Connect with us
no baners

Банки

Народната банка и ЕБОР заеднички работат на олеснување на пристапот до финансии за жените претприемачи

Објавено

на

Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија.

Целта на оваа мисија е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава. На состанокот се разговараше и за зајакнување на процесот на обединување на напорите на регулаторите и на давателите на финансиски услуги со цел да се прошират можностите за финансирање на жените претприемачи.

„Народната банка активно работи на едуцирање на корисниците на банкарски услуги, што придонесува за подобар пристап до финансии на сите субјекти, вклучително и на жените претприемачи. Финансиската едукација на жените, како и финансиската вклученост на малите и средните претпријатија се дел од активностите предвидени со Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. Дополнително, Народната банка ќе работи на збогатување на статистиката за пристап до финансиите на компаниите кои се во сопственост на жени или се управувани од жени“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

„Ни претставува задоволство што соработуваме со Народната банка во унапредувањето на Финансискиот код за претприемаштво кај жените во земјата. Оваа иницијатива ја истакнува нашата посветеност на зајакнувањето на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку целна поддршка и пристап до капитал. Со заеднички сили, ЕБОР и Народната банка се стремат да ја зајакнат средината во која бизнисите со кои управуваат жени ќе постигнуваат успех, ќе го поттикнат економскиот раст и во која ќе владее родовата еднаквост“, посочи Туркменоглу, постојаниот претставник на ЕБОР во Македонија.

Кодексот за финансирање на жените претприемачи се применува и е поддржан од околу 30 земји во светот. Целта е да се воспостави координирано спроведување на Кодексот при што ќе бидат ангажирани што поголем број чинители − регулаторите, давателите на финансиски услуги и други партнери, коишто ќе работат заедно на изградбата на националната инфраструктура за обезбедување податоци и анализа на родовата финансиска вклученост, како и проширување на понудата на финансиски производи што им се нудат на жените претприемачи.

Тимовите на Народната банка и на ЕБОР оценија дека нивна заедничка цел е да се зајакне поддршката на бизнисите предводени од жени и залагањето за родовата еднаквост, што ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост, отворање нови бизниси и работни места, како и за придвижување на економскиот раст.

Банки

Халкбанк со МАКСИ депозит нуди фиксна камата до 3,8 проценти

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје ја промовира понудата за МАКСИ депозит, штеден производ со фиксна каматна стапка до 3,8 проценти, наменет за граѓани кои сакаат да ги орочат своите средства на определен временски период.

Според информациите објавени од банката, клиентите можат да изберат период на орочување во согласност со сопствените потреби и финансиски планови, при што каматната стапка останува фиксна за договорениот период.

Со оваа понуда, Халкбанк настојува да обезбеди дополнителна можност за штедење во услови на зголемен интерес кај граѓаните за депозитни производи со однапред познат принос.

Фиксната каматна стапка им овозможува на штедачите уште при склучувањето на договорот да имаат појасна претстава за приносот што би го оствариле до истекот на периодот на орочување.

Максималната каматна стапка во рамки на МАКСИ депозитот изнесува до 3,8 проценти, додека конкретните услови зависат од избраниот период на орочување и условите на понудата на банката.

Заинтересираните клиенти деталите за роковите, минималниот износ на депозитот, начинот на исплата на каматата и останатите услови можат да ги проверат преку официјалните канали на Халкбанк АД Скопје.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка создава нови урбани простори за младите: Отворена првата NLB Next зона во Дебар Маало

Објавено

на

Младите не се само дел од маалото, тие се неговиот најсилен пулс. Денеска НЛБ Банка во паркчето кај „Кино Карпош“ ја отвори првата од четирите NLB Next зони – простор што им припаѓа на младите, за нивните средби, идеи, дружења и иницијативи што го менуваат маалото на подобро. Токму на стартот на академската година, Дебар Маало доби ново место за поврзување, но и силна порака за заедничка одговорност „Чувај го твоето маало“. Отворањето го одбележаа музика, дружење и голем број млади од скопските факултети и средни училишта.

NLB Next урбаните зони се проект на НЛБ Банка, реализиран во соработка со општините Центар и Чаир, со цел да се создадат современи и функционални простори што ги поврзуваат младите и го збогатуваат животот во маалото. Зоната е отворена и достапна за сите, како практично место за пауза меѓу предавања, средба со друштвото или краток одмор. Со модуларни клупи, масички, жардињери, осветлување и ново зеленило, просторот е претворен во пријатно урбано катче во кое секој може да се задржи, да се одмори и да ужива.

Посебен визуелен печат на зоната ѝ дава исцртаната подлога во паркчето, авторско дело на Драган Китановски – Драш, еден од најпрепознатливите и најдоследни автори на македонската улична сцена. Визуелното решение ја носи пораката „Чувај го твоето маало“ како постојан потсетник дека убавината и вредноста на заедничкиот простор зависат од грижата и одговорноста на секој од нас.

Зоната кај „Кино Карпош“ е првата од четирите планирани локации. Во наредниот период, во Општина Центар ќе бидат поставени уште две NLB Next зони: на булевар „Партизански Одреди“, кај Соборниот храм, и на Боемска улица, непосредно до Градежниот и Архитектонскиот факултет. Четвртата зона ќе биде отворена во Општина Чаир, спроти Балканскиот универзитет.

Урбаните зони ја преточуваат во реален простор идејата врз која е создаден NLB Next- младите да добијат поддршка, слобода и можности за полесен почеток на нивната самостојност. Затоа NLB Next не е само банкарски пакет, туку концепт што го следи нивниот начин на живот: динамичен,дигитален и поврзан.

NLB Next е целосно бесплатен пакет наменет за млади од 18 до 25 години, кој обединува услуги за едноставно секојдневно банкарство, дигитално управување со финансиите и поволности приспособени на нивните потреби и ритам. Со него, НЛБ Банка им овозможува на младите полесно и посигурно да ги направат своите први самостојни финансиски чекори, со решение што им е достапно таму каде што се и тогаш кога им е потребно.

Со четирите NLB Next урбани зони, оваа поддршка излегува надвор од рамките на банкарството и станува видлив дел од секојдневието на младите, во просторите каде што се среќаваат, споделуваат идеи, создаваат нови можности и го градат духот на своето маало.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка објави конкурс за најдобро видео: награда од 60.000 денари

Објавено

на

По повод одбележувањето на 80 години централно банкарство во земјава, Народната банка објави конкурс за избор на најдобар видеоматеријал на социјалните мрежи на тема „Што значи за мене Народната банка?“.

За авторот на најдобриот видеоматеријал е предвидена нето-награда од 60.000 денари.

Целта на конкурсот е учесниците на креативен и разбирлив начин да прикажат како работењето на централната банка е поврзано со секојдневниот живот на граѓаните – од парите, заштедите и плаќањата, до пошироките финансиски одлуки.

Како можни теми за обработка, Народната банка ги посочува стабилноста на денарот и цените, инфлацијата и куповната моќ, стабилноста на девизниот курс, сигурноста на банкарскиот систем, плаќањата и платниот систем, девизните резерви, како и економската статистика и транспарентноста.

Сепак, овие теми се дадени само како насока, а учесниците имаат слобода сами да го изберат пристапот и начинот на кој ќе ја раскажат својата приказна. Видеото може да биде во форма на анимација, интервју, скеч, документарен запис или друг креативен формат.

Конкурсот е отворен во периодот од 1 до 31 октомври 2026 година.

За учество, видеото треба да биде објавено на личен профил на Facebook или Instagram, при што објавата задолжително треба да биде јавно достапна. Потребно е да се користи хаштагот #МојатаНБ, како и да биде означен официјалниот профил на Народната банка.

На Facebook официјалниот профил е @narodnatabanka, а на Instagram @narodnabanka.mkd.

Видеоматеријалот треба да биде оригинално авторско дело со времетраење до три минути, изработено на македонски или албански јазик.

Право на учество имаат сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија.

Со конкурсот, Народната банка настојува да го доближи значењето на централното банкарство до пошироката јавност и да поттикне поголемо разбирање за тоа како монетарната и финансиската стабилност влијаат врз секојдневието на граѓаните.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange