Connect with us

Банки

Светската банка ги запира развојните кредити за Кина од 2031 година

Објавено

на

Светската банка од 2031 година целосно ќе ги запре развојните кредити за Кина, во рамки на новиот петгодишен партнерски план кој го одразува економскиот напредок на земјата.

Според планот договорен меѓу Светската банка и Кина, вкупното кредитирање на Пекинг ќе биде ограничено на две милијарди долари до 2031 година, по што развојните заеми ќе бидат прекинати.

Документот треба да биде разгледан од Одборот на директори на Светската банка во текот на неделата што почнува на 20 јули, но формално гласање не е предвидено, изјавил извор запознаен со процесот.

Претставник на Светската банка, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека Кина во изминатите децении постигнала значаен развоен напредок, со поддршка од Светската банка и други меѓународни институции.

„Сега влегуваме во нова фаза од нашите односи, која ја одразува таа реалност“, изјавил претставникот, пренесува Ројтерс.

Кредитирањето на Кина од средствата на Светската банка континуирано се намалувало во последните години, паралелно со силниот економски раст на земјата и намалувањето на сиромаштијата. Обемот на заемите достигнал врв во 2017 година, кога Кина добила 2,42 милијарди долари кредити, додека во 2025 година тој износ бил намален на 750 милиони долари.

Според Светската банка, нејзината улога во односите со Кина постепено се менува – од кредитор кон партнер кој обезбедува стручна и техничка поддршка во развојот.

Кина, истовремено, останува еден од најголемите финансиери на Меѓународното здружение за развој, фонд на Светската банка наменет за најсиромашните држави. Во последниот циклус на финансирање Кина придонела со 1,5 милијарди долари, со што е петти најголем донатор.

Светската банка во последните години постепено ја намалува кредитната изложеност кон земјите кои достигнале повисоко ниво на економски развој. Претходно овој месец беше донесена слична одлука и за Полска, на која развојните кредити исто така ќе ѝ бидат укинати по 2031 година.

Соединетите Американски Држави и уште неколку земји со години бараа Светската банка да го прекине кредитирањето на Кина, со образложение дека Пекинг повеќе не треба да користи развојни заеми. Портпарол на американското Министерство за финансии го оцени планот како „чекор во добра насока“ и изрази очекување дека и други меѓународни финансиски институции ќе го следат истиот пристап.

Банки

Швајцарија повторно размислува за негативни каматни стапки

Објавено

на

Швајцарската народна банка е подготвена повторно да ја намали клучната каматна стапка под нулата доколку тоа биде потребно за инфлацијата на среден рок да остане во целниот опсег од нула до два проценти.

Членката на раководството на централната банка, Петра Чудин, за весникот „Finanz und Wirtschaft“ изјави дека негативните каматни стапки остануваат една од можните алатки на монетарната политика.

„Ако биде неопходно каматните стапки да ги спуштиме под нулата за среднорочно да ја задржиме инфлацијата во опсег од нула до два проценти, тоа ќе го направиме“, изјави Чудин.

Швајцарската народна банка во јуни 2025 година ја намали клучната каматна стапка на нула и оттогаш ја задржува на тоа ниво.

Инфлацијата во Швајцарија во јули забави на 0,4 проценти, и покрај растот на светските цени на енергијата поради конфликтот на Блискиот Исток.

„Блумберг“ претходно, повикувајќи се на извори, објави дека централната банка има намера да ја задржи каматната стапка на нула до крајот на 2027 година, по што би следувало постепено заострување на монетарната политика.

Швајцарија веќе има искуство со негативни каматни стапки. Клучната камата беше под нулата неколку години, сè до септември 2022 година.

Негативната каматна стапка значи дека банките, наместо да добиваат камата за средствата што ги чуваат кај централната банка, плаќаат за нивното депонирање. Со ваквата политика се настојува банките повеќе средства да пласираат преку кредити, со што би се поттикнале потрошувачката и инвестициите, а со тоа и растот на инфлацијата.

Засега, сепак, Швајцарската народна банка не најавува непосредно воведување негативни камати, туку остава отворена можност за таков чекор доколку инфлацијата остане премногу ниска.

Централната банка одржува четири состаноци годишно, а следната седница е закажана за 24 септември.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка со свој тим на Скопскиот маратон

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје и годинава е горд спонзор на Скопскиот маратон, а на патеката ќе настапи и со свој штафетен тим составен од вработени во Банката.

Во пресрет на маратонот, кој ќе се одржи на 4 октомври, Комерцијална банка започнува серијал објави преку кои ќе ги претстави своите тркачи и тимскиот дух што стои зад нивниот настап.

Први претставени членови на тимот се Бојан, Ања, Филип и Бранислава, кои заедно ќе настапат како дел од штафетата на Комерцијална банка.

Од Банката велат дека штафетата за нив претставува многу повеќе од спортски предизвик и дека во неа се препознаваат вредностите на доверба, поддршка, заедништво и заедничка цел.

„Некој го диктира темпото и брка рекорди, друг ја носи позитивната енергија од првиот до последниот километар, а сите заедно сме најсилната мотивација“, порачуваат од тимот.

Посебен акцент се става и на меѓусебната поддршка на патеката, каде што, како што велат, никој не трча сам.

„Охрабрување, насмевка, добра енергија и тимски дух. На патеката никој не трча сам. Трчаме со исто срце“, порачуваат од Комерцијална банка.

Од Банката велат дека се горди на своите колеги кои покажуваат силна енергија и тимски дух и надвор од работното место, а мотото со кое ќе настапат е „Полесно е заедно“.

Штафетниот тим на Комерцијална банка ќе биде дел од Скопскиот маратон на 4 октомври.

Продолжи со читање

Банки

До 2,6 милиони денари онлајн потрошувачки кредит преку OneID од Комерцијална банка

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје го промовира онлајн потрошувачкиот кредит преку OneID, достапен во износ до 2.600.000 денари.

Клиентите можат да аплицираат целосно онлајн, од кое било место, со неколку клика, а одговорот за апликацијата се добива веднаш. По одобрувањето, средствата се префрлаат директно на сметката.

За аплицирање, одобрување и меница нема дополнителни трошоци.

Кредитот е со фиксна каматна стапка во првите три години и е наменет за корисници кои сакаат брз и едноставен пристап до финансиски средства без посета на филијала.

Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни на веб-страницата на Комерцијална банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange