Бизнис
САД го продолжија рокот за преговори за продажба на странските средства на Лукоил
Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии објави дека го продолжува рокот за потенцијалните купувачи на странските средства на Лукоил за уште еден месец, односно до 1 мај.
Ова е четврто продолжување на рокот откако американското Министерство за финансии воведе санкции против Лукоил во октомври, поради војната на Русија во Украина.
Со најновата одлука се дозволуваат одредени трансакции поврзани со преговори и потпишување условни договори за продажба на австриската Lukoil International, која управува со повеќе од 100 странски подружници на компанијата во околу 50 земји. Воедно, се дозволуваат и активности поврзани со одржување или постепено затворање на бизнисите.
Уште во јануари, Лукоил соопшти дека постигнал договор за продажба на поголемиот дел од своите странски средства, проценети на околу 22 милијарди долари, на американската инвестициска компанија Carlyle Group. Според медиумски извештаи, интерес за овие средства покажале и Exxon Mobil, Chevron и International Holding Company.
Во Југоисточна Европа, Лукоил поседува значајни енергетски капацитети, меѓу кои единствената рафинерија во Бугарија Нефтохим Бургас, рафинеријата ПетроТел во Романија, како и мрежи на бензински станици во повеќе земји, вклучително и Северна Македонија.
По воведувањето на санкциите, Бугарија го презеде управувањето со локалните подружници на Лукоил и назначи специјален администратор со овластување да ја продаде рафинеријата Нефтохим Бургас и малопродажниот бизнис на компанијата. Во меѓувреме, акционерот Litasco најави можност за покренување арбитражна постапка против Бугарија.
Во Романија, пак, владата размислува за повторно активирање на работата на рафинеријата ПетроТел, која е затворена од октомври поради нарушувања предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток.
Во декември, американското Министерство за финансии им дозволи на бензинските станици на Лукоил надвор од Русија да продолжат со работа до 29 април.
Бизнис
„Не спијам поради она што доаѓа“: италијанскиот министер предупредува на војна со Иран и економски последици за Европа
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето упати сериозно предупредување за можен конфликт со Иран, нагласувајќи дека располага со „застрашувачки“ информации кои укажуваат на ескалација што би ја погодила цела Европа.
Во интервју за весникот „La Repubblica“, Крозето истакна дека заканата не е само воена, туку има и сериозни општествени и економски импликации.
„Поради природата на мојата работа имам увид во информации поради кои веќе не можам да спијам. Стравувам од тоа што може да се случи во наредните недели, како и од последиците врз економијата и секојдневниот живот“, изјави тој.
Министерот посочи дека Италија не била вклучена во клучните одлуки што довеле до сегашната напната ситуација и дека земјата не поддржува војна со Иран, нагласувајќи дека „никој не ја прашал за мислење“.
Покомплексен конфликт од Украина
Крозето предупреди дека евентуален конфликт со Иран би можел да биде подолг и посложен од војната во Украина, пред сè поради големината и силата на Иран.
„Иран е поголем, поброен и историски посилен од Украина, што го прави тежок противник“, изјави тој.
Иако не навлезе во детали, аналитичарите сметаат дека клучна точка на загриженост е Ормускиот теснец, од огромно значење за глобалната трговија со енергенси.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп повторно го пролонгираше рокот што му го постави на Иран за отворање на теснецот овојпат до 6 април заканувајќи се со напади врз иранската енергетска инфраструктура.
Трамп изјави дека се воделе „директни и индиректни“ преговори со Техеран и повторно побара отворање на Ормускиот теснец, предупредувајќи на сериозни последици доколку не се постигне договор.
Од друга страна, Техеран ги негираше преговорите со САД, оценувајќи дека американските предлози, доставени преку посредници, се „претерани и неразумни“.
Кој е Крозето?
Гвидо Крозето е министер за одбрана на Италија од октомври 2022 година, во владата на премиерката Џорџа Мелони. Роден е во 1963 година во Кунео, а политичката кариера ја започнал во 1990-тите.
Бил пратеник во италијанскиот парламент во повеќе мандати, како и државен секретар во Министерството за одбрана од 2008 до 2011 година во владата на Силвио Берлускони.
Тој е и еден од коосновачите на партијата Браќа на Италија, а во периодот од 2014 до 2022 година беше претседател на италијанското здружение на одбранбената и безбедносната индустрија AIAD.
Бизнис
Брокер поврзан со Хегсет барал вложување во одбранбен сектор пред војната со Иран, Пентагон демантира
Брокер на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет наводно се обидел да вложи значителни средства во акции на одбранбени компании непосредно пред почетокот на војната со Иран, објави Financial Times. Пентагон остро ги отфрли овие наводи.
Според извештајот, брокер од Морган Стенли во февруари контактирал со BlackRock во врска со можност за повеќемилионска инвестиција во фондот iShares Defense Industrials Active ETF. Фондот, со вредност од околу 3,1 милијарда долари, вклучува акции од водечки компании како RTX Corp, Lockheed Martin и Northrop Grumman.
Сепак, според истите информации, инвестицијата не била реализирана, бидејќи фондот во тој момент не бил достапен за клиентите на Морган Стенли. Не е познато дали подоцна била направена друга инвестиција поврзана со одбранбениот сектор.
Во меѓувреме, фондот забележал пад од 12,4 проценти во последниот месец, период што се поклопува со почетокот на воените дејствија.
Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, ги отфрли наводите како „целосно лажни и измислени“, нагласувајќи дека ниту Хегсет ниту негови претставници контактирале со BlackRock. Тој побара од Financial Times да го повлече текстот, оценувајќи го како неоснована клевета.
Воените операции на САД против Иран влегуваат во петтата недела, без знаци за деескалација. Според The Washington Post, Пентагон се подготвува за потенцијални копнени операции, додека Доналд Трамп предупреди на можни напади врз клучната иранска инфраструктура доколку не се отвори Ормускиот Теснец и не се постигне мировен договор.
Бизнис
Вучиќ најави први роботи произведени во Србија до Видовден
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека очекува првите роботи произведени во земјата да бидат готови до Видовден, односно во рок од околу три месеци.
Тој посочи дека станува збор за роботи кои ќе бидат произведени на територијата на Србија и ќе носат ознака дека се домашно производство.
„Очекувам дека првите роботи произведени во Република Србија ќе ги имаме до Видовден. За три месеци. На нив ќе пишува дека се произведени во Србија“, изјави Вучиќ во заедничко гостување на повеќе телевизии.
Вучиќ најави и технолошки новитети поврзани со претстојната специјализирана изложба Експо, при што посочи дека во Белград ќе бидат претставени и летечки автомобили.
„За време на Експо, ќе може да се лета во Белград со летечки автомобили. Тоа веќе го имаме договорено со американски партнери“, додаде тој.
Претседателот најави и дека во наредните три месеци го очекува една од најзначајните посети во неговиот живот, без да открие повеќе детали за дестинацијата или целта на посетата.
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 2 месециДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 2 месециАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја заокружи 2025 со висока профитабилност и конзервативен пристап кон ризиците
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за јануари 2026 година
-
Анализипред 2 месециПрофитот на најголемите македонски банки се броеше во милијарди денари – со колкав профит ја завршија 2025 година водечките три банки?




