Бизнис
Нина Ангеловска ја објавува својата прва книга „Ништо случајно”
Нина Ангеловска Станков ја објавува својата прва книга „Ништо случајно” со поднаслов „кога подготвеноста ги среќава предизвиците”, издадена од Издавачки центар ТРИ.
Во книгата, Ангеловска за првпат отворено и лично пишува за патот зад јавната слика – од градењето бизнис од нула и развојот на македонската е-трговија, до предизвиците на лидерството и носењето одлуки на највисоко ниво во државата, до личните дилеми, мајчинството, пресвртите и животните лекции што ретко се гледаат однадвор.
„Никогаш не мислев дека ќе напишам книга. Исто како што никогаш не мислев дека ќе основам компанија, ќе станам министерка или дека ќе направам егзит. Но ништо од тоа не беше по случајност. По многу години живеење во пребрзо темпо и постојана продуктивност, пишувањето на оваа книга беше моја дозвола да застанам, да се присеќавам и да раскажам.” – вели Ангеловска Станков
„Ништо случајно” е искрено и лично сведоштво за патот кој не бил однапред јасен — но не бил ни случаен. За изборите што не секогаш биле дел од планот, за прифаќањето предизвици и за подготвеноста да се каже „да“ кога животот ќе понуди нова можност.
Од денес книгата е достапна во претпродажба на kniga.mk. Читателите кои ќе ја нарачаат во период на претпродажба ќе ја добијат книгата пред официјалното пуштање во продажба, со посвета од авторката.
Книгата е наменета за широка публика – за претприемачи кои градат и се соочуваат со неизвесност, за лидери кои балансираат меѓу резултати и луѓе, за жени кои жонглираат со повеќе улоги истовремено, и за секој кој сака да прочита инспиративна лична приказна или кој некогаш се прашал дали патот кој го следи е вистинскиот.
___
Нина Ангеловска Станков е едно од најпрепознатливите имиња на македонската бизнис-сцена, коосновач на еден од најуспешните стартапи Групер, пионер во македонската е-трговија, меѓународнo признат бизнис-лидер, доктор на науки и прва жена министер за финансии во Македонија. За својот успех и влијание има добиено бројни признанија, меѓу кои и 30 под 30 на Форбс
Бизнис
ЕСМ ангажира кинеска компанија за изградба на соларни централи од 30 мегавати во Осломеј и Битола
АД ЕСМ ја ангажираше кинеската компанија POWERCHINA Jiangxi Electric Power Construction за изградба и управување со нови соларни фотоволтаични капацитети со вкупна моќност од 30 мегавати во Северна Македонија, објави Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Според известувањата на ЕБОР, ЕСМ кон крајот на јуни потпишала два договори со кинеската компанија, а завршувањето на проектите е предвидено до 13 август 2027 година.
Првиот договор, вреден 12 милиони евра, се однесува на проширување на соларната електрана во Осломеј за дополнителни 10 мегавати. Новиот капацитет ќе биде изграден на просторот на исцрпениот рудник за јаглен кај Термоелектраната Осломеј.
Вториот договор е вреден 15,65 милиони евра и предвидува изградба на фотоволтаична електрана со моќност од 20 мегавати во близина на РЕК Битола.
Од ЕБОР претходно соопштија дека новите 30 мегавати соларни капацитети се очекува да овозможат намалување на емисиите на јаглерод диоксид за околу 33.000 тони годишно.
ЕБОР во 2021 година одобри заем од 25 милиони евра за ЕСМ за поддршка на проектот. Тогаш беше најавен и план за развој на дополнителни 100 мегавати соларни капацитети во Осломеј.
Истата година Владата потпиша договори со бугарската Solarpro Holding и турската Fortis Energy Electric за изградба на фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 100 мегавати на локацијата на стариот рудник во Осломеј. Во 2022 година ЕСМ започна со пробна работа на првата соларна електрана од 10 мегавати на оваа локација.
ЕСМ е во целосна државна сопственост и обезбедува околу 90 отсто од домашното производство на електрична енергија. Компанијата управува и со првиот ветерен парк во земјата, „Богданци“, со инсталирана моќност од 37 мегавати.
Бизнис
Превозниците од регионот најавуваат нови блокади на границите со ЕУ од есен
Превозниците од земјите од Западен Балкан би можеле повторно да ги блокираат граничните премини кон земјите од Шенген зоната доколку до почетокот на септември не биде постигнат напредок во разговорите со Европската унија околу примената на системот EES.
Претседателот на Здружението на превозници на Црна Гора, Ѓорѓије Љешњак, за весникот „Дан“ изјави дека одлуката била донесена на состанок на превозници од регионот одржан во Скопје, на кој учествувале претставници од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Превозниците поставиле рок до 1 септември за решавање на проблемите со кои се соочуваат професионалните возачи поради правилото за престој во Шенген зоната од најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Љешњак изјави дека превозниците очекуваат покана од Европската комисија за состанок во Брисел по конференцијата на земјите членки на Шенген, на која треба да се разговара за измени на визната стратегија на Европската унија.
„Ако не се случат промени во наша корист, веќе следниот ден по конференцијата за визната политика ќе почнеме да планираме нови протести, односно нови блокади на граничните премини кон земјите од Европската унија“, изјави Љешњак.
Според него, меѓу 150 и 200 црногорски превозници во моментов не можат нормално да ја извршуваат својата работа поради ограничувањата поврзани со Шенген зоната.
Превозниците, сепак, посочуваат дека проблемите не се ограничени само на примената на EES. Тие се жалат и на ненавремен поврат на ДДВ, акцизи за гориво, како и на долготрајни царински и инспекциски контроли на границите.
Љешњак тврди дека не се почитува ниту законскиот рок од 60 дена за поврат на ДДВ, а не било исполнето ниту минатогодишното ветување за продолжување на работното време на фитосанитарните инспекции на граничните премини.
Тој истовремено ги отфрли тврдењата дека Србија ги поттикнува превозниците од Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина да организираат блокади.
Изјавата следува по коментарите на македонскиот министер за транспорт Александар Николоски, кој порача дека домашните превозници не треба да подлегнуваат на, како што рече, пропаганда која главно доаѓа од Србија.
Николоски претходно изјави дека македонската влада има билатерални договори со Романија, Хрватска и Швајцарија за долгорочни шенгенски визи за превозниците, а дека се водат разговори и со Унгарија, Австрија и Германија.
Бизнис
Промена во Управниот одбор на ВФП Пензиско Друштво АД Скопје
ВФП Пензиско Друштво АД Скопје преку соопштение на Македонска берза извести за промена во составот на Управниот одбор.
„Согласно одредбите од член 166-б став 1 алинеја 4 од Законот за хартиите од вредност, Друштвото за управување со доброволни пензиски фондови ВФП Пензиско Друштво АД Скопје известува дека има промена во органот за управување. Имено, по одлука на Надзорниот одбор на Друштвото и одобрение на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за член на Управен одбор на местото на Артон Лена, именувана е Натка Самоиловска“, се вели во соопштението на ВФП Пензиско Друштво АД Скопје.
Натка Самоиловска доаѓа на местото на Артон Лена, со што е извршена промена во составот на Управниот одбор на друштвото.
ВФП Пензиско Друштво ја објави информацијата во рамки на законската обврска за навремено известување за промените во органите на управување на субјектите од пазарот на капитал.
Во моментов, Управниот одбор на ВФП Пензиско Друштво го сочинуваат:
- Марио Ѓорѓиев – претседател на Управен одбор
- Натка Самоиловска – член на Управен одбор
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката





