Connect with us

Осигурување

АСО: На денот на осигурувањето 14 студенти математичари од ПМФ добија стипендии од осигурителните компании

Објавено

на

Четиринаесет осигурителни компании, денеска, по повод Денот на осигурувањето 1 ноември, доделија 14 стипендии на студенти – математичари на државниот Природно-математички факултет при УКИМ во Скопје. Станува збор за студенти со висок просек на насоките за актуарство и математика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) кои ќе добијат можност за пракса во компаниите за осигурување, но и стипендија од 1.000 евра во денарска противвредност.

Иницијативата за стипендирање млади математичари од ПМФ е на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Целта е промоција, подигање на свесноста и афирмација во јавноста на актуарската професија која е дејност од суштинско значење во осигурувањето, а воедно и високо ценета и добро платена.

Студентите на математичките катедри на ПМФ се потенцијални актуари кои по завршување на соодветна обука што ја организира АСО можат да станат овластени актуари. И на тој начин да добијат вработување во осигурителни компании, друштва за управување со пензиски фондови, банки и други финансиски институции.

Иницијативата на АСО за стипендирање на студенти годинава ја поддржаа 14 од вкупни 16 осигурителни компании и тие се: Триглав осигурување живот, Кроација осигурување – неживот, Еуролинк, Триглав осигурување неживот, Граве неживот, Уника Лајф, Граве живот, Халк Осигурување, Уника, Евроинс, Сава Осигурување, Кроација осигурување – живот, Винер Лајф и Македонија осигурување ВИГ.

Ова е втора година по ред осигурителната индустрија да доделува стипендии по повод денот на осигурувањето, а лани беа доделени 11 стипендии на студенти на Економскиот факултет при УКИМ.

Настанот го отвори Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти н аАСО и во своето обраќање истакна:

За сите нас заедно е важно тоа што ова е убава приказна со изразите филантропска компонента. Придонесуваме за заедницата, се грижиме едни за други, покажуваме емпатија. Придонесуваме младите, перспективни и квалитетни кадри, да одлучат да останат во земјава, тука да се реализираат професионално, да основаат семејства и да придонесуваат во развојот на нашето општество. Веруваме, а посветено работиме заедно со членовите на Советот на експерти на АСО и  со сите вас од индустријата, на тоа да создаваме општествено корисни практики. Тие се алатки со кои во перцепцијата на домашната јавност осигурувањето ќе се позиционира како општествено одговорна дејност. И тоа, сериозно, значајно придонесува за градењето на довербата и тоа како е потребна за квалитетен раст на овој бизнис.

Димитар Ковачевски, претседателот на Владата, во своето обраќање по повод денот на осигурувањето истакна:

Сметам дека е навистина од големо значење тоа што денеска зборуваме за тоа како растот на осигурувањето да го трансформираме во долгорочен развој бидејќи само така ќе ги промовираме потенцијалите на оваа област, но и ќе ги презентираме можностите пред овие млади луѓе. Токму тие и нивната неисцрпна енергија се носителите на нашиот развој и носителите на нашата иднина.

Обраќајќи се пред присутните Ралица Губерова, претставник на осигурителниот бизнис и претседател на групацијата за осигурување при Стопанската комора истакна:

Единствено преку заеднички активности на сите учесници на пазарот на осигурување, со поддршка и координација од страна на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурување, заедно можеме да влијаеме за зголемување на бројот на осигуреници, зголемување на стапката на пенетрација на осигурувањето, за крајно да обезбедиме развој на целокупниот пазар на осигурување. Ова секако ќе ја подигне важноста и значењето на осигурувањето, ќе имаме се повеќе задоволни осигуреници, а друштвата за осигурување ќе станат поатрактивно место за работа на квалитетен кадар кој ќе биде мотовиран да го вложи своето време и труд во развој на овој значаен сектор за економијата и општеството во целина.

Во име на студентите-стипендисти се заблагодари Даворин Трпевски, декан на ПМФ.

Во склоп на одбележувањето на денот на осигурување се одржа и панел дискусија под работен наслов „Како растот на осигурувањето да го трансформираме во развој“. На панелот уечствуваа Шајноски, претставник на регулаторот АСО, Бранко Азески, претседател на „Стопанската комора“, Филип Николоски, заменик министер за финансии, а претставници на осигурителните друштва беа: Христина Џамбазовска Анастасов, директор на „Триглав живот“ и Климе Попоски, директор на „Винер неживот“. Наважна тема за панелот беше донесувањето на новиот Закон за осигурување кој треба да ја приближи осигурителната индустрија кон европските стандарди и работа по правила содржани во ЕУ директивите кои ја регулираат оваа област.

На панел дискусијата се разговараше и за секогаш актуелниот реформски процес за либерализација на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта. А беа опфатени и значајни теми од областа на осигурувањето живот, дејност која иако помала од неживотното осигурување во континуитет има поголем раст на вложувањата. На оваа тема особен акцент беше ставен на квалитетниот прием на штети како катализатор за раст и развој на осигурувањето живот.

Во рамки на настанот беше презентиран и наградениот научно-истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување за кој АСО, традиционално низ годините, доделува награда. Автор на наградениот труд, годинава, е Антонио Крстаноски студент насоката за осигурување на факултетот во Охрид, кој е дел од универзитот „Свети Климент Охридски“ од Битола (УКЛО) Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. На настанот Шајноски на Крстаноски му додели плакета, а од АСО беше доделена и парична награда од 80.000 денари.

1 ноември е национален ден на осигурувањето, а воедно е и денот на кој, пред 14 години почнала со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето. АСО е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Осигурување

Халк Осигурување со понуда за професионална одговорност за повеќе дејности

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје ја истакнува важноста на осигурувањето од професионална одговорност како заштита од штети што можат да настанат поради грешки или пропусти при извршување на професионалните обврски.

Од компанијата посочуваат дека вниманието, знаењето и професионалноста се основа на довербата во секоја професија, но и дека целосната посветеност не може секогаш да ја исклучи можноста за ненамерна грешка или пропуст.

Осигурувањето од професионална одговорност е наменето токму за вакви ситуации и обезбедува заштита при штети настанати во текот на совесното и професионално извршување на работните обврски.

Халк Осигурување нуди решенија приспособени за различни професионални дејности, меѓу кои ревизори, сметководители, адвокати, здравствени работници, нотари, проектанти и геодети, како и други професии.

„Професионалноста е ваша одговорност. Сигурноста е наша“, порачуваат од Халк Осигурување.

Продолжи со читање

Осигурување

Осигурувањето расте низ Балканот – каде е Северна Македонија?

Објавено

на

Осигурителниот сектор во земјите од регионот продолжува да расте и во 2026 година. Во Босна и Херцеговина, Косово и Албанија во првите седум месеци се бележи зголемување на бруто-полисираната премија, а регионалните бројки повторно го отвораат прашањето колку е развиен македонскиот осигурителен пазар и колку граѓаните користат животно осигурување.

Во БиХ, осигурителните компании во периодот јануари–јули оствариле бруто-премии од 496,1 милиони конвертибилни марки, односно околу 253,7 милиони евра. Тоа претставува раст од 4,2 отсто во однос на истиот период минатата година.

Во Косово, пак, премиите во првите седум месеци од годинава пораснале за околу 5 отсто, додека албанскиот осигурителен пазар бележи раст од околу 3 отсто.

Северна Македонија со посилен раст, но пазарот останува доминиран од неживотното осигурување

Последните целосни годишни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат дека македонскиот пазар во 2025 година забележал значително повисок раст. Вкупната бруто-полисирана премија достигнала 17,93 милијарди денари, што е раст од 12,31 отсто во споредба со 2024 година.

Премијата по жител, еден од показателите за развиеноста и распространетоста на осигурувањето, во државата во 2025 година изнесувала 9.840 денари, односно приближно 160 евра по жител. Тоа е за 13,18 отсто повеќе од претходната година. Истовремено, учеството на осигурувањето во БДП се зголемило од 1,67 на 1,72 отсто.

Но, структурата на пазарот покажува дека неживотното осигурување и натаму убедливо доминира. Од вкупната премија во 2025 година, 14,74 милијарди денари или 82,21 отсто се однесувале на неживотно осигурување. Животното осигурување учествувало со 17,79 отсто, со премии од 3,19 милијарди денари. Премиите во животното осигурување за една година пораснале за 10,22 отсто.

За споредба, во Албанија животното осигурување во првата половина од 2026 година учествувало со само 9,26 отсто во вкупниот пазар, додека повеќе од 90 отсто од премиите се однесувале на неживотно осигурување. Тоа покажува дека Северна Македонија има поголем удел на животното осигурување од дел од пазарите во регионот, иако и кај нас овој сегмент останува далеку помал од неживотното осигурување.

Регионалните податоци, според тоа, покажуваат дека растот на осигурувањето не е изолиран тренд. Премиите се зголемуваат во повеќе балкански земји, но вистинската разлика меѓу пазарите сè повеќе ќе се мери преку премијата по жител, учеството на осигурувањето во економијата и развојот на животното осигурување.

За Северна Македонија бројките покажуваат солиден раст, но и значителен простор за понатамошно продлабочување на пазарот, особено преку поголемо користење на животното осигурување и доброволните осигурителни производи.

Продолжи со читање

Осигурување

Vienna Insurance Group го прошири работењето во Црна Гора, групацијата е силно присутна и во Северна Македонија

Објавено

на

Vienna Insurance Group (VIG) го прошири своето присуство во Црна Гора со основање на компанијата Wiener Städtische Osiguranje Podgorica a.d. – Vienna Insurance Group, која доби дозвола за работа од Агенцијата за надзор на осигурувањето и официјално започна со работа.

По долгогодишното работење во сегментот на животно осигурување, групацијата сега влегува и на пазарот на неживотно осигурување, со што го продолжува инвестицискиот циклус во земјата.

Основачкиот капитал на новата компанија изнесува пет милиони евра, што е значително над законски пропишаниот минимум од три милиони евра.

Vienna Insurance Group поседува 50,1 отсто од капиталот, додека Wiener Städtische животно осигурување Подгорица и Wiener Städtische осигурување Белград имаат по 24,95 отсто.

Извршниот директор Петар Вујошевиќ изјави дека новата компанија од самиот почеток ќе има силна поддршка од целата групација, преку меѓународно искуство, финансиска стабилност и пренесување на знаење од компаниите во Подгорица и Белград.

Одлуката за новата инвестиција следува по успешното работење на Wiener Städtische во сегментот на животно осигурување во Црна Гора. Според податоците за крајот на вториот квартал од 2026 година, компанијата има околу 48 проценти пазарен удел според бруто-фактурираната премија и е лидер во овој сегмент.

Од компанијата посочуваат дека капиталот од пет милиони евра треба да обезбеди дополнителна финансиска стабилност и простор за инвестиции во продажната мрежа, дигитализацијата, новите производи и подобрување на услугите.

Vienna Insurance Group има значајно присуство и во Македонија, каде што работи во сегментите на животно и неживотно осигурување преку „Винер лајф“ и „Македонија осигурување“. Во јули 2024 година, Winner Non-Life беше споен со „Македонија осигурување“, по што компанијата продолжи да работи под брендот „Македонија осигурување“.

Vienna Insurance Group работи во околу 30 земји во Централна и Источна Европа преку приближно 50 компании, има повеќе од 30.000 вработени и над 33 милиони клиенти. Новата инвестиција во Црна Гора е дел од пошироката стратегија на групацијата за зајакнување на позициите на осигурителните пазари во регионот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange