026 година, се зголемиле за речиси 14% на месечно ниво и се доволни за да покријат околу 5,1 месец од обврските за плаќања кон странство. „Фич“ оценува дека нивото на девизните резерви е соодветно за одржување на стабилноста на домашната валута.

Агенцијата посочува дека инфлацијата покажа тренд на намалување на почетокот на 2026 година. За наредниот период се очекува дека таа ќе се задржи на умерено ниво, со привремено благо зголемување под влијание на светските фактори, а потоа повторно ќе се стабилизира во 2027 година, како резултат на кредибилните и конзистентни макроекономски политики.

Банки

TTК Банка очекува раст на добивката во 2026 година

Објавено

на

TTK Банка АД очекува да оствари нето-добивка од околу 100 милиони денари (приближно 1,6 милиони евра) во 2026 година, што претставува зголемување во однос на минатата година.

Според најавите, банката во претходната година остварила нето-добивка од 90 милиони денари, што укажува на планиран умерен раст на финансиските резултати во наредниот период.

Проекциите на банката се во насока на стабилно работење и постепено подобрување на профитабилноста, во согласност со очекувањата за движењата во банкарскиот сектор и економијата.

TTK Банка е дел од домашниот банкарски систем и делува во сегментот на финансиски услуги во Северна Македонија.

Извор: Seenews

Продолжи со читање

Банки

Работилница на Народната банка за државата и државните органи: Практични аспекти при вршењето плаќања преку СЕПА

Објавено

на

Народната банка организира работилница за државните институции за практичните аспекти при вршење плаќања во евра во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Целта на работилницата е запознавање на државните институции на кои Народната банка им дава платежни услуги со конкретните придобивки од членството на земјата во СЕПА, како и со новите услови и начинот на извршување на прекуграничните плаќања во евра. Ова е прва ваква работилница наменета за државата и државните органи, на која присуствуваа вработени од околу 60 институции кои се вклучени директно во извршувањето одливни и приливни плаќања со странство.

Работилницата е дел од активностите на Народната банка за појаснување на можностите за подобро искористување на придобивките по оперативното приклучување на Народната банка кон СЕПА, во компаративен контекст со извршувањето на плаќањата преку кореспондентното банкарство. Во текот на дискусијата се истакна дека СЕПА овозможува побрзи, поевтини и потранспарентни плаќања во евра, со предвидливи трошоци и поедноставени процедури. Имено, со плаќањата преку СЕПА, државните институции имаат значително пониски надоместоци за одливните плаќања и намалени надоместоци за приливите во споредба со кореспондентното банкарство. Ова носи значителна заштеда за државните институции коишто редовно вршат плаќање во четириесетте земји од СЕПА, особено кај плаќањата на поголеми износи.

Народната банка и понатаму ќе биде посветена на унапредување на платежните услуги коишто ги дава за државните институции.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка e прогласена за „Најдобра банка во Македонија за 2026“ од магазинот Global Finance по 15-ти јубилеен пат

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје по јубилеен 15-ти пат ја доби престижната награда „Најдобра банка во Македонија за 2026 година“, доделена од меѓународниот финансиски магазин „Global Finance“. Признанието претставува потврда за стабилното работење, континуираниот развој и иновативниот пристап на Банката, како и за нејзиниот значаен придонес кон домашната економија.

Со ова признание, Комерцијална банка уште еднаш се позиционира како институција која успешно одговара на потребите на клиентите и остварува стабилни деловни резултати и во услови на предизвикувачки економски околности.

„Оваа јубилејна награда е големо признание за посветеноста, професионалноста и знаењето на целиот тим на Комерцијална банка. Таа е резултат на нашата јасна стратешка визија и на континуираното инвестирање во иновации, дигитални решенија и квалитет на услугите. Пред сè, ова е награда која ја делиме со нашите клиенти и партнери затоа што нивната доверба е наша силна мотивација“, изјави Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Во рамките на 33-тото издание на годишните награди на Global Finance, признанијата им се доделуваат на најдобрите банки во повеќе од 150 земји во светот. При изборот се земаат предвид квантитативни показатели како растот на активата, профитабилноста и развојот на нови бизниси, но и квалитативни оценки од финансиски аналитичари, банкари и консултанти.

Од Global Finance истакнуваат дека глобалниот банкарски сектор продолжува да покажува издржливост и стабилност и покрај геополитичките предизвици и засилената конкуренција од финтек компаниите, при што наградите им оддаваат признание на институциите кои најуспешно управуваат со своите ресурси и истовремено инвестираат во дигитални иновации.

„Глобалниот банкарски сектор продолжува да покажува издржливост и стабилност и покрај геополитичката нестабилност, регулаторните притисоци и сè поголемата конкуренција од финтек компаниите. Наградите за најдобри банки за 2026 година им оддаваат признание на институциите кои најуспешно управуваат со своите средства и обврски, а истовремено инвестираат во дигитални иновации и вештачка интелигенција за да одговорат на променливите потреби на своите клиенти“, изјави Џозеф Д. Џарапуто, основач и уреднички директор на Global Finance.

Со ова признание, Комерцијална банка АД Скопје ја потврдува својата посветеност кон понатамошен развој на современи и одржливи финансиски решенија и унапредување на дигиталната трансформација, со цел да остане сигурен партнер на граѓаните и бизнисите.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange