Бизнис
Започна 8мата Конференција за е-трговија: Инспирација, иновации и нетворкинг на едно место
Денес во Националната опера и балет започна осмото издание на Регионалната конференција за е-трговија, најголемиот регионален настан посветен на развојот на е-трговијата. Под слоганот „Fasten the Future“, конференцијата и оваа година ја поставува сцената за иднината на дигиталнaта економија, спојувајќи е-трговија, маркетинг и вештачка интелигенција како двигатели на растот на бизнисите.
Настанот собра над 850 учесници од повеќе од 10 земји, со повеќе од 25 говорници од водечки глобални, регионални и домашни компании. За првпат, конференцијата се одвива паралелно на две сцени, главната сцена со 13 инспиративни обраќања и 1 e-commerce арена, и hands-on сцената со 5 интерактивни практични сесии, нудејќи уникатно искуство што ги спојува инспирацијата и практиката, додека експо-зоната ги претставува најновите решенија од индустријата.
Конференцијата ја отвори д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), која истакна дека регионот конечно тргна со побрз чекор, а сега е време за забрзување кон дигиталната иднина.

„Екосистемот на е-трговија е комплексен, зависи од многу алки и истата придонесува за целокупната дигитална иднина на земјите. Нејзиното забрзување дава основа за подготвеноста да се искористи потенцијалот на дигиталната револуција вклучувајќи ја и вештачката интелигенција. Така ако минатата година го отплеткувавме потенцијалот кога темата на конференцијата гласеше “Unlocking Potential”, оваа година го заврзуваме појасот и се подготвуваме за забрзано патување кон иднината со е-трговија, од таму и темата оваа година “Еcommerce: Fasten the future”, а во фокус на програмата е вештачката интелигенција. Е-трговијата продолжува да расте и тоа во некои сегменти драго ми е што гледаме забрзан раст. Сепак и покрај охрабрувачкот раст Западен Балкан има уште многу работа за да се доближи до развиените европски земји. Конференцијата секоја година на едно место ги собира сите засегнати страни за да дискутираме за случувањата, предизвиците, трендовите и солуциите како да го забрзаме прогресот, а секако нуди и можности за поврзување и остварување нови контакти. Оваа година имаме рекорден број на учесници од целиот регион, чест ни е што сме домаќини на еден ваков значаен настан како за домашната е-трговија така и за регионалната.” – изјави д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија.
Свое воведно обраќање имаше и Министерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, Стефан Андоновски, кој нагласи дека е-трговијата е еден од клучните двигатели на дигиталната економија.

“Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите. E-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот. Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем. Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар. Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна. Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација. Во следниот период, Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.”, рече министерот Андоновски.
Ангеловска на конференцијата ги презентираше клучните сознанија од анализата “Western Balkans Ecommerce Insights, 2025”.
„Традиционално конференцијата ја започнуваме со презентација на клучните сознанија од годишната анализа на е-трговија која по втор пат ја изработуваме за Западен Балкан. Целта е да согледаме што е постигнато, до каде сме стигнале и кои предизвици стојат пред нас за побрз раст, бидејќи растот е евидентен, но сè уште недоволен за да се фати чекор со развиените земји. Имено регионот бележи континуиран раст во бројот на онлајн купувачи и вредноста на е-пазарот. Србија и Македонија се издвојуваат со највисоки стапки на дигитална активност, при што над 60% од интернет корисниците веќе купуваат онлајн. Во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина растот е динамичен, но нивото на користење на онлајн купувањето сè уште останува под 50%. Што се однесува до поврзаноста и користењето на Интернетот може да се каже дека е на задоволително ниво во споредба со развиените земји, но истиот најмногу се користи за телефонирање, комуницирање и социјални медиуми додека кога станува збор за попродуктивни активности како на пр. е-банкарство земјите од Западен Балкан се значајно под европскиот просек. Така во Македонија 40% од интернет корисниците користат е-банкарство додека 72% во ЕУ. Позитивно е што има прогрес и кај доставата, која соласно минатогодишната анализа беше најголем предизвик за е-трговците – Индексот на поштенски развој забележува прогрес во регионот, а Македонија и БиХ имаат особено подобрување во ефикасноста на поштите, иако се се уште далеку од ЕУ земјите. Оваа година за прв пат го анализиравме и Индексот за подготовеност за Вештачка Интелигенција (ВИ), а податоците зборуваат дека регионот не е се уште подготвен да ги искористи придобивките од ВИ како за работа така и за е-трговија. Само 2% од компаниите во Западен Балкан користат AI алатки, а само 1% од македонските. Само 27% од компаниите во Западен Балкан продаваат онлајн, а само 19% од македонските. Дигиталната зрелост на регионот е се уште на ниско ниво и за да фатиме чекор со Европа потребно е забрзано да се движиме. Може да заклучиме потенцијалот за раст е голем. Со целно вложување во дигитална едукација, модернизација на плаќањата, подобрување на логистиката и примена на вештачка интелигенција, земјите од Западен Балкан можат значително да ја забрзаат дигиталната трансформација и да изградат поконкурентен и интегриран регионален пазар на е-трговија до 2030 година.“ – истакна Ангеловска.
Иако напредокот е значаен, предизвиците остануваат бројни: доминацијата на плаќањето при достава, ограничената доверба во дигиталните плаќања, како и недоволната логистичка и дигитална инфраструктура. Дополнително, ниската дигитална писменост и слабата интеграција на јавните и финансиските дигитални услуги го забавуваат целосниот развој на дигиталната економија.
Меѓу говорниците се претставници од глобални брендови како Dolce & Gabbana, TikTok, Booking.com, Wolt, Publicis Groupe, Direct Media, Bigburg, Korpa, Brainster Next и други, кои
споделуваат како иновативноста, креативноста и технологијата заедно ја обликуваат иднината на е-трговијата.
Со континуиран раст и силна поддршка од бизнис заедницата, Регионалната конференција за е-трговија го зацврстува својот статус како централна платформа за инспирација, учење и поврзување во регионот. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го истакнува огромниот интерес за темите поврзани со е-трговија, потврден преку рекордна посетеност и новите партнерства во годинешното издание.
Конференцијата е поддржана од Visa како платинум партнер, Halkbank како стратешки партнер, Korpa како партнер за храна и достава, Brainster како AI партнер, A1 како дигитален партнер, а Ananas и Casys како златни партнери. Сребрени партнери се Комерцијална банка, IUTE, Филип Морис Интернационал, Сава пензиско друштво, Гранд Скопје, Public Cloud Group и Wolt, заедно со повеќе бронзени партнери.
Бизнис
УЈП на терен со засилени контроли за фискализација: Извршени 257 надзори, изречени 139 санкции
Управата за јавни приходи (УЈП) во периодот од 27 март до 26 април 2026 година спровела засилени теренски контроли за фискализација низ целата држава, при што биле извршени вкупно 257 контроли.
Според податоците на Управа за јавни приходи, од контролираните објекти 59 биле трговски, 118 угостителски, 78 услужни, а 2 од дејноста игри на среќа.
Од вкупниот број контроли, кај 118 објекти не биле утврдени неправилности, додека биле изречени 139 санкции. Во пет случаи биле преземени мерки за привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите.
Во текот на акцијата, УЈП евидентирала и 198 пријави од граѓани, од кои 153 биле доставени по електронска пошта, а 45 преку телефонската линија 198.
Најголем број контроли биле спроведени во Скопје – 111, при што биле утврдени 68 неправилности. Следуваат Тетово со 22 контроли и 10 неправилности, Куманово со 17 контроли и исто толку утврдени неправилности, како и Битола со 31 контрола и 13 неправилности.
Контроли биле извршени и во други градови низ државата, меѓу кои Гостивар, Охрид, Кичево, Прилеп, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Кратово, Пробиштип и Свети Николе, со различен број утврдени неправилности.
Бизнис
Македонски Телеком со стабилен раст на почетокот на 2026: Повеќе корисници, повисоки приходи и нови инвестиции
Македонски Телеком го отвори првиот квартал од 2026 година со позитивни трендови во работењето, при што се забележува раст на корисничката база, зголемени вложувања во инфраструктурата и подобрување на финансиските резултати.
Капиталните инвестиции на компанијата достигнале 411 милиони денари, додека оперативната добивка (EBITDA) е повисока за 2,8 проценти во однос на лани. Нето добивката е зголемена за 0,6 проценти, а приходите од продажба бележат раст од 5,8 проценти.
Компанијата повторно ја доби наградата за најдобра мрежа во земјава од Ookla, врз основа на мерењата во втората половина на 2025 година. Според резултатите, мрежата се издвојува по брзината, стабилноста и квалитетот на корисничкото искуство во повеќе категории.
Покриеноста со 5G достигнува 97 проценти од населението, со високи интернет брзини достапни во најголем дел од градовите. Воедно, продолжуваат инвестициите во оптичката мрежа, при што бројот на оптички приклучоци достигнал 377 илјади, што е раст од 7,6 проценти на годишно ниво.
Раст е забележан и кај корисниците. Бројот на претплатници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,5 проценти и изнесува 226,5 илјади, додека вкупниот број интернет пристапи е повисок за 3 проценти. Во мобилниот сегмент, бројот на корисници достигнал 1,284 милиони, што е раст од 1,9 проценти.
Компанијата ја задржува водечката позиција во фиксната телефонија со 239 илјади корисници, како и на ТВ пазарот со удел од 38,4 проценти. Дигиталната платформа MagentaTV продолжува да расте и достигнува 171 илјади корисници, што претставува зголемување од 6,1 проценти.
Во текот на кварталот се воведени нови пакети Magenta 1 Unlimited и Magenta 1 Business Unlimited, како и програмата за лојалност Magenta Moments, која брои 420 илјади корисници. Според TRI*M индексот, компанијата е рангирана како водечки телекомуникациски бренд според задоволството на корисниците.
Дополнително, приходите од системска ИТ интеграција се зголемени за 17,1 проценти.
Покрај деловните резултати, Македонски Телеком продолжува со активности насочени кон општествена одговорност, заштита на животната средина и унапредување на условите за вработените. Во првиот квартал од годината, компанијата ја доби и наградата за најпосакуван работодавач во телекомуникацискиот сектор на национално ниво.
Бизнис
Македонски Телеком во Скопје организираше бизнис конференција за сајбер безбедност: Новиот закон и европските стандарди во фокусот
Во Скопје се одржа бизнис конференција посветена на дигиталната безбедност, која ги собра на едно место претставници од деловниот сектор, институциите и експерти од областа на сајбер заштитата. Настанот, организиран од Македонски Телеком, беше насочен кон актуелните предизвици, новата регулатива и современите решенија за справување со сајбер заканите.
Во центарот на дискусиите беше новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, кој е усогласен со европската NIS2 директива и се смета за значаен чекор кон зајакнување на националната сајбер безбедност.
Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, порача дека сајбер безбедноста повеќе не е избор, туку неопходност, нагласувајќи дека компанијата ќе продолжи да делува како партнер во дигиталната трансформација преку сигурни и напредни решенија.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека новиот закон за првпат воспоставува сеопфатна и усогласена рамка која ќе обезбеди подобра заштита за институциите, бизнисите и граѓаните, како и усогласување со европските стандарди.
На конференцијата беа презентирани и глобалните трендови во сајбер безбедност од страна на експерти од Дојче Телеком, кои споделија практики и решенија за заштита од современите закани. Дополнително, претставници од надлежното министерство говореа за имплементацијата на NIS2 директивата, додека индустриските експерти дадоа осврт на најновите техники на сајбер напади.
Настанот привлече повеќе од 300 посетители, кои имаа можност да разменат искуства и да се информираат за актуелните регулативи и трендови во дигиталната безбедност.
-
Продуктипред 2 месециДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Кариерапред 2 месециНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 1 месецАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 2 месециХалк банка нуди потрошувачки кредит до 2,5 милиони денари
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Интервјуапред 1 месецИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка објави оглас за вработување на банкарски советник




