Connect with us

Интервјуа

Интервју | ДИЈАНА АТОВСКА: Сигурност за иднината – сѐ повеќе луѓе се одлучуваат за животно осигурување 

Објавено

на

Секој од нас понекогаш се прашува: „Што ако?“ Што ако нешто непредвидено го прекине ритамот на секојдневието? Што ако се соочиме со финансиски предизвик, болест или загуба на приход? Во такви моменти, свесноста за потребата од поддршка и сигурност станува поважна од кога било. Токму затоа, животното осигурување сè повеќе излегува од сенката на табу темите и станува важен дел од финансиското и семејното планирање. Не се работи за страв, туку за свесна и одговорна одлука – да ги заштитиме оние што ги сакаме и да си дадеме себеси мир за утре.

Во разговор со Дијана Атовска, Директор на продажба во Триглав Осигурување Живот АД Скопје, навлегуваме подлабоко во причините поради кои сè повеќе граѓани во Македонија избираат да склучат полиса за животно осигурување. Го анализираме развојот на оваа индустрија, пристапот кон клиентите, прилагодливоста на производите и трансформацијата на животното осигурување – од финансиска алатка во вистински животен партнер. Разговараме и за тоа како се менуваат потребите на клиентите, каква е улогата на дигитализацијата и каква поддршка им е потребна на граѓаните за да донесат информирана, но и емотивно осмислена одлука за иднината.

Банкарство: Остварените резултати на Триглав Осигурување Живот АД Скопје говорат за раст на продажбата и доверба кај клиентите – што се крие зад овој успех?

Дијана Атовска: Зад овој успех стои стратешки пристап со градење долгорочни односи со клиентите, при што во центарот на нашето делување секогаш се наоѓаат нивните потреби. Остварените резултати на Триглав Осигурување Живот АД Скопје се резултат на длабока посветеност на клучните вредности кои ја дефинираат нашата работа, а тоа се доверба, транспарентност и грижа за клиентите.

Особено сме горди на растот на пазарниот удел кој го остваруваме изминативе пет години. Во 2020 година пазарен удел околу 3% од вкупната премија за животно осигурување, до фантастични 25,2% пазарно учество на 31.03.2025.

Посветени сме на тоа да ги разбереме животните околности, приоритети и очекувања на секој клиент. Затоа секоја понуда не е само производ, туку решение создадено според потребите на нашите клиенти. Како тим се трудиме клиентитеда се чувствуваат сигурно, разбрано и поддржано. Нашата визија е да бидеме нивен партнер во животот, а нашите производи да бидат поддршка и сигурност во најважните моменти од животот.

Банкарство: Осигурувањето на живот е препознаено како решение за долгорочна сигурност. Како ја градите понудата за да биде прилагодена за различни категории корисници – од млади семејства до лица што размислуваат за пензиска стабилност?

Дијана Атовска: Во време на брзи промени и неизвесности, сѐ повеќе луѓе го препознаваат осигурувањето живот како паметна одлука за обезбедување долгорочна сигурност – не само за себе, туку и за своето семејство. Во Триглав Осигурување Живот АД Скопје имаме мисија да ја направиме таа сигурност достапна и релевантна за секого, без разлика дали се работи за млади семејства или за лица кои посакуваат мирни пензионерски денови.

Затоа нашите производи се дизајнирани модуларно, што значи дека клиентитеможе да изберат решенија според своите приоритети – заштита, штедење или инвестирање.
На пример, младите семејства најчесто се фокусирани на осигурување со заштитна компонента и со можност за едукациска поддршка на своите деца затоа што им е важна стабилната иднина.Животот за оваа категорија граѓани станува многу динамичен, со бројни перспективи што се отвораат за родителите и за нивните деца. А, со полисите за осигурување на живот добиваат силна поддршка за безгрижна иднина.

Од друга страна, клиентите кои се приближуваат до пензионерските години или веќе размислуваат за таа фаза, имаат други приоритети. Затоа за нив имаме понуда која е насочена кон финансиска стабилност и осигурителна сигурност,што им овозможува мир и достоинствена старост.

Ние сме посветени на тоа преку транспарентен дијалог, стручност и искрена грижа да го разбереме клиентот не само како потрошувач, туку како личност со свои цели, стравови и соништа. Нашиот тим ги води клиентите низ целиот процес затоа што осигурувањето на живот е одлука што ја менува иднината. Ние сме тука за да осигураме таа иднина да биде стабилнаи поддржана. На тој начин градиме партнерства што траат со години.

Банкарство: Иако осигурувањето на живот е понов производ на македонскиот финансиски пазар, сепак имате богата понуда на производи. На кој начин му помагате на секој клиент да се препознае во некој од производите и да најде решение по мерка на сопствените потребии желби?

Дијана Атовска: Можам слободно да кажам дека сè повеќе граѓани почнуваат да го препознаваат вистинското значење на осигурувањето живот, а тоа е сигурност и можност за градење стабилна иднина. А, ние сме тука за да им помогнеме да ги пронајдат своите цели во производите на Триглав Осигурување Живот АД Скопје.

Дури и најдобриот производ нема вредност ако не го препознаете како решение за вашиот живот. Токму затоа на прво место го ставаме разбирањето на клиентот, односно што му и како се чувствува сигурно.

Бидејќи секој клиент е различен, нашите осигурителни советници поминуваат низ детални обуки за да можат да ја разберат секоја животна ситуација и да понудат решение што најдобро одговара. Осигурувањето не е „еден производ за сите“, туку индивидуална приказна, која сакаме да ја раскажеме заедно со клиентот. Без притисок, со искрен разговор, анализа и грижа.

Некој можеби штотуку станал родител и сака да создаде сигурна основа за иднината на своето дете. Друг размислува како да осигури мирна пензија или сака неговото вложување денес да биде капитал за утре. Ние нудиме модуларни решенија кои овозможуваат секој да избере она што му е најважно – заштита, штедење, инвестирање – или комбинација од сите три.
Затоа често велиме дека нашата работа не завршува со склучување полиса, туку токму тогаш започнува.

Банкарство: Продуктите што ги нудите се насочени, пред сè кон заштита и безгрижна иднина, но и кон остварување желби и финансиски цели. Што најмногу привлекува интерес кај осигурениците денес и што најчесто ги води при изборот?

Дијана Атовска: Животното осигурување денес не се гледа само како заштита од непредвидени настани, туку како дел од еден поширок, одговорен пристап кон животот, односно како алатка за финансиско планирање, постигнување цели и обезбедување сигурна иднина. Секојдневно гледаме дека нашите клиенти сакаат да планираат мудро, проактивно и долгорочно.

Во последно време, најголем интерес има за комбинираните полиси – осигурување со елемент на штедење и/или инвестирање. Клиентите сакаат флексибилност и вредност, односно да имаат покритие за несакани настани, но истовремено и да создаваат капитал за иднината. Овие полиси им нудат најдобро од двата света – безбедност за семејството денес и можност за финансиска независност утре. Тоа е особено привлечно за млади семејства, претприемачи, лица што размислуваат за пензиска сигурност.

Она што најчесто ги води клиентите при изборот на осигурителен производ е длабокото чувство на одговорност кон семејството, кон сопствената иднина и кон финансиската независност. Сè повеќе луѓе сакаат да имаат контрола над својата иднина, да вложуваат паметно и да знаат дека имаат сигурна потпора ако нешто непредвидено се случи. И тоа не важи само за одредена старосна група – денес осигурувањето станува прашање на лична зрелост, без оглед на возраста.

Дополнително, клиентите сакаат јасни и транспарентни решенија, со можност за прилагодување. Тие не сакаат сложени формули или производи кои не ги разбираат. Затоа ние во Триглав Осигурување Живот АД Скопје ги креираме нашите производи да бидат лесни за разбирање и максимално прилагодени. 

Банкарство: Голем број производи на Триглав Осигурување Живот се присутни и во комбинација со продукти на други финансиски институции, како што се банките и инвестициските фондови. Каква додадена вредност носат овие партнерства за клиентите и како влијаат врз вашата понуда?

Дијана Атовска: Во современиот финансиски свет, клиентите сè повеќе бараат едноставност, интегрирани решенија и услуги што се достапни во секое време и од секое место. Токму затоа партнерствата што ги развиваме со банки, инвестициски фондови и други финансиски институции претставуваат клучен столб во нашата стратегија за создавање реална вредност и комплетна услуга за клиентите.
Партнерствата со финансиски институции овозможуваат полесен пристап до осигурувањето и интегрирано финансиско планирање за клиентите. Така клиентите можат на едно место да се информираат, да се осигураат, да инвестираат и да планираат. Тоа не само што им заштедува време, туку и овозможува нивните финансиски цели да бидат координирани, целосно поддржани и поефикасно остварени.

Преку ваквата поврзаност, клиентите можат да комбинираат животно осигурување со штедни и инвестициски производи. На пример, да изберат полиса која не само што ги штити од ризици, туку и им овозможува раст на капиталот преку вложување во инвестициски фонд. Или, пак, да склучат осигурување заедно со подигање кредит, при што осигурителната заштита станува дел од нивната вкупна финансиска безбедност.

За клиентот, ова значи поголема предвидливост, сигурност и контрола врз неговата финансиска иднина. За нас, тоа значи проширување на досегот и збогатување на понудата со нови форми на достапност.
Овие партнерства исто така ја продлабочуваат и довербата. Кога клиентот гледа дека повеќе реномирани институции стојат зад една заедничка понуда, тоа ја зголемува сигурноста дека станува збор за добро обмислен и одговорен производ.

Банкарство: Се чини дека денес граѓаните се значително посвесни за важноста од осигурување на живот. Како вашата компанија придонесува за ваквата промена во перцепцијата? Како им помагате на клиентите да донесат информирана одлука?

Дијана Атовска: Сведоци сме на позитивна промена во перцепцијата на граѓаните за животното осигурување, кое сè повеќе луѓе го препознаваат како суштински дел од личното и семејното финансиско планирање. Во Триглав Осигурување Живот АД Скопје сме горди што сме активен двигател на оваа трансформација на свеста.

Преку едукативни кампањи, онлајн платформите и директна комуникација со клиентите активно работиме на доближување на осигурувањето до граѓаните. Свесни сме дека добрата одлука започнува со добро разбирање. Затоа, вложуваме во создавање и споделување достапни, разбирливи и релевантни содржини, како што се инфо-средби, блогови и видеа и интерактивни алатки, кои им помагаат на граѓаните да ги истражат своите опции и да донесат рационална и информирана одлука.
Но, ние се стремиме да обезбедиме не само информации, туку и разбирање, односно да одговориме на прашањата кои клиентите можеби не знаат ни дека треба да ги постават.

На пример: „Што ќе се случи со моето семејство ако јас ненадејно го изгубам приходот?“ или „Како можам денес да вложувам во сигурност, а истовремено да градиме капитал за утре?“ Нашиот пристап е човечки и индивидуален – не нудиме генерички решенија, туку градиме однос и доверба.

Перцепцијата за животното осигурување се менува затоа што и ние ја менуваме приказната околу него – од нешто што се купува само за „ако се случи нешто лошо“, во одговорен чекор кон стабилна иднина, исполнети соништа и сигурност за најблиските.

Банкарство: Кога некој би Ве прашал – зошто би склучил животно осигурување, кој би бил Вашиот одговор?

Дијана Атовска: Затоа што животот е убав, но и непредвидлив. А сигурноста не се случува случајно – таа се гради!

Животното осигурување не е трошок, тоа е чин на одговорност кон себе и кон најблиските. Нема поголем доказ за грижа од тоа да обезбедите дека ако се случинешто неочекувано, вашето семејство ќе има финансиска поддршка, вашите деца ќе можат да продолжат со школување, а вие дури и во најтешките моменти ќе имате сигурност на која може да се потпрете.

Животното осигурување не значи дека очекуваме лоши нешта, туку дека сме доволно храбри и мудри да бидеме подготвени. Не постои повредна инвестиција од онаа во сигурноста и добросостојбата на оние што ги сакаме најмногу.

Банкарство: Клиентите денес очекуваат повеќе од производ – тие очекуваат поддршка, разбирање и флексибилност. Како одговарате на овие очекувања и што значи квалитетна услуга во контекст на осигурување на живот?

Дијана Атовска: Денешните клиенти навистина бараат повеќе од само производ. Тие очекуваат искуство. Очекуваат некој да ги разбере, да им даде поддршка, да понуди решение што расте заедно со нивниот живот. И токму тоа е нашиот пристап во Триглав Осигурување Живот.

Квалитетната услуга започнува со склучување на полисата, а продолжува со континуирана грижа, брза и јасна комуникација, транспарентност и лесна достапност. Нашите клиенти знаат дека не се оставени сами затоа што нашата корисничка поддршка е информативна и советодавна.

Она што нè издвојува е и флексибилноста. Нашите решенија можеда се прилагодуваат со текот на времето, кога клиентот ќе формира семејство, ќе смени кариера, ќе има нови приоритети или ќе се приближува кон пензија. Полисата не е документ во фиока, туку жива алатка за лична и семејна безбедност.

Банкарство: Што ново на пазарот може да очекуваме од Триглав Осигурување Живот?

Дијана Атовска: Уште посовремени, пофлексибилни и поприлагодени решенија. Активно работиме на повеќе производи што ќе го збогатат пазарот на животното осигурување во Македонија.

Иновативноста ќе се движи во неколку насоки. Ќе понудиме нови дигитални решенија за полесно и побрзо склучување и управување со осигурувањето. Ќе ги збогатиме постоечките производи со рајдери (дополнителни покритија што клиентите ќе можат да ги изберат според сопствените приоритети: болести, инвалидитет, хируршки интервенции и други ризици). Посебен акцент ставаме и на развојот на рентното осигурување, односно модели кои ќе овозможат исплата на ануитети за пензионери од вториот пензиски столб. Со ова сакаме да понудиме нова димензија на финансиска сигурност во пензионерските години – со редовни месечни примања и чувство на стабилност. Во суштина, нашата заложба е секој клиент, без разлика на возраст, статус или финансиски планови, да може да најде решение во нашето портфолио. 

Остануваме посветени и на едукација и информирање на граѓаните затоа што веруваме дека информиран клиент е силен клиент.

Интервјуа

Интервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје

Објавено

на

Секоја нова вест од Блискиот Исток ги поместува глобалните пазари за неколку проценти во еден ден, а инвеститорите се прашуваат како да се зачува вредноста на капиталот и како да се препознае можност таму каде што другите гледаат ризик. Војната во Иран, ценовните шокови кај енергенсите и неочекуваните движења на цените на златото и среброто отвораат многу дилеми.

За овие актуелни прашања побаравме одговор од Гоце Новачевски, Портфолио менаџер во КБ Инвест АД Скопје.

Банкарство: Каде да се инвестира и како да се распределат средствата за да се заштити инвестициското портфолио во период на огромна нестабилност на пазарите предизвикана од војната во Иран и драстичниот раст на цената на нафтата?

Гоце Новачевски: Во процесот на инвестирање, клучен фактор е временскиот хоризонт на инвеститорот, односно периодот во кој средствата можат да останат инвестирани. Доколку станува збор за пократок временски период, и во нормални и во турбулентни пазарни услови, се препорачува вложување во високо ликвидни инструменти, како што се депозити и краткорочни хартии од вредност, кои се најмалку чувствителни на вакви надворешни шокови.

Од друга страна, при подолгорочна алокација на капиталот, дури и во комплексен и динамичен амбиент како сегашниот, сметаме дека е оправдано да се продолжи со инвестирање, и при тоа да ги искористиме пониските пазарни цени. Критериумите за избор на инвестиции се базираат на идентификација на финансиски стабилни и здрави компании кои се вреднувани на ниво што е еднакво или пониско од нивната внатрешна (интринзична) вредност. Дополнително, се земаат предвид компаниите со солидни и одржливи изгледи за раст на профитабилноста, што претставува основа за континуиран раст на дивидендите кои ги исплаќаат. Обидите за темпирање на пазарот носат ризик од пропуштање на периоди на раст и со тоа потенцијален принос.

Банкарство: Зошто паѓаат цените на златото и на среброто?

Гоце Новачевски: Падот на цените на благородните метали, особено на златото и на среброто, се оценува како краткорочен феномен. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите често се насочуваат кон најликвидни средства, пред сè кон готовина и американски долар, што создава притисок врз останатите класи на имот.

Дополнително, потребата за ликвидност ги поттикнува пазарните учесници да ги продаваат позициите со остварени добивки. Со оглед на значителниот раст на благородните метали во изминатиот период, тие често се меѓу првите кои се продаваат. Зајакнувањето на американскиот долар дополнително придонесува за пад на нивните цени.

Како дополнителни фактори се издвојуваат зголемениот ризик од глобално економско забавување и потенцијална рецесија, што би довело до намалена индустриска побарувачка, како и намалената куповна активност од страна на инвеститорите погодени од падот на приходите во енергетскиот сектор.

Сепак, фундаменталните фактори кои го поддржуваат растот на благородните метали, како што се девалвацијата на доларот, презадолженоста на развиените економии, а тука пред се САД, диверзификацијата на девизните резерви од страна на централните банки и зголемената индустриска примена, остануваат релевантни и сугерираат позитивни изгледи на среден рок.

Банкарство: Кои акции би ги избрале за инвестирање?

Гоце Новачевски: Изборот на конкретни инвестиции треба да се прави во поширок пазарен контекст, при што актуелните настани имаат значително влијание. Во услови кога одредени сегменти се оценуваат како преценети и поризични, се препорачува ротација кон подефанзивни и попредвидливи сектори.

Такви сектори се фармацијата, производите за широка потрошувачка и енергетиката, каде побарувачката е релативно стабилна дури и во услови на економска неизвесност, иако потенцијалот за висок раст е ограничен. Дополнително, поради зголемените геополитички тензии и растечките воени буџети, одбранбената индустрија станува сè поатрактивна за инвеститорите.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања за главниот индекс на Македонската берза МБИ10? Од што ќе зависи движењето на МБИ10?

Гоце Новачевски: Движењето на индексот МБИ10 ќе зависи пред сè од времетраењето на геополитичките тензии и нивното влијание врз цените на енергенсите. Во сценарио на брзо смирување на конфликтот и постепена нормализација на пазарите, се очекува ограничено влијание врз македонските компании.

Во спротивно, продолжен период на високи трошоци за енергија ќе изврши притисок врз профитабилноста на компаниите, иако дел од овие трошоци веројатно ќе бидат пренесени на крајните потрошувачи преку повисоки цени.

Банкарство: Дали ни претстои нова економска и финансиска криза и како ќе се однесуваат пазарите на капитал оваа година?

Гоце Новачевски: Настаните се случуваат со голема брзина, а врз пазарите на капитал често влијание имаат и фактори од неекономска природа, што дополнително го отежнува прогнозирањето. Повторно, клучот е во времетраењето на конфликтот и пред се нормализирањето на тековите на нафтата. Иако постојат сигнали за можни дипломатски решенија, ризикот од непредвидени ескалации останува присутен. Историското искуство покажува дека пазарите често реагираат со краткорочни падови на вакви шокови, по што следи закрепнување и раст.

За перспектива, може да се потсетиме на шокот со вонредните царини на претседателот Трамп во Април 2025 година и моменталната распродажба што истите ја предизвикаа, и завршување со раст за Индексот S&P од скоро 18% за целата 2025 година.  
 
 

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Деспотовски: Како анализата на клиентот го одредува изборот на фонд?

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight разговараме со Владимир Деспотовски од ВФП Фондови за тоа како се избира соодветна инвестициска стратегија и кои се клучните фактори при носење на инвестициски одлуки.

Според него, основата на секоја инвестиција е правилната проценка на ризикот што клиентот е подготвен да го прифати.

„Нашите инвестициски агенти токму тоа го анализираат – инвестицискиот профил на клиентот и неговиот капацитет за прифаќање ризик“, вели Деспотовски.

Тој објаснува дека изборот на фонд директно зависи од оваа проценка.

„Доколку ризикот е многу низок, се оди со паричен фонд. Ако е повисок, се избира обврзнички фонд“, посочува тој.

За инвеститорите со поголема толеранција на ризик, стратегијата е поагресивна.

„Кога клиентот има високо ниво на толеранција на ризик – и при раст и при пад на портфолиото – тогаш се инвестира во акциски фондови“, додава Деспотовски.

Според него, правилното усогласување на инвестицискиот профил со соодветен инструмент е клучно за долгорочен успех и стабилност на инвестицијата.

Продолжи со читање

Интервјуа

Од плата до капитал: Како најдобро да ги оплодите вашите средства | Владимир Деспотовски | WVP фондови

Објавено

на

Во услови на зголемена економска неизвесност и притисоци од растечка инфлација, граѓаните сè почесто се соочуваат со дилемата – дали да ги чуваат заштедите во банка или да ги вложат во инвестициски фондови со цел повисок принос.

Оваа тема е во фокусот на најновата епизода од емисијата FinSight, каде гостува Владимир Деспотовски од ВФП Фондови. Во разговорот се отвораат клучните прашања за управување со личните финансии во турбулентни времиња, но и за реалните очекувања од различните инвестициски опции.

Банкарските депозити и натаму се сметаат за најсигурна форма на штедење, особено поради гаранцијата на средствата до 30.000 евра. Сепак, актуелните каматни стапки се релативно ниски, што значи дека реалниот принос често не ја следи инфлацијата. На пример, вложување од 10.000 евра во банка со камата би донело ограничен принос во период од неколку години.

Од друга страна, инвестициските фондови нудат можност за повисоки приноси, но и повисоко ниво на ризик. Во емисијата се објаснува каде се инвестираат средствата на клиентите – дали во најголемите светски компании, на развиени пазари или и на азиските берзи, како и кои стратегии се применуваат за управување со ризикот.

Дополнително, се дискутира за тоа колкава е минималната сума за инвестирање, какви се очекуваните годишни приноси, но и дали постои ризик од загуба на вложените средства, особено во услови на пазарни турбуленции.

Посебен акцент е ставен и на тоа како граѓаните да изберат соодветен финансиски производ според својот профил, приходи и семејни потреби, како и колку средства е препорачливо да се издвојуваат месечно за штедење или инвестирање.

Во време кога инфлацијата ја намалува вредноста на парите, а глобалните пазари се подложни на осцилации, информираното донесување одлуки станува клучно за заштита и раст на личниот капитал.

Целото интервју со Владимир Деспотовски погледнете го во најновата епизода на YouTube каналот на Банкарство.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange