Connect with us

Анализи

Граѓаните се задолжени 163 милиони евра на кредитни картички и трошат се помалку

Објавено

на

Кредитните картички не им се најомилени на граѓаните во земјава и во континуитет се намалува нивниот долг кон банките по овој основ. Овој интересен феномен го покажуваат статистичките податоци на Народната банка и се случува во услови кога кредитните картички се широко распространети и користени на глобално ниво.

Според официјалната статистика на Централната банка, задолженоста на физичките лица во банките по основ на кредитни картички во ноември 2023 година изнесуваше 10.024 милиони денари (163 милиони евра) и во споредба со декември 2009 година, од кога датираат најстарите податоци, е намалена за речиси 3,7 милиони денари, односно за скоро 60 милиони евра. 

Долгот на граѓаните по основ на кредитни картички се намалува во континуитет во изминатите 15 години. До крајот на 2016 година изнесувал над 200 милиони евра, а потоа постојаниот надолен тренд до крајот од минатата година го сведува на рекордно ниско ниво од 163 милиони евра. 

Ако се споредат кредитните картички со дозволениот минус како кредитен производ, излегува дека граѓаните многу повеќе сакаат да ја зголемуваат својата финансиска моќ преку дозволен минус на платежната сметка од една или неколку плати отколку преку дозволениот лимит на кредитните картички. Банкарство веќе анализираше дека вкупниот долг на населението по овој основ изнесува околу 113,2 милиони евра и во последните 15 години е речиси двојно зголемен.

Според последните статистички податоци, на долгот на кредитна картичка во ноември 2023 година корисниците плаќале просечна каматна стапка на ниво на банкарски сектор од 11,21%, додека на искористеното дозволено пречекорување плаќале просечна камата од 11,17%. Од почетокот на годинава овие каматни стапки веќе надминаа 14%, што значи дека нема голема разлика во трошокот, односно во цената на овие два кредитни производи. Но, има разлика ако се земе предвид фактот дека кога користат дозволено пречекорување, задолжувањето на кредитна картичка веќе им претставува дополнителен трошок на граѓаните. Исто така, за кредитна картичка банките наплаќаат и годишна членарина, која се движи над 1.000 денари.

Овој податок не им оди во прилог на банките, кои нудат широка палета на кредитни картички, пред се од програмата на Mastercard и Visa. Исто така, кредитните картички им обезбедуваат на граѓаните и дополнителни привилегии и бонуси, како што се разни попусти, кешбек, учество во наградни игри, користење привилегии при патување со авион и слично. Но, овие привилегии најчесто ги овозможуваат и дебитните картички на Mastercard и Visa, така што веќе им се достапни на граѓаните.

И статистичките податоци покажуваат дека доминацијата ја имаат дебитните картички. Според НБРСМ, во земјава се издадени вкупно 1.944.388 платежни картички заклучно со септември 2023 година, од кои 1.067.724 се Visa, a 828.382 се Mastercard. Со платежна функција се вкупно 1.932.331 картичка, од кои дебитни се 1.605.512, а кредитни само 326.819 картички. 

Во 2016 година, од кога датираат првите податоци, имало 1.851.200 платежни картички во земјава, од кои 1.443.022 биле дебитни, а 375.654 кредитни. За седум години, бројот на дебитните картички е зголемен за над 150.000, а на кредитните е намален за околу 50.000.

Анализи

ЕУ лани издвоила рекордни 130,2 милијарди евра за истражување и развој

Објавено

на

Владите на земјите членки на Европската унија во 2025 година издвоија вкупно 130,2 милијарди евра за истражување и развој, што одговара на 0,69 отсто од бруто домашниот производ на ЕУ, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во споредба со 2024 година, кога за оваа намена биле предвидени 127,14 милијарди евра, издвојувањата се зголемени за 2,4 отсто.

Растот е уште поизразен ако се погледне подолг временски период. Во 2015 година буџетските средства за истражување и развој изнесувале 81,14 милијарди евра, што значи дека за една деценија се зголемени за 60,5 отсто.

На ниво на Европската унија, буџетските издвојувања за истражување и развој во 2025 година изнесувале во просек 288,9 евра по жител. Тоа е за 57,7 отсто повеќе во однос на 2015 година, кога просекот бил 183,2 евра по жител.

Меѓу земјите членки убедливо води Луксембург, каде што од државниот буџет биле издвоени 917,2 евра по жител. Следуваат Данска со 627,1 евро и Германија со 553,5 евра по жител.

На дното на листата е Романија со само 18,8 евра по жител. Ниски издвојувања се регистрирани и во Унгарија, со 57,4 евра, како и на Малта, со 73,7 евра по жител.

Податоците се однесуваат на државните буџетски средства за истражување и развој, познати како GBARD, кои ги опфаќаат средствата што владите ги планираат за финансирање научни истражувања, технолошки развој и иновации.

Во споредба со 2015 година, Романија е единствената членка на ЕУ што забележала пад на буџетските издвојувања за истражување и развој по жител. Средствата се намалиле за 9,6 отсто, од 20,8 на 18,8 евра по жител.

Сите останати земји членки забележале раст, кој се движи од 14,7 отсто во Шведска до дури 495,5 отсто во Бугарија. Таму издвојувањата се зголемиле од 15,5 на 92,3 евра по жител.

Најголемиот дел од европските буџети за истражување и развој, односно 37,3 отсто, бил насочен кон општиот развој на знаењето преку јавните универзитетски фондови. Дополнителни 18,4 отсто биле наменети за развој на знаењето од други извори, 9,5 отсто за индустриско производство и технологија, 6,7 отсто за здравството, а 5,8 отсто за истражување и развој во областа на одбраната.

Продолжи со читање

Анализи

Волстрит паѓа втор ден по ред, азиските берзи во плус

Објавено

на

Берзанските индекси на Волстрит во вторникот паднаа втор ден по ред, додека инвеститорите остануваат претпазливи поради растот на цените на нафтата, неизвесноста околу американско-иранските преговори и состојбата во технолошкиот сектор.

Индексот Dow Jones се намали за 0,34 отсто, на 53.791 поен, S&P 500 загуби 0,32 отсто и се спушти на 7.728 поени, додека Nasdaq падна за 0,60 отсто, на 26.445 поени.

S&P 500 бележи пад втор ден по ред, откако во петокот достигна рекордно ниво. Инвеститорите се повнимателни поради отсуството на напредок во преговорите меѓу САД и Иран, како и поради стравувањата дека поскапувањето на енергенсите би можело дополнително да ги засили инфлациските притисоци.

Под притисок во последните денови е и технолошкиот сектор, по силниот раст на акциите во претходните недели. Во понеделникот позначително поевтинија акциите на неколку производители на чипови, додека во вторникот под продажен притисок се најдоа Amazon и Alphabet.

На азиските берзи во средата се тргуваше претпазливо, но поширокиот MSCI индекс на азиско-пацифичките акции околу седум часот беше во плус од 0,5 отсто.

Акциите во Индија, Австралија и Хонгконг забележаа пад меѓу 0,4 и 1,2 отсто, додека берзите во Шангај, Јапонија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 4,1 отсто.

Пазарите остануваат чувствителни на сигналите за инфлацијата, каматните стапки и движењата во технолошкиот сектор, по периодот на силен раст на дел од најголемите американски компании.

Продолжи со читање

Анализи

Еврото се повлече од двомесечниот максимум пред клучните податоци од САД

Објавено

на

Еврото во средата ослабе во однос на американскиот долар, оддалечувајќи се од највисокото ниво во последните два месеца, додека инвеститорите ги очекуваат клучните податоци за инфлацијата во САД и внимателно ги следат преговорите околу Ормутскиот Теснец.

Во европското тргување еврото се намали за 0,1 отсто, на 1,1533 долари, откако денот го започна на 1,1541 долар. Највисокото дневно ниво изнесуваше 1,1545 долари.

Европската валута во вторникот го заврши тргувањето речиси непроменета, откако во понеделникот загуби 0,25 отсто поради корекција и реализација на добивката од двомесечниот максимум од 1,1581 долар.

Истовремено, индексот на американскиот долар порасна за 0,1 отсто, продолжувајќи ја позитивната серија трет ден по ред. Побарувачката за американската валута е поддржана од неизвесноста околу преговорите меѓу САД и Иран за Ормутскиот Теснец, како и од очекувањата за јулските податоци за инфлацијата во САД.

Инвеститорите очекуваат овие податоци да дадат појасна слика за идните одлуки на Федералните резерви и можноста за зголемување на американските каматни стапки во текот на годината.

Дополнителен притисок врз финансиските пазари создава растот на цените на нафтата. Во средата тие се зголемија за повеќе од еден отсто, трет ден по ред, приближувајќи се до највисоките нивоа во последните две недели поради загриженоста за безбедноста на снабдувањето со енергенси од Блискиот Исток.

Повисоките цени на нафтата повторно ги засилуваат стравувањата од инфлација и во Европа. Како резултат на тоа, очекувањата на пазарите дека Европската централна банка во септември би можела да ја зголеми каматната стапка за 25 базични поени се зголемиле од 35 на 50 отсто.

Инвеститорите во наредниот период ќе ги следат и новите податоци за инфлацијата, невработеноста и платите во еврозоната, кои би можеле дополнително да влијаат врз очекувањата за монетарната политика на ЕЦБ.

Доколку американската инфлација се покаже повисока од очекувањата, тоа би можело дополнително да ги зголеми шансите за заострување на монетарната политика на Федералните резерви и да му даде нова поддршка на доларот во однос на еврото, оценува Economies.com.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange