Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска: Западен Балкан има понизок БДП за 18% поради помала вклученост на жените

Објавено

на

Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адриа“. Согласно спроведена анализа на Светската банка,  економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18% од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата. За да се подобрат состојбите потребен е холистички пристап во креирање на политики кои ќе го подобрат квантитативното и квалитативното учество на жените во работната сила, а со тоа ќе се придонесе кон економскиот раст и унапредување на животниот стандард, истакнува гувернерката.

Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. Кај нас, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45-46%, за разлика од стапката на активост кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п. „Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“, истакнува гувернерката.

Гувернерката посочува и на податоците дека кај нас учеството на работоспособното население во вкупното население низ годините се намалува, што укажува дека постои структурен проблем со недостиг на човечки потенцијал, кој е еден од клучните фактори за раст. Од друга страна, има голем потенцијал кај жените кои не се активни. Оттаму, треба да се преземат политики за нивно активирање на пазарот на труд.

Народната банка во соработка со Европската банка за обнова и развој ќе работи на проект во насока на поголема финансиска инклузија на жените, најавува Гувернерката. Народната банка ќе биде национален координатор на овој проект, во кој ќе бидат вклучени повеќе институции, во зависност од надлежностите. Целта на проектот е да се овозможи поголема вклученост на жените во општеството, особено да се помогне на жените во сферата на претприемништвото, што подразбира поголем пристап до финансии.

Ангеловска-Бежоска во интервјуто истакна и дека Народната банка е добар пример во земјата, но и во меѓународни рамки, каде застапеност на жените е висока, вклучително и во раководните функции, во просек околу 70%. Ова е препознаено и неколку години наназад од страна на британскиот тинк-тенк ОМФИФ, кој ја рангира нашата централна банка како прва во светот според број на раководни позиции исполнети од жени.

Банки

Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот

Објавено

на

Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).

Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.

Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.

Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.

„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.

Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.

Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје објави повик за пријавување на летна пракса, нудејќи им можност на студентите и младите лица да стекнат практично работно искуство и подобро да се запознаат со банкарскиот сектор.

Од банката информираат дека програмата е наменета за развој на нови вештини и стекнување знаења преку директно вклучување во работните процеси.

„Стекни практично искуство, развиј нови вештини и запознај го банкарството одблиску“, порачуваат од Халкбанк, повикувајќи ги заинтересираните кандидати да аплицираат преку објавениот линк.

Летната пракса претставува можност за младите да го направат првиот чекор кон својата професионална кариера и да стекнат увид во функционирањето на една од водечките банки во земјата.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка со нови поволности за бизнис-корисниците преку Visa Business картичките

Објавено

на

Комерцијална банка објави нов пакет поволности за компаниите кои користат Visa Business картички, овозможувајќи им пристап до дигитални алатки и услуги по пониски цени.

Преку програмата, деловните корисници ќе можат да добијат попуст од 8 отсто за услугите на Google Cloud, кои вклучуваат алатки за пресметување, складирање податоци, машинско учење и аналитика.

Дополнително, достапен е и попуст од 8 отсто за Google Workspace, пакет што ги опфаќа Gmail, Docs, Drive, Calendar и Meet, со цел да се подобри ефикасноста на деловната комуникација и соработка.

За корисниците на Microsoft 365 е обезбеден попуст од 5 отсто, што покрај Word, Excel и PowerPoint ги вклучува и услугите Teams, OneDrive и SharePoint.

Во рамки на понудата се предвидени и поволности за користење на Amazon Web Services (AWS), насочени кон оптимизирање на трошоците и забрзување на деловните иновации.

Од Комерцијална банка велат дека современиот бизнис бара брзи и паметни решенија, а новите поволности преку Visa Business картичките се наменети за зголемување на продуктивноста и поефикасно управување со деловните процеси.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange