Анализи
Започна гласањето за најдобрите во македонската е-трговија за 2023 година
Започна гласањето за изборот на најдобрите е-трговци за 2023 година „E-commerce Awards 2023“, кој традиционално се одржува по трети пат во организација на Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ, каде што ќе се одбираат најдобрите домашни е-трговци за 2023 година, кои се натпреваруваат во 24 категории поделени во три секции: најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање, најдобри е-продавници по сектори и шампиони во е-трговија.
Процесот за наградување на најдобрите е-трговци започна со номинирање на е-трговците на официјалната веб страница на натпреварот, кој траеше до 10ти јануари 2024, на кој се пријавија 165 е-трговци. Најмногу од компаниите се пријавени за категориите „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, „Е-трговец на годината“, како и „Најпопуларна е-продавница“. По проверка и валидација на сите номинирани согласно Правилникот е-трговците кои ги исполниле условите на натпреварот беа објавени во листата на номинирани е-трговци во соодветните категории на официјалната веб страница на E-commerce Awards.
Гласањето е сега отворено за јавноста и сите кои сакаат да го дадат својот глас за нивните омилени е-продавници може да го сторат тоа и да изразат поддршка за нивната работа.
Едно лице може да гласа само еднаш и при тоа, гласа во категории по сопствен избор и може да даде еден глас во секоја категорија. Две категории се задолжителни за гласање: „Е-трговец на годината“ и „Најпопуларна е-продавница“, додека сите други категории се опционални. Гласањето од страна на публиката е бесплатно, едноставно и достапно до сабота, 10.02.2024, до крајот на денот. Гласањето може да се направи на следниот линк.
По завршување на гласањето од публиката ќе следува гласање од стручната жири комисија која се состои од експерти во повеќе области и е составена за да допринесе во изборот на најдобрите е-трговци во сите категории, освен за категоријата ‘Најпопуларна е-продавница’ во која наградата ќе се додели единствено врз основа на бројот на гласовите од публиката.
Одредувањето на победниците ќе се изврши врз основа на утврдена методологија за пресметка, која што е јавно објавена во рамки на Правилникот за наградите за е-трговија, земајќи ги превид гласовите од јавноста и жири комисијата, при што поените од публиката (јавноста) ќе се вреднуваат со 40%, додека поените од жири комисијата со 60%. Секој финалист ќе добие вкупен број на поени кои ќе го одредат неговото рангирање во соодветната категорија.
Свечениот настан за доделување на наградите на најдобрите македонски е-трговци за 2023 година ќе се одржи во март 2024 година. На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа собрани над 93.390 гласови од 6.584 гласачи од јавноста, а беа доделени вкупно 39 награди во 23 категории.
Инаку, овогодинешниот избор за најдобрите е-трговци за 2023 година се реализира со поддршка на златните партнери – НЛБ Банка и Иуте.
Анализи
Среброто падна за 6%, поевтини и златото поради страв од повисоки камати
Цените на златото и среброто забележаа пад, додека нафтата нагло поскапе, во услови на зголемени очекувања дека американската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки на септемврискиот состанок.
Цената на златото во четвртокот изнесуваше 4.397,50 долари, што претставува пад од околу 1,5 отсто. Среброто поевтини уште посилно, за речиси 6 отсто, на 64,86 долари.
Дел од аналитичарите го поврзуваат падот на благородните метали со наглиот раст на цените на нафтата. Брент нафтата поскапе за околу 4 отсто, до 105,07 долари за барел, што е највисоко ниво од мај, во услови на зголемени тензии меѓу САД и Иран.
Дополнителен притисок врз златото и среброто дојде и од новите податоци за инфлацијата во САД. Американското Биро за статистика на трудот соопшти дека големопродажните цени во август пораснале за 0,4 отсто.
Податоците ги засилија очекувањата дека Федералните резерви би можеле да ги зголемат каматните стапки. Според алатката FedWatch на CME Group, веројатноста за зголемување на каматите на следниот состанок изнесува 69,8 отсто, наспроти приближно 50 отсто една недела претходно.
Повисоките каматни стапки вообичаено претставуваат негативен фактор за цените на златото и среброто, бидејќи ја зголемуваат привлечноста на каматоносните вложувања.
Во исто време, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз ФЕД да ги намали каматните стапки. Трамп неодамна порача дека САД треба да имаат најниски каматни стапки во светот, додека потпретседателот Џеј Ди Венс исто така се заложи за нивно намалување.
Пазарите сега ги очекуваат и новите податоци за индексот на потрошувачките цени во САД, кои ќе бидат последниот важен инфлациски показател пред следната одлука на Федералните резерви.
Златото и среброто претходно годинава достигнаа историски максимуми. Златото се искачи до 5.600 долари, а среброто до 121 долар, пред цените нагло да се намалат кон крајот на јануари.
Анализи
Црна Гора веќе гледа што доаѓа по SEPA – што е следниот чекор за Македонија?
По влезот во SEPA и воведувањето на инстант плаќањата, Црна Гора веќе го насочува вниманието кон следната фаза – подлабока интеграција во европската финансиска и платежна инфраструктура. И Северна Македонија се движи по слична патека, а еден од следните големи чекори треба да биде приклучувањето кон регионалната TIPS Clone инфраструктура.
Гувернерката на Централната банка на Црна Гора, Ирена Радовиќ, на 8 септември изјави дека земјата, со поддршка на Светската банка, направила „историски исчекор“ со пристапувањето кон SEPA и воспоставувањето на TIPS Clone платформата. Таа посочи дека фокусот во наредниот период ќе биде на натамошно зајакнување на институционалната, оперативната и техничката подготвеност за идното членство во Европскиот систем на централни банки, а потоа и во Евросистемот.
Црна Гора го пушти TIPS Clone во употреба на 20 јули годинава. Системот овозможува трансфер на пари за неколку секунди, 24 часа дневно, седум дена во неделата, а е развиен врз истата технологија што ја користи европскиот TARGET Instant Payment Settlement – TIPS.
Но Црна Гора не е единствена во регионот што се движи во оваа насока. Северна Македонија, која заедно со Албанија и Црна Гора оперативно влезе во SEPA во октомври 2025 година, исто така се подготвува за следната фаза на модернизација на платежниот систем.
Според Банката на Италија, Северна Македонија треба да се приклучи кон TIPS Clone платформата во вториот бран на поврзување, планиран за ноември 2026 година, заедно со Албанија и Косово. Босна и Херцеговина и Црна Гора беа првите две земји што се приклучија на инфраструктурата во јули.
Тоа значи дека по SEPA, која овозможи значително поевтини прекугранични плаќања во евра, следниот чекор за Македонија е плаќањата да станат и инстант – средствата да пристигнуваат за неколку секунди и системот да функционира непрекинато.
Од Народната банка претходно беше посочено дека TIPS Clone треба да овозможи поврзување со сличните системи во Западен Балкан, но и со европскиот TIPS, со што граѓаните и компаниите би можеле да вршат брзи и поевтини прекугранични трансакции.
Македонија паралелно веќе има и домашна инфраструктура за инстант плаќања. КИБС во септември 2025 година доби лиценца од Народната банка за системот „KIBS Instant“, кој овозможува трансфери во денари за помалку од десет секунди и е проектиран со можност за идно поврзување со SEPA шемата за прекугранични инстант плаќања.
Оттука, SEPA повеќе не е крајната точка на финансиската интеграција на регионот со Европа. Црна Гора веќе влезе во следната фаза, а Македонија во наредните месеци треба да направи уште еден важен инфраструктурен чекор – поврзување со систем што треба да ги доближи домашните плаќања до брзината и стандардите што веќе важат во европскиот платежен простор.
Анализи
Нафтата на чекор до 100 долари, растат стравувањата по ескалацијата на Блискиот Исток
Цената на суровата нафта Брент во средата се доближи до 100 долари за барел, додека азиските берзи останаа под притисок поради засилените тензии на Блискиот Исток и растечката загриженост од нов инфлациски бран.
Фјучерсите на Брент пораснаа за 1,57 долари, на 99,49 долари за барел, што е највисоко ниво од крајот на јуни. Американската нафта WTI се тргуваше по 94,63 долари за барел, со раст од 1,60 долари.
Дополнителна неизвесност на пазарите предизвика ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Хутите во Јемен, поддржани од Иран, нападнаа неколку градови во Саудиска Арабија, додека американските сили нападнаа повеќе ирански нафтени танкери. Иран, пак, погодил американска база во Јордан.
На азиските берзи движењата беа мешани. Индексот Hang Seng во Хонгконг падна за 0,6 отсто, акциите во Сиднеј ослабеа за околу 0,3 отсто, додека кинескиот CSI300 порасна за 0,2 отсто.
Јапонскиот Nikkei забележа раст од 0,6 отсто, јужнокорејскиот KOSPI скокна за 1,6 отсто, а тајванскиот TAIEX за 0,6 отсто, поттикнати од закрепнувањето на компаниите од секторот за чипови и вештачка интелигенција.
Инвеститорите внимателно ги следат и очекувањата за каматните стапки. Пазарите речиси целосно очекуваат Европската централна банка во четврток да ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради инфлациските притисоци.
Во фокусот се и податоците за инфлацијата во САД, кои треба да бидат објавени во петок. Трговците во моментов речиси подеднакво ја проценуваат можноста Федералните резерви следната недела да ги зголемат каматните стапки за четвртина процентен поен или да ги задржат на сегашното ниво.
Јапонскиот јен зајакна за околу 0,2 отсто, на 153,66 јени за долар, додека еврото порасна за 0,1 отсто, на 1,1629 долари.
Биткоинот благо поскапе и се тргуваше по цена од околу 78.680 долари, додека златото порасна за 0,3 отсто, на приближно 4.368 долари за унца, пренесува Reuters.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Бизниспред 2 месециНови цени на горивата: Дизелот поскап за 5,50 денари, бензините за 1,50 денари





