Connect with us
no baners

Интервјуа

Очекувања 2024 година | МИЛКА ТОДОРОВА, УНИБАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2024 година, се обраќаме до банките во Република Северна Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Милка Тодорова, Претседател на Управниот одбор на УНИБанка АД Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2023 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

Милка Тодорова: Оваа година УНИБанка заокружи 30 години постоење на македонскиот банкарски пазар. Jубилеjната 2023 е уште една многу успешна година – jа завршивме со одлични резултати, наjдобрата година во историjата на банката. Како и во претходните години, бележиме пораст на активата како и на и добивката на Банката, која е исто така на досегашно рекордно ниво. Цената на акциjата на УНИБанка годинава се зголеми за 41%.

Во 2023 година УНИБанка е вклучена во MBI 10 на Македонската берза – една од 10-те компании што го формират индексот на берзата. И оваа година jа продолживме тенденцијата за доделување на дивиденда на акционерите – исплативме дивиденда од 282,97 МКД бруто по акциjа што претставува дивиденден тековен принос од 5,44 %.Издадовме нова, трета по ред, перпетуална обврзница во вкупен износ од 1.350.000 € -дополнителен капитал, наменет за одржување на нашите стратешки цели.

Успешната 2023 година и доброто работење на УНИБанка години наназад, одличниот имиџ и репутација кои ги ужива во јавноста и во деловното опкружување , придонесоа Банката да биде добитник на две значајни признанија од Македонска берза за 2023 година.

Првата награда е во категорија „Акција со најголем промет во 2023 година“, а втората за „Акција со најголем пораст на цената во 2023 година“ и двете во сегментот акционерски друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација.

Во 2023 година продолживме континуирано да ги подобруваме услугите за нашите клиенти и корисничкото искуство:

  • Имаме нова, модерна веб страна, која сите продукти и услуги ќе ги направи уште поблиски и подостапни до потенцијалните клиенти;
  • Годинава целосно се заменети банкоматите на банката со нови, модерни и сите со функцијата chash–in – што овозможува 24/7 внес и изнес на готовина.
  • Воведени се нови функционалности на мобилното банкарство:
  • Моj Буџет, што го олеснува финансиското планирање на граѓаните;
  • Моментални плаќања во реално време со функциjата Плати на приjател;
  • Далечинска идентификација на нови и постоечки клиенти и користење на сите наши продукти и услуги – отворање сметка, кредити, депозити и др., без потреба од посета во експозитура, вклучувајќи и од странство.

Дополнително ја подобривме и ефикасноста на банката со воведување на неколку нови софтвери -за олеснување на комуникациjата со клиентите преку сите продажни канали и систем за оптимизациjа на работата со документи во банката.

Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2024 година во Македонија?

Милка Тодорова: Главните трендови во банкарскиот сектор за 2024 година ќе бидат поддршката и подготовката на економијата и граѓаните за подигитална и позелена иднина.

Дигитализацијата е тренд коj веќе неколку години е се посилно застапен – речиси сите банки овожможуват користење на своите продукти и услуги преку електронските канали 24/7 и овој тренд е веќе стандард во банкарското работење. Очекувам и во 2024 година да продолжат да се зголемуваат можностите за дигитален онбординг на клиенти, електронско аплицирање за кредитни продукти, моментални плаќања /плати на приjател/, депонирање готовина преку банкомат, плаќања со телефон, часовник и сл.

Следењето на принципите на еколошко, социјално и добро корпоративно управување (ESG), бара од банките уште поголем напредок во вклучувањето на климатските,еколошките и социјалните ризици во нашите постоечки стратегии и процеси за управување со ризик. Ние, банките, како и секоја компанија, мораме да се грижиме повеќе за планетата преку контролирање на нашето влијание врз животната средина и намалување на штетните емисии, со цел подобрување на здравјето и безбедноста на нашите клиенти, добавувачи и вработени.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2024 година.

Милка Тодорова: Позитивните сигнали за закрепнување на глобалните економски процеси и најавата за започнување на циклус на намалување на основните референтни каматни стапки на Американскиот Долар и Еврото од страна на Федералните Резерви во САД и ЕЦБ во ЕУ, креираат очекување кај мнозинството на економски аналитичари за почеток на процес на намалување на референтните камати во првата половина на 2024-та година.

Во таа насока на последна аукција за државни записи понудена е намалена каматна стапка кај краткорочните и долгорочните хартии од вредност за 0,15%. Ова исто така е сигнал дека во 2024-та чекориме во многу постабилна макроекономска состојба пред сè како резултат на намалена инфлација и позитивните макроекономски трендови кај девизните резерви и девизниот пазар.

Во моментот можеме да констатираме дека трендот на натамошно зголемување на основните каматни стапки е прекинат и доколку не се појават поголеми ризици, каматните стапки постепено би се намалувале на среден рок не само како резултат на монетарните каматни политики на централните банки,туку и како резултат на конкурецијата помеѓу банките за привлекување на квалитетни клиенти и градење на долгорочно депозитно јадро и квалитетно кредитно портфолио.

Од друга страна, сеуште сме сведоци на глобални воено-политички нестабилности, турбуленции на светските берзи, прекинати дистрибутивни канали за главните енергетски ресурси и храната, кои креираат ризици, што може да доведе до повторен процес на раст на инфлацијата и зголемување на каматните стапки.

Во таа насока, во 2024-та година банките како економски субјекти врз чие работење најмногу влијае каматната политика, можат да планираат благо релаксирање на каматните стапки согласно пазарните информации и континуирано да ги следат економските индикатори, заради потврда на стабилизарачкото движење на клучните економски индикатори, како и следење на можно повторно појавување на евентуалните ризици.

Банкарство: Колку домашните банки се дигитализирани и дали заостануваат во овој процес во однос на банките од Регионот/Европа?

Милка Тодорова: Домашните банки го следат чекорот со банките од регионот во делот на дигитализација, односно на нудење на своите услуги преку дигиталните канали.

Сепак, во споредба со Европа и регионот, домашните банки заостануваат во трендовите во иновациите во платежните услуги, пред сè поради недостаток на сервиси за брзи плаќања помеѓу домашните банки, а и користење на платежниот сервис СЕПА во рамките на Европа, со кој би се овозможила поголема брзина и ефикасност на плаќањата и овозможување на поголема конкуренција и фокус кон иновации.

Дополнителен предизвик на домашните банки е развојот и користењето на вештачка интелегенција (Artificial intelligence), како во делот на креирање на нови поволности за клиентите, така и во делот на унапредување на банкарските процеси. Користењето на вештачка интелегенција во домашните банки е на самиот почеток, но со оглед на стратегиските планови, се очекува застапеноста на истата во следниот период да се приближи до банките во регионот и Европа.

Банкарство: Наведете еден новитет што УНИБанка АД Скопје ќе го имплементира во 2024 година и што очекувате од имплементација на истиот?

Милка Тодорова: Оваа година, УНИ Банка со задоволство објавува успешна имплементација надоградување на мобилната банкарска апликација со алатката “Мој Буџет”.

Станува збор за ново, едноставно и ефикасно банкарско искуство за клиентите, кое има за цел да помогне во креирање на позитивни финансиски навики.

Како одличен финансиски советник “Moj Буџет” комуницира со клиентите преку персонализирани нотификации и совети кои помагаат за подобар увид и контрола на трошењето на личните средства и соодветно остварување на месечна заштеда.

Услугата е намената за секој поединец кој ги препознава бенефитите од новите технологии исака да има контрола врз трошењето, а истовремено да планира распределба и заштеда на личните средства, да има увид во своите навики на трошење и штедење и да ги менува кон подобро.

“Мој Буџет” е веќе достапна за секој корисник на мобилното банкарство на УНИБанка, преку најновата верзија на мобилната апликација.

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Пензиските фондови добиваат три инвестициски стратегии според возраста и ризикот

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за новите законски измени и промените во начинот на инвестирање на средствата во пензиските фондови.

Таа објаснува дека досега сите членови во пензискиот фонд биле опфатени со една заедничка инвестициска стратегија, без разлика на возраста или профилот на ризик.

„Средствата се инвестираа врз основа на единствена инвестициска стратегија која важеше за сите членови, независно од нивната возраст“, вели Станковиќ.

Со новите законски измени, во рамките на истиот пензиски фонд ќе се формираат различни под-фондови, односно портфолија со различен степен на ризик и инвестициски пристап.

„Сега се предвидуваат растечко, балансирано и конзервативно портфолио, чија суштина е различна инвестициска стратегија и различен ризик“, објаснува таа.

Кај растечкото портфолио, фокусот е ставен на долгорочни инвестиции и повисок потенцијал за принос.

„Растечкото портфолио подразбира инвестициска стратегија на долг рок со финансиски инструменти со повисока ризичност, што овозможува и повисоки приноси“, посочува Станковиќ.

Балансираното портфолио, додава таа, е комбинација од умерен ризик и умерен принос.

„Кај балансираното портфолио имаме умерена инвестициска стратегија и умерен ризик“, вели Станковиќ.

Конзервативното портфолио, пак, е наменето за членови кај кои сигурноста има најголемо значење.

„Тука фокусот е на заштита на средствата, особено за пензионерите или лицата пред пензија, кога ликвидноста и сигурноста се најважни“, нагласува таа.

Според Станковиќ, секоја од трите стратегии ќе има различна структура на инвестиции и различни ограничувања за финансиските инструменти во кои ќе може да се вложуваат средствата на членовите.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight со Дарко Дедиќ: Колку е важно животното осигурување за финансиската сигурност?

Објавено

на

Гостин во FinSight е Дарко Дедиќ, со кого разговараме за значењето на животното осигурување, финансиската заштита на семејствата и навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочна сигурност.

Во интервјуто, Дедиќ објаснува што всушност опфаќа животното осигурување, кои се најчестите дилеми што ги имаат граѓаните и колку средства е потребно да се издвојуваат за една полиса. Разговараме и за тоа што се случува доколку осигуреникот во одреден период не може да ја плаќа полисата, дали таа престанува да важи и какви можности постојат за продолжување на осигурувањето.

Посебен акцент е ставен и на прашањето што добива осигуреникот по истекот на полисата, дали животното осигурување опфаќа само заштита на животот или и дополнителни покритија, како и што се случува со кредитните обврски во случај на смрт на осигуреникот.

Во разговорот се отвора и темата за развојот на животното осигурување во Македонија, споредбата со европските пазари и потребата од поголема финансиска едукација и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од оваа форма на финансиска заштита.

Следете го целото интервју со Дарко Дедиќ на YouTube каналот на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ | Дали сме подготвени за новиот пензиски модел?

Објавено

на

Во новото издание на FinSight разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор во Сава пензиско за клучните измени што ќе го обликуваат пензискиот систем во наредниот период.

Пензискиот систем во земјава влегува во нова фаза на трансформација. Со најавените измени во Законот за задолжително пензиско осигурување се воведува нов концепт на управување со пензиските заштеди, кој треба да овозможи поголема флексибилност, но и поголема одговорност за осигурениците.

Во ова интервју, Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско, објаснува што конкретно носат реформите и како тие ќе се применуваат во пракса. Една од клучните новини е воведувањето на три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, што отвора прашања околу тоа кој ќе ја носи одлуката за инвестирање и како ќе се распределуваат средствата во зависност од возраста и ризичниот профил на осигурениците.

Дополнително, се дискутира дали новите правила ќе ги опфатат и постоечките осигуреници, како и кои се потенцијалните предизвици во предложените законски решенија. Во разговорот се осврнуваме и на интересот за доброволниот (трет) пензиски столб, кој сè повеќе добива на значење во контекст на долгорочното финансиско планирање.

Покрај пензиските теми, интервјуто отвора и пошироки прашања за одржливоста на системот, финансиската писменост и навиките на младите генерации кога станува збор за пензиско планирање.

Воедно, како дел од GEA – Алијансата за родова еднаквост на работното место, се разговара и за родовиот јаз во финансискиот сектор, разликите во застапеноста и платите, како и за конкретните активности што треба да придонесат кон поголема еднаквост.

Ова интервју нуди релевантни погледи за сите кои сакаат да разберат како денешните реформи ќе влијаат врз нивната финансиска сигурност во иднина.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange