Анализи
АЕТМ: Пораст од 32% на вредноста и 37% на бројот на направените трансакции од Македонци кон странски е-трговци
Вредност на реализирани трансакции
Согласно најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија (со исклучок на трансакциите со електронски пари) на Народната банка на Република Северна Македонија во првите три месеци од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 13,119.6 милиони денари или 213.3 милиони евра и преставува пораст од 25.4% во однос на истиот период минатата година.

При тоа, кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 8,192.9 милиони денари или 133.2 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички со пораст од 21.7% во однос на истиот период минатата година. Само од македонски иматели на платежни картичи кон домашните е-трговци направена е вредност од 7,452.3 милиони денари или 121.2 милиони евра односно 20.2% повеќе во однос на истиот период минатата година, додека странците кон македонските е-трговци направиле трансакции во вредност од 740.1 милиони денари или 12.1 милиони евра односно оствариле 40.3% пораст. Од друга страна Македонците во странство направиле онлајн трансакции од 4,926.6 милиони денари или 80.1 милиони евра што преставува пораст од 32% во однос на минатата година.
Број на реализирани онлајн трансакции

Вкупната вредност е остварена со направени 6.1 милиони онлајн трансакции што е за 18.3% повеќе во однос на минатата година. Притоа кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3,652.3 илјади и е за 8.3% повеќе во ондос на истиот период лани. Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 37% е забележан од домашни иматели на платежни картички кон странски е-трговци.
“Вредноста на вкупните реализирани онлајн трансакции во првиот квартал бележи раст од 25.4%, додека кон домашните е-трговци растот е 21.7%, а растот со домашни картички кон странски е-трговци изнесува 32%. Ако земеме предвид дека ова се први податоци во кои се вклучени и трансакциите кон Тему, може да констатираме дека и растот кон домашните е-трговци, како со домашни и така со странски картички е на солидно ниво. Што се однесува до бројот на трансакции очекувано, растот кон домашните е-трговци е значително помал од оној кон странските, и изнесува 7% (дома) спрема 37% (кон странство). Имајќи предвид дека тука се отсликува улогата на Тему каде што се прават повеќе но помали трансакции, просечната вредност на трансакција кон странските се намалила од 34 на 33 евра. Тему кој за сега нуди единствено плаќање со картичка, влијае во насока на едукација на потрошувачите да плаќаат со картички, што е важно за зголемување на дигиталните вештини и вештините за дигитални плаќања. Преференцата за плаќање во готовина се уште доминира на македонскиот пазар, а потребно е забрзувње на транзицијата кон безготовински плаќања, што воедно може да влијае и на намалување на сивата економија која е значаен предизвик за е-трговијата и целокупната економија. Инаку Европската комисија води бројни дискусии во врска со влијанието на Тему, милионите мали пратки кои пристигнуваат и нивното влијание врз околината, одржливоста и целокупно економија.” – вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.
Просечна вредност на трансакција

Анализата на просечната вредност на онлајн трансакциите во првиот квартал од 2025 година покажува различни движења по категории, кои може да се разберат во контекст на веќе забележаниот раст во вкупната вредност и бројот на трансакции. Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност пораснала од 32 на 36 евра односно 12.4%. Овој тренд е во согласност со зголемената вредност на трансакциите (+20.2%) и релативно мал пораст на бројот на трансакции (+7%), што укажува дека македонските потрошувачи трошат повеќе по трансакција кај домашните продавници, веројатно заради зголемена понуда, доверба и навики. Кај странски картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се зголемила од 37 на 41 евра (+10.3%), што повторно е во согласност со порастот и на вредноста на трансакциите и бројот на трансакции. Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност бележи намалување од 34 на 33 евра (-3.7%), иако вкупната вредност пораснала за 32%, а бројот на трансакции дури за 37%. Овој пад на просечната вредност по трансакција се објаснува со масовниот пораст на купувања со пониска вредност, во главно поттикнати од Temu, која нуди ниски цени и бесплатна достава. Тоа доведува до зголемен број на помали трансакции, што ја намалува просечната вредност, иако вкупната активност драстично се зголемила. Вкупно, просечната вредност на онлајн трансакциите пораснала од 33 на 35 евра (+6.1%).
Повторливи (recurring) онлајн трансакции
Според усогласувањето на извештаите во податоците од доменот на платежната статистика со Законот за платежни услуги и платни системи се известува и за повторливи онлајн транскации (Recurring payments) кои може да се однесуваат за плаќање на сметки или претплати за најразлини услуги. Тие најчесто се однесуваат на: претплати (на пример за Netflix, Spotify, Microsoft, Apple, ChatGPT и сл.), комунални услуги (струја, интернет, телефон), членарини (фитнес, професионални здруженија), автоматски обновувања на услуги и лиценци.
Во првиот квартал на 2025 година се забележува раст на повторливите трансакции и тоа кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци има раст од 29% во вредноста и 18% во бројот на онлајн трансакции, а од друга страна, трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, бележат раст од 29% по вредност, но и значителен скок од 43% по број на трансакции. Сѐ поголем број Македонци користат претплатнички услуги, како што се дигитални содржини (стриминг платформи, софтвер), но и претплати на комунални услуги и се одлучуваат за автоматско плаќање со платежни картички, наместо традиционални уплати.
Нови отворени е-продавници
Во текот на првото тромесечје од 2025 година, регистрирани се 65 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот. Овој тренд упатува на сѐ поголема свесност кај трговците за потребата од присуство на интернет пазарот, како и на поволни услови за развој на онлајн продажбата.
Анализи
GlobalData: Вештачката интелигенција и цените на енергијата го делат светот на различни патеки на раст
Глобалната економија се очекува да порасне за три проценти во 2026 година, додека во 2027 година растот би можел да забрза на 3,4 проценти, покажува анализата на GlobalData.
Иако глобалните прогнози речиси и да не се променети во однос на оние од пред шест месеци, зад вкупната бројка се кријат големи разлики меѓу одделните земји.
Според GlobalData, економските резултати во 2026 година сè повеќе зависат од два главни фактори – изложеноста на трошоците за енергија поврзани со воените конфликти и позицијата на земјата во синџирот на производство на хардвер за вештачка интелигенција.
Четирите најголеми нето-извозници на хардвер поврзан со вештачката интелигенција – Тајланд, Малезија, Тајван и Јужна Кореја – во првиот квартал од 2026 година оствариле раст за 4,4 процентни поени над претходните прогнози. Во остатокот од светот резултатите биле за 0,3 процентни поени под очекувањата.
„Јужна Кореја ја увезува речиси целата енергија, но нејзината позиција во синџирот на снабдување со хардвер за вештачка интелигенција ја ублажува таа изложеност“, изјави Рамнивас Мундада, директор за економски истражувања и анализа во GlobalData.
Од компанијата оценуваат дека традиционалните поделби на развиени и пазари во развој или поделбата според региони сè помалку ги објаснуваат разликите во економскиот раст.
Како пример се наведува субсахарска Африка, каде што за 2026 година се очекува раст од 4,3 проценти. Сепак, оваа бројка ги опфаќа и земјите извознички на нафта и економиите кои во голема мера зависат од увоз на енергенти.
Растот поврзан со вештачката интелигенција не е ограничен само на производителите на чипови. Корист имаат и земјите вклучени во изградба на центри за податоци, склопување компоненти и други делови од технолошкиот синџир, особено во источна и југоисточна Азија.
Разликите се пренесуваат и врз инфлацијата и монетарната политика. Земјите со силна позиција во технолошкиот синџир генерално се позаштитени од влијанието на високите цени на енергијата, додека енергетски зависните економии се соочуваат со поголеми инфлациски притисоци.
Според GlobalData, тоа во следната година би можело да доведе и до различно движење на каматните стапки меѓу одделни групи земји.
„Главната бројка за глобалниот раст годинава кажува многу малку за состојбата на поединечните економии. Изложеноста на енергијата и позицијата во технолошкиот синџир многу подобро ги објаснуваат разликите“, заклучува Мундада.
Анализи
CNBC и Statista ги избраа 500-те водечки финтек компании во светот
Глобалниот финтек сектор продолжува забрзано да расте, а вештачката интелигенција сè повеќе го менува начинот на кој се движат, проверуваат и управуваат парите. Во такви услови, CNBC и Statista ја објавија својата листа на 500 водечки финтек компании во светот за 2026 година.
Според податоците на McKinsey, финтек индустријата во 2025 година остварила приходи од 650 милијарди долари, што претставува раст од 21 процент во однос на претходната година. За споредба, поширокиот пазар на финансиски услуги, вреден околу 15 илјади милијарди долари, бележи годишен раст од околу шест проценти.
Позитивни сигнали има и на берзите. Во 2025 година биле регистрирани 31 позначајна иницијална јавна понуда на финтек компании, додека вкупната пазарна капитализација на јавно котираните компании од секторот достигнала рекордни 850 милијарди долари.
Во изборот на CNBC и Statista се вклучени компании од осум категории: алтернативно финансирање, дигитални средства, финтек решенија за компании, осигурителна технологија, необанкарство, плаќања, регулаторна технологија и технологии за управување со богатство.
Најголем удел имаат компаниите за плаќања. Во оваа категорија се избрани 115 компании, односно 23 проценти од целата листа. Следува секторот за технологии за управување со богатство со 75 компании или 15 проценти.
Алтернативното финансирање и финтек решенијата за компании учествуваат со по 60 компании, односно со по 12 проценти. Во категориите необанкарство и осигурителна технологија се избрани по 55 компании, додека дигиталните средства и регулаторната технологија имаат по 40 претставници.
Особено внимание годинава привлекува регулаторната технологија, која првпат се појавува како посебна категорија. Станува збор за компании кои развиваат решенија за усогласување со прописите, проверка на идентитет, управување со ризици и спречување перење пари.
Вештачката интелигенција станува еден од главните двигатели на секторот. Таа веќе се користи за побрза процена на кредитниот ризик, анализа на паричните текови, откривање измами, автоматизирано инвестициско советување и следење на регулаторната усогласеност.
На листата има компании со седишта во 55 земји и територии. Соединетите Американски Држави убедливо доминираат со околу 42 проценти од избраните компании, а Велика Британија е втора со 13 проценти.
Индија има 27 компании, што е повеќе од пет проценти од листата, додека Сингапур има 25.
Лондон е градот со најголем број избрани финтек компании – вкупно 64, или речиси 13 проценти од листата. Следува Њујорк со 50 компании, додека околу седум проценти од избраните компании се со седиште во Сан Франциско.
За составување на листата, Statista анализирала околу 3.500 компании и повеќе од 25.000 податочни точки. При изборот биле земени предвид клучни показатели за работењето, растот на приходите, бројот на вработени, како и дополнителни истражувања и оценки на CNBC и Statista.
Ова е четврта година по ред во која CNBC и Statista заеднички ја подготвуваат листата на водечки светски финтек компании.
Анализи
Златото се стабилизира по серијата остри падови
Цената на златото се стабилизира по серијата силни падови во последното тргување, откако најде поддршка кај 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50).
Ова техничко ниво помогна да се намали продажниот притисок и да се обезбеди одредена стабилност на цената по неодамнешниот пад.
Истовремено, индикаторите за релативна сила достигнаа екстремно ниво на препродаденост, што ја зголемува можноста за ограничено краткорочно закрепнување на цената.
Сепак, аналитичарите оценуваат дека евентуалниот раст засега би имал корективен карактер, освен доколку златото не успее повторно да ги надмине клучните технички нивоа на отпор.
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Интервјуапред 2 месециФиломена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
-
Банкипред 2 месециНова централна филијала за ново поглавје во работењето на Стопанска банка



