Connect with us
no baners

Бизнис

Триглав Осигурување со рекордна добивка во 2025: раст од 103% и надминување на планот за 83%

Објавено

на

Триглав Осигурување ја заврши 2025 година со нето добивка од 106,5 милиони денари, што претставува раст од 103 проценти во однос на 2024 година и дури 83 проценти над планираното ниво. Силниот резултат е остварен како резултат на подобрениот технички резултат, повисоките финансиски приходи и ефикасната контрола на штетите.

Нето приходите од премии во 2025 година изнесуваат 1.153 милиони денари, што е за 6 проценти повеќе во споредба со претходната година. Растот главно се должи на зголемената бруто-премија за 88 милиони денари, при што најголем придонес имаат здравственото осигурување со раст од 28 милиони денари и осигурувањето на кредити со зголемување од 27 милиони денари. Дел од позитивниот ефект е ублажен од повисоката премија предадена во реосигурување, како и од влијанието на резервите за преносна премија.

Приходите од провизии од реосигурување остануваат стабилни и изнесуваат 104 милиони денари, додека останатите осигурителни приходи бележат минимално намалување поради пониски приходи од асистенција.

Финансиските приходи достигнаа 81 милион денари, што е раст од 23 проценти на годишно ниво, главно како резултат на проширеното инвестициско портфолио. Најголем дел од овие приходи се остварени од камати (74 проценти), реализирани капитални добивки (21 процент), како и од наемнини и курсни разлики.

Нето-расходите за штети изнесуваат 531 милион денари и се за 11 проценти пониски во однос на 2024 година, што произлегува од пониските ликвидирани штети, зголеменото учество на реосигурување и стабилните резерви за штети.

Истовремено, нето-трошоците за спроведување на осигурувањето изнесуваат 589 милиони денари, што е зголемување од 14 проценти, најмногу поради повисоките провизии за продажната мрежа, зголемените трошоци за маркетинг и еднократни трошоци за наем. Останатите технички трошоци и вредносното усогласување на побарувањата бележат умерен раст.

Билансната сума на Друштвото на крајот од 2025 година достигна 3.539 милиони денари, што претставува раст од 12 проценти во однос на претходната година. Најголемо учество во активата имаат финансиските средства со 48 проценти, како и побарувањата од реосигурување со 20 проценти. Намалувањето кај дел од финансиските средства е резултат на пренасочување на капитал за купување сопствен деловен простор.

Во текот на 2025 година, Триглав Осигурување ја надмина и планираната бруто-премија, која изнесува 1.706 милиони денари наспроти планираните 1.690 милиони. Ликвидираните штети се значително пониски од планираното, финансиските приходи се за 19 проценти над планот, а и покрај повисоките трошоци, остварениот резултат е значително подобар од очекувањата.

За 2026 година, Друштвото планира бруто-премија од 1.960 милиони денари, што претставува раст од околу 15 проценти, со очекувана нето добивка од приближно 75 милиони денари. Со тоа, Триглав Осигурување продолжува со фокус на профитабилно, безбедно и одржливо работење, поткрепено со стабилна финансиска позиција и внимателно управување со ризиците.

Банки

Централниот регистар и МБА ja зајакнуваат соработка со банките за верификација на податоците во Регистарот на вистински сопственици

Објавено

на

На 02.02.2026 година, во просториите на Македонската банкарска асоцијација, беше одржан работен состанок инициран од Централниот регистар, во својство на администратор на Регистарот на вистински сопственици.

На состанокот, претставниците на Централниот регистар, предводени од директорката д-р Анита Стамнова, и претставниците на Комисијата за СПП и усогласеност со прописи при Македонската банкарска асоцијација, предводени од претседавачот г-дин Глигор Пандиловски, дискутираа за можностите за воспоставување решение што ќе вклучува верификација на податоците во Регистарот на вистински сопственици.

Имајќи ја предвид улогата на банките како верификатори на податоците, на состанокот беше презентиран процесот, беа разменети искуства, како и утврдени насоки за соодветна обука и понатамошна соработка.

Како заклучок, беше договорено да се организира заедничка работна средба со претставници од Народната банка, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за финансии, Македонската банкарска асоцијација и Централниот регистар, со цел сеопфатно разгледување на проблематиката и постигнување заедничка усогласеност меѓу институциите.

Продолжи со читање

Бизнис

„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски

Објавено

на

Проектот „Е-фактура“ претставува стратешка и долгорочна инвестиција во дигитализацијата на деловното и даночното опкружување во земјата, која ќе донесе значајни придобивки и за компаниите и за државата, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на настан во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Пред претставниците на бизнис-заедницата, Петрова потсети дека пилот-фазата на проектот започна на 1 јануари годинава и дека во моментов се одвива подготвителен период, во кој активно се вклучени софтверските компании што развиваат фактурирачки решенија, како и економските оператори со сопствени ERP-системи.

Како што информираше, техничката документација за пристап до системот „Е-фактура“ веќе е објавена и јавно достапна, со цел компаниите и ИТ-провајдерите навремено да ги приспособат своите системи и да развијат API-канали за комуникација со националната платформа.

Петрова најави дека клиентската и веб-апликацијата на „Е-фактура“ ќе бидат ставени во употреба во вториот квартал од годинава, по што ќе започне тестирање со малите и средните компании кои немаат сопствени информатички системи и ќе ги користат бесплатните решенија обезбедени од УЈП.

Придобивки за компаниите: помал административен товар и поголема ефикасност

Директорката нагласи дека проектот се развива во тесно партнерство со стопанството, имајќи предвид дека „Е-фактура“ директно ќе влијае врз секојдневното работење на компаниите. Дигитализацијата на процесот на фактурирање ќе значи значително намалување на административниот товар, елиминирање на рачните процеси, автоматизација на книжењето, побрзо архивирање и полесно следење на деловните трансакции.

Дополнително, системот отвора простор за понатамошна дигитална надградба – автоматска подготовка на налози за плаќање, подобра контрола на ликвидноста, како и користење на податоците за аналитички и стратешки деловни цели.

Придобивки за државата: подобра усогласеност и борба против сивата економија

Од аспект на Управата за јавни приходи, „Е-фактура“ значи пристап до структуирани и стандардизирани податоци во реално време, што ќе овозможи поефикасна даночна контрола и значително подобрување на даночната усогласеност.

Податоците од системот ќе се вкрстуваат со постојните бази на УЈП – даночни пријави, финансиски извештаи, банкарски и царински податоци – што ќе овозможи навремено детектирање и корекција на евентуални неправилности.

„Наместо контроли по неколку години, „Е-фактура“ ќе овозможи брзи, автоматизирани и превентивни реакции, што е во интерес и на компаниите, бидејќи ќе можат навремено и полесно да ги коригираат евентуалните грешки“, истакна Петрова.

На крајот, директорката порача дека проектот ќе има силен ефект и во сузбивањето на сивата економија и нелојалната конкуренција, преку создавање целосна дигитална трага за сите деловни трансакции во земјата.

Продолжи со читање

Бизнис

УЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека започна исплатата на средствата за скенираните фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година. За овој период, предвидена е исплата на вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници, што претставува една од највисоките квартални исплати од воведувањето на мерката.

Од УЈП појаснуваат дека досега се реализирани 184,5 милиони денари кон околу 104.000 корисници, а исплатата продолжува динамично и континуирано кон сметките на корисниците на „Мој ДДВ“, согласно обработката на налозите и техничката валидација на податоците.

Во исто време, од УЈП информираат дека 5.292 корисници во моментов не можат да ја добијат исплатата поради погрешно внесени или неажурирани трансакциски сметки. Институцијата апелира до сите граѓани кои сè уште немаат добиено средства, да ги проверат и ажурираат податоците за својата банкарска сметка директно во апликацијата „Мој ДДВ“.

Средствата, како што нагласуваат од УЈП, не се изгубени, туку ќе бидат исплатени веднаш по корекцијата на податоците.

Средства има, мерката продолжува да се реализира

По доцнењето на исплатите кон крајот на 2025 година, во јавноста се појавија шпекулации за евентуално укинување на мерката поради фискалниот товар и ограничениот ефект врз сузбивањето на сивата економија. Сепак, и од Министерството за финансии и од УЈП категорично ги отфрлија овие тврдења, посочувајќи дека причините за доцнењето биле технички и административни, а не буџетски.

„Во Буџетот има доволно средства, а исплатите кон граѓаните со валидни и точни податоци се одвиваат без никакви проблеми“, велат од УЈП, додавајќи дека мерката останува активна и во 2026 година.

Финансиски и системски ефекти

Програмата „Мој ДДВ“ и понатаму претставува значаен инструмент за:

  • зголемување на фискалната дисциплина,
  • поттикнување на безготовинските плаќања,
  • зголемување на транспарентноста во прометот,
  • намалување на сивата економија, и
  • директна финансиска поддршка на домаќинствата.
Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange