Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска за МТВ: Пристапувањето во СЕПА ќе донесе заштеда од половина милијарда евра за земјите од Западен Балкан

Објавено

на

Доставувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра, СЕПА e историски исчекор, којшто ќе донесе голем број придобивки, бидејќи ќе овозможува пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тој систем пред земјата да стане членка на ЕУ, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската радио телевизија.

Според неа значајно ќе се намалат трошоците за прекуграничните трансакции со пристапувањето во СЕПА, а придобивките за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи, а тоа ќе значи покрај поевтин и побрз, безбеден, едноставен и ефикасен начин за безготовински плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА (36 земји). Според студија на Светска банка прекуграничните плаќања во регионот на Западен Балкан се до 6 пати поскапи од плаќањата во ЕУ, а подолг е и нивниот период на извршување, а со влезот во СЕПА тоа ќе се промени, вели гувернерката.

„Тековно за да се изврши едно меѓународно плаќање потребни се најмалку неколку дена, а членството ќе значи плаќање, односно реализирање на платежните трансакции во тек на еден ден, а доколку се работи за користење на инстант платежен систем тогаш дури и за само 10-тина секунди ќе може да се реализира плаќањето. Поконкретно ако се фокусирам на граѓаните, ова особено ќе биде значајно за дознаките, бидејќи тие кај нас, па и во регионот на Западен Балкан играат значајна улога во економијата, достигнувајќи дури и до 15 % од БДП. Според Светска банка трошоците за извршување на дознаките можат да се преполоват на ниво од околу 3 %, а сето тоа на ниво на регион на Западен Балкан може да резултира со заштеди од дури половина милијарди евра“, посочува гувернерка Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи ја улогата на брзината на трансферот на средствата што е особено важна за компаниите при носењето на бизнис одлуките.

„Во однос на компаниите, брзината и намалувањето на трошоците се многу значајни  елементи коишто можат да ја поттикнат уште повеќе трговијата, инвестициите , секако тоа на крај да резултира со повисок економски раст. Дури има проценки дека овој процес може да ја намали и сивата економија за 2 процентни поени во регионот на Западен Балкан“, потенцира Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека изминативе години Народната банка во соработка со Министерството за финансии, Управата за спречување на перење на пари и други институции интензивно работеше на усогласување на нашата регулатива со европската. Најголем исчекор е направен со Законот за платежни услуги и платежни системи којшто беше усвоен минатата година.

„Но, она што останува да се финализира е усвојување на измени на Законот за спречување на перење на пари, коишто впрочем се и веќе подготвени, се во фаза на финализација. Доколку ова се реализира во скоро време, се усвојат од страна на Собранието измените на овој Закон, мислам дека може да се надеваме на позитивен исход до крајот од оваа година“, вели Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерката во интервјуто на вестите на МТВ се осврна на повеќе актуелни прашања во врска со тековната состојба со инфлацијата и состојбите во банкарскиот сектор.

Банки

Гувернерот Славески: Денарот е стабилен, институциите се подготвени за навремена реакција

Објавено

на

„Довербата во денарот и натаму е стабилна, без значителни промени во однесувањето на депонентите“, истакна гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески во гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија.

„По краткотрајни реакции карактеристични за секоја неизвесност, состојбата брзо се стабилизира. Нема намалување на депозитите, напротив, тие бележат раст, што е јасен показател за довербата на граѓаните во банкарскиот систем“, посочи гувернерот.

Банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитал и ликвидност. Адекватноста на капиталот изнесува околу 19%, обезбедувајќи значителен заштитен слој во услови на неизвесност.

Осврнувајќи се на инфлацијата, гувернерот истакна дека тековните случувања во светот носат одредени ризици, пред сè преку цените на енергентите и нарушувањата во светските синџири на снабдување. Сепак, Народната банка внимателно ги следи состојбите и е подготвена да реагира со сите расположливи инструменти.

Како дополнителен столб на стабилноста беа посочени девизните резерви, коишто на крајот на февруари изнесуваа над 5,5 милијарди евра, што е значително повисоко ниво од 70% во однос на периодот пред пандемијата, обезбедувајќи сигурна поддршка за стабилноста на девизниот курс.

Во однос на изборот на вицегувернери, гувернерот истакна дека постапката се одвива согласно законските процедури. Предложени се двајца високо искусни професионалци од Народната банка – госпоѓата Ана Митреска, досегашен вицегувернер со искуство во монетарна политика и истражување, и господинот Игор Величковски, експерт за платни системи и интеграција во регионални и европски платежни структури. Овие предлози обезбедуваат континуитет во работењето и дополнителна стабилност на институцијата.

Продолжи со читање

Банки

Сите банки во земјава приклучени на СЕПА: полесни и поевтини трансфери во евра

Објавено

на

Народна банка на Република Северна Македонија информира дека целиот банкарски сектор во земјава е целосно вклучен во шемата за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, откако и последната банка се приклучи на системот.

Со ова, како што наведуваат од централната банка, се заокружува процесот на интеграција на домашниот платен систем во европскиот платен простор. Очекувањата се дека тоа ќе придонесе за побрзи, поефикасни и потранспарентни прекугранични плаќања за граѓаните и компаниите.

Целосното приклучување на банките значи и поширока достапност на услугите поврзани со СЕПА, како и зголемена конкуренција на пазарот на платежни услуги. Според Народната банка, тоа треба да доведе до намалување на трошоците за трансакции и подобрување на условите за компаниите, особено за оние што активно соработуваат со земјите од Европската Унија и другите членки на СЕПА.

Од институцијата посочуваат дека во соработка со банките и другите чинители ќе продолжат активностите за модернизација на платежната инфраструктура и усогласување со европските стандарди. Во наредниот период се најавува и дополнително проширување на учеството на домашните институции во останатите шеми на СЕПА, со цел обезбедување современи и сигурни платежни услуги.

Продолжи со читање

Банки

Отворена нова модерна експозитура на НЛБ Банка на локацијата „Универзална Сала“

Објавено

на

Следејќи ги сoвремените трендови и потребите на клиентите, НЛБ Банка Скопје ја продолжува трансформацијата на својата деловна мрежа. Вчера попладне, беше отворена новата модерна експозитура на локацијата „Универзална Сала“, во непосредна близина на претходниот објект.

Експозитурата која сега се наоѓа на Бул: „Партизански Одреди“ бр. 47 е простор со современ концепт и унапредена функционалност, креиран да одговори на денешните потреби на клиентите – побрзо, поедноставно и поудобно.

Во присуство на своите колеги и вработените во експозитурата, новиот објект официјално го отворија Претседателката на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Хедвика Усеник и Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Тони Стојановски заедно со Алеш Ипавец, Заменик Претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје и Катерина Јанковиќ, Член на Управниот одбор на Банката.

На отворањето, Претседателот Стојановски истакна: „Продолжуваме со модернизација на експозитурите како дел од ‘Стратегијата 2030’, подготвувајќи ги нашите експозитури за иднината. Додека секојдневното банкарство сè повеќе се одвива преку дигиталните канали, нашите експозитури се трансформираат во современи простори што овозможуваат персонализирана поддршка и стратешко советување, но и поудобни и подобри услови за работа. Преку интегриран пристап, нудиме сеопфатни финансиски решенија на едно место и поставуваме нови стандарди во банкарството.“

Претставниците на Надзорниот одбор, Хедвика Усеник и Алеш Ипавец изразија задоволство од новиот простор, но и од темпото со кое се одвива трансформацијата на деловната мрежа на Банката, и упатија искрени честитки до тимовите вклучени во процесот.

За потсетување, НЛБ Банка ја заврши минатата година со осум обновени експозитури, како дел од проектот за целосна трансформација на деловната мрежа до 2030 година.

Новиот концепт на експозитурите на Банката е во рамките на пошироките напори на НЛБ Групацијата за модернизација и развој на продажната мрежа, со фокус на дигитализација и креирање современи банкарски простори што комбинираат технологија и персонализирана услуга.

Експозитурата го задржува досегашното работно време од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот и со нетрпение ги очекува своите клиенти.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange