Бизнис
Што носат правилата на ЦЕФТА за електронска трговија за економијата и граѓаните?
Во светот на дигитализацијата, интернет трговијата доживеа просперитет. Само неколку клика нè делат од бројните придобивки што ги нуди онлајн пазарот – почнувајќи од широк избор на производи и услуги, заштеда на време, но и пари. Но, иако на прв поглед сè изгледа едноставно, зад сцената често се кријат комплексни процедури кои можат да ја забават размената и да го продолжат патот на стоките и услугите до крајните корисници.
Сето тоа го имаа на ум претставниците на ЦЕФТА за време на подготовката на Одлуката за олеснување на електронската трговија. Станува збор за документ кој чека зелено светло од Заедничкиот комитет на ЦЕФТА, а кој, доколку биде усвоен, ќе донесе бројни олеснувања за е-трговијата и ќе потврди дека сме чекор поблиску до европските стандарди.
Промена на пејзажот на е-трговијата во регионот
Стандардизацијата на правната рамка, како што велат, е основната цел на Одлуката за олеснета е-трговија. На тој начин, ЦЕФТА целосно би го променила пејзажот на е/трговијата во регионот, не само преку намалување на административните пречки и олеснување на движењето на стоките и услугите, туку и преку подобрување на заштитата на потрошувачите.
„Со овој документ се стремиме кон создавање на поедноставен, потранспарентен и побезбеден дигитален пазар, кое ќе поттикне понатамошен раст на е-трговијата, ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе донесе придобивки и за потрошувачите и за економиите во регионот“, се вели во соопштението.
Што носи одлуката за граѓаните и економијата?
Одлуката за е-трговија на ЦЕФТА, како што се истакнува во соопштението, има далекусежни придобивки кои ги засегаат и животите на потрошувачите и на компаниите.
„Граѓаните пред сè добиваат широк избор на производи и услуги кои се достапни со еден клик. Земете за пример дека се наоѓате во Македонија и сакате да тргувате на е-трговска платформа во Србија, Босна и Херцеговина или пак Црна Гора. Одлуката на ЦЕФТА ќе ви овозможи да го направите тоа со леснотија и сигурност, знаејќи дека вашите права како потрошувач се заштитени и дека нема да бидете оптоварени со непотребна бирократија“, велат од ЦЕФТА.
Одлуката не е важна само за потрошувачите, туку, како што појаснија, и за компаниите.
„Македонските производители и трговци лено би можеле да ја зголемат својата понуда на сите земји членки на ЦЕФТА. Со усогласените правила на е-трговијата, бизнисот се шири, расте локалната економија, се отвораат нови работни места, а сето тоа без дополнителни административни пречки. Притоа, компаниите работат според правилата на својот домашен пазар, што целиот процес го прави поедноставен“, се истакнува во соопштението.
Безбедна и доверлива интернет трговија
Заштитата на потрошувачите е во фокусот на Одлуката за олеснета е-трговија, се наведува во соопштението, и се додава дека станува збор за поставување на заеднички стандарди усогласени со правилата на Европската унија, кои ја прават онлајн купопродажбата безбедна и доверлива.
„Кога тргувате на интернет, веб-страниците мора да ги задоволуваат стандардите за транспарентност и безбедност, обезбедувајќи јасни информации за продавачот, цените, условите за продажба. Одлуката исто така предвидува и право да ја откажете купопродажбата во рок од 14 дена без плаќање на пенали и да добиете поврат на парите. Испораката мора да биде извршена во рок од 30 дена, освен ако не е поинаку договорено, а ризикот од загуба или оштетување преминува на вас дури кога ќе ја примите стоката“, се наведува во соопштението.
Одлуката на ЦЕФТА за е-трговија не е само уште една бирократска иницијатива. Тоа, како што истакнаа, е промена која ги отвора вратите кон подинамичен и повеќе поврзан дигитален пазар.
„Без разлика дали сте потрошувач во потрага по поголем избор на интернет опции, претприемач кој сака да го прошири бизнисот, или економија која се стреми кон дигитален напредок, оваа одлука носи огромни придобивки. Кога ќе биде усвоена, ЦЕФТА ќе ги отвори вратите кон единствениот пазар на ЕУ, сигнализирајќи посветеност на транспарентноста, ефикасноста и усогласувањето со европските стандарди“, се заклучува во соопштението.
Бизнис
Горивата поевтинуваат: Дизелот за 8 денари, бензините за 4 денари
Од полноќ горивата во Македонија ќе се продаваат по пониски цени, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто во однос на претходната одлука од 4 август.
Од 00:01 часот на 11 август, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 87 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 89 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе изнесува 91,50 денари за литар, а екстра лесното масло за домаќинство 92,50 денари за литар. Мазутот М-1 НС ќе чини 43,538 денари за килограм.
Со новата одлука, двата вида бензин поевтинуваат за по 4 денари за литар, дизелот за 8 денари за литар, а екстра лесното масло за 6 денари за литар. Цената на мазутот се намалува за 2,881 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека референтните цени на нафтените деривати на светските пазари во однос на претходната пресметка бележат пад. Кај бензините намалувањето изнесува во просек 6,186 отсто, кај дизелот 10,435 отсто, кај екстра лесното масло 8,138 отсто, а кај мазутот 7,151 отсто. Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 1,0313 отсто.
Од Комисијата нагласуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.
Бизнис
Владата усвои листа со 41 предлог-проект за јавни инвестиции
Владата ја усвои првата конечна приоритетна листа на предлог-проекти за јавни инвестиции, на која се наоѓаат вкупно 41 проект, соопшти Министерството за финансии.
Листата е подготвена на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции, а ги опфаќа проектните идеи доставени од институциите, кои претходно биле проверени, оценети и одобрени согласно утврдената постапка.
Станува збор за проекти со средна и голема вредност, односно над пет милиони евра, од областите на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, земјоделството и водостопанството.
Од Министерството посочуваат дека при оценувањето биле земени предвид комплетноста на документацијата, квалитетот на податоците, стратешката релевантност, како и подготвеноста на проектите за понатамошна разработка.
Усвоената листа ќе претставува основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.
Од Министерството нагласуваат дека вклучувањето на одреден проект на листата не значи автоматски дека тој ќе биде финансиран или реализиран. Одлуките за финансирање ќе се носат во рамки на капиталното буџетирање, согласно расположливите средства, степенот на подготвеност на проектот и приоритетите на Владата за соодветната фискална година.
Новото управување со јавните инвестиции произлегува од Законот за буџети и од Уредбата за управување со јавни инвестиции, а е дел и од Реформската агенда 2024–2027. Комитетот за јавни инвестиции беше формиран минатата година, а првиот состанок го одржа во април годинава.
Целта на новиот систем, според Министерството за финансии, е одлуките за капиталните проекти над пет милиони евра да се носат на потранспарентен и посистематски начин, а идните буџети полесно да се планираат.
Бизнис
Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот
Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.
Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.
Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.
Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.
Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
-
Бизниспред 2 месециФинансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово



