Connect with us

Банки

Органскиот раст на активата и успешното раководење на бизнис-линиите резултираше со 9% згоемување на добивката на Стопанска банка АД – Скопје

Објавено

на

Во првите девет месеци од 2024 година макроекономското окружување покажува позитивни знаци на стабилизација и раст. Сепак, предизвиците од инфлацијата, трговскиот биланс и структурата на пазарот на труд остануваат важни области кои треба да се следат со внимание. Долгорочните стратегии за економски развој, како и структурните реформи ќе бидат клучни за одржлив раст во иднина. Економските активности во анализираниот период се одвиваа во услови на раст на бруто-домашниот производ од 2,3% во вториот квартал и стапка на инфлација која во септември изнесуваше 2,6%, при што се забележаа намалувања на извозните активности на ниво на државата, кои имаа свој одраз врз активностите на компаниите во банкарскиот сектор.

Каматните стапки сè уште се одржуваат на релативно повисоко ниво, без промени на условите на домашната сцена, додека во еврозоната беше забележано трикратно намалување на референтната каматна стапка, во очекување дека трендот ќе продолжи и понатаму. Ова е прво последователно намалување на стапката во последната деценија, што укажува на промена на фокусот на ЕЦБ од намалување на инфлацијата кон заштита на економскиот раст. Во првата половина на годината се реализираа и редовните парламентарни и претседателски избори, што дополнително доведе до забавување на инвестициите и одложување на крупни проекти. Геополитичката состојба е непроменета, со сè уште присутните воени конфликти на Русија и Украина, Израел и Палестина, кои имаат свој одраз врз финансиските и политичките текови.

И покрај изразените предизвици и неизвесности, во трите квартали од 2024 година Стопанска банка АД Скопје продолжи со остварување на солидни резултати и висока профитабилност, капитализирајќи ги развојните можности втемелени врз здравата основа на Банката, видно од сите клучни индикатори.

Добивката пред оданочување и исправка на вредност изнесува 4.021.514 илјади денари, што е 9% повеќе споредено со истиот период од претходната година. Во согласност со стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 922.253 илјади денари, што е за 2% помалку споредено со минатата година, која покрај исправката за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења.

Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2024 година изнесува 3.099.261 илјади денари. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик.

Во натамошниот текст ќе бидат претставени одделните позиции од билансот на успех и од билансот на состојба на Банката.

Биланс на успех

Нето-приходите од камати изнесуваат 4.644.564 илјади денари и се зголемени за 11% во однос на истиот период од минатата година, резултат во кој најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 644.601 илјади денари и се приближно на исто ниво во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 117.084 илјади денари и се зголемени за 5% споредено со истиот период од минатата година.

Останатите приходи од дејноста изнесуваат 342.789 илјади денари.

И покрај сè уште присутните инфлаторни притисоци и ценовни флуктуации, Банката продолжува со оперативна ефикасност во однос на контролата на трошоците од работењето. Притоа, останатите расходи од дејноста и трошоците за вработени изнесуваат 775.069 илјади денари и 863.316 илјади денари, респективно и се нешто повисоки во однос на истиот период од претходната година.

Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управување со кредитниот ризик е една од приоритетните цели на Банката. Оттука, заклучно со крајот на третиот квартал од 2024 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 922.253 илјади денари.

Како резултат на сето наведено, остварената добивка пред оданочување и исправка на вредност изнесува 4.021.514 илјади денари, додека добивката пред оданочување на 30.09.2024 година изнесува 3.099.261 илјади денари и е за 13% повисока во однос на истиот период минатата година.

Биланс на состојба

Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 136.059.970 илјади денари, односно е повисока во однос со крајот на годината за 4% или 4.697.045 илјади денари.

Паричните средства и парични еквиваленти споредени со крајот на 2023 година се пониски за 1.981.569 илјади денари, како резултат на пренасочување на овие средства во вложувања во хартии од вредност.

Кредитите на и побарувања од други комитенти нето изнесуваат 94.427.049 илјади денари и се поголеми за 2%, односно за 2.119.965 илјади денари во однос на 31.12.2023 г.

Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 377.053 илјади денари и бележат зголемување за 15% споредено со крајот на минатата година.

Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 15.345.585 илјади денари и забележаа зголемување од 35% споредено со крајот на минатата година, како што беше споменато, поради поголемиот пораст на депозитни од кредитни активности, пред сè во делот на депозити на населението.

Останатите побарувања изнесуваат 1.911.063 илјади денари, што претставува зголемување од 39% во однос на крајот на 2023 година.

Вкупните депозити на други комитенти изнесуваат 101.996.965 илјади денари.

Капиталот и резервите изнесуваат 28.503.587 илјади денари, што претставува зголемување за 11% во однос на крајот на 2023 година. Дополнително, Банката пренамени износ од 2.460.000 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот, која изнесува приближно 19%. Во согласност со Одлуката за распределба на добивката за 2023 година, донесена од Собранието на акционери на 31.05.2024 година, добивката од претходната година се распредели во задржаната добивка расположлива за распределба во иднина во износ од 2.569.600 илјади денари и задржана добивка за инвестиции во износ од 900.000 илјади денари. И понатаму Банката е посветена да остварува добивка која ќе биде генератор на капиталот, кој се очекува и натаму да се зголемува покрај порастот на активностите и како резултат на регулаторните барања поставени од страна на централната банка.

Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата изнесуваат 953.984 илјади денари и бележат зголемување за 3% споредено со крајот на минатата година.

Обврските по кредити изнесуваат 2.589.601 илјади денари и во однос на крајот на 2023 година се намалени за 5%.

Очекувања за претстојниот период

Очекувањата за економската активност во претстојниот период се во значителна мера обележани од политичката стабилност, глобалните економски трендови и домашните реформски напори. Економските фундаменти се движат во позитивна насока, со намалување на инфлацијата, невработеноста, зголемување на стапката на раст на бруто-домашниот производ, кои ветуваат позитивен амбиент за економските субјекти. Во иста насока е и проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд, кој предвидува закрепнување на домашната економија и зајакнување на растот во 2024 година, поттикнат од планираните јавни инвестиции, особено од започнувањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како и постепено намалување на инфлацијата. Девизните резерви се одржуваат на солидно ниво, со обезбедување на 4-6 месеци покриеност на увозот. Банкарскиот сектор е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски ниско ниво.

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување висока стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè во делот на дигитализацијата и трансформацијата за подобра услуга кон клиентите, поефикасно интерно работење и оптимизација на процесите, понуда на нови услуги и зајакнување на конкурентската позиција на пазарот. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27% во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.

Оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето и следствено целиот натамошен период ќе биде исполнет со многубројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и на пошироката заедница.

Стопанска банка е позната по поддршката што ја дава низ многу проекти и настани во општеството, здравството, социјалната и животната средина, кои не само што ќе продолжат туку и ќе се интензивираат за подобрување на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите.

Банки

Вештачката интелигенција и блокчејн технологијата го менуваат банкарството – регулаторите предупредени на нови финансиски ризици

Објавено

на

Брзиот развој на вештачката интелигенција, блокчејн технологијата и автоматизираните дигитални плаќања создава нови предизвици за глобалниот финансиски систем. Експертите предупредуваат дека регулаторите и финансиските институции мора да ја зајакнат меѓусебната соработка за навремено да одговорат на растечките ризици од финансиски измами, перење пари и злоупотреба на новите технологии.

Ова беше една од главните пораки на конференцијата Money20/20 во Лас Вегас, каде што Керол Хаус, поранешна функционерка во американското Министерство за финансии и Советот за национална безбедност, предупреди дека брзината на технолошките промени го надминува темпото со кое се приспособуваат регулаторните механизми.

Хаус, која денес е основач и извршна директорка на консултантската компанија Penumbra Strategies, смета дека одговорноста за безбедноста на финансискиот систем не може да биде само на државните институции.

Според неа, банките, финтек-компаниите и регулаторите мора заеднички да развиваат решенија за заштита од новите закани.

Вештачката интелигенција отвора нови можности, но и ризици

Развојот на таканаречената агентска вештачка интелигенција (Agentic AI), која овозможува софтверски системи самостојно да извршуваат одредени задачи и трансакции, постепено го менува начинот на функционирање на дигиталната економија.

Особено внимание привлекува концептот на агентска трговија (Agentic Commerce), во кој интелигентни дигитални агенти можат да учествуваат во процесите на купување, плаќање и управување со трансакции.

Иако ваквите решенија ветуваат побрзи и поефикасни финансиски услуги, тие истовремено отвораат прашања за безбедноста, доверливоста и одговорноста при извршувањето на трансакциите.

Хаус предупредува дека комбинирањето на напредната автоматизација со децентрализирани финансиски технологии може дополнително да ги усложни механизмите за контрола.

Кај вештачката интелигенција, особено значајни се ризиците од неточни или измислени информации, познати како „халуцинации“, додека кај блокчејн системите се поставува прашањето за одговорноста во децентрализирана средина.

Финансиските измами стануваат прашање на национална безбедност

Според Хаус, финансиските измами веќе не претставуваат само проблем за поединечни банки или клиенти, туку сè повеќе се поврзуваат со организиран криминал и меѓународни мрежи за перење пари.

Таа посочи дека криминалните организации користат сè пософистицирани технологии за измамнички активности, пренос на нелегални средства и прикривање на финансиските текови.

Посебно внимание беше насочено кон транснационалните мрежи за измами во Источна Азија, кои, според неа, се поврзани со организации за перење пари и трговија со луѓе.

Ваквите активности создаваат сериозни предизвици за финансиските институции, бидејќи технологијата овозможува сомнителните трансакции да се реализираат побрзо и преку повеќе јурисдикции.

Токму затоа, според Хаус, борбата против финансискиот криминал мора да се третира како пошироко безбедносно прашање, а не исклучиво како задача на банкарските служби за усогласеност.

Регулаторите и банките мора побрзо да разменуваат информации

Една од клучните препораки од конференцијата е воспоставување поефикасна размена на информации меѓу јавниот и приватниот сектор.

Хаус посочи дека искуствата од областа на сајбер-безбедноста покажуваат колку е важна брзата размена на информации за потенцијалните закани.

Според неа, слични механизми треба да се развиваат и во финансискиот сектор, со цел банките и регулаторите навремено да идентификуваат сомнителни активности и нови облици на измами.

Таа нагласи дека регулаторните рамки треба да бидат технолошки неутрални, односно да се засноваат на природата на финансиските активности и ризиците, наместо исклучиво на технологијата што се користи.

Сепак, само донесувањето правила не е доволно. Потребна е и нивна навремена, ефективна и доследна примена.

Големите банки имаат предност во управувањето со ризиците

Иако новите финтек-компании често се препознаваат како двигатели на финансиските иновации, традиционалните банки располагаат со значително искуство во управувањето со оперативните ризици, сајбер-безбедноста и регулаторната усогласеност.

Според Хаус, токму ова искуство може да биде особено важно при воведувањето нови технолошки решенија во финансискиот систем.

Сепак, таа предупреди дека потребни се дополнителни инвестиции и подобрувања, особено во процесите за откривање и спречување финансиски измами.

Банките и технолошките компании ќе мора да најдат рамнотежа меѓу брзината на иновациите и потребата од сигурни и контролирани финансиски трансакции.

Иднината на банкарството ќе зависи од соработката

Брзиот развој на вештачката интелигенција и блокчејн технологијата создава можности за автоматизација, намалување на трошоците и развој на нови финансиски услуги.

Но истовремено се зголемува и потребата од модернизирање на механизмите за спречување перење пари, заштита на клиентите и управување со технолошките ризици.

Според пораките од конференцијата Money20/20, регулаторите не треба само да реагираат откако ќе се појават проблеми, туку активно да соработуваат со финансиската индустрија уште во фазата на развој и воведување нови технологии.

За банките, ова значи дека дигиталната трансформација повеќе не е само прашање на подобри услуги и поголема ефикасност, туку и на способноста да обезбедат доверба, сигурност и заштита во финансиски систем што станува сè поавтоматизиран.


Извор: Banking Dive, „Regulators, industry urged to collaborate as new tech scales“, автор Кејтлин Мален (Caitlin Mullen)

Продолжи со читање

Банки

Банките на удар на протестите во Албанија – дали се безбедни парите на граѓаните?

Објавено

на

Централната банка на Албанија соопшти дека депозитите и заштедите на граѓаните се безбедни, и покрај нападите врз банкарски филијали и банкомати за време на антивладините протести во земјата. Инцидентите предизвикале материјална штета и привремени прекини во работењето на одредени експозитури, но, според монетарните власти, не е загрозена финансиската стабилност на банкарскиот систем.

Банката на Албанија нагласи дека платежните услуги продолжиле да функционираат нормално, и покрај оштетувањето на дел од банкарската инфраструктура.

Централната банка упати апел до граѓаните да ги почитуваат и заштитуваат финансиските институции, истовремено нагласувајќи го правото на мирен протест.

Оштетени банкарски филијали, но депозитите остануваат сигурни

По неколкудневните антивладини демонстрации во Албанија, кои на одредени места прераснале во насилни инциденти, дел од банкарските објекти претрпеле материјална штета.

Според информациите, демонстранти нападнале владини објекти, додека полицијата интервенирала со солзавец и водени топови. Во немирите биле оштетени и филијали на комерцијални банки и банкомати.

Сепак, Централната банка истакнува дека физичкото оштетување на банкарските простории не значи дека средствата на клиентите се загрозени.

Од институцијата посочуваат дека сигурноста на граѓаните, клиентите и вработените во финансиските институции останува главен приоритет.

Платежните услуги продолжуваат да функционираат

И покрај инцидентите, Банката на Албанија информира дека платежниот систем продолжил да функционира без поголеми нарушувања.

Одредени банкарски филијали привремено го ограничиле работењето од безбедносни причини, поради што граѓаните и компаниите се повикани да ги следат официјалните известувања од своите банки.

Централната банка препорачува поголемо користење на алтернативните банкарски канали во ситуациите кога физичкиот пристап до филијалите е ограничен.

Ова е особено важно за непречено извршување на секојдневните финансиски трансакции, вклучително и исплатата на плати и пензии, деловните плаќања и другите финансиски обврски.

Централната банка во постојана комуникација со комерцијалните банки

Банката на Албанија соопшти дека одржува редовна комуникација со комерцијалните банки и другите финансиски институции со цел да ги следи случувањата и да ги проценува потребните мерки за заштита.

Особено внимание се посветува на безбедноста на вработените и клиентите, како и на зачувувањето на банкарската инфраструктура.

Според централната банка, нормалното функционирање на финансиските институции е од суштинско значење за стабилноста на економската активност и довербата на јавноста.

Институцијата предупредува дека оштетувањето на банкарските објекти може да предизвика потешкотии во пристапот до услугите што секојдневно ги користат граѓаните и компаниите.

Политичките тензии дополнително ја усложнуваат состојбата

Инцидентите се случуваат во услови на засилени политички тензии и антивладини протести во Албанија.

Демонстрациите го зголемија притисокот врз премиерот Еди Рама, кој ги отфрли повиците за оставка.

Иако политичката состојба предизвикува неизвесност, Централната банка нагласува дека банкарскиот систем останува стабилен и дека оштетувањето на дел од физичката инфраструктура не ја нарушува сигурноста на депозитите.

Финансиската стабилност останува приоритет

Банката на Албанија најави дека ќе продолжи да соработува со надлежните институции за зачувување на финансиската стабилност и довербата во банкарскиот систем.

Од институцијата потенцираат дека континуитетот на банкарските услуги е директно поврзан со благосостојбата на граѓаните и непреченото функционирање на економијата.

И покрај нападите и привремените ограничувања во работењето на одредени филијали, албанските монетарни власти уверуваат дека депозитите на граѓаните остануваат безбедни, а банкарскиот и платежниот систем продолжуваат да функционираат.


Продолжи со читање

Банки

Дигиталното евро станува реалност: Што ќе се промени за граѓаните, банките и плаќањата во Европа?

Објавено

на

Европската централна банка (ЕЦБ) ги забрзува подготовките за воведување на дигиталното евро, нова форма на пари што би можела значително да го промени начинот на кој граѓаните плаќаат, префрлаат средства и користат банкарски услуги. Проектот влегува во фаза на практични подготовки, а првите тестирања со вистински трансакции се планирани за 2027 година. Доколку биде усвоена потребната европска регулатива, ЕЦБ има цел да биде подготвена за евентуално издавање на дигиталното евро во 2029 година.

Дигиталното евро претставува еден од најзначајните проекти за модернизација на европскиот финансиски систем, со потенцијал да донесе побрзи и поедноставни плаќања, поголема конкуренција меѓу давателите на платежни услуги и нови можности за граѓаните и компаниите.

Сепак, неговото воведување сè уште не е конечна одлука. Европските институции треба да го завршат законодавниот процес, по што ЕЦБ ќе одлучува дали и кога ќе ја издаде новата дигитална форма на еврото.

Што точно претставува дигиталното евро?

Дигиталното евро би било електронска форма на заедничката европска валута, издадена од Европската централна банка и националните централни банки на еврозоната.

За разлика од парите што граѓаните денес ги чуваат на своите банкарски сметки, дигиталното евро би претставувало директна обврска на централната банка.

Тоа значи дека станува збор за јавни пари во дигитална форма, а не за приватна криптовалута како биткоинот или за нова валута со променлива пазарна вредност.

Едно дигитално евро би имало иста номинална вредност како едно евро во готовина.

Главната идеја е граѓаните да добијат дополнителен начин на плаќање преку мобилен телефон, дигитален паричник или друга поддржана технологија.

Дигиталното евро е замислено како дополнување на готовината, а не како нејзина замена.

Плаќања преку телефон, дури и без интернет

Една од најинтересните можности што ги предвидува проектот е плаќањето со дигитални евра и кога нема интернет-конекција.

Според концептот што го развива ЕЦБ, граѓаните би можеле да користат дигитален паричник за секојдневни трансакции, како плаќање во продавници, испраќање пари на други лица и купување преку интернет.

Предвидена е и офлајн функционалност, со која определени плаќања би можеле да се извршуваат без постојана интернет-врска.

Ова би било особено корисно во ситуации кога интернетот е недостапен, како и за граѓаните кои претпочитаат поедноставни начини на електронско плаќање.

ЕЦБ избра 36 компании за тестирање на дигиталното евро

Подготовките веќе добиваат конкретна форма.

Во јули 2026 година, Европската централна банка објави дека избрала 36 даватели на платежни услуги од еврозоната за учество во пилот-проектот.

Интересот бил значителен, со повеќе од 50 доставени пријави од банки и други финансиски институции.

Пилот-фазата е планирана да започне во втората половина на 2027 година и да трае 12 месеци.

Во тестирањето ќе учествуваат избрани даватели на платежни услуги, трговци и вработени во Европскиот систем на централни банки.

Целта е да се провери како функционира дигиталното евро во реални ситуации, од плаќање во продавница до пренос на средства меѓу корисници.

Овие трансакции ќе бидат дел од контролиран пилот-проект, а не општо воведување на дигиталното евро за сите граѓани.

Што ќе значи дигиталното евро за банките?

Иако дигиталното евро се развива од централните банки, комерцијалните банки ќе имаат значајна улога во неговата дистрибуција и користење.

Банките и другите овластени даватели на платежни услуги би можеле да им овозможуваат на клиентите пристап до дигитални паричници, префрлање средства и извршување плаќања.

Истовремено, воведувањето на дигиталното евро би можело да донесе дополнителна конкуренција на пазарот на платежни услуги.

Особено значајни промени се можни во сегментите на картичните плаќања, дигиталните трансфери и услугите за трговците.

За банките тоа би значело и потреба од дополнителни инвестиции во технолошка инфраструктура, сајбер-безбедност и приспособување на постојните системи.

Еден од предизвиците ќе биде и влијанието врз депозитите. Доколку дел од средствата што граѓаните ги чуваат на банкарски сметки се префрлат во дигитални евра, тоа би можело да влијае врз изворите на финансирање на банките.

Затоа во дизајнот на дигиталното евро се разгледуваат ограничувања на износот што едно лице би можело да го поседува, со цел да се намалат ризиците за финансиската стабилност.

Дали дигиталното евро ќе ги намали банкарските провизии?

Една од целите на проектот е да се создаде заедничка европска инфраструктура за дигитални плаќања, која би ја намалила зависноста од постојните меѓународни платежни мрежи.

За граѓаните, основните услуги со дигиталното евро се планирани како бесплатни.

За трговците, пак, новиот систем би можел да овозможи дополнителен избор на начини на плаќање и поголема конкуренција меѓу платежните оператори.

Тоа би можело да создаде услови за намалување на одредени трансакциски трошоци.

Сепак, конечните економски ефекти ќе зависат од усвоената регулатива, моделот на надоместоци и начинот на кој банките и платежните компании ќе ги организираат услугите.

Што ќе се случува со приватноста на граѓаните?

Прашањето за заштита на личните податоци е меѓу најважните аспекти на проектот.

ЕЦБ наведува дека дигиталното евро треба да обезбеди високо ниво на приватност, особено кај плаќањата без интернет-конекција.

Кај онлајн плаќањата, овластените даватели на платежни услуги и понатаму ќе имаат обврски поврзани со спречување перење пари и други законски барања.

Предвидениот модел има цел ЕЦБ да не може директно да ги поврзува поединечните трансакции со идентитетот на корисниците.

Сепак, дигиталното евро нема да значи целосна анонимност за сите видови плаќања. Конечните правила за приватност и пристап до податоците ќе зависат од усвоеното законодавство и техничкото решение.

Што би значело дигиталното евро за Македонија?

Иако Македонија не е членка на еврозоната, развојот на дигиталното евро е важен и за домашниот финансиски сектор.

Македонската економија има силни трговски и финансиски врски со Европската Унија, а еврото има значајна улога во меѓународните трансакции, штедењето и дел од кредитните производи.

Сепак, воведувањето на дигиталното евро во еврозоната не би значело негово автоматско воведување и во Македонија.

Пристапот на граѓаните и компаниите надвор од еврозоната ќе зависи од европската правна рамка, можните договори со трети земји и техничката поврзаност на платежните системи.

За македонските банки, развојот на дигиталното евро е уште еден сигнал дека европскиот платежен пазар постепено се насочува кон побрзи, поинтегрирани и дигитализирани финансиски услуги.

Дали 2029 година ќе биде пресвртница за европското банкарство?

Според плановите на ЕЦБ, техничката подготвеност за можно прво издавање на дигиталното евро се очекува во 2029 година, под претпоставка дека потребната регулатива ќе биде усвоена навреме.

Во меѓувреме, пилот-тестирањето во 2027 и 2028 година треба да обезбеди практични информации за функционирањето, сигурноста и употребливоста на системот.

За граѓаните, дигиталното евро би можело да донесе дополнителен избор при плаќањето, додека за банките ќе претставува можност за нови услуги, но и предизвик за постојните деловни модели.

Иднината на европските плаќања постепено се менува, а дигиталното евро би можело да стане еден од клучните инструменти во таа трансформација.


Извор: Европска централна банка (ЕЦБ), информации за проектот за дигитално евро и пилот-фазата, октомври 2026 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange