Connect with us

Банки

70 години Комерцијална банка – 70 години доверба, раст и заеднички успеси

Објавено

на

Комерцијална банка оваа година со гордост го одбележува својот 70-годишен јубилеј, кој сведочи за децении стабилност, доверба, раст и силна посветеност на клиентите и на општеството.

Комерцијална банка во своето седум децениско постоење остана доследна на својата мисија – да биде сигурен партнер на граѓаните и на компаниите и да обезбеди современи и иновативни финансиски решенија.

Најголем двигател на успехот на Комерцијална банка се клиентите, кои од март далечната 1955 година мотивираат со својата доверба, ја поддржуваат стабилноста на Банката и ја задолжуваат континуирано да инвестира во подобри производи и услуги.

Веќе 70 години стоиме зад нивниот потенцијал, инспирирани од идеите кои го прават животот поубав.

Комерцијална банка е исклучително посветена и на потребите на целата заедница, мотивирана од фактот дека во исто време го започнавме патот кон развојно и модерно општество и ПОЛЕСНО Е ЗАЕДНО да го одиме. Нашата одговорност кон заедницата се огледа пред сѐ во долгорочната поддршка на компаниите, иновативните бизниси и одржливите проекти кои создаваат подобра иднина за сите. Но, во изминатите седум децении Банката обезбеди значајна поддршка и за културата, уметноста, спортот, здравството, животната средина и социјалниот напредок.

Со тоа Банката израсна во истакната финансиска институција, која постави високи стандарди во банкарскиот сектор и создаде вредност за сите чинители, придонесувајќи со тоа за севкупниот економски развој.

„Прославувањето 70 години од постоењето на Комерцијална банка е момент за гордост, но и обврска за иднината. Овој јубилеј го одбележуваме со благодарност кон сите наши клиенти, партнери и вработени, кои се дел од нашата приказна. И со особена почит кон поранешните колеги кои со силни амбиции и храброст го создале и го граделе брендот Комерцијална банка и ни оставиле наследство кое гордо го унапредуваме. Веруваме дека со истата посветеност и иновативност ќе продолжиме да создаваме уште поголема вредност за сите, водејќи ја Банката кон нови успеси и достигнувања“, изјави Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Како лидер во банкарскиот сектор и носител на бројни новитети во банкарското работење, Комерцијална банката останува посветена на иновациите, одржливиот развој и создавањето вредност за сите сегменти на општеството со цел да остане движечка сила на економијата и синоним за доверба, квалитет и иновации. Јубилејот од 70 години е само почеток на ново поглавје во приказната за успехот.

ПР текст

Банки

Вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата на „Блумберг Адрија“: Инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се доближи до историскиот просек

Објавено

на

„Домашната инфлација е значително намалена во однос на врвот од крајот на 2022 година и е сведена на едноцифрено ниво. Просечната инфлација во 2025 година досега се движи околу 4%, а врз основа на сите расположливи претпоставки и мерките преземени досега од Народната банка, очекуваме дека инфлацијата ќе забавува во следниот период и ќе се приближи кон историскиот просек.“ Ова го порача вицегувернерката Ана Митреска на Конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, под наслов „Back to business (Повторно на работа): Економскиот потенцијал и развојните можности за Македонија“, посочувајќи дека Народната банка, во услови на ризици и неизвесност, и натаму ќе биде доследна во своите напори за навремено приспособување на политиките.

На Конференцијата стана збор и за состојбите во домашниот банкарски систем, при што се заклучи дека тој е сигурен, стабилен и отпорен. „Банкарскиот систем не само што ја задржа стабилноста и сигурноста во вакви околности, туку и дополнително ја зајакна својата отпорност. Солвентноста на банкарскиот систем изнесува од 19,6%, што е највисоко ниво од 2006 година наваму, а ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио се солидни, поради што системот е подготвен за ублажување на потенцијалните шокови“, посочи вицегувернерката Митреска.

Во однос на светската геоекономска фрагментација и потребата за поголема регионална интеграција, според Митреска, поголемото регионално економско поврзување не треба да се сфаќа како оддалечување или намалување на зависноста од светските текови, туку како алатка којашто на регионот ќе му овозможи поголема конкурентност. Во оваа смисла, таа го истакна и вклучувањето на нашата земја и на уште неколку земји од регионот во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поефикасни и поевтини плаќања, придонесувајќи за поголема економска поврзаност на регионот, негова поголема конкурентност и за побрза конвергенција кон доходот на ЕУ.

Продолжи со читање

Банки

Вицегувернерката Емилија Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба

Објавено

на

„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.

Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.

Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.

Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.

Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.

Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.

„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот Славески на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјава со конкретни придобивки за сегашните и за идните генерации

Објавено

на

Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.

„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.

Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.

Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.

Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.

На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.

„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.

Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange