Connect with us

Банки

Во услови на светска криза, Развојната банка, овие пет години одигра клучна улога за поддршка на стопанството

Објавено

на

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Развојната банка ја истакна важноста од континуираната поддршка на компаниите, пред сé малите и средни претпријатија, преку поволните кредити во изминатите пет години, во услови кога светот се соочуваше со кризи незапаметени на светско ниво, на кои не беше имуна ни една економија. На прес конфереренцијата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија, Крешник Бектеши преку кои надлежни институции се реализираат голем број од проектите.

Кире Наумов, главен извршен директор на Развојна банка зборуваше за работењето на банката и подвлече дека во насока на декарбонизација на глобално ниво, а во функција на обезбедување на поволни зелени кредити, банката ги интензивираше своите активности и преговори со нови меѓународни кредитори.

„Голема чест и задоволство ми претставува, пред вас да зборувам за успесите на банката која оваа година одбележува јубилеј, 25 години постоење, кои значат 25 години континуирана поддршка на домашните компании. Средствата од ЕИБ 7 кредитната линија во износ од 64,5 милиони евра веќе се пласирани кон деловните банки, а новитет е потпишувањето на договорот со Француската развојна агенција за нови 50 милиони евра кои ќе бидат достапни на компаниите преку деловните банки за зелени и социјални инвестиции. Во завршна фаза е и обезбедување на средства од Банката за развој на Советот на Европа во износ од 50 милиони евра кои дополнително ќе им се стават на располагање на микро, малите и средните претпријатија во државата. За работењето на банката говорат и финансиските резултати и тоа, активата на банката во последните 4 години кумулативно е зголемена за 56,2% или во просек по 18,7% годишно. Нето-кредитите во последните 4 години кумулативно се зголемени за 55,0% или во просек по 18,3% годишно.  Капиталот на банката во последните 4 години кумулативно е зголемен за 35,2% или во просек по 11,7% годишно. Заклучно со 30.06.2023 година 7,4% од вкупните кредити на банкарскиот сектор пласирани кон нефинансиските друштва се со средства од РБСМ. Во фокусот на Развојна банка и во иднина ќе биде: засилена поддршка на економскиот развој на државата преку поволни кредити; зголемена поддршка на извозот, поддршка на зеленото финансирање како и поддршка на процеси кои се поврзани со дигитализација и иновативни решенија кај компаниите“, истакна директорот Наумов.

„Развојната банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата во услови на глобални поместување. Во период од 2019-2023 година во време на ковид кризата, кога стопанството целосно се затвори, преку Развојната банка беа поддржани 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра. Во услови на енергетска криза, пак, поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиони евра. Со Фондот за развој поддржани се 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра. Или конкретно, изминатите 5 години, почнувајќи од Ковид кризата, потоа енергетската и ценовната криза, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места. Во следниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании.Ова е дел од она што го правиме како Влада за да ги поддржиме компаниите и во време на кризи, да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа раст и на економијата во целост“, истакна Ковачевски и додаде дека минатата недела, пласирани  се 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7 кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средни претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.

Банки

Народна банка: Каматите на вкупните кредити се намалија, новите заеми поскапеа во август

Објавено

на

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август 2026 година изнесувала 4,67 проценти, што претставува намалување од 0,01 процентен поен во однос на претходниот месец и од 0,23 процентни поени на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Кај депозитите, просечната каматна стапка останала непроменета во однос на јули и изнесувала 2,18 проценти. На годишно ниво е забележано минимално намалување од 0,01 процентен поен.

Истовремено, податоците покажуваат поинакво движење кај новите банкарски производи. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се зголемила за 0,26 процентни поени на месечно и за 0,22 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 4,70 проценти.

Повисоки камати се забележани и кај новопримените депозити. Нивната просечна каматна стапка изнесувала 2,72 проценти, што е зголемување од 0,30 процентни поени во однос на јули и од 0,66 процентни поени во однос на август минатата година.

Каматите за компаниите благо се намалуваат кај постојните кредити

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити во август се намалила за 0,01 процентен поен и изнесувала 4,33 проценти. На годишно ниво намалувањето изнесува 0,19 процентни поени.

Кај депозитите на компаниите, пак, е забележано зголемување. Просечната каматна стапка изнесувала 2,69 проценти, што е раст од 0,06 процентни поени на месечно и од 0,16 процентни поени на годишно ниво.

Позначителен раст е регистриран кај новоодобрените корпоративни кредити. Нивната просечна каматна стапка достигнала 4,68 проценти, по месечен раст од 0,47 процентни поени. На годишна основа, по неколку месеци на намалување, каматата се зголемила за 0,35 процентни поени.

Кај новопримените депозити на компаниите каматната стапка изнесувала 2,75 проценти, при месечен раст од 0,77 и годишен раст од 0,89 процентни поени.

Каматата на кредитите за населението падна на 5 проценти

Кај домаќинствата продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити. Во август таа изнесувала 5 проценти, што е намалување од 0,02 процентни поени во однос на јули и од 0,27 процентни поени на годишно ниво.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата останала непроменета на месечно ниво и изнесувала 2,11 проценти. Во споредба со август минатата година, таа е пониска за 0,03 процентни поени.

Кај новоодобрените кредити за домаќинствата немало промена во однос на претходниот месец, па просечната каматна стапка останала на 4,73 проценти. На годишно ниво, сепак, таа е повисока за 0,05 процентни поени.

Новопримените депозити на домаќинствата во август носеле просечна камата од 2,72 проценти, што претставува зголемување од 0,07 процентни поени на месечно и од 0,54 процентни поени на годишно ниво.

Податоците на Народната банка покажуваат дека, иако просечните камати на вкупното кредитно портфолио продолжуваат благо да се намалуваат, кај новоодобрените кредити во август е забележан раст на каматните стапки. Од друга страна, повисоките камати на новопримените депозити значат и нешто подобри услови за новото штедење во банките.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange