Connect with us

Берза

Штериев: На Македонската берза ѝ требаат нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници, како и регионален ETF со вклучување на неколку акции од нашиот пазар

Објавено

на

„Проширувањето на понудата на пазарот на капитал со нови финансиски инструменти, емисии на акции и обврзници е еден од главните предизвици со кои се соочува Македонската берза“, истакна главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, на 25. јубилејна Годишна конференција на Берзата во Охрид, која се одржува по повод 30 години од нејзиното основање.

Штериев посочи дека вкупниот промет на Македонската берза до 15 септември изнесува околу 89,8 милиони евра, што е околу 8% помалку во споредба со истиот период минатата година. Класичното тргување е намалено за 27%, додека блок-трансакциите бележат раст од околу 159%.

Индексот МБИ10 на 15 септември изнесувал 9.151 поен, што претставува пад од 8,9% во однос на крајот на 2025 година.

„На плиток пазар, како нашиот, со мал број активни учесници, и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат“, истакна Штериев.

Според него, состојбите на домашниот пазар не можат целосно да се објаснат со глобалниот берзански сентимент. Како клучни ограничувања ги посочи тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори, особено во услови кога домашните инвеститори имаат сè поголем избор на странските берзи.

Фокус на нови извори на капитал

Како една од конкретните активности за проширување на понудата, Штериев го посочи проектот со ЕБОР за подготовка на домашните компании за финансирање преку пазарот на капитал.

За 10 места во програмата се пријавиле повеќе од 20 компании, а финалната селекција треба да биде направена наскоро.

Дополнителни можности се очекуваат и од регионалниот проект Junctus, во кој Македонската берза учествува со уште седум берзи од Централна и Југоисточна Европа.

„Прв конкретен резултат што го очекуваме од Junctus проектот е регионален ЕТФ, со вклучување на неколку акции од нашиот пазар и со последователна котација на овој ЕТФ и на Македонската берза“, истакна Штериев.

Планот е регионалниот ЕТФ да биде лансиран во втората половина на 2027 година.

Домашните инвеститори сè повеќе инвестираат во странски хартии од вредност

Штериев посочи и на растечкиот интерес на домашните инвеститори за странски хартии од вредност. Минатата година прометот во странство преку домашните членки надминал 110 милиони евра, додека во првите шест месеци од 2026 година надминал 89 милиони евра.

Во тој контекст, тој оцени дека е време сериозно да се разгледа можноста за воведување на т.н. „македонски инвестициски сметки“, со кои би се поттикнало долгорочното инвестирање и поголемото учество на граѓаните на домашниот пазар на капитал.

Штериев ја нагласи и потребата од започнување на примената на новата законска регулатива усогласена со европските правила, како и од тесна координација со Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.

„Главниот предизвик е да работиме на тоа интензивно, да ја прошириме понудата, да има нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници“, порача Штериев.

Берза

Зголемен промет на Македонската берза, повеќето акции во пад

Објавено

на

Тргувањето на Македонската берза во периодот од 14 до 18 септември 2026 година забележа силен раст на активноста, при што вкупниот промет достигна 78,4 милиони денари, односно околу 1,27 милиони евра.

Во однос на претходната недела, прометот е зголемен за 126,21 проценти. Во текот на неделата биле реализирани 501 трансакција, што е за 325 повеќе од претходниот период, а биле истргувани вкупно 12.101 акција и обврзница.

И покрај поголемата активност, движењето на цените главно беше негативно. Од акциите опфатени со неделниот преглед, раст забележаа единствено акциите на Универзална Инвестициона Банка Скопје, чија вредност се зголеми за 3,58 проценти.

Најголем пад во текот на неделата имаа акциите на Комерцијална банка Скопје, кои поевтинија за 2,35 проценти. Следуваат Стопанска банка Скопје со пад од 2,17 проценти и НЛБ Банка со намалување од 1,92 проценти.

Комерцијална банка воедно беше и најтргуваната акција на Берзата, со промет од околу 36 милиони денари. Зад неа се Алкалоид Скопје со 9,2 милиони денари и НЛБ Банка со 7,5 милиони денари промет.

Меѓу поактивните компании беа и Макпетрол со 5,9 милиони денари и Македонски Телеком со 2,8 милиони денари промет.

Според бројот на истргувани акции, најголема активност имало кај Македонски Телеком со 5.673 акции, потоа кај Комерцијална банка со 1.422 акции и РЖ Економика со 1.242 акции.

Во текот на неделата била реализирана и една блок-трансакција со акции на Комерцијална банка, во која биле истргувани 110 акции по цена од 25.450 денари за акција.

Продолжи со читање

Берза

Волстрит порасна по тридневен пад, технолошкиот сектор со најсилен раст

Објавено

на

По три последователни дена пад, акциите на Волстрит во четвртокот забележаа раст, предводени од технолошкиот сектор, додека инвеститорите позитивно реагираа и на вториот последователен ден на пониски цени на нафтата.

Индексот Dow Jones порасна за 0,62 проценти, на 51.779 поени, S&P 500 за 1,14 проценти, на 7.637 поени, а Nasdaq забележа раст од 1,69 проценти, на 26.418 поени.

Раст е забележан во девет од 11-те главни сектори во рамки на индексот S&P 500, а најголемо зголемување имаше технолошкиот сектор, кој претходно беше под најсилен притисок.

Американската централна банка, Федералните резерви, претходниот ден ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, на распон од 3,75 до 4 проценти. Ова е прво зголемување на каматите од 2023 година.

Фед воедно сигнализираше дека се можни дополнителни зголемувања на каматните стапки со цел дополнително да се ограничи инфлацијата. На пазарите се проценува дека шансите за ново зголемување на каматите уште на октомвриската седница се нешто над 50 проценти.

Позитивното расположение се пренесе и на азиските берзи, каде што акциите во петокот пораснаа трет ден по ред, поттикнати од растот на Волстрит и дополнителниот пад на цените на нафтата.

Продолжи со читање

Берза

Волстрит трет ден во пад по зголемувањето на каматните стапки

Објавено

на

Цените на акциите на Волстрит паднаа трет ден по ред, откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки и сигнализираше дека до крајот на годината е можно уште едно зголемување.

Индексот Dow Jones се намали за 1,21 отсто, на 51.461 поен, S&P 500 падна за 0,44 отсто, на 7.552 поени, додека Nasdaq ослабе за 0,01 отсто и заврши на 25.978 поени.

По дводневната седница, раководството на Федералните резерви одлучи да ја зголеми клучната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на распон од 3,75 до 4 отсто. Ова е прво зголемување на каматните стапки во САД од 2023 година.

Фед во соопштението посочи дека наскоро е можно уште едно зголемување на каматите со цел да се намали инфлацијата.

„Како што се очекуваше, Фед ги зголеми каматите првпат по повеќе од три години. Се чини дека раководството на банката е обединето во борбата против инфлацијата“, изјави Рајан Детрик, стратег во компанијата Carson Group.

Претседателот на Фед, Кевин Ворш, на прес-конференција изјави дека американската економија зајакнала од последната седница на централната банка, но дека нема значително подобрување кај инфлациските движења.

Според него, главна задача на Фед останува стабилноста на цените, нагласувајќи дека инфлацијата е превисока веќе подолг период. Тој додаде дека стабилниот пазар на труд и економскиот раст создаваат простор за зголемување на каматните стапки.

За разлика од Волстрит, на поголемиот дел од азиските берзи акциите во четвртокот пораснаа втор ден по ред. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,4 отсто.

Акциите во Индија, Јапонија, Австралија и Јужна Кореја забележаа раст меѓу 0,1 и 0,9 отсто, додека берзите во Шангај и Хонгконг забележаа пад меѓу 0,3 и 0,7 отсто.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange