Connect with us

Анализи

Долари, обврзници или злато – кое е најбезбедното засолниште за инвеститорите?

Објавено

на

Геополитичките тензии и големата ескалација на Блискиот Исток повторно ја отворија дебатата меѓу инвеститорите за тоа кои средства нудат најдобра заштита во време на пазарна неизвесност – доларот, државните обврзници или златото.

Во услови на зголемен ризик и нестабилност, традиционалните „безбедни засолништа“ не се однесуваат секогаш предвидливо. Додека цената на златото бележи изразена волатилност, американскиот долар повторно добива на сила по периодот на релативна слабост во изминатата година.

Доларот со силен настап

Американската валута оваа недела се покажа како едно од најсилните засолништа. Индексот на доларот, кој ја мери неговата вредност во однос на кошница од шест водечки валути, порасна за околу 1,5 проценти. Доларот зајакна и во однос на традиционалните „сигурни“ валути како швајцарскиот франк и јапонскиот јен.

Аналитичарите посочуваат дека побарувачката најмногу се насочува кон краткорочна готовина во долари, наместо кон други средства поврзани со американскиот долар. Дополнителна поддршка за американската валута доаѓа и од фактот што САД се нето-извозник на енергија, па растот на цената на нафтата над 80 долари за барел може да има позитивен ефект врз доларот.

Обврзниците без силен ефект

За разлика од доларот, државните обврзници овојпат не успеаја да привлечат значителни текови на капитал во потрага по безбедност. Инвеститорите повеќе се фокусираат на инфлациските очекувања и на фискалните политики на владите.

Приносот на десетгодишните германски државни обврзници – репер за обврзниците во Еврозоната, се зголеми за околу 14 базични поени во текот на неделата. Пазарите се внимателни поради растечките нивоа на јавен долг и фискалните политики во Европа.

Златото и натаму останува клучно и најбезбедно засолниште

И покрај краткорочните ценовни осцилации, златото го задржува статусот на едно од најважните средства за заштита од ризик. Од почетокот на деценијата неговата цена порасна за околу 240 проценти, поттикната од инфлациските притисоци, геополитичките ризици и високото глобално задолжување.

Според аналитичарите на „State Street Global Advisors“, златото сè уште е релативно недоволно застапено во инвестициските портфолија, бидејќи фондовите поврзани со злато претставуваат помалку од 1 процент од глобалните средства.

Во вакви услови, дел од стратегиите предвидуваат можност цената на златото да достигне и околу 6.000 долари за една унца во текот на годината, што дополнително ја потврдува неговата улога како долгорочно безбедно засолниште за инвеститорите.

Во време на геополитички тензии и пазарна неизвесност, доларот покажува краткорочна сила како сигурно засолниште, додека државните обврзници го губат својот традиционален „безбедносен“ ефект. Златото, пак, и понатаму останува стабилен избор за долгорочно чување и заштита од ризик, потврдувајќи ја својата улога како стратешко средство во инвестициските портфолија.

Анализи

САД воведуваат царини од 50 отсто за канадски производи вредни речиси 20 милијарди долари

Објавено

на

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни царини од 50 отсто за широк спектар производи од Канада, со што се отвора нов фронт во трговскиот спор меѓу двете земји.

Новите царини ќе опфатат канадски производи во вредност од речиси 20 милијарди долари, меѓу кои вино, млечни производи, цемент, мебел, хокејска опрема, базени, рибарски прачки, облека и перики. Мерките ќе почнат да се применуваат на 19 август 2026 година.

Трамп се повика на членот 338 од американскиот Закон за царини од 1930 година, кој му дозволува на претседателот да воведе казнени царини до 50 отсто за земји за кои е оценето дека ги дискриминираат американските производи. Според „Ројтерс“, ова е прва позната употреба на оваа одредба во нејзината речиси стогодишна историја.

Американската администрација ја обвини Канада за дискриминаторски третман на автомобилите, алкохолните пијалаци и млечните производи произведени во САД. Царините ќе важат и за производите што ги исполнуваат условите од трговскиот договор меѓу САД, Мексико и Канада.

Од мерките ќе бидат изземени енергентите, калиумовите соли, рибата, критичните минерали и производите што веќе се опфатени со други американски царини.

Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека неговата влада доставила сеопфатни предлози за решавање на трговските спорови со Вашингтон и оцени дека претходните американски царини го прекршуваат северноамериканскиот трговски договор.

Тој предупреди дека трговскиот спор ги зголемува трошоците за семејствата, особено во САД, но нагласи дека Канада е подготвена за интензивни разговори за решавање на отворените прашања.

Продолжи со читање

Анализи

Ново поскапување на горивата: Дизелот оди на 94, бензинот до 92 денари

Објавено

на

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88 проценти.

Од полноќ, ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за три денари и ќе се продава по цена од 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за три денари и ќе чини 92 денари за литар.

Цената на ЕУРОДИЗЕЛ се зголемува за шест денари, на 94 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за седум денари и ќе се продава за 93 денари за литар. Мазутот поскапува за 3,205 денари, на 45,373 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија посочуваат дека референтните цени на светските пазари бележат значително зголемување. Цените на бензините пораснале во просек за 9,003 проценти, на дизелот за 14,963 проценти, на екстра лесното масло за 13,2 проценти, а на мазутот за околу 10,686 проценти.

Владата истовремено донесе одлука со која акцизата за бензините е намалена за еден денар за литар, а за дизелот за два денари за литар.

Новите цени почнaa да се применуваат од 00:01 часот на 21 јули 2026 година.

Продолжи со читање

Анализи

Растот на цената на нафтата повторно ги засилува стравувањата од инфлација

Објавено

на

Стравувањата од нов бран на инфлација повторно се во фокусот на инвеститорите, бидејќи конфликтот на Блискиот Исток ги одржува цените на нафтата на високо ниво, оценуваат аналитичарите.

Според проценките на „Блекрок“, конфликтот би можел да придонесе за раст на глобалната вкупна инфлација за околу 0,8 процентни поени. Последиците, сепак, нема да бидат еднакви во сите региони.

Европа и делови од Азија, кои во поголема мера зависат од увоз на енергија, ќе бидат поизложени на поскапувањето на енергентите и на растот на потрошувачките цени.

Од банката ОЦБЦ предупредуваат дека нов енергетски шок, во услови кога американскиот пазар на труд покажува знаци на стабилизација, би ја натерал Федералната резерва да остане фокусирана на ризиците од повисока инфлација.

Главниот инвестициски стратег на „ПНЦ асет менаџмент“, Јунг-Ју Ма, смета дека построгиот пристап на американската централна банка ќе продолжи сѐ додека не дојде до олеснување на состојбата на пазарите на нафта и намалување на другите инфлациски притисоци.

Тој предупреди дека неколку квартали со повисоки цени на нафтата и продолжени инфлациски притисоци би можеле да ги загрозат позитивните движења кај профитните маржи на малите и средните американски компании.

Цените на нафтата се намалија во раното тргување во петокот, но и натаму се движат кон неделна добивка, додека САД и Иран продолжуваат со меѓусебни напади.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange