Бизнис
Кина руши рекорди: Надворешната трговија порасна за речиси 17% и достигна 3,75 трилиони долари за само шест месеци
Кинеската надворешна трговија во првите шест месеци од 2026 година достигна 25,47 трилиони јуани (околу 3,75 трилиони американски долари), што претставува раст од 16,9% на годишно ниво, покажуваат податоците на Генералната царинска управа на Кина.
Извозот се зголемил за 13,4%, достигнувајќи 14,73 трилиони јуани, додека увозот пораснал за 22,1%, на 10,74 трилиони јуани, што укажува на забрзан раст на домашната побарувачка и порамнотежен развој на надворешната трговија.
Во вториот квартал годинава, вкупната трговска размена изнесувала 13,61 трилиони јуани, со годишен раст од 18,4%, што е најсилен квартален резултат од третиот квартал на 2021 година. Само во јуни, трговијата пораснала за 24,2%, продолжувајќи го позитивниот тренд седумнаесетти месец по ред.
Особено силен раст е забележан кај извозот на машини и електронски производи, кој се зголемил за 20,1%, како и кај високотехнолошките производи, чиј извоз пораснал за 39%. Значително зголемување е регистрирано и кај производите поврзани со вештачка интелигенција, зелените технологии и напредната индустриска опрема.
Според кинеската Царинска управа, приватните компании и натаму имаат водечка улога во надворешната трговија, учествувајќи со 57% од вкупната размена, додека околу 267.000 компании во текот на првата половина од годината успеале да освојат нови извозни пазари.
Бизнис
Горивата поевтинуваат: Дизелот за 8 денари, бензините за 4 денари
Од полноќ горивата во Македонија ќе се продаваат по пониски цени, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто во однос на претходната одлука од 4 август.
Од 00:01 часот на 11 август, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 87 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 89 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе изнесува 91,50 денари за литар, а екстра лесното масло за домаќинство 92,50 денари за литар. Мазутот М-1 НС ќе чини 43,538 денари за килограм.
Со новата одлука, двата вида бензин поевтинуваат за по 4 денари за литар, дизелот за 8 денари за литар, а екстра лесното масло за 6 денари за литар. Цената на мазутот се намалува за 2,881 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека референтните цени на нафтените деривати на светските пазари во однос на претходната пресметка бележат пад. Кај бензините намалувањето изнесува во просек 6,186 отсто, кај дизелот 10,435 отсто, кај екстра лесното масло 8,138 отсто, а кај мазутот 7,151 отсто. Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 1,0313 отсто.
Од Комисијата нагласуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.
Бизнис
Владата усвои листа со 41 предлог-проект за јавни инвестиции
Владата ја усвои првата конечна приоритетна листа на предлог-проекти за јавни инвестиции, на која се наоѓаат вкупно 41 проект, соопшти Министерството за финансии.
Листата е подготвена на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции, а ги опфаќа проектните идеи доставени од институциите, кои претходно биле проверени, оценети и одобрени согласно утврдената постапка.
Станува збор за проекти со средна и голема вредност, односно над пет милиони евра, од областите на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, земјоделството и водостопанството.
Од Министерството посочуваат дека при оценувањето биле земени предвид комплетноста на документацијата, квалитетот на податоците, стратешката релевантност, како и подготвеноста на проектите за понатамошна разработка.
Усвоената листа ќе претставува основа за дефинирање на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година, како и во инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.
Од Министерството нагласуваат дека вклучувањето на одреден проект на листата не значи автоматски дека тој ќе биде финансиран или реализиран. Одлуките за финансирање ќе се носат во рамки на капиталното буџетирање, согласно расположливите средства, степенот на подготвеност на проектот и приоритетите на Владата за соодветната фискална година.
Новото управување со јавните инвестиции произлегува од Законот за буџети и од Уредбата за управување со јавни инвестиции, а е дел и од Реформската агенда 2024–2027. Комитетот за јавни инвестиции беше формиран минатата година, а првиот состанок го одржа во април годинава.
Целта на новиот систем, според Министерството за финансии, е одлуките за капиталните проекти над пет милиони евра да се носат на потранспарентен и посистематски начин, а идните буџети полесно да се планираат.
Бизнис
Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот
Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.
Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.
Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.
Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.
Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
-
Бизниспред 2 месециФинансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово



