Connect with us

Анализи

АЕТМ: Раст од 34.3% на вредноста на онлајн трансакциите во првите 6 месеци годинава

Објавено

на

● Во првите шест месеци годинава реализирани за онлајн трансацкии вредни 456.3 милиони евра, раст од 34.3% споредено со минатата година 

● Со македонски картички кон македонски е-трговци се реализирале 231.1 милиони евра, остварен пораст од 19,7%

● Бројот на реализирани трансакции од Македонци кон странски е-трговци се зголемил за 75%, додека вредноста за 55%

● Просечната трансакција на Македонците кон странските е-трговци се намалила за 11.3% 

Вредност на реализирани трансакции

Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија на Народната банка на Република Северна Македонија, согласно кои може да се забележи дека во првата половина од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 28,060.7 милиони денари или 456.3 милиони евра, што преставува пораст од 34.3% во однос на истиот период минатата година.

Кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 255,1 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички, односно остварен е пораст од 21.4%. При тоа од македонски иматели на платежни картичи кон домашните е-трговци направена е вредност од 14,211.1 милиони денари или 231.1 милиони евра, што преставува пораст од 19.7%, додека од странци направена е вредност од 1478.2 милиои денари или 24 милиони евра со пораст од 40.8% во однос на истиот период минатата година. 

Од друга страна, Македонците во странство напавиле онлајн трансакции во вредност од 12,371.4 милиони денари или 201.2 милиони евра односно 55.1% пораст во однос на истиот период минатата година. 

Број на реализирани онлајн трансакции

Вкупната вредност на онлајн трансакции е остварена со направени 13.8 милиони трансакции што преставува пораст од 33.8%. Најголем пораст на бројот на онлајн трансакции има кон странските е-трговци остварени од домашни платежни картички, односно направени се 6.1 милиони трансакции, или за скоро 75% повеќе во однос на минатата година. 

 „Податоците од анализата јасно укажуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува со позитивен тренд, со континуиран раст и на вредноста и на бројот на онлајн трансакциите. Посебно се издвојува значителниот пораст кај трансакциите кон странските е-трговци, каде што бројот расте побрзо од вредноста, што говори за почести нарачки, но со помала вредност. Овој тренд најмногу се поврзува со појавата на Тему, кој за кратко време привлече голем број на купувачи со широка понуда, ниски цени и бесплатна достава дури и за најмали нарачки. Ефектот на Тему кој има илјадници нарачки дневно се отсликува во овие податоци целосно со оглед дека единствениот начин на плаќање кој се нуди на платформата е со платежна картичка. Во исто време, охрабрувачки е што и домашните е-трговци бележат стабилен раст и во број и во вредност на трансакциите, што ја потврдува зголемената доверба на потрошувачите и постепената консолидација на домашниот пазар. Овие резултати се показател дека е-трговијата сè повеќе се развива и добива на значење, отворајќи простор за понатамошен раст и дигитална трансформација на економијата.“ – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Просечна вредност на трансакција

Просечаната трансакција на вкупните онлајн трансакции изнесува 33.2 евра, скоро исто како и минатата година.Поголем раст на бројот на онлајн трансакциите во однос на вредноста на онлајн трансакциите е забележан кај купувањата од домашните иматели на платежни картички кон странски е-трговци, што доведува до пад на просечната трансакција од 11.3 %, со што оваа вредност е дури помала од просечната трансакција на домашните онлајн купувачи кон домашните е-трговци.

Нови отворени е-продавници

Во текот на првите 6 месеци од 2025 година, регистрирани се 120 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот и да започнат со онлајн продажба.

Во рамки на својата мисија за унапредување на е-трговијата, Асоцијацијата за е-трговија не само редовно што ги анализира податоците од Народната банка, туку и континуирано работи на едукација и поддршка на новите и постоечките е-трговци. Токму во таа насока, АЕТМ ја организира Годишната регионална конференција за е-трговија, која оваа година ќе се одржи по осми пат, на 4 ноември во Националната опера и Балет во Скопје. Конференцијата е препознаена како најголем регионален настан од оваа област и претставува уникатна платформа за споделување знаење, запознавање со најновите трендови и можности за вмрежување на компании, институции и професионалци од целиот регион. Повеќе информации за агендата, говорниците и билетите се достапни на официјалната веб-страница: www.ecommerceconference.mk .

Анализи

Златото нагло падна за над 4% под притисок на силниот долар и геополитичките тензии

Објавено

на

Цената на златото забележа остар пад од над 4% за време на европското тргување, повлекувајќи се од двонеделен максимум достигнат претходно во азиската сесија и насочувајќи се кон прва загуба по пет дена раст.

Падот следува по забрзаното прибирање профити од инвеститорите, но и по зајакнувањето на американскиот долар во однос на кошницата светски валути. Индексот на доларот порасна за 0,65%, што дополнително изврши притисок врз цената на благородниот метал.

Цената на златото денеска се намали за 4,3% на 4.554 долари, откако претходно достигна врв од 4.800 долари, највисоко ниво од 19 март.

Пазарите реагираа и на најновите геополитички случувања поврзани со воените активности на САД кон Иран, што ја зголеми неизвесноста кај инвеститорите.

Истовремено, цените на нафтата пораснаа за околу 9%, достигнувајќи највисоки нивоа во последните четири недели, поради стравувањата од нарушување на снабдувањето од регионот на Персискиот Залив, особено поради затворањето на Ормутскиот теснец.

Зголемените цени на нафтата ги засилија очекувањата за можно зголемување на каматните стапки во САД. Според пазарните проценки, веројатноста за зголемување на каматите порасна на 5%, додека шансите тие да останат непроменети се намалија.

Инвеститорите внимателно ги следат и податоците од американскиот пазар на труд, вклучително и неделните барања за надомест за невработеност и извештајот за вработеноста за март.

Аналитичарите оценуваат дека падот на златото доаѓа по неколкудневен раст и дека оптимизмот на пазарите бил претеран, што довело до корекција на цената.

Во меѓувреме, залихите на најголемиот златен ETF фонд, SPDR Gold Trust, се зголемија за 3,72 тони, достигнувајќи вкупно 1.050,99 тони.

Продолжи со читање

Анализи

Трамп пред една година ја преобликува глобалната трговија: Последиците сè уште се чувствуваат

Објавено

на

Една година откако американскиот претседател Доналд Трамп објави „економска независност“ и воведе сеопфатни царини кон речиси сите земји, последиците од оваа одлука сè уште силно се чувствуваат во глобалната трговија.

На 2 април 2025 година, Белата куќа воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, додека за 85 земји кои имаат трговски суфицит со САД беа предвидени и повисоки стапки, до 50 проценти. Овој потег предизвика силни потреси на глобалните пазари, а берзите веднаш забележаа пад.

Иако американскиот Врховен суд подоцна ја оспори законитоста на мерката, администрацијата продолжи со нејзина примена, а по неколку одложувања, дел од царините стапија во сила во август 2025 година.

Во пресрет на новите мерки, американските компании масовно ги зголемија залихите, при што увозот во првите три месеци од 2025 година порасна за околу 20 проценти, односно за дополнителни 184 милијарди долари.

Промените во трговските текови беа значајни. Увозот од Кина најмногу опадна, за 66 милијарди долари, додека компаниите се пренасочија кон земји со пониски царини, како Австралија и дел од Латинска Америка. Истовремено, некои азиски економии како Тајван и Виетнам дури и го зголемија извозот кон САД.

Сепак, анализите покажуваат дека царините не довеле до очекуваното враќање на производството во САД. Напротив, најголемиот товар го сносат американските потрошувачи. Проценките се дека во 2025 година секое домаќинство во САД било дополнително оптоварено со околу 1.000 долари поради повисоките цени.

Од друга страна, приходите од царини значително пораснаа и достигнаа 287 милијарди долари, што е речиси трипати повеќе од претходните години.

Глобалната трговија во меѓувреме стана многу понеизвесна, со чести промени на правилата и нови закани со царини. Владите ширум светот се обидуваат да им помогнат на компаниите да најдат нови пазари и да ги диверзифицираат синџирите на снабдување.

Експертите оценуваат дека токму таа адаптација може да биде единствениот позитивен ефект од оваа криза.

Извор: DW

Продолжи со читање

Анализи

Нафтата во силен подем, среброто прави пауза пред нов раст

Објавено

на

Цените на суровата нафта бележат раст во последното тргување, поттикнати од поддршката на 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), што обезбедува силен позитивен импулс за натамошно зголемување.

Според анализата на Economies.com, краткорочниот тренд останува јасно нагорен, при што цената се движи долж поддржувачка тренд линија, што дополнително ја зацврстува стабилноста на растечкиот тренд.

Дополнително, индикаторите за релативна сила покажуваат позитивни сигнали, особено по формирањето на позитивна дивергенција, што укажува на зајакнување на нагорниот импулс и зголемени шанси за продолжување на растот во блиска иднина.

Во однос на среброто, ситуацијата е малку поинаква. Цената бележи привремен пад во текот на последното тргување, под влијание на негативни сигнали од истите индикатори.

Сепак, ова движење се оценува како корективно, со цел да се создаде нов позитивен импулс кој би овозможил продолжување на растот. И покрај падот, цената на среброто и натаму се движи во рамки на краткорочен нагорен тренд, поддржан од тренд линија која останува стабилна.

Дополнителна поддршка доаѓа и од фактот што цената се задржува над EMA50, што создава силна основа за можен брз опоравок во наредниот период.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange