Connect with us

Банки

УНИБанка со добивка од 5,5 милиони евра ја заокружи фантастичната 2022 година

Објавено

на

УНИБанка во 2022 година, оствари позитивни финансиски резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со нови атрактивни продукти вклучително и продажба на инвестициско злато и продукти од областа на платните сервиси. И во овој период Банката продолжи со имплементација на нови технологии со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како побезбедни, поевтини и поедноставни начини на извршување на банкарските трансакции.

Цели две години УНИБанка се справува со предизвиците наметнати од здравствено економската криза предизвикана од пандемијата COVID-19 која донесе бројни ограничувања во домашната и меѓународната економија. Во вакви услови основна цел на Банката е да се одржи и зачува ликвидната и солвентната позиција, да се задржи континуитетот и квалитетот на услугите кои ги нуди како и да се обезбеди финансиска подршка на клиентите, притоа залагајќи се максимално за безбедноста на клиентите при користењето на услугите на Банката, како и за безбедноста на вработените.

Сметководствени политики и методи на вреднување

Во текот на 2022 година, УНИБанка има промени во сметководствените политики и методите на вреднување во делот на корисниот век на автомобилите.

Остварени приходи

Остварените вкупни приходи од работење заклучно со последниот квартал од 2022 година изнесуваат 1.932 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 12,65%.

Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 341,3 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 58% имаат приходи од камати, кои во споредба со истиот период  од 2021 година се зголемени за 5,2%, а анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население. Во вкупните приходи од дејноста на банката, особено треба да се истакне значајниот пораст на приходите од провизии од 19,1%, како резултат на дополнителната услуга посредување во осигурување и растечкиот тренд на дигитализација во користењето на банкарските услуги и продукти и привлекувањето на нови клиенти корисници на наведените услуги.

Остварени расходи

Остварените расходи заклучно со последниот квартал од 2022 година изнесуваат 1.590,6 милиони денари и бележат зголемување од 6,3% во однос на истиот период од  2021 година. Зголемувањето на расходите се должи, пред се на зголемување на административните расходи како резултат на енергетската криза и ескалацијата на руско-украинскиот конфликт кој предизвика силен раст и голема променливост на цените на примарните енергенси, што предизвика раст на цените на сите останати производи и услуги, како и на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити.

Исплатени дивиденди

Во текот на  2022 година, УНИБанка исплати дивиденда во вкупен износ од 120 милиони денари или 219,78 денари бруто износ по акција од остварената добивка во 2021 година.

Вложувања или продажба на материјални средства

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 93,4% во однос на 31.12.2021 година.

Обврски по кредити

Обврските по кредити заклучно со последниот квартал од 2022 година се намалени за 4,9% во однос на  31.12.2021 година.

Исполнување на планот и очекувања за претстојниот период

Во  2022 година, податоците за остварување на билансните цели на банката се реален одраз на последиците од енергетската криза и ескалацијата на руско-украинскиот конфликт кој предизвика силен раст и голема променливост на цените на примарните енергенси, што предизвика раст на цените на сите останати производи и услуги. Истите не беа земени во предвид во моментот на изготвувањето на бизнис планот на Банката за 2022 година.

И покрај тоа заклучно со последниот квартал од 2022 година, нето кредитното портфолио на Банката бележи раст од 4,7% во однос на Декември 2021 година. Воедно, и прибраните средства од финансискиот сектор бележат значително зголемување од 106,5% во однос на 31.12.2021 година што е согласно планираната стратегија на Банката за одржување на прифатливо ниво на ликвидност.

Исто така, во Септември 2022, е реализирана и планираната емисија на перпетуална обврзница во износ од 2,5 милиони евра, која придонесе за дополнително зајакнување на капиталната позиција на банката.

Во претстојниот период банката очекува да продолжи тенденцијата на зголемување на  активата, континуиран раст и задржување на квалитетот на кредитното портфолио на банката, кој би бил подржан со зголемен раст на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти, во насока на зголемување на учеството на нефинансиските извори на финансирање, со посебен акцент на зголемување на учеството на трансакциските сметки,  оптимизирање на административните трошоци, зголемување на пазарното учество по различни сегменти во банкарскиот сектор во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста, подобрување на квалитетот на услугите, усовршување на дигиталните сервиси и канали за плаќање, развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење и исполнување на зацртаните цели во Бизнис планот на Банката за 2023 година, а се со цел да излеземе во пресрет на различните потреби и интереси на клиентите.

Банки

ЕЦБ ги предупредува банките: време е за враќање на редовните кредитни операции

Објавено

на

Банките во еврозоната треба да започнат подготовки за почесто користење на стандардните кредитни операции на Европската централна банка, со оглед на тоа што вишокот ликвидност во финансискиот систем постепено се намалува, се наведува во блог-објава на централната банка.

Повикајќи се на годишното истражување меѓу банкарските трезори, ЕЦБ истакнува дека банките кои претставуваат околу една четвртина од вкупната актива на банкарскиот систем во еврозоната веќе работат блиску до посакуваното ниво на резерви. Тоа е значително зголемување во однос на 15 проценти една година претходно, а се очекува овој удел до крајот на годината да достигне околу 50 проценти.

„Како што резервите продолжуваат да се намалуваат, важно е банките да бидат подготвени да ги користат операциите на Евросистемот како рутинска алатка за управување со ликвидноста и поддршка на пазарните активности“, наведува група економисти на ЕЦБ.

По години обележани со кризен пристап, вклучително долгорочни кредити и масовни откупи на обврзници, ЕЦБ сега се подготвува за премин кон систем во кој нивото на резерви повеќе ќе зависи од реалните потреби на банките.

Вишокот ликвидност достигна врв кон крајот на 2022 година на околу 4,7 трилиони евра, но оттогаш речиси се преполови, главно поради истекување на кредитите и прекинот на реинвестирањето на доспеаните обврзници.

Иако користењето на стандардните седмични и тримесечни операции на ЕЦБ и натаму е релативно ниско, бројот на банки што учествуваат во нив постепено расте. Меѓу оние кои ја поттикнуваат нивната редовна употреба е и членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел.

Анализата на пазарот на пари покажува дека ликвидноста и понатаму е рамномерно распределена меѓу банките и државите од еврозоната, без знаци на фрагментација. Банките кои се најблиску до оптималното ниво на резерви се воедно и најактивни на краткорочните репо-пазари.

Краткорочните каматни стапки во моментов се движат блиску до депозитната стапка на ЕЦБ од околу два процента, но евентуален раст, особено на пазарите со подолги рочности, може да сигнализира промени во потребите за ликвидност и атрактивноста на кредитните операции на централната банка.

ЕЦБ подоцна во текот на годината ќе го преиспита оперативниот рамковен систем воспоставен во 2024 година, со цел негово прилагодување на новите услови на финансиските пазари. Во план се и дополнителни инструменти, вклучително рефинансирачки операции и структурен портфолио на средства, кои треба да им помогнат на банките во управувањето со идните потреби за ликвидност.

Продолжи со читање

Банки

ММФ за Народната банка: Стратегиска модернизација на монетарната политика и одржување на стабилноста на финансискиот систем

Објавено

на

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на соопштението во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV, позитивно ги оценува стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, како и напредокот во монетарната политика и институционалната рамка на Народната банка.

Во изјавата се посочува на отпорноста на домашната економија, што се огледа во одржувањето солиден раст и во забавувањето на инфлацијата. Воедно, се истакнува дека продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата се сериозен ризик, а последиците би можеле да се почувствуваат во повеќе сегменти. Поради тоа, се нагласува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика.

ММФ ја истакнува модернизацијата на оперативната рамка за спроведување на монетарната политика како значајно достигнување, со кое се зајакнува оперативната ефикасност и флексибилност на Народната банка.

Се нагласува дека финансискиот систем и натаму е стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки коишто имаат ниско ниво на нефункционални кредити, а спроведените стрес-тестови укажуваат дека системските ризици и натаму се ограничени и се под контрола. Воедно, преземените мерки во делот на макропрудентната политика се оценети како соодветни.

ММФ искажува задоволство и од посветеноста на усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што ќе придонесе за натамошно јакнење на супервизијата, решавањето банки и на целокупната финансиска стабилност.

Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и на постојаното унапредување на своите политики и алатки, во согласност со најдобрите меѓународни практики.

Продолжи со читање

Банки

Шпаркасе Банка најави нов тарифник за физички лица од 1 јуни – кој тарифи и надоместоци се менуваат?

Објавено

на

Шпаркасе Банка АД Скопје најави измени во тарифникот за надоместоци за услуги наменети за физички лица, кои ќе започнат да се применуваат од 1 јуни. Промените опфаќаат платежни сметки, пакет производи, електронско и мобилно банкарство, како и поедноставување или укинување на одредени услуги.

Според новиот тарифник, месечниот надомест за одржување платежна сметка во валута различна од денари ќе изнесува 60 денари. Кај пакетите, цените ќе се движат од 160 до 490 денари месечно за Премиум пакет. За С Пакет Плус надоместокот ќе биде 200 денари, за Смарт пакет 270 денари, додека за Супериор пакет 370 денари.

Промени се воведуваат и кај услугите за електронско и мобилно банкарство. Месечниот надомест за инфо пристап преку интернет-банкарството (Net Banking) ќе изнесува 35 денари, додека издавањето дигитален сертификат (Verba PKI) ќе чини 5.700 денари за нов токен и 4.700 денари за сопствен токен, со важност од три години.

Кај мобилното банкарство (S-banking), регистрацијата на корисник ќе биде бесплатна, а се воведува месечен надомест од 100 денари за активен и 90 денари за пасивен профил.

Од 1 јуни Банката ќе укине и дел од надоместоците, меѓу кои и надоместот за регистрација на активен корисник на мобилното банкарство, како и надоместот за доставување податоци до извршители и нотари.

Дополнително, се поедноставуваат условите за трајни налози, при што се укинува варијабилниот надомест и се воведува фиксен износ од 20 денари за плаќање режиски трошоци и интерни трансакции, вклучително и рати за кредити и кредитни картички.

Согласно законските одредби, ќе се смета дека клиентите ги прифатиле новите услови доколку до нивното стапување во сила не ја известат Банката дека ги одбиваат, односно не побараат раскинување на договорот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange