Банки
Силните резултати на ПроКредит Групацијата во Q1 ги нагласуваат среднорочните позитивни перспективи
- Резултатот од 29,5 милиони ЕУР соодветствува на солиден Поврат на капитал (RoE) од 13,3% и, според тоа, е во согласност со среднорочните насоки на групацијата;
- Добриот развој на нето каматната маржа до 3,4% и умерениот трошок на ризикот од 12 основни поени се клучни фактори за резултатите;
- ПроКредит Банка Украина има умерен придонес кон резултатот на групацијата, демонстрирајќи ја својата структурна сила без оглед на проблематичното опкружување; ПК без Украина е на добро ниво од 11,6%;
- Kоефициентот на трошочна ефикасност, усогласен за непериодичните ефекти е на ниво од 57,0% и, според тоа, 2,5 процентни поени под нивото од претходната година;
- Растот на депозитите изнесува 0,6%; кредитното портфолио бележи мал пад од 0,8%, со дополнителни подобрувања на квалитетот на портфолиото;
- Континуиран фокус на зелени кредити; тековниот удел од 20,2% во вкупното кредитно портфолио е зацртано да расте до 25% среднорочно;
- Коефициентот на редовен основен капитал на ниво 1 (CET1) изнесува 14,1%; значајното зголемување од 0,7 пп во Q1 е поттикнато од натамошниот раст на ефикасноста на активата пондерирана според ризикот (RWA)
ПроКредит групацијата, која е активна пред сè во Југоисточна Европа и Источна Европа, забележа значајно подобрен финансиски резултат од 29,5 милиони ЕУР во првото тримесечје. Повратот на капиталот, според тоа, беше на многу подобрено ниво од 13,3%, што е во согласност со среднорочните цели на групацијата.
Kоефициентот на трошочна ефикасност, со 59,7%, остана приближно на нивото од претходната година, но се подобри значајно за 2,5 процентни поени до 57,0% по усогласувањето за непериодичните ефекти. Резултатот беше поттикнат пред сè од тековното позитивно движење на нето каматната маржа и стабилните показатели за кредитниот ризик, што придонесоа до низок општ трошок на ризик од 12 основни поени. Покрај тоа, ПроКредит Банка Украина имаше умерен придонес кон заработката, иако повратот на капиталот, без придонесот кон резултатите од Украина, исто така беше на солидно ниво од 11,6%. Кредитното портфолио забележи благ пад од 0,8%, додека, пак, депозитите го продолжија позитивниот тренд од претходните години и забележаа раст од 0,6%. CET1 коефициентот изнесуваше 14,1%, што е 0,7 процентни поени повисоко од нивото на крајот на 2022 година, што е делумно поттикнато до дополнителното зголемување на ефикасноста на RWA.
Кредитното портфолио се намали за 47 милиони ЕУР, односно 0,8% (Q1 2022: +105 милиони ЕУР или 1,8%), пред сè поради валутните ефекти и целното намалување на портфолиото во Украина. Депозитите се зголемија за ЕУР 35 милиони или 0,6% (Q1 2022: 25 милиони ЕУР или 0,4%), што може да се припише особено на физичките лица. Во споредба со претходниот годишен период, односот меѓу депозитите и кредитите се зголеми значајно за речиси 13 процентни поени на солидно ниво од 104,3% (Q1 2022: 91,5%), особено поради силната динамика на раст на депозитите во текот на последните дванаесет месеци.
Силната профитабилност во областа на среднорочните цели ги нагласува добриот потенцијал за заработувачка на групацијата и одржливоста на деловниот модел
Тримесечниот резултат на групацијата од 29,5 милиони ЕУР беше значајно повисок во споредба со претходната година (Q1 2022: -1,4 милиони ЕУР) и соодвествуваше на солиден поврат на капиталот од 13,3%. Приходите од работењето се зголемија за 16,1 милиони ЕУР или 20,7% на 93,7 милиони ЕУР (Q1 2022: 77,7 милиони ЕУР), што се должи на повисоките нето приходи од камати како и на повисоките нето приходи од надоместоци и провизии. Сите банки на ПроКредит, вклучувајќи ја ПроКредит Банка Украина, имаа позитивен придонес за овој резултат.
Нето приходите од камати се зголемија за 15,3 милиони ЕУР или 25,3% до 75,4 милиони ЕУР (Q1 2022: 60,2 милиони ЕУР). Нето каматната маржа се зголеми за приближно 50 основни поени во споредба со истиот период во претходната година, растејќи до 3,4% (Q1 2022: 2,9%) како резултат на стабилните кредитни маржи и повисоките клучни каматни стапки.
Со 14,0 милиони ЕУР, нето приходите од провизии и надоместоци беа 10,9% повисоки од нивото од претходната година (Q1 2022: 12,6 милиони ЕУР). Приходите од трансакциите и кредитни картички се развиваа особено позитивно. Нето другите приходи од работењето се намалија за 0,5 милиони ЕУР поради непериодичните позитивни ефекти во периодот на претходната година, што придонесе 4,3 милиони ЕУР кон вкупната заработувачка (Q1 2022: 4,9 милиони ЕУР).
Трошоците за вработените и административните трошоци се зголемија за 10,0 милиони ЕУР, што резултираше со мало зголемување на коефициентот на трошочна ефикасност за 0,5 процентни поени на 59,7% (Q1 2022: 59,1%). Зголемувањето на трошоците за вработените и административните трошоци се должеше, пред сè, на повисоките трошоци за вработените, ИТ, маркетинг и патните трошоци, како и на вонредните расходи за советодавни услуги во врска со планираната конверзија на правната форма. Исклучувајќи ги непериодичните ефекти, коефициентот на трошочна ефикасност се подобри за 3,5 процентни поени на 57,0% (Q1 2022: 59,5%).
Резервирањата за загуби беа на ниско ниво од 1,9 милиони ЕУР (Q1 2022: 35,6 милиони ЕУР), што се должи на добриот и стабилниот квалитет на портфолиото на банките. Ова соодвествува на трошок за ризик од 12 основни поени, што е приближно во согласност со просечното ниво во последните шест години (со исклучок на резервирањата за Украина во 2022 година). Дополнителните усогласувања од менаџментот што се резервирани во претходната година се целосно задржани во првото тримесечје на 2023 година. На ниво на групацијата, уделот на неисплатените кредити забележи мало намалување од 3,3% на 3,2%. Со исклучок на Украина, овој показател, исто така, се намали од 2,4% на 2,3%.
Банки
Гувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, истакна дека во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, во гостувањето на поткастот „Финсајт“ со Наташа Мерсовска на порталот „Банкарство.мк“. Според очекувањата, значителен поттик за економската активност ќе дадат зацртаните инвестиции во инфраструктурни проекти, додека дел од растот ќе дојде и од приватната потрошувачка. Во тој контекст, гувернерот нагласи дека Народната банка, во рамките на своите уставни и законски надлежности, и во иднина ќе се грижи за стабилноста на националната валута, за стабилноста на девизниот курс и за ценовната стабилност, односно за постигнување ниска и контролирана инфлација којашто нема да ја нарушува куповната моќ на граѓаните.
„Нашата цел е да обезбедиме макроекономска стабилност како основа за одржлив раст и верувам дека 2026 година ќе биде подобра во однос на претходните години“, истакна Славески.
Воедно, гувернерот посочи дека и покрај позитивните очекувања, ризиците и натаму постојат и во голема мера се поврзани со светските геополитички и економски случувања. Тој нагласи дека неизвесноста околу конфликтот во Украина, санкциите, зголемените воени буџети во европските земји, како и трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но и односите меѓу Европа и Кина се факторите што можат да влијаат врз економските текови.
Гувернерот особено ја истакна улогата на Европската Унија како двигател на економскиот раст во земјава, посочувајќи дека економската состојба во земјите членки на ЕУ има значително влијание и врз домашниот раст и врз инфлациските движења. Оттука, како што нагласи, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи меѓународните економски трендови и ќе биде посветена на зачувувањето на макроекономската стабилност.
Банки
НЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
Во пристуство на претставници од менаџментот на НЛБ Банка, вработени, клиенти и партнери, денеска во Ресен, официјално се отвори реновираната експозитура на Банката. Со оваа и неодамна реновираните експозитури во Валандово, Радовиш и Виница, а во текот на 2025 и во Куманово и Прилеп, и населбите Илинден и Ѓорче Петров во Скопје, НЛБ Банка ја заврши годинава со обнова на осум експозитури, како дел од проектот за целосна трансформација на својата деловна мрежа до 2030 година.
Дигитализацијата значително го менува начинот на кој клиентите комуницираат со банките. Клиентите бараат ефикасен и непречен пристап до банкарски услуги, но и поддршка и советување за постигнување на нивните финансиски цели.
Водена токму од променетите очекувања на клиентите и глобалниот тренд на дигитализацијата, НЛБ Банка започна интензивен процес за модернизација на продажната мрежа, подготвувајќи ги своите експозитури за иднината. Новиот деловен модел на експозитурите на Банката го редефинира искуството на клиентите и ги преобликува овие објекти од места за извршување на рутински банкарски активности во центри за поддршка и продажба на интегрирани финансиски решенија, советување и градење релации со клиентите.
Сите експозитури се со модерен ентериер, најсовремени технолошки решенија и професионален тим подготвен да одговори на сите потреби на клиентите – физички и правни лица, истовремено обезбедувајќи поголема удобност и пријатен амбиент како за клиентите, така и за вработените.
Секоја од експозитурите располага со 24/7 АТМ зона со банкомати со низа функционалности (исплата и уплата на готовина, плаќање на режиски трошоци, кредитни доспевања, дополнување на пре-пејд картичка), а речиси сите и со CDS (Cash Deposit System) – самоуслужни уреди за олеснето депонирање на дневен пазар за правни лица со кои значително се намалуваат готовинските трансакции во експозитурите и чекањето на шалтерите. Оваа година, и имплементацијата на електронските уреди (E-Pads) за потпишување на кредитната документација дополнително го скрати времето на шалтерите и го унапреди клиентското искуство, истовремено намалувајќи ја и употребата на хартија за над 25% и поддржувајќи ги целите за одржливост на Банката.
Обновените експозитури се дизајнирани да бидат инклузивни и достапни за сите, со пристап за лица со физичка попреченост и банкомати со кориснички интерфејс прилагоден за користење за лицата со оштетен вид.
„Секојдневното банкарство сè повеќе се управува преку дигиталните канали, создавајќи можност банкарските службеници во експозитурите да се фокусираат на персонализирана поддршка и стратешки совети. Следејќи ги очекувањата на нашите клиенти за банкарство кое е независно, брзо и безбедно, ја трансформираме нашата продажна мрежа со јасна и амбициозна визија за експозитури на иднината. Преку нашето сеопфатно финансиско портфолио, секоја експозитура се развива во вистински „финансиски супермаркет“ кој нуди интегриран спектар на решенија, обединувајќи банкарски и небанкарски производи на едно место. Уверени сме дека новиот деловен модел на нашата продажна мрежа ќе постави нови стандарди во банкарството и уште повеќе ќе го зајакне нашиот однос со клиентите“, истакнува претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Тони Стојановски.
Модернизацијата на експозитурите е дел од пошироката стратегија „2030“ на НЛБ Групацијата која ја одразува посветеноста кон иновации, дигитализација и одржлив раст, и позиционирање на НЛБ Банка како банка-партнер за сите животни предизвици.
Банки
АЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
АЛТА Банка, во пресрет на новогодишните и Божиќните празници, обезбеди дополнителна погодност за своите клиенти пензионери. Денес, на 30 декември 2025 година, Банката ја реализираше исплатата на пензиите за месец декември, овозможувајќи навремено и непречено располагање со средствата во период кога финансиската сигурност е од особено значење.
Со оваа активност, АЛТА Банка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон континуирано унапредување на квалитетот на услугата, грижата за клиентите и обезбедувањето стабилно, сигурно и навремено банкарско работење. Банката ќе продолжи да ги следи потребите на своите клиенти и да креира решенија кои придонесуваат за нивна поголема финансиска сигурност.
АЛТА Банка им посакува на сите клиенти среќни празници, добро здравје и успешна Нова 2026 година.
-
Осигурувањепред 2 месециОд клик до осигурителна полиса – онлајн без чекање
-
Бизниспред 2 месециКолкава е минималната сума што ќе ја добијат работниците по основ на регрес за годишен одмор попознат како К-15!?
-
Продуктипред 1 месецНова поволност со HalkEZ пакетот за млади: Бесплатни FitKit кредити за секој нов корисник
-
Продуктипред 1 месецПоволности за потрошувачки кредити во Халкбанк – што треба дазнаете?
-
Анализипред 2 месециРаст над просекот: македонските банки бележат напредок на SEE TOP 100 листата
-
Продуктипред 1 месецГолема наградна игра на НЛБ Банка: Со НЛБ Visa освојте го новиот Opel Frontera Hybrid
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Интервјуапред 2 месециFinSight Интервју: Зоран Кочоски | Агенција за посредување при вработување во странство | Kouzon



