Connect with us
no baners

Интервјуа

Очекувања 2023 година | СТЕВЧЕ КУЗМАНОВСКИ, ПРОКРЕДИТ БАНКА АД СКОПЈЕ

Објавено

на

На почетокот на тековната 2023 година, се обраќаме до банките во Република С.Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.

Од соговорниците побаравме да направат кратка ретроспектива на изминатата 2022 година, да ги споделат своите очекувања околу новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година, да дадат свој коментар на движењето на каматите на активата и пасивата, да ги истакнат предизвиците со кои ќе се соочи банкарскиот сектор по имплементацијата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и да откријат еден новитет кој банката ќе го воведе во тековната година.

За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Стевче Кузмановски, Член на Управен одбор во ПроКредит Банка.

Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2022 година. Кои настани ја одбележаа годината? Дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?

Стевче Кузмановски: Изминатата година за  Македонија, но и за целиот свет беше година со многу предизвици.  Глобалните случувања, пред сé воениот конфликт помеѓу Русија и Украина,   ги продолжија негативните последици  врз  светската економија која сé уште не беше закрепната од пандемијата со корона вирусот. Она што го забележувавме кај бизнисите беа потешкотии со набавка на стоки и услуги , пролонгирано време на испорака од страна на  добавувачите, скратување на роковите за плаќање,  дури и барања за авансно плаќање, генерално зголемување на цените, поскапување на енергенсите и на електричната енергија итн.  

Настаните во 2022 година резултираа со потребата  сите бизниси  да се реорганизираат со цел да се прилагодат  на новите услови,  за да имаат повеќе ликвидни средства  и да продолжат нормално да функционираат. За физичките лица сите поскапувања значеа намалување на потрошувачката и ориентираност кон штедење и енергетски ефикасни инвестиции.      

Во цела таа ситуација ПроКредит Банка пристапи партнерски. Ги идентификува потребите на клиентите, како на  бизнисите,  така и на физичките лица, и понуди соодветна поддршка.

Во текот на 2022 година беа пласирани над 150 милиони евра за  бизнисите во Македонија и 16 милиони евра за  домаќинствата, со тоа што вкупното кредитно портфолио на банката достигна ниво од 473 милиони евра.

ПроКредит банка организираше преку 10 едукативни работилници каде што повеќе од 300 компании имаа можност да се запознаат со енергетскиот пазар на Македонија, влијанието на трендот на зголемени цени на струјата на конкурентноста на компаниите, и се информираа како да се намалат трошоците за струја преку инвестиции во фотоволтаични централи поставени на кров.

Како резултат на нашата кампања, до сега имаме финансирано преку 120 соларни централи поставени на кров или околу 30 MW во инсталиран капацитет. Кредитното портфолио за зелени кредити достигна учество од 20% во вкупното кредитно портфолио на банката што  претставува јасен сигнал за зелената агенда на банката и посветеноста да се направи сериозен импакт врз  опкружувањето во кое работиме и живееме.  

  Одговорниот пристап на банката во кредитирање на нашите клиенти се потврдува со ниското ниво на нефункционални кредити од 1,78%  што е под просекот на банкарскиот сектор. 

Показател за довербата која што ја имаат клиентите во банката е значителното зголемување на депозитната база. Во текот на 2022 година истата се зголеми за 68 милиони евра или 17% и достигна ниво од 480 милиони евра.     

Да сумирам, 2022 година беше успешна за банката, а за тоа пред сé  сведочат нашите клиенти.  Остануваме подготвени заеднички да се справиме со новите предизвици и во следниот период.  

Банкарство: Кои ќе бидат новите трендови во банкарскиот сектор во 2023 година во Македонија?

Стевче Кузмановски: Во делот на кредитно портфолио очекуваме да продолжи побарувачката за инвестиции во фотоволтаични централи, пред сé за сопствени потреби, со што компаниите би постигнале заштеда на трошоци за електрична енергија. Во отежнати услови за работење, намалена побарувачка, а од друга страна зголемени трошоци на работењето на компаниите, како и зголемување на каматните стапки, сигурно дека ќе се јави потреба за подолги рокови на тековните кредити и обезбедување фиксни каматни стапки. ПроКредит Банка тука е спремна да излезе во пресрет на барањата на клиентите и активно да ги поддржи во нивниот понатамошен развој.  

Во последните месеци забележуваме зголемен интерес и кај физичките лица за инвестиции во енергетски ефикасни проекти, кој во моментов сé уште е на релативно ниско ниво. За таа цел, започнавме циклус на едукативни настани за клиентите, одблиску да се запознаат со процесот, технологијата и предностите од инвестицијата, со надеж дека истото ќе резултира со зголемен интерес за инвестиции во соларната енергија.

Банките се повеќе ќе  работат на принципот на одржливо банкарство и ќе известуваат за своите ЕСГ активности. ПроКредит е импакт ориентирана банка во која применуваме одржлив модел на управување во кој освен економските резултати, посебен фокус е ставен и на нашето влијание кон екологијата и општественото опкружување, како резултат од нашите деловни активности и од портфолиото на финансираните клиенти. Во таа насока, веќе неколку години, поточно од 2017 година објавуваме годишен импакт извештај, кој е нефинансиски тип на извештај според принципите на ЕСГ. Нашите нефинансиски ЕСГ извештаи се предмет на оцена на меѓународни ЕСГ рејтинг агенции, чиј скоринг редовно се објавува на веб страната на ПроКредит групацијата.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењата на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2023 година.

Стевче Кузмановски: Затегнувањето на монетарната политика како одговор на  борбата со инфлација, како во земјава така и во светот, беше очекувано – исто како и растот на рефентните каматни стапки. Секако дека ќе се одрази со промена на каматните стапки кај депозитите и кредитите кај клиентите. 

Благајничките записи во моментов се на ниво на 4,75%, што е за цели 3,5% повисоко од почетокот на годината.  И EURIBOR-от, кој е референтна каматна стапка за исплатените еврови кредити, бележи зголемување за речиси 3.7% од почетокот на 2022 година, каде од негативна вредност, достигна до плус 3%.  Со ова, следствено ќе се зголемат каматните стапки на новоисплатените продукти, но и на кредитите со варијабилна камата, каде клиентите ќе имаат зголемување на месечните ануитети. 

Зголемувањето на каматните стапки на депозитите и кредитите во македонскиот банкарски сектор беше делумно рефлектирано во 2022 година, а поголем скок на каматите ќе има со почетокот на 2023 година.  

Банкарство: Со какви предизвици се соочува банкарскиот сектор со имплементацијата на новиот Закон за платни системи и платежни услуги?

Стевче Кузмановски: Законот за платежни услуги стапи на сила во април минатата година, а неговата примена започнува од почетокот на оваа година. Имплементацијата ќе се одвива сукцесивно, во повеќе фази, во текот на еден подолг временски период. Законот претставува усогласување на македонското законодавство сo европските директиви и носи поголеми предизвици за банките.

Главните измени кои Законот ги носи се поголемата заштита на правата на корисниците на платежните услуги, поголема транспарентност во доменот на платежните услуги кои се нудат , но и зголемување на конкуренцијата преку концептот на “отворено банкарство”.

Законот предвидува обврска за давателите на платежни услуги јасно и навремено да ги предочат трошоците кои корисникот би ги имал при вршење на трансакциите, а воведените Рамковни договори претставуваат една стандардизирана рамка во која се утврдуваат правата и обврските на корисниците на платежни услуги. Законот има и една социјална димензија преку обврската на давателите на платежни услуги за воведување на сметка со основни функции за ранливи групи на граѓани, со што се овозможува нивна полесна инклузија во финансискиот систем.

Сите овие промени предвидуваат големи предизвици за банките кои ќе треба да ги прилагодат системите во еден релативно краток рок, но истовремено сите овие промени носат и големи придобивки за клиентите . 

Банкарство: Наведете еден новитет што ПроКредит Банка АД Скопје ќе го имплементира во 2023 година и што очекувате од имплементација на истиот?

Стевче Кузмановски: ПроКредит Банка важи за прва дигитална банка на пазарот. Нашите клиенти, физички и правни лица, уште од 2017 година работат дигитално со нас, во делот на платен промет и во делот на готовински операции. Ние сме пионери во Македонија во воведување на нови модерни услуги. Имено, први воведовме самоуслужни зони 24/7. Сите трансакции се извршуваат дигитално преку каналите на електронско и мобилно банкарство, додека пак уплата и исплата на готовина се врши преку банкомати и останати специјализирани машини за броење на пари. За разлика од другите банки, ние немаме експозитури каде што висококваликфикувани вработени бројат пари или пак рачно пополнуваат вирмани. За нас вработените се на примарно место и инвестираме значително во нивна обука со цел да можат да понудат квалитетна поддршка на клиентите.  

Новина која сакаме да ја воведеме во 2023 година е можноста за користење на дигитален идентитет за отварање на сметка во банката и потпишување на документи и договори. Со тоа би овозможиле  клиентите да имаат целосно дигиталното искуство  при работењето со банката. Тоа би значело дека клиентот ќе може комплетно  да ги користи сите услуги на банката на брз и ефикасен начин преку дигитални платформи без да има потреба од физичко доаѓање.

Интервјуа

FinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените

Објавено

на

Во услови на засилени глобални притисоци врз цените на енергенсите и растечка неизвесност поради геополитичките случувања, Владата разгледува нов сет на мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилизирање на цените.

Во најновото издание на емисијата „FinSight“, заменик министерот за економија, Марјан Ристески, откри дека намалувањето на акцизата на горивата е една од опциите што сериозно се разгледуваат како следен чекор, доколку ценовните притисоци продолжат.

„Доколку има потреба, ќе интервенираме и во делот на акцизите. Целта е да се амортизира ударот врз граѓаните и компаниите“, истакнува Ристески.

Тој не ја исклучи ниту можноста за повторно воведување на мерки како замрзнување на цени и ограничување на маржи, особено доколку се утврди дека има неоправдан раст на цените од страна на трговците. Во таа насока, надлежните институции веќе вршат засилени контроли на терен.

Говорејќи за актуелната мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, Ристески посочи дека таа има директен ефект врз намалувањето на малопродажните цени, но дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи.

„Светот се соочува со раст на цените на нафтата, а неизвесноста поврзана со случувањата на Блискиот Исток дополнително влијае врз пазарите. Затоа мора да имаме подготвени повеќе сценарија“, додава тој.

Како една од можните дополнителни мерки, се разгледува и намалување на ДДВ на 5%, иако ваквата одлука би имала директни импликации врз буџетските приходи, кои би се намалиле за неколку милиони евра.

Во интервјуто се отвора и прашањето за ризикот од нов инфлаторен бран, особено во пресрет на празниците, кога традиционално расте потрошувачката. Ристески нагласува дека државата има механизми за интервенција, но и дека ќе се засилат санкциите за непочитување на Законот за нефер трговски практики.

Дополнително, тој посочува дека искуствата од претходните кризи помогнале институциите да реагираат побрзо и поефикасно, но предупредува дека глобалните фактори и понатаму ќе имаат силно влијание врз домашната економија.

„Најважно е да се реагира навремено и таргетирано, со мерки што ќе дадат реален ефект врз цените“, заклучува Ристески.

Целосното интервју е достапно на YouTube каналот на „Банкарство“.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

Интервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје

Објавено

на

Секоја нова вест од Блискиот Исток ги поместува глобалните пазари за неколку проценти во еден ден, а инвеститорите се прашуваат како да се зачува вредноста на капиталот и како да се препознае можност таму каде што другите гледаат ризик. Војната во Иран, ценовните шокови кај енергенсите и неочекуваните движења на цените на златото и среброто отвораат многу дилеми.

За овие актуелни прашања побаравме одговор од Гоце Новачевски, Портфолио менаџер во КБ Инвест АД Скопје.

Банкарство: Каде да се инвестира и како да се распределат средствата за да се заштити инвестициското портфолио во период на огромна нестабилност на пазарите предизвикана од војната во Иран и драстичниот раст на цената на нафтата?

Гоце Новачевски: Во процесот на инвестирање, клучен фактор е временскиот хоризонт на инвеститорот, односно периодот во кој средствата можат да останат инвестирани. Доколку станува збор за пократок временски период, и во нормални и во турбулентни пазарни услови, се препорачува вложување во високо ликвидни инструменти, како што се депозити и краткорочни хартии од вредност, кои се најмалку чувствителни на вакви надворешни шокови.

Од друга страна, при подолгорочна алокација на капиталот, дури и во комплексен и динамичен амбиент како сегашниот, сметаме дека е оправдано да се продолжи со инвестирање, и при тоа да ги искористиме пониските пазарни цени. Критериумите за избор на инвестиции се базираат на идентификација на финансиски стабилни и здрави компании кои се вреднувани на ниво што е еднакво или пониско од нивната внатрешна (интринзична) вредност. Дополнително, се земаат предвид компаниите со солидни и одржливи изгледи за раст на профитабилноста, што претставува основа за континуиран раст на дивидендите кои ги исплаќаат. Обидите за темпирање на пазарот носат ризик од пропуштање на периоди на раст и со тоа потенцијален принос.

Банкарство: Зошто паѓаат цените на златото и на среброто?

Гоце Новачевски: Падот на цените на благородните метали, особено на златото и на среброто, се оценува како краткорочен феномен. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите често се насочуваат кон најликвидни средства, пред сè кон готовина и американски долар, што создава притисок врз останатите класи на имот.

Дополнително, потребата за ликвидност ги поттикнува пазарните учесници да ги продаваат позициите со остварени добивки. Со оглед на значителниот раст на благородните метали во изминатиот период, тие често се меѓу првите кои се продаваат. Зајакнувањето на американскиот долар дополнително придонесува за пад на нивните цени.

Како дополнителни фактори се издвојуваат зголемениот ризик од глобално економско забавување и потенцијална рецесија, што би довело до намалена индустриска побарувачка, како и намалената куповна активност од страна на инвеститорите погодени од падот на приходите во енергетскиот сектор.

Сепак, фундаменталните фактори кои го поддржуваат растот на благородните метали, како што се девалвацијата на доларот, презадолженоста на развиените економии, а тука пред се САД, диверзификацијата на девизните резерви од страна на централните банки и зголемената индустриска примена, остануваат релевантни и сугерираат позитивни изгледи на среден рок.

Банкарство: Кои акции би ги избрале за инвестирање?

Гоце Новачевски: Изборот на конкретни инвестиции треба да се прави во поширок пазарен контекст, при што актуелните настани имаат значително влијание. Во услови кога одредени сегменти се оценуваат како преценети и поризични, се препорачува ротација кон подефанзивни и попредвидливи сектори.

Такви сектори се фармацијата, производите за широка потрошувачка и енергетиката, каде побарувачката е релативно стабилна дури и во услови на економска неизвесност, иако потенцијалот за висок раст е ограничен. Дополнително, поради зголемените геополитички тензии и растечките воени буџети, одбранбената индустрија станува сè поатрактивна за инвеститорите.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања за главниот индекс на Македонската берза МБИ10? Од што ќе зависи движењето на МБИ10?

Гоце Новачевски: Движењето на индексот МБИ10 ќе зависи пред сè од времетраењето на геополитичките тензии и нивното влијание врз цените на енергенсите. Во сценарио на брзо смирување на конфликтот и постепена нормализација на пазарите, се очекува ограничено влијание врз македонските компании.

Во спротивно, продолжен период на високи трошоци за енергија ќе изврши притисок врз профитабилноста на компаниите, иако дел од овие трошоци веројатно ќе бидат пренесени на крајните потрошувачи преку повисоки цени.

Банкарство: Дали ни претстои нова економска и финансиска криза и како ќе се однесуваат пазарите на капитал оваа година?

Гоце Новачевски: Настаните се случуваат со голема брзина, а врз пазарите на капитал често влијание имаат и фактори од неекономска природа, што дополнително го отежнува прогнозирањето. Повторно, клучот е во времетраењето на конфликтот и пред се нормализирањето на тековите на нафтата. Иако постојат сигнали за можни дипломатски решенија, ризикот од непредвидени ескалации останува присутен. Историското искуство покажува дека пазарите често реагираат со краткорочни падови на вакви шокови, по што следи закрепнување и раст.

За перспектива, може да се потсетиме на шокот со вонредните царини на претседателот Трамп во Април 2025 година и моменталната распродажба што истите ја предизвикаа, и завршување со раст за Индексот S&P од скоро 18% за целата 2025 година.  
 
 

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Деспотовски: Како анализата на клиентот го одредува изборот на фонд?

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight разговараме со Владимир Деспотовски од ВФП Фондови за тоа како се избира соодветна инвестициска стратегија и кои се клучните фактори при носење на инвестициски одлуки.

Според него, основата на секоја инвестиција е правилната проценка на ризикот што клиентот е подготвен да го прифати.

„Нашите инвестициски агенти токму тоа го анализираат – инвестицискиот профил на клиентот и неговиот капацитет за прифаќање ризик“, вели Деспотовски.

Тој објаснува дека изборот на фонд директно зависи од оваа проценка.

„Доколку ризикот е многу низок, се оди со паричен фонд. Ако е повисок, се избира обврзнички фонд“, посочува тој.

За инвеститорите со поголема толеранција на ризик, стратегијата е поагресивна.

„Кога клиентот има високо ниво на толеранција на ризик – и при раст и при пад на портфолиото – тогаш се инвестира во акциски фондови“, додава Деспотовски.

Според него, правилното усогласување на инвестицискиот профил со соодветен инструмент е клучно за долгорочен успех и стабилност на инвестицијата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange