Банки
Ангеловска-Бежоска на Конституенцата на ММФ и СБ: Носителите на политиките може да ги ублажат последиците од миграциите
Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот.
„Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход. Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора. На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката на Народната банка, зборуваа и министерот за финансии на Грузија, министерот за финансии на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, додека претседавач беше министерката за финансии на Молдавија. На конституенцата учествува наша делегација, предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во чии рамки е и вицегувернерката Ана Митреска.
Во своето излагање гувернерката посочи на бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од 5% на 2,5%, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа процентот на работноспособното население во регионот во изминатата декада се намали од 70% на 65%, додека очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60%. Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели.
Од аспект на квалитетот на човечкиот капитал, третина од работниците кои се иселуваат се високостручни кадри, што влијае неповолно како на сегашната состојба, така и на идните движења на пазарот на труд и уште повеќе ги нагласува постојните предизвици. Ова го покажува и индексот на човечкиот капитал на Светската банка, според кој и сега има голем јаз помеѓу земјите од регионот и напредните економии во ЕУ во овој домен. Севкупно, емиграцијата го забавува растот и развојот на регионот, за што зборуваат и некои анализи според кои доколку не постоел ефектот од емиграцијата, јазот на потенцијалот за раст во регионот би бил помал за 2 процентни поена во споредба со ЕУ.
За да се намали емиграцијата се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата. Истовремено, треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал којшто го имаме со зголемување на животниот век на населението којшто заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на жените и младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората, може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони.
И покрај главно негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, коишто во регионот изнесуваат 10%, додека кај нас дури 15% од БДП.
Инаку на маргините на состанокот на Конституенцата, нашата делегација оствари билатерални средби со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора, како и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.
Банки
Гувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.
„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.
Воедно, гувернерот посочи дека и покрај позитивните очекувања, ризиците и натаму постојат и во голема мера се поврзани со светските геополитички и економски случувања. Тој нагласи дека неизвесноста околу конфликтот во Украина, санкциите, зголемените воени буџети во европските земји, како и трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и односите меѓу Европа и Кина се факторите што можат да влијаат врз економските текови.
Гувернерот особено ја истакна улогата на Европската Унија како двигател на економскиот раст во земјава, посочувајќи дека економската состојба во земјите членки на ЕУ има значително влијание и врз домашниот раст и врз инфлациските движења. Оттука, како што нагласи, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи меѓународните економски трендови и ќе биде посветена на зачувувањето на макроекономската стабилност.
Банки
НЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
Во пристуство на претставници од менаџментот на НЛБ Банка, вработени, клиенти и партнери, денеска во Ресен, официјално се отвори реновираната експозитура на Банката. Со оваа и неодамна реновираните експозитури во Валандово, Радовиш и Виница, а во текот на 2025 и во Куманово и Прилеп, и населбите Илинден и Ѓорче Петров во Скопје, НЛБ Банка ја заврши годинава со обнова на осум експозитури, како дел од проектот за целосна трансформација на својата деловна мрежа до 2030 година.
Дигитализацијата значително го менува начинот на кој клиентите комуницираат со банките. Клиентите бараат ефикасен и непречен пристап до банкарски услуги, но и поддршка и советување за постигнување на нивните финансиски цели.
Водена токму од променетите очекувања на клиентите и глобалниот тренд на дигитализацијата, НЛБ Банка започна интензивен процес за модернизација на продажната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и продажба на интегрирани финансиски решенија, советување и градење релации со клиентите.
Сите експозитури се со модерен ентериер, најсовремени технолошки решенија и професионален тим подготвен да одговори на сите потреби на клиентите – физички и правни лица, истовремено обезбедувајќи поголема удобност и пријатен амбиент како за клиентите, така и за вработените.
Секоја од експозитурите располага со 24/7 АТМ зона со банкомати со низа функционалности (исплата и уплата на готовина, плаќање на режиски трошоци, кредитни доспевања, дополнување на пре-пејд картичка), а речиси сите и со CDS (Cash Deposit System) – самоуслужни уреди за олеснето депонирање на дневен пазар за правни лица со кои значително се намалуваат готовинските трансакции во експозитурите и чекањето на шалтерите. Оваа година, и имплементацијата на електронските уреди (E-Pads) за потпишување на кредитната документација дополнително го скрати времето на шалтерите и го унапреди клиентското искуство, истовремено намалувајќи ја и употребата на хартија за над 25% и поддржувајќи ги целите за одржливост на Банката.
Обновените експозитури се дизајнирани да бидат инклузивни и достапни за сите, со пристап за лица со физичка попреченост и банкомати со кориснички интерфејс прилагоден за користење за лицата со оштетен вид.
„Секојдневното банкарство сè повеќе се управува преку дигиталните канали, создавајќи можност банкарските службеници во експозитурите да се фокусираат на персонализирана поддршка и стратешки совети. Следејќи ги очекувањата на нашите клиенти за банкарство кое е независно, брзо и безбедно, ја трансформираме нашата продажна мрежа со јасна и амбициозна визија за експозитури на иднината. Преку нашето сеопфатно финансиско портфолио, секоја експозитура се развива во вистински „финансиски супермаркет“ кој нуди интегриран спектар на решенија, обединувајќи банкарски и небанкарски производи на едно место. Уверени сме дека новиот деловен модел на нашата продажна мрежа ќе постави нови стандарди во банкарството и уште повеќе ќе го зајакне нашиот однос со клиентите“, истакнува претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Тони Стојановски.
Модернизацијата на експозитурите е дел од пошироката стратегија „2030“ на НЛБ Групацијата која ја одразува посветеноста кон иновации, дигитализација и одржлив раст, и позиционирање на НЛБ Банка како банка-партнер за сите животни предизвици.
Банки
АЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
АЛТА Банка, во пресрет на новогодишните и Божиќните празници, обезбеди дополнителна погодност за своите клиенти пензионери. Денес, на 30 декември 2025 година, Банката ја реализираше исплатата на пензиите за месец декември, овозможувајќи навремено и непречено располагање со средствата во период кога финансиската сигурност е од особено значење.
Со оваа активност, АЛТА Банка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон континуирано унапредување на квалитетот на услугата, грижата за клиентите и обезбедувањето стабилно, сигурно и навремено банкарско работење. Банката ќе продолжи да ги следи потребите на своите клиенти и да креира решенија кои придонесуваат за нивна поголема финансиска сигурност.
АЛТА Банка им посакува на сите клиенти среќни празници, добро здравје и успешна Нова 2026 година.
-
Осигурувањепред 2 месециОд клик до осигурителна полиса – онлајн без чекање
-
Бизниспред 2 месециКолкава е минималната сума што ќе ја добијат работниците по основ на регрес за годишен одмор попознат како К-15!?
-
Продуктипред 1 месецНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 1 месецПоволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба дазнаете?
-
Продуктипред 1 месецГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Анализипред 2 месециРаст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight Интервју: Зоран Кочоски | Агенција за посредување при вработување во странство | Kouzon



