Банки
ШПАРКАСЕ БАНКА – СИНОНИМ ЗА СТАБИЛНОСТ: Нови промотивни кампањи за станбен и за потрошувачки кредит со фиксни каматни стапки

Во динамичниот свет, стабилноста и понатаму останува една од најважните придобивки. Токму затоа Шпаркасе Банка АД Скопје е фокусирана на грижа за своите клиенти, на нивното финансиско здравје и добросостојба, постојано подобрувајќи ги производните понуди.
Една од најголемите поволности што Шпаркасе Банка им ја нуди на клиентите е фиксната каматна стапка, токму во време на зголемена несигурност и растечки тренд на каматите. Затоа, Шпаркасе Банка ги започнува кампањите Конечно ФИКСНА адреса! за станбен кредит, со фиксна каматна стапка почнувајќи од 3,3% за првите десет години, на максимален износ до 400.000 ЕУР со рок на отплата од 30 години, како и Различни желби, ФИКСЕН план! за S Plus потрошувачки кредит со фиксна каматна стапка почнувајќи од 5,4% и рокови на отплата до 95 месеци, на максимален износ до 1.500.000 денари. Понудата ќе трае сè до 31.5.2024 година.
Шпаркасе Банка обезбедува стабилност и финансиска предвидливост за клиентите, овозможувајќи им со сигурност да ги планираат идните трошоци и долгорочните цели. Со фиксната каматна стапка за станбен и за потрошувачки кредит, Шпаркасе е партнер на своите клиенти, кој им помага да се справат со економските предизвици додека градат сигурна иднина.
Шпаркасе Банка е членка на групацијата Ерсте и Штаермаркише Шпаркасе, која е една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и во Источна Европа, а за нејзината стабилност и традиција зборува фактот за непрекинато работење од близу 200 години. Групацијата опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури. Во Македонија, групацијата е застапена со Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг и опслужува повеќе од 120.000 клиенти во 36 експозитури.
#ВерувајВоИднината
Банки
ПРВО ПОЛУГОДИЕ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивка од 2,96 милијарди денари за шест месеци!

Во периодот од 01.01. до 30.06.2025 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.960,1 милиони денари, наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 2.844,6 милиони денари, што претставува зголемување за 4,1%. Планираната бруто-добивка за првата половина од годинава е остварена со 114,9%.
Овој резултат е постигнат во услови на зголемени надворешни ризици, вклучително и геополитички тензии, нестабилност на светските пазари поради трговски бариери, и забавена економска активност кај главните трговски партнери на државата.
Кај домашната инфлација во последните месеци се забележува тренд на благо забрзување (во мај и јуни достигна ниво од 3,7% и 3,8% на годишно ниво), а Народната банка го задржа внимателниот пристап во водењето на монетарната политика.
Клучни показатели за профитабилност
- Добивката пред исправка на вредност е 1,1% пониска од лани, главно поради:
- Намалени капитални добивки од продажба на преземен имот
- Загуби од тргување со хартии од вредност
- Зголемени оперативни расходи
- Вкупните приходи од работење изнесуваат 4.483,9 милиони денари (намалување од 0,4%)
- Нето-приходите од камата бележат раст од 1,1% и планот е исполнет со 101,3%
- Нето каматната маржа е намалена од 3,88% на 3,63% на годишно ниво
- Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 1,5%, реализирани со 105,7% од планот
- Приходите од курсни разлики бележат значителен пораст од 20,3%, реализирани со 137,3% од планот
Останати приходи и расходи
- Останатите приходи од работење изнесуваат 663,6 милиони денари (намалување од 9,3%)
- Оперативните расходи се зголемени за 1,4%, главно поради повисоки трошоци за вработените
- Нето исправката на вредност на финансиските средства е намалена за 32,8%, што се должи на подобрена кредитна дисциплина
- Прокнижена е загуба поради оштетување на нефинансиски средства од 4,9 милиони денари.
Биланс на состојба
Вкупна актива
На 30.06.2025 година, вкупната актива на Банката изнесува 181.598,4 милиони денари, што е раст од 1,7% во однос на декември 2024 година. Планот е реализиран со 99,1%.
- Парични средства и еквиваленти: раст од 8,0%, најмногу поради зголемено пласирање во НБРСМ
- Средства за тргување: пад од 45,2% поради продажба на акции и пазарно усогласување
- Финансиски средства по објективна вредност: раст на вложувања во инвестициски фондови
- Кредити на банки: пад од 3,8% поради доспевање на депозити и нивно репозиционирање
- Кредити кон нефинансиски друштва и домаќинства: раст од 4,7%, главно кај правните лица
- Вложувања во хартии од вредност: намалени за 7,7% поради достасани обврзници
- Преземени средства по ненаплатени побарувања: пад од 49,9%, со минимално учество во активата.
- Обврски и капитал
- Вкупни депозити: 156.685,2 милиони денари (раст од 1,3%), доминантно од домаќинства
- Обврски по кредити: значителен пораст од 83,9%, главно од нови повлекувања преку различни кредитни линии, вклучувајќи GEFF III, GFF и ИФАД 2. Учество во вкупните обврски останува ниско (1,7%)
- Акционерски капитал и резерви: достигнуваат 20.977,4 милиони денари (раст од 0,6%), со прераспределба на добивка од 2024 година.
Очекувања за претстојниот период
Макроекономските услови во кои Банката ја остварува својата активност во текот на 2025 година се условени од домашните политички случувања и од неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент.
Иако генералните очекувања се дека движењата во рамки на домашната економија ќе
имаат позитивна насока, притисоците и зголемената неизвесност во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2025 година, при што се земени предвид проекциите објавени од
Министерството за финансии, Народната банка на Република С Македонија, ММФ и Светската банка.
Најновите макроекономски проекции на Народната банка, објавени во јуни 2025 година, прогнозираат раст на економијата од 3,0 % во 2025 година, во услови на понеповолно надворешно окружување. Се очекува главен носител на растот да бидат инвестициите,
потпомогнати од најавениот јавен инфраструктурен циклус, но и од приливот на странски инвестиции и солидната кредитна поддршка на корпоративниот сектор од страна на банките.
И понатаму се очекува макроекономската стабилност да се остварува преку одржување
на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во
однос на еврото. Во 2024 година просечната годишна инфлација достигна 3,5%, додека
за 2025 година најновите оцени на Народната банка упатуваат на проектирана стапка на
инфлација од 3,0%, наспроти октомвриските согледувања за инфлација од 2,5%.
Нагорните ризици околу инфлацијата се поврзани главно со цените на примарните
производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст, климатските фактори и глобалните протекционистички трговски политики, како и со домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката.
Се очекува дека банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка, во услови на постепено забрзување на економскиот раст и стабилизирање на очекувањата. Кредитниот раст на крајот на 2024 година достигна 11,2%, додека согласно
најновите проекции од НБРСМ за 2025 година е проектиран на околу 9,0%. Како резултат на стимулативните услови за штедење, растот на расположливиот доход на населението, стабилните очекувања и јакнењето на довербата, како и мерките преземени од страна на Народната банка за натамошно поттикнување на штедењето, депозитите, како најзначаен извор на финансирање, на крајот од 2024 година остварија солиден годишен раст од 12,4 %, а во 2025 година се предвидува раст на депозитите од околу 7,5 %.
Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон
новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на
одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на
барањата на клиентите, на ефикасно управување со трошоците, натамошна
дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, на навремено
усогласување со техничките барања за процесирање на плаќањата преку единствената
европска платежна област – СЕПА, на прилагодување на деловните процеси во
согласност со барањата на регулативата за платежни услуги и платни системи, како и со
регулативата за финансиски инструменти и обврски за транспарентност за издавачите
на хартии од вредност, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој, на имплементација на систем за управување со ризиците од климатски промени и сл.
Банки
Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика – Народна банка ја задржува каматната стапка на 5,35%

На 29 јули 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше одлучено каматните стапки да бидат непроменети, односно каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, соодветно на условите во економијата и на ризиците коишто произлегуваат од надворешното и домашното окружување. Целокупниот сет досегашни мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на поставеноста на монетарната политика во еврозоната, ЕЦБ на состанокот во јули донесе одлука за задржување на каматните стапки на тековното ниво.
Во услови на стабилен девизен пазар, движењето на инфлацијата и натаму е во центарот на вниманието и треба внимателно да се следи. Имено, во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 4,5%. Забрзувањето на годишната стапка на инфлација главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт. Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока. И покрај тоа, неизвесноста околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката.
Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. На крајот на јуни, нивото на девизните резерви изнесува 4.697,6 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со јуни упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се во согласност со очекувањата според априлската проекција, додека трговскиот дефицит остварен во април и мај засега е понизок од проекциите за вториот квартал. Во првиот квартал од 2025 година, тековите во билансот на плаќања се близу до очекувањата.
Во првиот квартал од 2025 година, економската активност и натаму расте и изнесува 3,0%, што е слично со остварувањата во претходните два квартала и во согласност со очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2025 година главно упатуваат на забрзување на економскиот раст, поткрепено од поволните движења во градежништвото, индустријата и угостителството. Ризиците за растот во наредниот период од надворешното окружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со којашто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија.
Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика. Во јуни депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од априлските проекции.
Општо земено, се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, согласно најновите остварувања кај клучните макроекономски показатели и согледувањата за ризиците. Ризиците од надворешното окружување и натаму се изразени, а внимателно се следат и домашните фактори што можат да влијаат врз побарувачката, особено во услови на постојан пораст на реалните плати. Народната банка е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за да придонесе кон одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и на ценовната стабилност на среден рок.
Банки
УНИБанка оствари добивка од 3,3 милиони евра во првото полугодие од 2025 година

УНИБанка АД Скопје продолжува со стабилни и позитивни финансиски резултати, реализирајќи добивка од 3,3 милиони евра (203 милиони денари) во првото полугодие од 2025 година. Банката успешно ги реализираше планираните банкарски активности, задржувајќи го фокусот на квалитетната услуга, иновациите и задоволување на потребите на клиентите.
Според официјалните податоци, вкупните приходи од работење изнесуваат 1.160 милиони денари, што претставува раст од 2,5% во споредба со истиот период од претходната година. Клучен придонес кон остварениот позитивен резултат имаат приходите од камати, кои учествуваат со 67,1% во структурата на вкупните приходи. Овие приходи се зголемени за 2,9% на годишно ниво, при што најзначаен е порастот кај кредитирањето на населението.
На расходната страна, УНИБанка бележи вкупни расходи во висина од 957 милиони денари, што е намалување од 1,9% во однос на првата половина од 2024 година. Намалувањето првенствено се должи на пониските средства издвоени за резервации по основ на кредити, што укажува на стабилно портфолио и намален кредитен ризик.
Во првoто полугодие од 2025 година, УНИБанка има исплатено дивиденда во износ од 211 милиони денари или 387 денари бруто износ по акција од остварената добивка во 2024 година.
Обврските по кредити заклучно со вториот квартал од 2025 година се зголемени за 57,3% во однос на 31.12.2024 година, како резултат на прибрани нови извори на средства по основ на одобрени кредитни линии.
Очекувања за претстојниот период
Во 2025 година окружувањето во коешто делуваше банката, се одликуваше со постепена стабилизација на ценовниот раст и поволен девизен пазар, но и понатаму постојат ризици и неизвесност, главно поврзани со надворешното окружување. Во однос на ризиците од надворешното окружување, од една страна се согледуваат надолни ризици главно поврзани со постојаните геополитички тензии, додека од друга страна, се согледуваат и поволни ризици, коишто претпоставуваат побрзи глобални структурни промени и поволни влијанија од новите технологии, кои ќе ја зголемат продуктивноста и глобалниот раст.
Очекувано во првата половина од 2025 година, Банката ја оставруваше својата деловна активност во променливи макроекономски услови и ги преземе сите неопходни мерки и активности за прилагодување на своето работење, пред се водејќи сметка за одржување на квалитетот на кредитното портфолио и изнаоѓање на флексибилни решенија согласно потребите и барањата на клиентите.
Заклучно со првoто полугодие од 2025 година, нето активата на банката е над планираната.
Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба на 30.06.2025 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на надминување на планираните извори од корпоративниот сектор за 5%, како и повеќе привлечени извори на средства, по основ на кредитни линии, кои значително ги надминуваат планираните.
УНИБанка има за цел во текот на 2025 година да го зголеми бројот на дигитални корисници и клиенти, кои во пракса ќе ги почувствуваат ефектите од намалувањето на трошоците во нивното работење. Се планира да се воведат нови иновативни мобилни банкарски решенија со кои уште повеќе ќе се овозможи персонализирано корисничко искуство и поголемо задоволство при реализацијата на банкарските операции.
Стратегијата на УНИБанка за 2025 година ќе биде фокусирана на неколку клучни цели, а тоа е продолжување на растот на активата и на пазарниот дел, со повисоко ниво на ризик во портфолиото и повисоко ниво на РОЕ.
Воедно, поттикнувањето на позитивни промени во локалната заедница, грижата за животната средина, поддршката на спортот и културата, поттикнувањето солидарност, инклузија и во 2025 година ќе бидат високо на листата на приоритети на банката.
- Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Продуктипред 2 недели
Apple Pay доаѓа во Македонија: Подготовките се во тек, стартот се очекува наесен
- Банкипред 2 недели
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје
- Банкипред 1 недела
Промени во составот на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје
- Банкипред 2 дена
Промени во Надзорниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје – кој е новиот член што носи меѓународно искуство и визија за финансискиот развој на Банката!?
- Останатопред 3 недели
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Банкипред 6 дена
Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор
- Фондовипред 3 недели
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје