Connect with us

Банки

ТТК Банка АД Скопје со стабилни резултати и добивка од 39 милиони денари во првата половина од 2025 година

Објавено

на

Во првата половина од 2025 година, во услови на актуелни глобални предизвици поврзани со геополитичките случувања и промените во трговските политики, ТТК Банка АД Скопје го задржа стабилниот курс на дејствување, коj беше во насока на остварување на приоритетните цели и задачи дефинирани во Деловната политика и во Финансискиот план на Банката за 2025 годинa.

Во анализираниот период, преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправката на вредност во износ од 47,4 милиони денари, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 279,6 милиони денари и оперативните трошоци во износ од 232,2 милиони денари. Во истиот период, исправката на вредност на финансиските средства на нето-основа изнесува 8,4 милиони денари. Финансискиот резултат заклучно со 30.6.2025 година е позитивен и изнесува 39 милиони денари.

Финансиски перформанси и остварувања

Во првата половина од годината, билансната сума на Банката достигна ниво од 11.508 милиони денари, што претставува раст од 15,1% во споредба со истиот период од претходната година. Во однос на планот билансната сума е на повисоко ниво од планираното за 271 милиони денари или за 2,4%.

Порастот на билансната сума на Банката е резултат на порастот на изворите на средства каде што вкупната депозитна база бележи раст од 1.358 милиони денари или 16,1%, како резултат нa зголемувањето на депозитите од секторот Домаќинства за 850 милиони денари или 13,4%, проследени со раст на депозитите кај секторот Стопанство за 315 милиони денари односно 20,7%, како и со раст на депозитите од Финансиски институции за 193 милиони денари или 34,7%. Планот за депозитите за овој период од годината е исполнет со надминување од 2,2%.

Од страна на активата, годишниот раст на билансната сума се карактеризира со пораст на паричните средства и паричните еквиваленти и тоа за 365 милиони денари или 11,4%, со истовремено годишно зголемување на бруто-кредитите за 463 милиони денари, односно 9,2%, како резултат на зголемување на кредитите од секторот Домаќинства за 324 милиони денари или 8,6%, со истовремено зголемување на кредитите на секторот Стопанство за 137 милиони денари или 10,7%. Планот за бруто-кредитите на коминтентите за овој период од годината е исполнет со надминување од 1,5%.

Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2025 до 30.6.2025 година изнесуваат 172 милиони денари и бележат пораст од 0,8% во однос на истиот период од претходната година. Порастот во најголем дел се должи на зголемените каматни приходи од секторот Домаќинства и Банки и Финансиски институции, при остварен раст и на приходите од камати од секторот Стопанство. Во однос на планот, нето-приходите од камати се остварени со 97,7%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период
изнесуваат 77,5 милиони денари. Доминантно учество во генерирањето на приходите
од провизија имаат провизиите од платниот промет во земјата со 51,7%, како и
провизиите од картично работење со 28%. Во однос на планот, нето-приходите од
провизии за овој период од годината се остварени со 92,2%.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 23 милиони денари и се повисоки во однос на минатата година, како резултат, во најголем дел, на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства во тековната година. Во однос на планот се остварени со 84,8%.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 232,2 милиони
денари и се за 17,2% повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат, во најголем дел, на повисоките трошоци за плати и вработени. Оперативните трошоци за овој период од годината се во согласност со планираното ниво, односно за 0,6% пониски.

Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 8,4 милиони денари и таа соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.

Очекувања за претстојниот период

Претпазливите очекувања за растот на глобалната економија го вклучуваат ефектот од продолжените ризиците, кои главно потекнуваат од неизвесноста од трговските политики, геополитичките случувања и побавното надолно приспособување на инфлацијата. Во првото тримесечје од 2025 година, централните банки во развиените земји продолжија попретпазливо да ја нормализираат монетарната политика.

Амбиентот за монетарната политика и понатаму е неизвесен и под силно влијание на идната динамика на инфлацијата, ризиците од надворешното (трговски политики и намалена доверба на инвеститорите) и домашното окружување, но сепак се очекува раст на кредитната активност во текот на 2025 година и солиден раст на депозитната база и профитабилноста на банките, поддржан и од средствата на државата преку Развојната банка за инвестиции на домашните компании.

ТТК Банка АД Скопје континуирано внимателно ќе продолжи да ги следи макроекономските параметри и мерки, активностите, предвидувањата и измените на законската регулатива на носителите на економските политики и ќе ги усогласува интерните индикатори и работењето, со фокус на одржување на ликвидноста и на долгорочната стабилност. Ќе продолжат континуираните напори за остварување на планираните позиции од деловниот план, но без притоа да се загрозува нивото на квалитет на кредитното портфолио, прудентното управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурноста и ефикасноста во сите сегменти од работењето.

Банката и понатаму ќе делува во насока на поддршка на населението и на компаниите, водена од приматот за ефикасна и квалитетна клиентската услуга и клиентско задоволство. Во оваа насока, напорите се насочени кон активности за официјално воведување на услугата СЕПА кредитен трансфер за која се очекува да биде достапна од октомври 2025 година. Банката ќе продолжи да инвестира стратешки во напредни технолошки решенија, модерна инфраструктура и безбедносни системи кои се усогласени со највисоките европски стандарди, а со цел да понуди иновативни, достапни и сигурни банкарски услуги приспособени на современите потреби на клиентите.

Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за 2025 година, при што и натаму депозитите од секторот Население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Банки

Фич: Кредибилната монетарна политика и стабилниот банкарски систем се клучни фактори за економската стабилност

Објавено

на

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност. Фич воедно оценува дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.

Во извештајот, „Фич“ наведува дека кредибилната и конзистентна монетарна политика придонесува за стабилноста на економијата. Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка, во јуни 2026 година, ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени на 4,25%. Според „Фич“, просечната инфлација во периодот јануари – август 2026 година изнесува 3,7%, при што повисоките цени на енергијата и растот на трошоците за труд и кредитната активност се меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења.

Во однос на банкарскиот сектор, извештајот потврдува дека тој останува стабилен и добро капитализиран, со солидна ликвидност и отпорност. Во вториот квартал од 2026 година банките имаат висока адекватност на капиталот од 19,5%. Квалитетот на активата останува солиден, со нефункционални кредити од околу 2%.

Народната банка и натаму е посветена на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Во услови на променливи глобални економски услови и присутни инфлациски и надворешни ризици, централната банка внимателно ги следи инфлациските движења, кредитната активност и состојбата на финансискиот систем и соодветно ја приспособува монетарната политика.

Наодите на „Фич“ се потврда за важноста на кредибилната и соодветно водена монетарна политика, како и на стабилниот и добро капитализиран банкарски сектор, за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange