Connect with us

Банки

Промени во Управниот одбор на ПроКредит Банка

Објавено

на

Согласно стратегијата за зацврстување на позицијата на македонскиот пазар и зголемување на пазарниот удел во сегментите на бизнис клиенти и физички лица, ПроКредит банка го прошири Управниот одбор со уште еден член, Маја Михајлова и го продолжи мандатот на еден од постоечките членови, Милан Дамчевски.

Маја Михајлова е дел од ПроКредит тимот веќе 16 години, а во последните години ја градеше својата кариера во улога на Директор за внатрешна ревизија. На новата позиција како член на Управниот одбор, Михајлова ќе биде задолжена за менаџирање на следните оддели: Управување со ризици, Оддел за спречување перење пари и финансирање тероризам, Сектор за правни работи и усогласеност со прописи и Оддел за анализа на портфолио и проценка на обезбедување.

„Ми претставува особена чест да ја преземам оваа нова улога и истовремено е голем професионален предизвик да придонесам во остварувањето на стратешките цели за развој на банката. Задоволство е да се работи во банка која одржува високо ниво на култура на ризик и тоа преку носење на избалансирани деловни одлуки, транспарентна комуникација и тим од посветени и амбициозни вработени.

Во текот на моето долгогодишно работење во банката, можам да кажам дека банката секогаш се стремела да воведе успешни и современи  деловни практики во градењето на стабилен систем за управување со ризиците, и во таа насока ќе продолжи да го следи развојот на деловното работење, а секако тоа ќе придонесе кон постигнување на уште подобри резултати” – изјави Михајлова.

По две години успешна работа и постигнати значајни резултати, банката донесе одлука и за продолжување намандатот на Милан Дамчевски кој е реизбран за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка. Дамчевски продолжува да ја носи лидерската улога во менаџирање на Бизнис секторот, Секторот за корпоративни клиенти, Одделот за човечки ресурси, Одделот за маркетинг и Одделот за управување со средства и ликвидност.

Со најновата промена Управниот одбор на ПроКредит брои четири членови, вклучувајќи ги и Емилија Спировска и Стевче Кузмановски кои се долгогодишни членови на менаџментот на банката.

Банки

Развојната банка и ЕИБ разговараа за нови кредитни линии за поддршка на македонските компании

Објавено

на

Проширување на финансиската поддршка за малите и средни претпријатија, зелената транзиција, дигитализацијата и женското претприемништво биле главните теми на средбата меѓу претставници на Развојната банка на Северна Македонија и Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Членовите на Управниот одбор на Развојната банка на Северна Македонија, д-р Ефимија Димовска и Бесим Небиу, оствариле средба со заменик-претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грот, на која разговарале за продолжување и унапредување на меѓусебната соработка.

На средбата била потврдена долгогодишната успешна соработка меѓу двете финансиски институции, во чии рамки досега се реализирани бројни проекти насочени кон поддршка на малите и средни претпријатија и поттикнување на развојот на домашната економија.

Посебен акцент во разговорите бил ставен на можностите за воведување нови поволни кредитни линии, со кои би се обезбедила дополнителна финансиска поддршка за македонските компании. Како приоритетни области биле посочени финансирањето на зелената транзиција, дигиталната трансформација и поттикнувањето на женското претприемништво.

Дополнително, се разговарало и за можноста Европската инвестициска банка да обезбеди техничка помош, со цел полесно идентификување, подготовка, развој и реализација на квалитетни проекти што би придонеле за економскиот раст.

Од Развојната банка истакнуваат дека Европската инвестициска банка останува еден од нејзините најзначајни стратешки партнери и дека соработката ќе продолжи во насока на создавање поповолни услови за финансирање на домашниот бизнис-сектор.

Во фокусот на заедничките активности и натаму ќе бидат малите и средни претпријатија, кои имаат клучна улога во обезбедувањето долгорочен и одржлив раст на македонската економија.

Продолжи со читање

Банки

Странскиот капитал учествува со 82,1% во македонските банки: Како се менува капиталната структура на секторот?

Објавено

на

Македонскиот банкарски сектор останува доминантно во странска сопственост, при што последните објавени показатели на Македонската банкарска асоцијација покажуваат дека учеството на странскиот капитал во вкупниот банкарски капитал на крајот од јуни 2026 година изнесувало 82,1 процент.

Во споредба со истиот период минатата година, кога учеството изнесувало 80,47 проценти, станува збор за зголемување од 1,63 процентни поени.

Истовремено, вкупниот капитал и резервите на банкарскиот сектор се зголемиле од 114,95 милијарди денари на крајот од јуни 2025 година на 130,75 милијарди денари една година подоцна.

Тоа претставува зголемување од приближно 15,8 милијарди денари, односно околу 13,7 проценти, што покажува дека капиталната основа на банкарскиот сектор расте паралелно со неговата актива.

Високото учество на странскиот капитал е важна структурна карактеристика на домашното банкарство. Голем дел од банките работат како дел од меѓународни финансиски групации, што може да обезбеди пристап до експертиза, технологии и развиени системи за управување со ризици.

Сепак, странската сопственост сама по себе не претставува гаранција за подобра финансиска успешност или пониски трошоци за клиентите. За таква проценка потребно е да се споредат профитабилноста, капиталната адекватност, квалитетот на кредитите и оперативната ефикасност на поединечните банки.

Дополнително, промените во сопственичката структура можат да произлезат од докапитализации, трансакции со акции и други корпоративни активности, поради што зголемувањето на процентуалното учество на странскиот капитал не треба автоматски да се толкува како влез на нов странски инвеститор.

Во октомври 2026 година, на домашниот пазар се актуелни и капиталните активности на поединечни банки. Силк Роуд Банка неодамна реализираше нова емисија акции во вредност од приближно 3,57 милиони евра, додека претходно беше објавена и намерата на австриската Штаермеркише Шпаркасе групација за преземање на УНИ Банка.

Овие активности се различни по својата природа. Докапитализацијата претставува зголемување на капиталот на постојна банка, додека преземањето се однесува на промена на контролата врз сопственоста и може да биде условено со регулаторни одобренија.

Од аспект на финансиската стабилност, најважно е дека банкарскиот сектор на крајот од јуни 2026 година имал стапка на адекватност на капиталот од 19,52 проценти, што претставува значајна капитална основа за покривање на ризиците.

За домашниот пазар, идните промени во сопственичката структура ќе бидат важни не само од аспект на концентрацијата, туку и поради нивното потенцијално влијание врз конкуренцијата, цените на банкарските услуги и достапноста на финансирањето.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Банки

НЛБ успешно ја утврди цената на новите субординирани обврзници од ред 2 (Tier 2)

Објавено

на

НЛБ успешно го заврши процесот на прибирање понуди од инвеститорите за нови субординирани обврзници од ред 2 (Tier 2), во вкупен износ од 400 милиони евра, со што дополнително ја зајакнува својата капитална позиција и ги поддржува амбициите за раст на Групацијата. Трансакцијата предизвика голем интерес кај широк круг институционални инвеститори, при што побарувачката за обврзниците во својот највисок момент беше 2,3 пати поголема од понудениот износ.

Во понудата учествуваа глобални и регионални инвеститори, вклучувајќи друштва за управување со средства, пензиски фондови, осигурителни компании, финансиски институции и други инвеститори. Според географската распределба, инвеститорите потекнуваа од Франција (32%), Обединетото Кралство (20%), Германија (15%), земјите од Бенелукс (12%), Словенија (3%) и други пазари.

„Оваа трансакција уште еднаш ја потврдува позицијата на НЛБ како редовен и доверлив издавач на пазарите на капитал, со постепено зголемување на износите на емисиите на обврзници (овие обврзници претставуваат најголема емисија на субординирани обврзници на НЛБ досега), и ја одразува силната доверба на инвеститорите во идниот потенцијал на нашето работење. Нашата Групација е добро подготвена за следната фаза на раст“, истакна Арчибалд Кремсер, главен финансиски директор на НЛБ.

„Силната побарувачка од инвеститорите, особено во услови на предизвикувачко пазарно опкружување, испраќа јасна порака за довербата во НЛБ Групацијата и стратегијата што ја спроведуваме. Изградивме силна, профитабилна и отпорна регионална банкарска групација, цврсто втемелена во нашиот матичен регион. Оваа трансакција го поддржува понатамошниот раст на Групацијата и нашите амбиции за спојувања и преземања“, посочи Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ.

Се очекува обврзниците да бидат издадени на 20 октомври 2026 година, со датум на достасување на 20 октомври 2036 година, при што издавачот има право на предвремен откуп на 20 октомври 2031 година.

Каматата на обврзниците ќе се пресметува по годишна каматна стапка од 5,232%. На обврзниците им е доделен кредитен рејтинг Baa2 од страна на агенцијата Moody’s Ratings.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange