Connect with us
no baners

Анализи

Иран и САД пред договор за Ормутскиот Теснец, клучната рута за светската нафта

Објавено

на

Соединетите Американски Држави покажале подготвеност да се вратат на претходно преземените обврски, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, откако американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше дека е можно постигнување договор.

Гарибабади, сепак, не прецизираше за кои обврски станува збор и нагласи дека во изминатиот период немало директни преговори меѓу Техеран и Вашингтон.

„Патот кон разбирање се одвива меѓу Иран и Оман“, изјави иранскиот дипломат, додавајќи дека од американската страна биле испратени сигнали за враќање кон претходните договори.

Иран и Оман во меѓувреме се приближуваат кон договор за нови правила за движење на комерцијалните бродови низ Ормутскиот Теснец. Двете земји ги усогласуваат координатите на пловните рути и подготвуваат заедничко соопштение.

Техеран бара промена на досегашните поморски рути, оценувајќи дека тие повеќе не одговараат на актуелните безбедносни услови. Според предлогот, влезниот сообраќај би се одвивал поблиску до иранските територијални води, а излезниот преку водите под контрола на Оман.

Иако Трамп тврди дека разговорите за договор се во тек, иранските власти остануваат на ставот дека во моментов не преговараат директно со САД, туку единствено со Оман за привремено решение за пловењето низ стратешки важниот теснец.

Извор: CNBC

Анализи

Азиските технолошки акции паднаа, SK Hynix загуби речиси 10 отсто

Објавено

на

Азиските технолошки акции забележаа силен пад во четвртокот, следејќи го негативното движење на технолошките компании на Волстрит и зголемената нестабилност во секторот.

Во Јапонија, акциите на SoftBank Group паднаа за 4,36 отсто, Tokyo Electron загуби повеќе од 5 отсто, Advantest се намали за 2,14 отсто, додека производителот на мемориски чипови Kioxia падна за 8,84 отсто.

Најголеми загуби беа регистрирани во Јужна Кореја, каде што акциите на SK Hynix се намалија за 9,71 отсто, Samsung Electronics падна за 6,13 отсто, а Seoul Semiconductor за 4,27 отсто.

Тајвански TSMC, најголемиот светски производител на чипови по нарачка, забележа пад од 1,46 отсто.

Технолошките акции во последните трговски сесии се соочуваат со изразени осцилации, особено на јужнокорејскиот пазар, каде што доминираат компаниите од полупроводничкиот сектор.

Сепак, аналитичарите на J.P. Morgan оценуваат дека падот на азиските технолошки акции не го нарушил инвестицискиот циклус поврзан со вештачката интелигенција. Според банката, не постојат фундаментални показатели што би укажале на значително слабеење на секторот во следните шест до 12 месеци.

S&P Global, исто така, оцени дека глобалниот економски раст е поттикнат од инвестициите во вештачка интелигенција и одбраната. Производството на технолошка опрема во јули пораснало со најбрзо темпо од мај 2021 година, додека технолошкиот сектор го забележал најсилниот раст во последните десет месеци.

Извор: CNBC

Продолжи со читање

Анализи

Златото ја достигна цената од 4.300 долари, но се појавуваат знаци на забавување

Објавено

на

Цената на златото го продолжи силниот раст и во текот на последното тргување го достигна нивото на отпор од 4.300 долари, кое беше посочено како цел во претходните пазарни анализи.

Позитивното движење е поддржано од тргувањето над 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, кој и натаму обезбедува динамична поддршка и ја зајакнува стабилноста на краткорочниот корективен нагорен тренд.

Сепак, и покрај продолжената позитивна динамика, индикаторите за релативна сила почнаа да покажуваат надолен пресек. Тоа може да укажува на забавување на куповниот притисок и на поумерен раст на цената во наредниот период.

Способноста на златото да го надмине отпорот од 4.300 долари ќе зависи од повторното зајакнување на нагорниот моментум на пазарот.

Продолжи со читање

Анализи

Приватните пензиски фондови: сигурни чувари или скапо посредување?

Објавено

на

Вториот пензиски столб треба да биде капитално финансиран дел од пензијата, бидејќи дел од придонесите на осигурениците се издвојуваат на лични сметки и со нив управуваат приватни пензиски друштва. Дилемата денес е дали приватните фондови навистина создаваат долгорочна вредност за идните пензионери или системот станал скапо посредување?

Според податоците на МАПАС, седумгодишниот принос на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување за периодот 2019–2025 година, сведен на годишно ниво, изнесувал 5,51% номинално, но само 0,16% реално. Инфлацијата речиси целосно го избришала ефектот од номиналниот принос. Ова значи дека реалната куповна моќ на парите речиси и да не пораснала. Реалниот принос од 0,16% покажува дека по пресметување на растот на трошоците за живот, ефектот за осигурениците е речиси нула. За систем што треба да произведува долгорочна капитализација, ова е неочекуван ефект.

Но, пензиските фондови не се класични инвестициски фондови со висока толеранција на ризик. Тие управуваат со идни пензии, па претпазливоста е оправдана. Но, ако претпазливоста резултира со реален принос близок до нула, неизбежно се поставува прашањето дали осигурениците добиваат доволна компензација за фактот што дел од нивниот придонес не оди во солидарниот систем, туку во капитално финансиран модел.

Овој проблем не може да се сведе само на една година или на еден фонд. На крајот од 2025 година номиналниот принос бил повисок од оној на крајот од 2024 година и имал тенденција да се приближи кон нивото од 2021 година. Но реалниот принос останал на исто ниво како претходната година, што покажува дека инфлацијата и понатаму силно го ограничува вистинскиот ефект за членовите.

Инвестициската структура дополнително ја заострува дилемата. Во 2025 година, 63,74% од средствата на задолжителните пензиски фондови биле вложени во домашни државни обврзници. Тоа значи дека најголемиот дел од капиталот што граѓаните го издвојуваат за својот втор столб се враќа кон државата преку купување државен долг. Овој пристап има логика од аспект на сигурност: државните обврзници се сметаат за понеризични инструменти, а пензиските пари не смеат да бидат изложени на прекумерна пазарна нестабилност.

Во таква поставеност, вториот столб делумно функционира како канал преку кој државата се задолжува кај сопствените граѓани, но преку приватно управување и со дополнителни административни и управувачки трошоци.

Еден од најсериозните проблеми е доцнењето со префрлањето на придонесите од ПИОМ кон приватните фондови. На хартија, ова може да изгледа како административно прашање. Во капитално финансиран систем, сепак, времето е пари. Секој месец во кој средствата не се на личната сметка на осигуреникот е месец во кој тие не се инвестираат и не создаваат принос.

Доцнењето кое законски треба да биде во рамки од пет работни дена во практика достигнувало просечно околу два месеца. Ако придонес од 3.000 денари доцни една година, директниот проблем не е само тој износ, туку и изгубениот принос што тие средства можеле да го создадат во следните 20 или 30 години. Кај капитализираното штедење најголемата вредност се создава преку ефектот на сложената камата. Во секој друг инвестициски контекст, вакво доцнење би се третирало како финансиска штета за инвеститорот.

Колку навистина ќе тежи вториот столб во идната пензија?

За генерацијата која прва влезе во вториот столб во 2005 и 2006 година, прашањето станува практично, а не теоретско. Овие осигуреници постепено се приближуваат до периодот кога ќе се покаже колку навистина вреди капитално финансираниот дел од системот.

Во актуелната поставеност, околу две третини од придонесот за пензиско осигурување останува во првиот столб, а околу една третина се пренасочува во вториот столб. Затоа во најголем број случаи може да се очекува 70–80% од вкупната пензија да доаѓа од ПИОМ, а 20–30% да произлегува од акумулираната заштеда во вториот столб.

Но оваа поделба не е гарантирана. Конечниот удел ќе зависи од висината на платата, редовноста на уплатите, приносите на фондот, евентуалните доцнења при префрлање на придонесите и избраниот начин на исплата. Ако реалните приноси останат ниски, вториот столб може да има помал удел од очекуваниот и покрај речиси две децении издвојување средства.

Во 2025 година, во задолжителните пензиски фондови биле пренесени близу 285 милиони евра, односно 1,67% од македонскиот БДП. Вкупните уплатени придонеси пораснале за 12,95% во однос на 2024 година. Овие бројки покажуваат дека вториот столб веќе е значаен финансиски систем, а не маргинален додаток на ПИОМ.

Сепак, исплатите сè уште се мали. Во 2025 година биле реализирани 534 исплати од задолжителните фондови. Најголем дел, 263 исплати, биле по основ на семејна пензија, додека 126 биле еднократни исплати по основ на наследство. Дополнително, биле евидентирани 91 исплата за инвалидска пензија, 51 исплата за старосна пензија преку програмирани повлекувања, две еднократни исплати на членови и една семејна пензија преку програмирани повлекувања.

Овие податоци укажуваат дека вториот столб сè уште не е влезен во фазата во која масовно исплаќа старосни пензии. До 2030 година, кога поголем дел од членовите ќе почнат да се стекнуваат со право на старосна пензија, системот ќе се соочи со вистинскиот тест: дали акумулираните средства и остварените приноси ќе обезбедат очекуван додаток на пензијата од првиот столб.

Одговорноста е поделена

Проблемите на вториот столб не може да се припишат само на едно раководство, една влада или едно пензиско друштво. Системот функционира речиси две децении и во него одговорност имаат повеќе институции.

ПИОМ има обврска средствата навремено да ги префрла на личните сметки на членовите. МАПАС, како супервизор, треба не само да објавува податоци, туку и навремено да алармира кога доцнењата, приносите, трошоците или инвестициската структура создаваат ризик за членовите. Министерството за финансии и Владата ја носат фискалната одговорност, бидејќи пензискиот систем е директно поврзан со буџетот, јавниот долг и политиките на јавна потрошувачка.

Приватните пензиски друштва, пак, не се одговорни за демографските трендови или за доцнењата во ПИОМ, но мора да покажат дека управувањето со средствата создава реална вредност за осигурениците, а не само стабилен приход од надоместоци. Ако вториот столб сака да ја оправда својата улога, неговата вредност мора да се мери според реалниот ефект врз идните пензии.

Најавената анализа од ММФ и Светска банка за пензискиот систем, вклучително и за првиот и вториот столб, доаѓа во момент кога прашањето веќе не е дали системот има слабости, туку како тие ќе се коригираат. Можно е дебатата да се фокусира на старосната граница, придонесите, начинот на усогласување на пензиите или фискалната одржливост.

Потребна е реформа која ќе одговори на три суштински прашања: дали инвестициската политика носи доволно реален принос, дали доцнењата при префрлање на придонесите создаваат мерлива штета за членовите и дали трошоците на системот се оправдани со користа што ја добиваат идните пензионери?

Автор: Филип Чижбановски

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange