Банки
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЈА ЗГОЛЕМИ ДОБИВКАТА ЗА НЕВЕРОЈАТНИ 40% – во 2024 година оствари добивка од рекордни 80,7 милиони евра!
Во периодот од 01.01. до 31.12.2024 година Банката од своето работење оствари добивка пред оданочување во износ од 5.482,1 милиони денари наспроти 3.912,6 милиони денари во 2023 година, што претставува зголемување за 40,1%. Планираната добивка за 2024 година е остварена со 129,5%. Данокот на добивка во 2024 година изнесува 557,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 4.924,8 милиони денари, или 37,5% повеќе во однос на минатата година. Нето-добивката, која ги надмина очекувањата за годината, е остварена во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, побавното намалување на инфлацијата што резултираше со повнимателно релаксирање на монетарните политики на ФЕД и ЕЦБ, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата. И покрај тоа, домашната економија забележа одредена стабилизација во однос на кризните периоди кои претходеа, што придонесе за поттикнување на инвестицискиот циклус во реалниот сектор, во чија поддршка Банката учествуваше преку зголемен обем на кредитирање. Дополнително, високата ликвидност со која располага Банката беше искористена за прудентно димензионирање на структурата на активата и пласирање средства во инструменти со помал ризик, но со задоволителни приноси.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 31,7% поголема во однос на минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето-приходи од камата, а во помал обем и поради зголемените нето приходи од провизии и надомести и нето-приходи од тргување. Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и поради зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 8.896,3 милиони денари и бележат зголемување од 25,9% во однос на минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2024 година истите бележат зголемување од 14,5% во однос на минатата година. Планот е исполнет со 114,0%. Приходите по основ на камата се зголемени вкупно за 17,1% како резултат на зголемени пласмани кај сите сектори и покрај отпочнатиот тренд на намалување на референтните каматни стапки во текот на второто полугодие. Имено, ЕЦБ изврши намалување на трите основни каматни стапки и соодветно на тоа, НБРСМ започна со релаксирање на монетарната политика. Расходите по основ на камата се зголемени за 41,3% поради зголемените орочени депозити споредено со минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 3,63% на крајот од минатата година, на 3,85% со 31.12.2024 година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2024 година изнесуваат 1.191,5 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување од 8,4% во најголем дел како резултат на зголемениот обем на активности, особено во делот на работењето со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 108,3%.
Нето-приходите од курсни разлики на 31.12.2024 година изнесуваат 376,8 милиони денари и бележат зголемување од 3,0% во однос на минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 115,6%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2024 година изнесуваат 1.189,5 милиони денари и бележат позначително зголемување во однос на минатата година како резултат на повеќекратното зголемување кај приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот, а во помал обем и поради зголемените наплатени претходно отпишани побарувања. Во рамки на приходите од продажба на преземен имот и опрема, најголемо учество имаат приходите од продажба на преземен имот од должниците Еуроникел Индустри ДОО с. Возарци, Кавадарци и Нова Рефрактори ДОО Пехчево, евидентирани во месец април 2024 година. Планот е остварен со 159,1%.
Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2024 година изнесуваат 2.724,5 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 14,4%, во најголем дел како резултат на зголемените останати расходи и зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Позначителното зголемување на останатите расходи се однесува на расходите за преземени објекти, пред сѐ за преземениот имот од клиентот Еуроникел Индустри Кавадарци, со цел одржување на комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес. Планот е остварен со 122,7%.
Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2024 година изнесува 670,5 милиони денари, наспроти 766,9 милиони денари во 2023 година, што претставува намалување од 12,6 %. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства се должи на ефектите од трансакцијата со клиентот Еуроникел Индустри ДОО Кавадарци, кој во текот на 2023 година забележа влошување во сервисирањето на обврските кон Банката, што придонесе за издвојување на поголема нето дополнителна исправка на вредност. Поради тоа, кон крајот од 2023 година Банката донесе одлука да изврши преземање на заложениот имот со цел да се најде брзо и ефикасно решение за повторно отпочнување со производство, а веќе во април 2024 година успешно ја реализираше трансакцијата на продажба на комбинатот. На намалувањето на нето исправката на вредност во текот на 2024 година исто така влијаеше и добрата финансиска дисциплина на клиентите и покрај заострените услови пропишани со новата регулатива за управување со кредитен ризик.
Во периодот од 01.01-31.12.2024 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 19,3 милиони денари, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот во согласност со регулативата од НБРСМ.
Банки
Халкбанк со нова кампања за финансиска писменост кај децата
Халкбанк ја промовира новата кампања „Прва финансиска лекција за деца“, насочена кон развој на финансиска писменост уште од најрана возраст. Преку брендот „Халки“, банката има за цел да ги поттикне децата да стекнат основни навики за штедење, планирање и одговорно управување со пари.
Кампањата се базира на пристап според кој првите финансиски знаења се клучни за формирање на идните навики. Од банката посочуваат дека учењето за пари не треба да започне со првите приходи, туку многу порано, преку практични примери и секојдневни ситуации.
„Нашата цел е да придонесеме за создавање генерации кои знаат да носат одговорни финансиски одлуки. Преку ‘Халки’ сакаме да им овозможиме на децата да направат први чекори кон финансиска самостојност, но и да ја разберат одговорноста што таа ја носи“, информираат од Халкбанк.
Платформата „Халки“ вклучува повеќе услуги наменети за деца и родители. Во нејзин состав е и платежна картичка за деца на возраст од 9 до 15 години, преку која тие можат да управуваат со свои средства, додека родителите имаат увид и контрола преку мобилното банкарство.
Покрај оваа иницијатива, Халкбанк реализира и други активности поврзани со финансиска едукација, меѓу кои и издавање на буквар за финансиска писменост, како и организација на едукативни работилници за деца.
Со новата кампања, банката ја продолжува својата практика на вложување во образованието и развојот на младите, со фокус на долгорочно градење на одговорни финансиски навики.
Банки
ЕЦБ предупредува на ризик од рецесија: конфликтот со Иран може да ја турне еврозоната во стагфлација
Ризикот еврозоната да западне во рецесија поради продолжување на конфликтот на Блискиот Исток станува сè пореален. Членот на Управниот совет на Европска централна банка и гувернер на грчката централна банка, Јанис Стоурнарас, оцени дека стравувањата од економско забавување се „реални и оправдани“, особено ако војната со Иран продолжи да создава нарушувања во снабдувањето.
Тој посочи дека еврозоната досега покажала одредена отпорност, но дека растот очигледно забавува. Новиот енергетски шок, поттикнат од геополитичките тензии, доаѓа во момент кога економијата веќе е ослабена, што ја прави ситуацијата поранлива во споредба со претходните кризи.
Клучниот предизвик за ЕЦБ е комбинацијата од слаб економски раст и потенцијален нов раст на цените на енергенсите. Поради зависноста од увоз на енергија, секое поскапување на нафтата и гасот брзо се одразува врз трошоците на компаниите, куповната моќ на домаќинствата и инфлациските очекувања.
За разлика од 2022 година, кога инфлацијата следеше по силно постпандемиско закрепнување, сегашната економска состојба остава помал простор за реакција. Државите се соочуваат со зголемен јавен долг, а монетарната политика и понатаму е под влијание на претходната борба со инфлацијата.
Според Стоурнарас, засега нема значително прелевање на повисоките енергетски цени во вкупната инфлација. Но, доколку дојде до посериозни нарушувања во снабдувањето или оштетување на енергетската инфраструктура, инфлациските притисоци би можеле да се задржат и на среден рок. Воедно, неизвесноста може да ги одложи инвестициите и дополнително да го забави економскиот раст.
ЕЦБ разгледува три можни сценарија: ако шокот биде краткотраен, нема да има промена на политиката; ако инфлацијата привремено значително го надмине целното ниво од два отсто, можна е ограничена интервенција; а во најлошото сценарио, при долготрајни инфлациски отстапувања, би следела поагресивна реакција.
Овие проценки ја отсликуваат сложената позиција на централната банка, која мора да балансира помеѓу поддршката на економијата и контролата на инфлацијата. Развојот на настаните поврзани со Иран ќе има клучно влијание врз каматните стапки, инвестициите и економските перспективи на еврозоната.
Банки
ПроКредит Банка со нови 5 милиони евра поддршка за жени и млади претприемачи
ПроКредит Банка АД Скопје, во партнерство со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со поддршка од Европската Унија, обезбеди нов финансиски пакет од 5 милиони евра за поддршка на бизниси предводени од жени и млади во Северна Македонија.
Средствата се распределени преку две кредитни линии од по 2,5 милиони евра, во рамки на програмите „Жени во бизнисот“ и „Млади во бизнисот“. Ова е втора соработка на банката во овие програми, со што се продолжува поддршката за микро, малите и средни претпријатија.
Финансирањето е наменето за компании управувани од жени, како и за бизниси основани или водени од млади лица до 35 години, категории кои често имаат ограничен пристап до финансиски ресурси. Целта е да се олесни пристапот до долгорочно финансирање и да се поттикне нивниот раст.
Програмата „Жени во бизнисот“ има за цел да го зајакне економското учество на жените, додека „Млади во бизнисот“ се фокусира на поддршка на нови и постоечки компании со потенцијал за развој. Очекувањата се дека средствата ќе придонесат за отворање нови работни места и зголемување на конкурентноста на компаниите.
Двете кредитни линии се поддржани од Европската Унија преку гаранции и техничка помош во рамки на програмата European Fund for Sustainable Development Plus (EFSD+), со што се намалува ризикот за инвестирање.
Од ПроКредит Банка велат дека очекуваат значителен интерес за новиот финансиски циклус, оценувајќи дека постои голем потенцијал за развој на квалитетни бизнис идеи во земјата.
ПроКредит Банка и ЕБОР имаат долгогодишна соработка, насочена кон поддршка на претприемништвото и развој на одржлива економија во Северна Македонија.
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со информација за исплатата на паричната помош од социјална, детска и цивилна заштита за февруари 2026 година
-
Продуктипред 2 месециДо 120.000 денари финансиска поддршка од Easy Finance – брзо и со транспарентни услови
-
Кариерапред 2 месециНародна банка бара аналитичари: плата до 83 илјади денари и двегодишен договор
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 1 месецАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 2 месециХалк банка нуди потрошувачки кредит до 2,5 милиони денари
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Интервјуапред 1 месецИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје




