Connect with us
no baners

Банки

НЛБ Банка АД Скопје обезбеди 15 милиони евра субординиран заем од матичната банка во Љубљана

Објавено

на

НЛБ Банка АД Скопје објави дека склучила нов Договор за субординиран заем со својата матична институција – Нова Љубљанска банка д.д., Љубљана, во вкупен износ од 15 милиони евра.

Оваа трансакција претставува важен потег за зајакнување на капиталната основа на банката, со оглед дека инструментот се квалификува како додатен основен капитал (Additional Tier I capital), согласно регулативите за банкарски надзор. Средствата од заемот ќе придонесат за дополнително зголемување на отпорноста и стабилноста на НЛБ Банка АД Скопје, како и за поддршка на идниот раст и кредитна активност.

Нова Љубљанска банка д.д., Љубљана, како доминантен акционер со 86.97% од вкупниот број на акции на НЛБ Банка АД Скопје, со оваа трансакција уште еднаш ја потврдува својата стратешка посветеност кон македонскиот банкарски пазар и долгорочната поддршка на локалната подружница.

Оваа капитална инјекција доаѓа во време на продолжен економски раст и зголемени очекувања за кредитирање на реалниот сектор, при што се очекува банката да ја искористи новата финансиска сила за понатамошно проширување на своето присуство и услуги.

Банки

Стабилен раст на депозитите и кредитите во април 2025 година

Објавено

на

Според најновите податоци, во април 2025 година, паричната маса оствари месечно зголемување од 0,7%, пред сè поради растот на депозитните пари, при забележан раст и на долгорочните депозити до две години и на готовите пари во оптек, во услови на пад на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, паричната маса бележи раст од 10,0%, поради зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, краткорочните депозити и готовите пари во оптек.

Вкупните депозити, во април, се зголемени за 0,4% на месечна основа, во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор забележаа намалување. Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,6%, што се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Во април 2025 година, вкупните кредити, бележат раст од 0,8% и 11,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно. Промената кај двете основи е резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.

Депозити и кредити на корпоративниот сектор

Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа надолна месечна промена од 2,5%. Промената во целост произлегува од намалувањето на краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во денари, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута забележаа зголемување. Споредено на годишна основа, растот изнесува 12,0% и во поголем дел е резултат на повисоките краткорочни депозити во денари и депозитните пари, при позитивен придонес и на останатите компоненти.

Во април, кредитите на корпоративниот сектор5 бележат месечен раст од 1,0%, при годишно зголемување од 14,1%. Промената кај двете основи во целост се должи на зголеменото кредитирање во денари, додека кредитите во странска валута забележаа пад.

Депозити и кредити на домаќинствата

Вкупните депозити на домаќинствата, во април, остварија месечно зголемување од 2,0%, во најголем дел поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните и краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута. Годишниот раст од 12,1% се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.

Во април, кредитите на домаќинствата забележаа месечен и годишен раст од 0,6% и 9,8%, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена произлегува од зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во април, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, бележат месечно зголемување од 0,9% и 1,1%, соодветно, при годишен раст од 9,1% и 14,0%, соодветно. Во април, автомобилските кредити забележаа раст на месечна и на годишна основа за 0,4% и 2,3%, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен раст од 0,3%, при годишен пад од 7,9%.

Негативните салда на тековните сметки, во април, забележаа месечно намалување од 9,3%, во услови на годишен раст од 0,1%. Во април, кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад од 2,3% и 9,0%, соодветно.

Продолжи со читање

Банки

Отворена регистрацијата за „Вози право, вози здраво“ vol. 9, најмасовниот вело настан на скопските улици

Објавено

на

Дојде периодот од годината познат по најмасовниот и најзабавниот настан на тркала, „Вози право, вози здраво“, во организација на Стопанска банка АД – Скопје. И оваа година, по деветти пат, метежот на улиците низ Скопје ќе го прават велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички, скироли и други еколошки превози средства кои не ја загадуваат животната средина.

Настанот ќе се одржи на 1 јуни од 17 часот, а стартот е од Порта Македонија, од каде ќе се вози низ улиците во центар до Градскиот парк, каде што ќе се организира голема забава со многу музика и лотарија со вредни награди за учесниците. Пријавувањето за деветтото издание на „Вози право, вози здраво“ почнува денеска. Сите што сакаат да се дел од големиот настан треба да се регистрираат на линкота стартните бројчиња може да ги подигнат од просториите на Стопанска банка (поранешно i-bank store) на кејот на Вардар, секој ден од 26 мај (понеделник) до 31 мај (сабота) од 10 до 18 часот.

Само учесниците кои имаат стартни бројчиња ќе учествуваат во извлекувањето на вредната лотарија со многу награди. Оваа година учесниците на „Вози право, вози здраво“ имаат можност да освојат 9 Specialized  велосипеди + 1 Specialized електричен велосипед, 9 Garmin часовници + 1 електричен тротинет, 9 сетови за велосипед (кациги и очила) + 1 ваучер од Град Скопје, како и многу други подароци.

„Вози право, вози здраво“ не е натпревар во вештина на возење или брзина, туку настан каде сите се победници бидејќи придонесуваат за промоција на здравите животни навики и користење на еколошки средства за транспорт. Како дел од овој настан, Стопанска банка секоја година донира во проекти за развој на урбаниот велосипедизам во градските средини, а оваа година донацијата ќе биде наменета за изградба на детски вело–парк во Кочани, со што Банката ќе ја поддржи локалната заедница во овој град преку едукација и развивање здрави навики кај најмладите.

Стопанска банка,
На ваша страна

ПР објава

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка и Економскиот факултет во Скопјe објавуваат повик за награден хакатон за студенти

Објавено

на

НЛБ Банка во соработка со Економскиот факултет во Скопјe, најавува организација на дводневен хакатон за студенти. Наградниот хакатон, насловен како „NextBank“ е платформа на која студентите од економскиот, но и од останатите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe можат да ги претстават своите иновативни идеи и да се вклучат во креирање на иднината на банкарството преку примена на вештачката интелигенција.

Фокусот на „NextBank“ е ставен на трансформација на банкарските услуги и процеси, вклучувајќи подобрување на корисничкото искуство, креирање на посебна понуда/пакет за млади, спречување финансиски измами, како и развој на одржливи производи и инвестиции. Студентите ќе работат во мултидисциплинарни тимови, а низ целиот процес ќе имаат менторска поддршка од врвни експерти од академската заедница и банкарскиот сектор.

Хакатонот ќе се одржи во просториите на Економскиот факултет во Скопје во периодот од 16 до 20 јуни годинава, а рокот за пријавување на студентите е до 5 јуни.

Освен практичната работа, вмрежувањето и искуството кое ќе го стекнат со учество во овој хакатон, студентите можат да освојат и вредни тимски награди: 1.000 евра за освоено прво место, 750 евра за освоено второ место и 500 евра за третопласираниот тим.

„Ги повикуваме студентите да ни се приклучат во наградниот хакатон за развој на банкарски решенија со примена на вештачката интелигенција, организиран од нашата Банка во соработка со Економскиот факултет во Скопје. Овој настан претставува единствена можност за младите, талентирани и амбициозни умови да го покажат својот потенцијал и да придонесат кон иднината на банкарскиот сектор. Вештачката интелигенција веќе го трансформира светот, од начинот на кој комуницираме, учиме и работиме, па сè до начинот на кој управуваме со финансиите. Во банкарството, вештачката интелигенција ни овозможува побрзи, попаметни и побезбедни услуги, персонализирано искуство за клиентите и поефикасни интерни процеси. Веруваме дека иднината припаѓа на оние кои ќе умеат да ја разберат, развиваат и применуваат оваа технологија.“– истакнуваат од НЛБ Банка.

Инаку, иницијативата за хакатонот произлегува од неодамна потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу НЛБ Банка и Економскиот факултет, чија цел е поттикнување на иновациите и креативноста кај младите таленти. Ова не е само натпревар, туку инвестиција во лична надградба, но и во иднината на модерното банкарство.

НЛБ Банка е посветена на иновации и извонредност во банкарските услуги. Преку иницијативи како што е NextBank хакатонот, Банката продолжува да го поддржува развојот на идните лидери и иноватори во финансискиот сектор.

Продолжи со читање

Популарно