Uncategorized
FinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
Разговараме со Нина Ангеловска Станков по повод издавањето на нејзината прва книга „Ништо случајно“, во која се навраќа на професионалните и животните лекции што ги стекнала низ годините.
На прашањето дали денес би променила нешто во одлуките што ги носела, Ангеловска вели дека не се кае за ниту еден чекор.
„Од денешен аспект, за ништо не се каам. Секако дека некои работи сум можела да ги направам подобро, бидејќи верувам дека во животот секогаш можеме да направиме нешто подобро“, вели таа.
Според неа, најважно е чувството дека во секој момент го дала својот максимум.
„Главното чувство кое го имав и тогаш, а и сега додека ја пишував книгата, е дека сум го дала мојот апсолутен максимум во секоја дадена околност“, посочува Ангеловска.
Зборувајќи за периодот кога ја извршуваше функцијата министерка, таа признава дека искуството од приватниот сектор не секогаш било лесно применливо во политиката.
„Мислам дека во некои ситуации можев да бидам уште подипломатична на почетокот и потрпелива. Доаѓав од приватен сектор каде што работите се одвиваат многу побрзо и каде што, ако има аргументи, разговорот завршува и започнува реализацијата“, објаснува таа.
Но, политиката функционира по поинакви правила.
„Во политиката аргументот е само почетокот на разговорот“, вели Ангеловска.
Таа открива и една порака што ја добила кога стапила на функцијата министерка, а која останала како една од најважните животни лекции.
„Еден пријател ми напиша: ‘Пливај како делфин во морето на ајкули’. Мислам дека тоа е една од лекциите што ги научив“, заклучува Ангеловска во разговорот за FinSight.
Uncategorized
ЦКБ со умерен раст и зголемена претпазливост оствари добивка од 13,6 милиони денари во 2025 година
Централна кооперативна банка АД Скопје ја заврши 2025 година со добивка од 13,64 милиони денари, остварена во четвртото тримесечје, во услови на сложено макроекономско опкружување, растечка инфлација и зголемени каматни стапки. Банката работеше во средина на стабилен раст на потрошувачката и инфраструктурни инвестиции, но и под влијание на геополитички ризици и рестриктивна монетарна политика.
Силен раст на билансот и солидна кредитна активност
Во текот на 2025 година, вкупната актива и пасива пораснаа за 17%, со што е остварување од 108% од деловниот план. Кредитите и побарувањата од комитенти бележат раст од 5%, при што планот е исполнет со 97%, а најголем дел од растот произлегува од кредитирање на физички лица.
Паричните средства и паричните еквиваленти се зголемени за 17%, додека вложувањата во хартии од вредност бележат значително повисоко ниво и се 46% над планираното, што укажува на повисока ликвидносна заштита и конзервативен пристап во управувањето со средствата.
Раст на депозитите, но и на каматните расходи
Депозитната база на Банката е зголемена за 20% во однос на крајот на 2024 година и за 10% над планот, како резултат на зголемените каматни стапки на депозитите. Овој тренд директно се одрази и врз трошоците, оттука расходите за камати се повисоки за 15% на годишно ниво и за 9% над планираното.
И покрај тоа, Банката оствари раст на вкупните приходи од камати од 9%, а нето-каматниот приход е зголемен за 6%, што укажува на релативно успешно менаџирање на каматниот маргин во услови на силна конкуренција.
Провизии, трошоци и влијание на МСФИ 16
Приходите од провизии бележат годишен раст од 7%, но остануваат 6% под планот, додека нето-приходите од провизии се зголемени симболично за 1%. Трошоците за вработени се повисоки за 12%, во линија со планираното, а останатите оперативни расходи се зголемени за 8%.
Значителен раст е забележан кај расходите за амортизација (+69%), како резултат на примената на МСФИ 16, што влијаеше и врз растот на недвижностите и опремата од 25% на годишно ниво.
Зголемени резервации и судски ефект
Во текот на 2025 година, Банката издвои 10,67 милиони денари нето резервации за кредитен ризик, што претставува зголемување од 5,21 милиони денари во однос на претходната година. Дополнително, еден судски спор имал материјално значајно негативно влијание врз финансискиот резултат.
Без дивиденда и фокус на стабилност
ЦКБ во 2025 година не исплати дивиденда, задржувајќи конзервативна политика на капитал и ликвидност. Во делот на задолжувањата, Банката користела кредитна линија од Развојната банка на СМ во износ од 27,5 милиони денари.
Очекувања: претпазлив оптимизам и фокус на квалитет
За наредниот период, ЦКБ очекува постепена стабилизација на макроекономските услови и внимателно олеснување на монетарната политика. Банката најавува задржување на високата претпазливост при кредитирањето, фокус на квалитетот на портфолиото, модернизација на технолошката платформа и зајакнување на клиентското искуство.
Uncategorized
Стопанска банка овозможи дигитално ажурирање на лични податоци преку OneID
Стопанска банка АД – Скопје им овозможува на своите клиенти кои поседуваат дигитална електронска идентификација OneID да ги ажурираат своите лични податоци во Банката лесно, брзо и безбедно, во секое време и без посета на филијала.
Постапката е едноставна: започнува со посета на веб-страницата https://id.stb.com.mk/ и паралелно користење на мобилната апликација OneID. Со оваа нова дигитална услуга, Банката им овозможува едноставен и удобен начин на клиентите да ја исполнат нивната законска обврска за ажурирање на личните податоци.
„Флексибилноста и зголемената достапност на нашите производи и услуги се императив за новите функционалности кои ги развиваме и планираме за претстојниот период“ – истакнуваат од Стопанска банка АД – Скопје.
Повеќе информации за сервисот можете да најдете на следниот линк. Банката подготви и видео упатство за користење на оваа нова услуга.
Uncategorized
Стабилен банкарски систем и рекордно ниски ризици – Народната банка го усвои извештајот за вториот квартал од 2025
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, го усвои извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.
Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6%, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4%.
Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, којшто на квартална основа изнесува 3,1% и 4,3%, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.
Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентната политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.
Советот на Народната банка ја усвои рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење.
Со нејзиното усвојување, Народната банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното делување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Останатопред 2 месеци
Какво ќе биде работното време за Велигденските празници?
-
Бизниспред 1 месец
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година


