Connect with us

Банки

Усвоен Кварталниот извештај: Макроекономските движења се во согласност со очекувањата на Народната банка

Објавено

на

Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.

Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.

Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.

Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.

На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.

Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.

На седницата, Советот на Народната банка разгледа и повеќе други точки поврзани со тековното работење на Банката.

Банки

ТТК Банка ги исплати паричните права од социјална, детска и цивилна заштита за месец јули

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје ги извести своите клиенти дека исплатата на паричните права од социјална, детска и цивилна заштита за месец јули е извршена денес, 6 август 2026 година.

Корисниците кои располагаат со дебитни картички издадени од ТТК Банка можат веднаш да ги користат средствата преку мрежата на банкомати, како и за безготовински плаќања во трговската мрежа.

За корисниците кои не користат платежни картички, исплатата ќе се врши преку филијалите и експозитурите на ТТК Банка, почнувајќи од денес, согласно редовната процедура.

Од Банката потсетуваат дека средствата им се достапни на сите корисници во согласност со утврдениот распоред за исплата.

Продолжи со читање

Банки

Халк Вело Грин – велосипедска трка што ги поврзува спортот, природата и хуманоста повторно во Маврово

Објавено

на

На 8 септември, прекрасното Маврово повторно ќе стане центар на велосипедизмот и активниот животен стил. Халкбанк по седми пат ја организира хронометарската велосипедска трка Халк Вело Грин, која и оваа година ќе ги обедини рекреативците, професионалните велосипедисти, децата, младите и сите љубители на природата во еден ден исполнет со спорт, дружење и позитивна енергија.

Халк Вело Грин одамна прерасна во повеќе од спортски настан. Таа е дел од платформата ХалкЕко, преку која Халкбанк континуирано ги промовира здравите животни навики, активниот начин на живот и грижата за животната средина, поттикнувајќи што повеќе луѓе да изберат одржливи начини на движење и рекреација.

И оваа година учесниците ќе можат да се натпреваруваат во неколку категории. Категоријата Хоби е наменета за сите рекреативни и професионални велосипедисти, во машка и женска конкуренција, со дополнителни возрасни подкатегории за учесници од 40 до 49 години, од 50 до 59 години и над 60 години.

Посебно внимание повторно е посветено на најмладите. Во категоријата Деца ќе учествуваат велосипедисти родени во 2012 година и помлади, додека во категоријата Млади ќе се натпреваруваат учесници родени во периодот од 2008 до 2011 година.

Покрај индивидуалниот натпреварувачки дух, Халк Вело Грин нуди можност и за тимско рангирање, па компаниите, спортските клубови, здруженијата или групите пријатели можат заедно да ја почувствуваат атмосферата на ова уникатно велосипедско доживување.

Стартот и целта на трката ќе бидат поставени на големиот паркинг пред спортската сала во Маврово. Патеката е долга 22 километри за категориите Хоби и Млади, односно 12 километри за категоријата Деца.

Пријавувањето се одвива преку платформата www.trki.mk и ќе трае до 31 август 2026 година, освен доколку предвидениот број учесници не се пополни порано. Бројот на натпреварувачи е ограничен, а котизацијата за учество изнесува 800 денари.

Во духот на вредностите што ги промовира Халк Вело Грин, сите средства собрани од котизациите ќе бидат наменети за хуманитарна и општествено корисна цел.

Најдобрите натпреварувачи ќе бидат наградени со вредни парични награди. Во категоријата Хоби, победниците во машка и женска конкуренција ќе освојат 15.000 денари за прво место, 10.000 денари за второ и 5.000 денари за трето место. Во категоријата Деца, наградите изнесуваат 8.000 денари за прво, односно 5.000 и 3.000 денари за второ и трето место, додека во категоријата Млади, прво- и второпласираните ќе добијат по 5.000 денари, а третопласираните 3.000 денари. За најуспешните три тима се предвидени дипломи и медали, како признание за тимскиот дух и заедничкиот успех.

Со Халк Вело Грин, Халкбанк уште еднаш испраќа порака дека спортот, здравите навики, грижата за природата и солидарноста можат да се спојат во еден настан што секоја година инспирира сè поголем број учесници.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје информира дека е извршена исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за јули 2026 година.

Корисниците можат да ги подигнат средствата од социјалната и детската заштита на банкоматите на банката во секое време.

Од НЛБ Банка ги потсетуваат клиентите дека средствата можат да ги користат и безготовински, за плаќање во продажната мрежа, како и преку електронското и мобилното банкарство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange