Connect with us
no baners

Банки

Оглас за вработување во Народната банка на Република Северна Македонија

Објавено

на

Врз основа на член 59 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија и Одлуката за утврдување потреба од засновање работен однос бр.04-28700/1 од 18 август 2023 година, Народната банка на Република Северна Македонија распишува Оглас за вработување во Народната банка на Република Северна Македонија.

1. Народната банка на Република Северна Македонија објавува оглас за вработување на четири (4) извршители, од кои:

– 1 извршител на работното место „помлад аналитичар почетен II степен“ во Отсекот за надгледување на платните системи во Дирекцијата за платни системи, на определено време во траење од 2 години;

– 2 извршители на работното место „помлад статистичар почетен II степен“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика, на определено време во траење од 1 година и

– 1 извршител на работното место „помлад супервизор почетен I степен“ во Дирекцијата за теренска супервизија, на определено време во траење од 1 година.

2. Кандидатите за работните места од точка 1, треба да ги исполнуваат следните општи услови за засновање работен однос, утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија: да се државјани на Република Северна Македонија, да се полнолетни, да имаат општа здравствена способност за работното место и да не им е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност.

3. Покрај општите услови за засновање работен однос утврдени во Колективниот договор на ниво на Народната банка на Република Македонија, кандидатите треба да ги исполнуваат и следните посебни услови:

– за работното место „помлад аналитичар почетен II степен“ во Отсекот за надгледување на платните системи во Дирекцијата за платни системи: да имаат завршено факултет од областа на правните науки со најмалку 180 кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање англиски јазик, работа со компјутер, познавања на платните системи и финансиските пазари и познавања од областа на работењето на Народната банка.

Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните стручни знаења и англиски јазик.

– за работното место „помлад статистичар почетен II степен“ во Отсекот за изготвување и објавување екстерни статистики во Дирекцијата за статистика: да имаат завршено факултет од областа на економските науки со најмалку 180 кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.

Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните познавања од областа на работењето на Народната банка.

– за работното место „помлад супервизор почетен I степен“ во Дирекцијата за теренска супервизија: да имаат завршено факултет од областа на правните науки со најмалку 180 кредити (VIБ), да бидат со или без работен стаж, да имаат познавање на англиски јазик, работа со компјутер и познавања од областа на работењето на Народната банка.

Кандидатите за работното место од оваа алинеја ќе бидат тестирани за нивните познавања од областа на работењето на Народната банка, англиски јазик и работа со компјутер.

4.Кандидатите за работните места од точка 1 треба да достават:

– пријава и изјава за согласност за обработка на лични податоци;

– кратка биографија;

– препораки за професионално искуство и меѓучовечки односи од претходните и тековните работодавачи;

– доказ за државјанство издаден од надлежниот орган на Република Северна Македонија;

– потврда од надлежен орган (Централен регистар на Република Северна Македонија или надлежен суд) којашто изречно ќе гласи дека на лицето не му е изречена казна, забрана за вршење професија, дејност или должност, не постара од шест месеци пред денот на поднесувањето на пријавата (други потврди коишто нема да гласат согласно со наведеното, нема да се прифаќаат);

– диплома или уверение за завршено образование;

– доказ за работен стаж само доколку го имаат од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија (други потврди од Агенцијата за вработување нема да се прифаќаат);

– кандидатите за работното место од точка 1 алинеја 2 треба да достават доказ за познавање на англискиот јазик (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело англиски јазик) и доказ за познавање работа со компјутери (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело работа со компјутери) и

– кандидатите за работните места од точка 1 алинеја 1 и 2 треба да достават доказ за познавање работа со компјутер (уверение, потврда, друг документ, или свидетелство од образовна институција како доказ дека се учело работа со компјутери).

Сите докази може да бидат доставени во копија.

5.Работното време, во работната недела за работните места од точка 1 започнува помеѓу 8,00 и 9,00 часот, а завршува помеѓу 16,00 и 17,00 часот.

6.Во согласност со Колективниот договор на ниво на Народната банка, со кандидатите кои имаат работен стаж и за првпат склучуваат договор за вработување со Народната банка, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење пробна работа во времетраење од 1 месец, а доколку кандидатите немаат работен стаж, ќе се склучи договор за вработување на определено време со вршење на приправнички стаж во времетраење од најмногу 12 месеци.

7.Договорот за вработување склучен на определено време, може да се продолжи со анекс кон Договорот, во согласност со одредбите од Законот за работните односи.

8.Висината на основната (нето) плата за работните места од точка 1 алинеја 1 и 2 изнесува 38.526,00 денари, додека за време на пробната работа висината на основната (нето) плата изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 19.722,00 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70% од основната (нето) плата, односно 27.238,00 денари.

Висината на основната (нето) плата за работното место од точка 1 алинеја 3 изнесува 30.258,00 денари, додека за време на пробната работа висината на основната (нето) плата изнесува 50% од основната (нето) плата, односно 15.064,00 денари, а за време на приправничкиот стаж изнесува 70% од основната (нето) плата, односно 21.448,00 денари.

9. Рокот за доставување на документите изнесува 7 работни дена, сметано од наредниот ден од денот на објавувањето на огласот.

10. Изборот на работниците кои ќе засноваат работен однос во Народната банка ќе се изврши во рок од 45 дена по истекот на рокот за пријавување.

11. Ненавремената и некомплетната документација нема да биде разгледувана.

12. Пријавата и Изјавата за согласност за обработка на личните податоци1 се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Северна Македонија.

Бараните документи да се достават до Архивата на Народната банка на Република Северна Македонија на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, Скопје.

Банки

Стопанска банка го отвори новото седиште

Објавено

на

Стопанска банка свечено го отвори своето ново седиште во Скопје, инвестиција вредна 50 милиони евра, со што банката означи почеток на ново поглавје во својата повеќе од осумдецениска историја.

На гала-церемонијата присуствувале околу 300 гости, а настанот се одржа под мотото „Обележје за иднината. Уметност во создавање на утрешнината“. Свеченоста вклучуваше музика, театар, танц, гастрономија и визуелна уметност, со што беше нагласена долгогодишната поврзаност на банката со уметноста и заедницата.

Стопанска банка е основана во 1944 година како прва банка во земјата. Новото седиште, според раководството, претставува дел од пошироката трансформација на банката и треба да создаде современа работна средина која ќе ги поддржи идниот развој, иновациите и одржливиот раст.

Генералната извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на Стопанска банка, Хрисула Кутуди, истакна дека во реализацијата на проектот се вложени значителна визија, труд и посветеност.

Таа нагласи дека новата деловна зграда не е само современ архитектонски објект, туку простор кој треба да ја поттикнува креативноста, соработката и иновациите, како и да создава дополнителна вредност за клиентите, партнерите, вработените и заедницата.

На свеченоста присуствуваше и највисокото раководство на Националната банка на Грција, што, според банката, го потврдува стратешкото значење на Стопанска банка во рамки на NBG Групацијата.

Претседателот на NBG Групацијата, Гикас Хардувелис, оцени дека новото седиште претставува ново обележје на Скопје и симбол на вредностите што ги споделуваат Стопанска банка и НБГ Групацијата – доверба, банкарство насочено кон клиентите, приспособување кон технолошките промени и поддршка на одржливиот економски раст.

Генералниот извршен директор на NBG Групацијата, Павлос Милонас, пак, посочи дека новото седиште е значајна пресвртница во процесот на трансформација на банката и дека во следниот период се очекуваат нови иновации во банкарството и финансиските услуги.

На отворањето присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која порача дека стабилната и предвидлива регулаторна рамка е еден од клучните предуслови за развојот на финансискиот и банкарскиот сектор.

Според неа, силниот и модерен банкарски систем има важна улога во создавањето услови за економски раст и развој, а институциите треба да продолжат со креирање политики кои ќе обезбедуваат сигурност, доверба и предвидливост за финансиските институции, граѓаните и компаниите.

Седиште на 17.893 квадратни метри

Новото седиште на Стопанска банка се простира на површина од 17.893 квадратни метри и располага со 11 ката современ деловен простор.

Во објектот ќе работат повеќе од 500 вработени, а во неговите рамки се сместени и современ дата-центар, банкарска филијала со целосен опсег на услуги, ATM зона, брокерски услуги, трезорски капацитети, како и конференциски и едукативни простории.

Според податоците на банката, на крајот на 2025 година Стопанска банка управувала со вкупна актива од 157,2 милијарди денари, односно околу 2,6 милијарди евра.

Кредитите кон клиентите изнесувале 108,9 милијарди денари, а депозитите 119,8 милијарди денари. Во текот на 2025 година, кредитното портфолио и депозитите пораснале за 10%, додека вкупната актива забележала раст од 9,1%.

Банката располага со мрежа од 55 филијали и 173 банкомати, а бројот на физички и корпоративни клиенти се приближува до половина милион.

Со отворањето на новото седиште, Стопанска банка го продолжува развојот од нова деловна адреса која, според раководството, треба да стане центар на нејзината идна трансформација и модернизација.

Продолжи со читање

Банки

Претставници на АЛТА банка на одбележувањето на 25 години КИБС

Објавено

на

Претставници на АЛТА банка присуствуваа на свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј на КИБС.

Од банката посочуваат дека настанот бил можност да се истакне значењето на континуираната соработка и партнерските односи во финансискиот сектор.

Присуството на претставниците на АЛТА банка на јубилејното одбележување уште еднаш ја нагласува важноста на институционалната соработка и поврзаноста меѓу учесниците во финансискиот систем.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка ги заострува условите за кредитирање на граѓаните

Објавено

на

Народната банка воведува построги макропрудентни мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалува дозволеното ниво на задолженост на граѓаните и се скратува максималниот рок за отплата на дел од кредитите. Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Според одлуката на Извршниот одбор на Народната банка, максималниот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, познат како ДСТИ, се намалува за пет процентни поени.

Кај кредитите во денари, максималниот ДСТИ ќе изнесува 45%, наместо досегашните 50%, додека кај кредитите со валутна компонента лимитот се намалува од 45% на 40%. Тоа значи дека банките при одобрувањето кредити ќе треба да водат сметка месечните отплати на клиентите да не го надминуваат утврдениот процент од нивните месечни приходи.

Исклучок остануваат граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив и натаму ќе важат досегашните лимити од 50% за денарските кредити и 45% за кредитите со валутна компонента.

Промени се предвидени и кај роковите за отплата. Максималниот рок за станбените кредити се скратува од 30 на 25 години, додека кај хипотекарните потрошувачки кредити ќе се намали од 20 на 15 години. За кредитите наменети за прво купување сопствено живеалиште максималниот рок останува 30 години.

Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат превентивно, во услови кога банкарскиот систем е здрав и стабилен и нема присутни системски ризици. Истовремено, кредитирањето на населението продолжува да расте.

Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица бележат годишен раст од 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Најголема динамика има кај станбените кредити, чиј годишен раст достигнал 16,6%.

Народната банка оценува дека ваквата динамика бара навремено ограничување на можните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата, со цел да се зачува одржливоста на кредитирањето и финансиската стабилност.

Макропрудентните ограничувања за кредитирањето на физичките лица првпат беа воведени во јули 2023 година, а дополнително беа зајакнати во декември 2025 година. Според централната банка, досегашната примена на мерките придонела за подобрување на структурата на новото кредитирање и за намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Со новите измени и натаму се задржува поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат решаваат станбено прашање.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange