Connect with us
no baners

Интервјуа

Очекувања 2024 година | Д-Р МАЈА СТЕВКОВА ШТЕРИЕВА, КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2024 година, се обраќаме до банките во Република Северна Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2023 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

д-р Маја Стевкова Штериева: Изминатата 2023 година беше навистина успешна година за Комерцијална банка. Задоволни сме од постигнатото, се гордееме со тоа што го испорачуваме на акционерите и на заедницата, нѐ прави среќни задоволството на вработените. Сето тоа е формулата за нашиот успех. Повторно сме добитници на наградата „Банка на годината за 2023“ од британскиот магазин The Banker и тоа е награда која навистина нѐ прави горди и нѐ мотивира за подобро работење.

Се разбира дека како котирана компанија со обврски за обелоденување на ценовно чувствителни информации нема да дискутираме за финансискиот резултат на банката со крајот на годината, но ако се цени според досега објавените податоци можеме да бидеме задоволни од резултатот. Заклучно со октомври Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 3.047,7 милиони денари, со што е остварен планираниот профит за 2023 година. Соодветно на тоа, логично е да се претпостави дека со крајот на годината ќе има надминување на планските квантификации.

Комерцијална банка е акционерско друштво со над 5.000 акционери, претежно македонски физички и правни лица, и профитот на Банката преку дивидендата ќе се редистрибуира кај македонските граѓани што повторно значи огромен придонес на Банката за целокупната економија.

Резултатите од успешната работа на Банката не се само на задоволство на акционерите и вработените, туку и можност Банката да придонесе за подобро општество за сите граѓани. Само успешна компанија може во континуитет да донира значителни износи на средства за здравствени, социјални и образовни цели. Како општествено одговорна компанија придонесуваме и помагаме за просперитет на целото општество со тоа што одговараме на потребите кои најмногу го засегаат квалитетот на животот, како што се здравјето на граѓаните и образованието на нивните деца. Меѓу бројните проекти, Комерцијална банка ургентно одговори на потребата од финансиска поддршка за реновирање и опремување на Одделот за кардиологија и ревматологија при Универзитетската клиника за детски болести, а донираше и за изградба на нова градинка во општина Кисела Вода. Токму овие денови започна изградбата на детската градинка „Верверичка“ во општина Кисела Вода каде Комерцијална банка учествува со донација од 6 милиони денари.

Банкарство: Кои ќе бидат нови трендови во банкарскиот сектор во 2024 година во Македонија?

д-р Маја Стевкова Штериева: Покрај на финансиските резултати, особено сме горди на сите новитети во областа на дигиталните банкарски производи и услуги што ги понуди Комерцијална банка во 2023 година, кои значат современо банкарство што одговара на потребите на модерното живеење и ги следи светските трендови во технологијата. На корисниците – физички лица им овозможивме креирање електронска идентификација преку OneID, а тоа пак им овозможи на лесен, безбеден и брз пристап од далечина да отворат сметка, да аплицираат за дебитна картичка, да активираат Интернет банка, да ги ажурираат своите податоци. Комерцијална банка е првата банка во земјава која целосно дигитално им ги овозможи овие услуги на клиентите.

Комерцијална банка секако планира проширување на палетата производи и услуги кои ќе бидат достапни преку дигиталното банкарство, пред сѐ, во насока на креирање електронска идентификација на правен субјект преку апликацијата OneID, и со тоа можност за далечинско отворање сметка на правниот субјект, како и подобрување на постојните перформанси на услугите кои Банката ги обезбедува на корисниците преку Интернет банка и мобилните апликации мБанка и мБанкаКо.

Дигиталното банкарство е најефикасниот, најбрзиот, најсигурниот и наједноставниот пристап до банкарските услуги, преку кое клиентите добиваат 24/7 пристап до нивните сметки од кое било место во светот, намалени трошоци за провизии, повеќе време за суштински активности и процеси на деловните субјекти, можност за завршување на банкарските услуги независно од работното време на експозитурите и филијалите на Банката.

Затоа и банките се насочени кон дигитализирање на бројни производи и услуги со цел да им овозможат на клиентите најефикасен и најлесен начин за завршување на своите трансакции и задоволување на своите финансиски потреби.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2024 година.

д-р Маја Стевкова Штериева: Очекувано е во 2024 година да има намалување на каматните стапки, но првите надолни трендови треба да се очекуваат во мај. Европската централна банка најверојатно ќе ја намали референтната каматна стапка за 0,25 процентни поени, што значи дека во декември годинава каматната стапка би изнесувала 3,75%, што сѐ уште е далеку од нивото со кое започна 2023 година. Федералните резерви на САД исто така најавуваат намалување на каматната стапка во мај од 5,5% на 5,25%, а до крајот на годината да се намали до 4,75%.

Нашата Централна банка исто така се очекува годинава да ја намали референтната каматна стапка, но со оглед на неизвесните околности на економски и геополитички план, намалувањето на основната каматна стапка ќе зависи од тоа.

Очекуваме банкарскиот систем и натаму да обезбедува солидна кредитна поддршка, но малку поумерена, во услови на затегнати монетарни услови и макропрудентни мерки. Кредитниот раст во 2024 година би бил 6,4%. Како резултат на зајакнатата доверба и истовремено сѐ поголемите приноси кај штедењето, за што придонесуваат и преземените монетарни мерки, депозитите како најзначаен извор на финансирање се очекува да остварат посилен раст кој во 2024 година би изнесувал околу 7,6%.

Банкарство: Колку домашните банки се дигитализирани и дали заостануваат во овој процес во однос на банките од Регионот/Европа?

д-р Маја Стевкова Штериева: Кога станува збор дигитализацијата во банкарското работење, свесни сме дека тоа е процес кој не застанува. И тука треба да ги имаме предвид и навиките на клиентите во нашата земја, но и рамките кои ги дозволува регулативата, а која исто така е во процес на прилагодување кон дигитализација.

Со сигурност можам да кажам дека голем број клиенти во земјава се веќе целосно дигитално ориентирани и нивните реакции на сите новитети од банките се навистина позитивни. Овие корисници кои се млади, вработени, постојано во движење, во трка со времето – без оглед на тоа дали се работи за лични финансиски потреби или пак за бизнис потреби, на наше големо задоволство се сѐ повеќе насочени кон дигиталните канали и услуги.

Но, банките сѐ уште имаат доста клиенти (особено повозрасната популација, примателите на пензија) кои го избираат шалтерот како канал за вршење банкарски активности. И нивните потреби исто така мора да ги задоволиме на брз и ефикасен начин.

Одговорно може да се каже дека банките во земјава според степенот на дигитализација можат да се споредат со банките во регионот, а во многу сегменти и со банките во Европа. Но проблемот со дигитализацијата започнува во оној момент кога ќе помислите дека тоа се мрежи и податоци и тие треба да бидат интегрирани на секое ниво, вклучително и административните услуги, државните институции и многу други субјекти кои се вклучени во интеракциите меѓу банките и нивните клиенти. Токму поради тоа споредбата не е така едноставна затоа што и структурата и навиките на клиентите не се исти, а не се исти ниту регулативите и останатите инфраструктурни околности.

Банкарство: Наведете еден новитет што Комерцијална банка АД Скопје ќе го имплементира во 2024 година и што очекувате од имплементација на истиот?

д-р Маја Стевкова Штериева: Комерцијална банка како дигитално ориентирана банка со бројни иновативни банкарски технологии ќе продолжи и во иднина да креира современи дигитални решенија кои на корисниците ќе им го направат секојдневното живеење и работење со финансиите поедноставно.

Комерцијална банка во 2024 година на клиентите ќе им понуди целосно редизајнирани Интернет банка, мБанка и мБанкаКо, кои поради бројните функционалности, како увид во сметки, бројни трансакции, можност за аплицирање за кредит или кредитна картичка, ажурирање лични податоци, промени на лимити за картички, брзи плаќања (подели сметка или плати на пријател) преку телефонски број и слично, навистина претставуваат замена на традиционалното банкарство и нудат 24/7 пристап до средствата.

Со цел подобрување на корисничкото искуство и поодговорни лични финансии, Банката веќе работи на нивно унапредување со што ќе им обезбеди на корисниците модерна и ефикасна дигитална алатка која навистина ќе им го олесни секојдневното финансиско работење и ќе им овозможи да уживаат во корисничко искуство соодветно на најмодерните банкарски решенија од овој тип.

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ: Пензиските фондови добиваат три инвестициски стратегии според возраста и ризикот

Објавено

на

Разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, за новите законски измени и промените во начинот на инвестирање на средствата во пензиските фондови.

Таа објаснува дека досега сите членови во пензискиот фонд биле опфатени со една заедничка инвестициска стратегија, без разлика на возраста или профилот на ризик.

„Средствата се инвестираа врз основа на единствена инвестициска стратегија која важеше за сите членови, независно од нивната возраст“, вели Станковиќ.

Со новите законски измени, во рамките на истиот пензиски фонд ќе се формираат различни под-фондови, односно портфолија со различен степен на ризик и инвестициски пристап.

„Сега се предвидуваат растечко, балансирано и конзервативно портфолио, чија суштина е различна инвестициска стратегија и различен ризик“, објаснува таа.

Кај растечкото портфолио, фокусот е ставен на долгорочни инвестиции и повисок потенцијал за принос.

„Растечкото портфолио подразбира инвестициска стратегија на долг рок со финансиски инструменти со повисока ризичност, што овозможува и повисоки приноси“, посочува Станковиќ.

Балансираното портфолио, додава таа, е комбинација од умерен ризик и умерен принос.

„Кај балансираното портфолио имаме умерена инвестициска стратегија и умерен ризик“, вели Станковиќ.

Конзервативното портфолио, пак, е наменето за членови кај кои сигурноста има најголемо значење.

„Тука фокусот е на заштита на средствата, особено за пензионерите или лицата пред пензија, кога ликвидноста и сигурноста се најважни“, нагласува таа.

Според Станковиќ, секоја од трите стратегии ќе има различна структура на инвестиции и различни ограничувања за финансиските инструменти во кои ќе може да се вложуваат средствата на членовите.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight со Дарко Дедиќ: Колку е важно животното осигурување за финансиската сигурност?

Објавено

на

Гостин во FinSight е Дарко Дедиќ, со кого разговараме за значењето на животното осигурување, финансиската заштита на семејствата и навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочна сигурност.

Во интервјуто, Дедиќ објаснува што всушност опфаќа животното осигурување, кои се најчестите дилеми што ги имаат граѓаните и колку средства е потребно да се издвојуваат за една полиса. Разговараме и за тоа што се случува доколку осигуреникот во одреден период не може да ја плаќа полисата, дали таа престанува да важи и какви можности постојат за продолжување на осигурувањето.

Посебен акцент е ставен и на прашањето што добива осигуреникот по истекот на полисата, дали животното осигурување опфаќа само заштита на животот или и дополнителни покритија, како и што се случува со кредитните обврски во случај на смрт на осигуреникот.

Во разговорот се отвора и темата за развојот на животното осигурување во Македонија, споредбата со европските пазари и потребата од поголема финансиска едукација и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од оваа форма на финансиска заштита.

Следете го целото интервју со Дарко Дедиќ на YouTube каналот на FinSight.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Снежана Станковиќ | Дали сме подготвени за новиот пензиски модел?

Објавено

на

Во новото издание на FinSight разговараме со Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор во Сава пензиско за клучните измени што ќе го обликуваат пензискиот систем во наредниот период.

Пензискиот систем во земјава влегува во нова фаза на трансформација. Со најавените измени во Законот за задолжително пензиско осигурување се воведува нов концепт на управување со пензиските заштеди, кој треба да овозможи поголема флексибилност, но и поголема одговорност за осигурениците.

Во ова интервју, Снежана Станковиќ, Претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско, објаснува што конкретно носат реформите и како тие ќе се применуваат во пракса. Една од клучните новини е воведувањето на три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, што отвора прашања околу тоа кој ќе ја носи одлуката за инвестирање и како ќе се распределуваат средствата во зависност од возраста и ризичниот профил на осигурениците.

Дополнително, се дискутира дали новите правила ќе ги опфатат и постоечките осигуреници, како и кои се потенцијалните предизвици во предложените законски решенија. Во разговорот се осврнуваме и на интересот за доброволниот (трет) пензиски столб, кој сè повеќе добива на значење во контекст на долгорочното финансиско планирање.

Покрај пензиските теми, интервјуто отвора и пошироки прашања за одржливоста на системот, финансиската писменост и навиките на младите генерации кога станува збор за пензиско планирање.

Воедно, како дел од GEA – Алијансата за родова еднаквост на работното место, се разговара и за родовиот јаз во финансискиот сектор, разликите во застапеноста и платите, како и за конкретните активности што треба да придонесат кон поголема еднаквост.

Ова интервју нуди релевантни погледи за сите кои сакаат да разберат како денешните реформи ќе влијаат врз нивната финансиска сигурност во иднина.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange